Руте седи на мала табуретка пред печката, потпирајќи си ја главата на колената со рацете потопени во кофа со топла вода. Ги мие чиниите. Бавно и невешто. Руте веќе одамна се има навикнато на машината за миење садови, затоа сега чиниите ѝ се лизгаат од рацете, а виљушките ја бодат по прстите. Ги става измиените чинии на подот среде кујната. Потоа ја носи водата за плакнење која сега е полна со талог од кафе и остатоци од храна, за да ја излее зад куќата. Внимателно ја отвора вратата, држејќи ја в раце кофата полна со вода и се стаписува. Во дворот стои млада жена. За раката држи мало дете, а второто клоца во нејзиниот стомак. Руте не го гледа, но го чувствува. Палтото на жената е закопчано само кај градите, стомакот веќе е потврд од копчињата на палтото кое се слизнало по обете страни.
За миг сите се погледнуваат. Момчето е мошне приврзано за мајка си. Руте не разбира – но зошто таа нема ракавици? Сè уште е студено.
– Добар ден! – проговорува жената. – Ние сме од соседната куќа. Руте молчи.
– Вчера забележав светлина од прозорците. Дојдовме да видиме дали кај вас сè е во ред.
Руте продолжува да молчи. Стои со кофата в раце. Со нога ја придржува вратата да не се затвори.
– Јас сум Матилде, а ова е Лукас – вели жената, покажувајќи кон момчето. – Ние живееме таму.
Руте ја врти главата и погледнува кон оддалечената куќа. Јасно се гледа само дел од покривот, самата куќа е скриена зад стари стреи и обезлистени грмушки.
Лукас се обидува да се измолкне од фатот на Матилде, но таа цврсто го држи за раката.
– Јас сум Руте – најпосле си го кажува името Руте.</span
– Вие ќерка сте на стариот Јуле? – Матилде воопшто не е од срамежливите и прашува директно. – Токму така си помислив веднаш. Како да сте му ја скинале главата.
– Да.
– Помалата? Тој како да имаше две ќерки? Така ни имаше кажано Јуле.
– Да.
– Никогаш не сме ве виделе тука… – откинува сосетката и замолкнува.
Руте повторно не одговара и Матилде се чувствува непријатно.
– Тогаш ние ќе си одиме.
Ја става раката на огромниот стомак. Со другата рака го држи Лукас. Се свртуваат и се оддалечуваат. Руте сè уште стои со кофата вода во рацете. Матилде погледнува кон портата.
– Ако ти затреба нешто…
Руте кимнува. Матилде сè уште стои во очекување дали сепак Руте ќе каже нешто, но не. Тогаш Лукас внимателно ја затвора портата и ги крева рацете кон мајка си. Матилде го крева и го припива над стомакот. Калливите чизми на нозете на момчето удираат по палтото на Матилде.
Руте ги брише чиниите со стара крпа и продолжува да си мисли за оваа Матилде. Никогаш досега немаше видено толку изразено костенлива коса.
Бојадисана – да, но оваа беше вистинска! Ниту толку големи очи и заби. Според Руте, секоја жена во градот – без исклучок – би дала и мило и драго за такви големи заби кои не ја знаат маката на протезите и брусењето. Но Матилде живее тука, до реката. Тука исто така може да биде убава со своите големи заби. И на крајот на краиштата, можеби убавите заби и не се толку важни, но Матилде има толку големи очи! Ако гледаш со толкави очишта, сеедно е колкави ти се забите. А таа самата е толку малечка и слабичка, само стомакот ѝ наликува на надуван балон што ќе прсне. Толку е надуен, што ти е страв да го допреш со прст. Како можеше Матилде да носи толку голем стомак? Па и Лукас качен врз него. Тенка и силна. „Како мама“ – си споменува Матилде на дните што одминале.
Потоа ја подзема кофата и слегува до реката. Тука е. Сосема близу. Само неколку педи подолу. Стариот пешачки мост е згниен, но сè уште цврсто стои. Пролетната вода скоро го преплавува, а бреговите крај него обраснале со стара полузасушена трска. Руте долго ги набљудува длабочините на реката. Тие се исполнети со мрак. Темнината е како огледало. Во неа Руте се гледа себеси. Видете го студот во себеси. Својата северна крв. Ја крева раката и си ја допира косата. Таа посивела како волнено ќебе. И Руте повторно си ја замислува Матилде. Се замислува себси со костенливата коса на Матилде.
Ветрот вие. Руте ја полни кофата со чиста вода и ја занесува нагоре по ридот. Ја внесува во куќата.
Се буди среде ноќ, затоа што слуша како некој тропа. Силно и упорно. Руте стивнува, но слуша ново потчукнување по прозорот.
– Руте! – слуша како ја вика Матилде. – Отвори, те молам!
Руте станува брзо, ја наметнува старата јакна на рамената и ја отвора вратата. Таму стојат Матилде и Лукас. Руте ја пали ламбата и заспаниот Лукас ги сокрива очињата со рака. Матилде ја подбутнува што поскоро да влезат во собата.
– Руте, нешто не е во ред – вели таа со мошне спокоен глас. – Сето ова се случува порано одошто треба. Но сè ќе биде в ред, не грижи се! – ѝ објаснува таа на збунетата Руте и го поттурнува Лукас уште повнатре во собата.
– Треба да одам во болница, веќе имам болки. Надгледувај го Лукас, бива ли?
Кристофс уште не е вратен дома, но веќе му пратив порака и наскоро ќе биде тука. Еве, ти го напишав неговиот телефонски број, јави му се.
Се нижат уште и уште зборови. Руте е сонлива, исто како Лукас, и не успева да вметне ништо друго во лавината зборови на својата сосетка.
Матилде се ведне над Лукас и му ја соблекува јакната. Силно го прегрнува момчето и со усните ја допира неговата коса. Руте ја согледува болката во големите очи на Матилде. Таа е тука само заради Лукас, сфаќа Руте. Малиот се расплакува.
– Ти остани тука, мама треба да оди на лекар, важи? Брзо ќе се вратам – ветува Матилде и потоа го бара погледот на Руте со своите уште ококорени очи.
– Може ли? – прашува таа и Руте кимнува збунето.
И Матилде исчезнува. Руте останува сама со Лукас, кој плаче и трча кон вратата. Руте го фаќа малото човече и невешто го припојува кон себе.
– Ајде, ќе спиеш во мојот кревет, сакаш, нели? – шепнува таа. – Мама ќе се врати многу брзо.
– Сакам мама, сакам мама…
Лукас е вознемирен и се оттргнува од за него непознатата Руте.
Момчето плаче долго, по што бавно се смирува. Таа го легнува момчето во својот кревет и топло го покрива.
– Ќе седнам до тебе, може ли? – прашува таа и Лукас кимнува.
– Запеј ми малку!
– Запеј ми малку! – настојува Лукас и Руте запејува пригушено.
Некакви одамна заборавени мелодии без зборови. Мм-м-м-ммммм…
Лукас заспива, а Руте останува да седи покрај него. Таа не сака да го разбуди малиот легнувајќи крај него, но во куќата нема други кревети. Јуле, нејзиниот татко, живееше тука сам и куќата е сосема празна. Попразна и од душата на старец. И сега, седната во темнината до здивот на Лукас, Руте си мисли: каков ли бил овој Јуле? Каков ли бил татко ѝ?
Мила сестричке,
Знаеш ли што дознав? Човек не може да побегне од другите луѓе. Дури и ако се скрие во некоја длабока пештера, еден ден ќе го најдат. И сигурно не можеш да се скриеш во куќа. Тука сум само пет дена и веќе ме најдоа. Луѓе. И сега седам до Лукас и гледам како спие. По ѓаволите, не се разбирам од деца!
Луѓето се привлекуваат едни со други. Заемно се бараат. Се наоѓаат. Се мирисаат со раширени ноздри и препознаваат сè. Вчера најпосле пуштија струја. Тука во внатрешноста никој не брза. Дури ни реката. Сестричке, ми недостигаш. Ќе ти се допадне куќава.
Морските галеби влетале дури во соништата на Кристофс. Понекогаш си мисли дека може да им ги чуе писоците дури и кога е бескрајно далеку. Морските галеби гракаат за неговиот живот, му ја измачуваат душата и го распарчуваат во сонот.
Ова утро Кристофс се буди од еден таков пискот. Го погледнува телефонот.
„Бестрага…“ – ја фрла долу покривката и срипува на нозе.
Мажите сигурно веќе го чекаат во складот. Него, малиот. Пак цел ден ќе го потрошат во шеги за малиот.
Кристофс брзо се подготвува, се качува во колата и вози накај складот. Марис и Гунарс стојат на портата. Да му се сневиди. И се потсмеваат.
– Еј бебуш, нанаш ли?
– Баш вие треба да ми се обраќате со „капетане“!
Кристофс бесно ’ржи во својата брада, но не се лути.
Мажите се шегуваат. Всушност тој има добри соработници. Работат како ѕверови и не зборуваат многу. Едноставно непријатно е токму ти да бидеш детиштето, но Кристофс е најмалиот од сите. Премногу млад за морските сфаќања на овие старци. Така велат. И можеби е така. Кристофс не мисли на тоа.
Веќе е скоро шест, кога нивниот брод испловува во морето. Бавно и достоинствено отпловува од кејот повлекувајќи го своето јато морски галеби со себе. Понекогаш Кристофс се прашува дали птиците секогаш се истите. Се собираат ли секое утро и дали го чекаат својот брод.
Морето сè уште е магливо. Кристофс ги полни градите со влажен воздух и се насмевнува. Тука е неговиот дом. Тука не се чувствува осамен. Можеби ова е еднинственото место на светот каде што може да се почувствува како дома.
Додека Кристофс го планира денот, мажите ја насекуваат рибата за стрв. Со големите ножеви, со вообичаените движења, скриени во водоотпорните комбинезони и кабаници. Морските галеби веќе не летаат и само крикнуваат барателно кога ќе го почувствуваат мирисот на суровата риба.
Стрвта во корпите, корпите во водата, креваат, ловат – сите дејствуваат како еден механизам. Како бесшумна машина која нема да може да работи ако некој недостасува.
Кристофс погледнува во својот телефон дури откако веќе беа отпловиле длабоко во морето. Дури тогаш ја чита пораката од својата сестра.
– Fuck!!!
– Што се случило? – се штрекнува Марис.
– Некакви компликации со сестра ми. Се породува малку порано. Навистина не разбирам, многу нејасно е напишано, но има потреба од мојата помош.
– Сега ли?
Мажите негодуваат.
– Мммм – промрморува Кристофс и потоа додава: – Вечерва.
– А што да правиме ние? Еее, старче, не се прави така.
Мажите се лути затоа што во морето нема место за разни такви на кои жените им се породуваат, а тие се папучарите што се затрчуваат уште пред да ги повикаат.
– Ќе се обидеме да ти најдеме некое друго место. – Кристофс едвај се воздржува и само ги стега силно усните.
На челото му се јавува длабока брчка, очите му се подзатвораат. Мажите го знаат овој поглед и затоа замолкнуваат. Штом рекле дека ќе му најдат друга работа, значи ќе му најдат. Па Кристофс и самиот може да си ја најде. Ќе бара цел ден ако треба и ќе најде. Мажите на престануваат да работат ниту миг.
Кристофс се обидува да се фокусира на работата, но мислата за Матилде постојано го збунува.
– Сè уште ли мислиш за породувањето? – се појавува по извесно време Гунарс и му ја става раката на рамото.
– Не бе…
– Мали, сè ќе биде во ред. Жените некако секогаш успеваат да се справат.
Лукас останува сам со помладиот колега.
– Немам никаква претстава што значи да си жена.
– Аха… – се замислува Гунарс и поклатува со главата.
Кристофс малку ѝ е лут на Матилде. Од каде ли ги наоѓа сите тие деца? Таа ли трча наваму-натаму да ги собере или самите доаѓаат кај неа? Кристофс не знае кој е таткото на Лукас, а ете ти сега уште едно. Скоро како некаква света Марија. Децата од ништото. Избраните. Да, Лукас е вистински избраник. Кристофс го сака повеќе од сè на светот. „Му недостигаш“, секогаш вели Матилде.
– Па најди на крајот некој да го одгледува! –не се воздржа еднаш Кристофс и големите очи на Матилде одеднаш се наполнија со солзи.
Таа не одговори ништо, едноставно погледна низ него и го прегрна со обете раце. Тогаш се сврте и си отиде.
Се случи само еднаш Кристоф да ја скара сестра си. Дури откако таа еднаш се врати и повторно ја виде со нараснат стомак си премолча. Даваше пари, помагаше во домашната работа, го поправи покривот, редовно ја косеше тревата.
– Fuck!!! – Кристофс повторно губи контрола и му паѓа мрак пред очи.
Корпата полна со ракчиња и јастози залулана силно го удира со сета тежина во стомакот. Светот се превртува и потонува во темен бунар. Кристофс се мачи да земе голтка воздух и ја бара светлата точка во бунарот. Не знае ни самиот како застанал на нозе. Колне, но успева да застане исправен.</span
Откако може да дише и да гледа внимателно, го крева џемперот. Целиот стомак му е вцрвенет како да горел на сонце.
– Еј ти таму, добро ли си? – уплашено прашува Марис.
– Не…
Кристофс се повлекува и подзастанува затоа што сè уште не може да зборува. Зборовите болат и дишењето боли. Повторно се обидува да направи чекор. Дури и чекорот боли. Мажите внимателно го набљудуваат Кристофс. Тој кимнува кон кошницата. Мажите го разбираат и молкум продолжуваат со работата.
Доцна вечерта нафрла малку облека во чантата и брза кон аеродромот. Но нема места за доцните летови. Треба да почека до утрото.
Кристофс останува на аеродромот. Се обидува да заспие, но не успева. Почнува де се витка од болки во стомакот. Наспроти седат две муслиманки целите завиени во чаршафи. Едната се загледува во неговите црни очи. Ќе почека да заспие и тогаш полека ќе ја мушне раката во неговата чанта и ќе извади… што ли ќе извади оттаму? Гаќи? Чорапи? Кристофс се насмевнува на оваа мисла. Жените ќе ги дадат неговите чорапи на нивните сопрузи, а тие со гордост ќе ги покажуваат на другите од нивното племе – видете какви гигантски бели чорапи си имам!
Аеродромот потонал во леплива тишина. Кристофс ѝ пишува порака на Матилде.
„А каде е Лукас?“
…
„Што се случи со соседите?“
…
„Како се чувствуваш?“
…
„Инаку, добро ли си?“
Но Матилде не одговара. Матилде се бори. Се бори за малечкото и за себеси. За мајката на Лукас и за сестрата на Кристофс.
Кристофс ги слуша писоците на галебите. Крева глава и се намрштува. Во чекалницата на аеродромот не може да има птици, тука не пуштаат птици. Самиот тој се придружува на писоците. Некаде длабоко во себе.
Превод: Дарин Ангеловски
Преводот на книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија (EUPL). Авторката на книгата е добитничка на Награда за литература на Европската Унија за 2021 година.
