Собрани остатоци од светот

Нестрпливо го чекам моментот // кога ќе извираат ветувања кон кои // ќе бидат фрлани завртки // обложени со за’рѓана срж...

Пешаци

Мајка ми чекаше да се вратам дома
да ѝ раскажам за шумот што го правеа
некогашните патници, упатени кон
автобуските станици или аеродроми
во надежна потрага по себеси.

На враќање, сфатив што значи
тој шум, особено
кога истиот се всели
во нашиот òд.

Гласот на планината

Одлетај кон крошната на Кожуф,
закити го тоа тело со лорандит
и носи ја неговата тајна во себе.
Биди канџест натрапник:
ширнокрилест сокол
што го брани својот плен
со гласот на планината,
та крикни погласно од лав
што ’ржи за ширини свои.

Мавни со крилјата ти, ангелу извишен!
Одвеј ги ситните прашинки
назад, во туѓите очи.
Намали им го нивниот долгоод,
дари им кусоглед –
да молат за грам вид
од другата страна
на твоето тло.

***
Последниот телефонски разговор
одекна погласно
од дишењето во слушалката
на жената што ја викав баба.
Моите баби беа мртви.
Тишината околу таа табу-тема
е поблага од далечината меѓу нас
зашто сепак
дишеш.

Усно предание за животот 
во форма на бајалка

Самотијата е благослов на убавото.
Поморничаво е кога можеш
да ги видиш сите
и сите да те видат тебе,
особено кога штрајкуваш со молк.
Во тие моменти телото ми е меко
и сѐ што се допира до него
страда од околината
каде што се ветреат молци.

Си должам нешто повозбудливо –
скромните мисли ми се гушат
низ етерот со имињата на оние
што се присилени да живеат
како некој и нешто.

Нестрпливо го чекам моментот
кога ќе извираат ветувања кон кои
ќе бидат фрлани завртки
обложени со за’рѓана срж,
и ќе се лепат плакати
врз распуканите стакла
на автобусите.

Низ тие пукнатини веќе ѕиркаат
утринските гласови
на новородените кланови.

Резултат по земјотресот
од 11 степени по Меркалиј

Јас сум казнет со полоша казна
за разлика од богот што бил осуден
да го држи небото
да не нѐ убие:
мора да дишам далеку од тебе,
мора да спијам уште подалеку,
и мора да се натпреварувам
со својата сенка
во измислена трка чија цел
е земјата што ги топли темелите
на твојот дом.

Во меѓувреме,
трчам кон тебе без мојата сенка –
сигурно видела нешто што
јас не го знам,
и тоа боли повеќе
од отворена рана.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Пепи Стамков
КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ
КНИГА ЗА СВЕТОТ НА ЛИКОТ (кон романот Ветрилиште од Игор Анѓелков, Или-или,...
Повеќе
0 replies on “Собрани остатоци од светот”