Кон „Второ детство“

Китановска-Ковачевска низ овие песни сонува на јаве, зборува низ тишината и за да дојде до светлина ја повикува темнината. Навидум неповрзани теми и термини се испеани заедно, именувани се нешта што не се случиле, се влегува во простор кој нема димензии.

Поетската збирка Второ детство на Емануела Китановска-Ковачевска е поетска целина на опус создаван во континуитет. Не толку временски колку во етосот, во емоциите, во илустрациите и во севкупниот сензибилитет на поетското изразување. Но ова не значи дека од Прологот и првата песна по ред Сонот на фетусот, па сѐ до последното пеење во Епилог Китановска-Ковачевска се стремела кон поетска целина која е затворена. Напротив, нејзиното „пеење“ е отворено кон сѐ понови и понови видици, кон сѐ понова и понова општа „географија“ на физичкиот и на метафизичкиот свет, но исто така и специфична географија на телото, на умот, на духот, на душата и над сѐ на срцето. 

Најголем дел на стиховите поетските стилски фигури се во функција за да изразат парадокс. Така Китановска-Ковачевска низ овие песни сонува на јаве, зборува низ тишината и за да дојде до светлина ја повикува темнината. Навидум неповрзани теми и термини се испеани заедно, именувани се нешта што не се случиле, се влегува во простор кој нема димензии. Здивот и светлината, два феномена на физиката кои се сосема различни, стануваат едно. И здивот и светлината стануваат сведоштво, на мистичен начин, како распламтен челик, стануваат манифестација на чудото на постоењето. 

Како да се зборува за она што сѐ уште не станало? Она што е само сенка на примордијалното сеќавање во утробата пред да се испушти првиот плач и она што е само во зародиш и еден есхатолошки предвкус за она што би можело да биде. Заради овој поетски разлог песните на Китановска-Ковачевска колку се простор на раскажување толку се и за слушање. Во бројни стихови таа не говори туку внимателно слуша и развива метафорична архитектура на разни граници и на премини кои не се просто премин во конкретен простор туку патувања од една димензија во друга, поетски гласови кои постојано се прелеваат од една во друга форма. 

Конкретниот топос во кој нештата сопираат и се згуснуваат е телото во сета негова кревкост, ранливост, слабост но и во сиот свој полет, отпорност и сила. Телото е место на акумулација на искуства, а не средство за какви било егзистенцијални решенија. 

Ова е особено важно по прашање на „женскиот лик“ во овој поетски опус. Тој е во постојано движење и одбива да биде статичен, уште помалку статист, а најмалку објект. Женскиот лик е флуиден субјект кој повеќекратно ја надминува биолошката сфера на телесноста. Така тоа е извор на енергија и двигател и се манифестира како, ветерница, светилка, сенка, извор или оган. Но иста така и како месечина, објект кој осветлува зашто е осветлен, поточно субјект кој е во интеракција и со Земјата и со сонцето, а притоа останува „свој“. Да се потсетиме на еден природен феномен. Од цикличните месечеви мени зависат плимата и осеката.  

Оттаму и времето во поезијата на Второ детство не е линеарна траекторија туку кружно, испрекинато и напати распрскано. Постојано нешто се раздвижува во времето но без конкретен почеток и крај. Сѐ е во постојана состојба на премин, на преобразба, на непрестајно откривање. Дали изгревот е еднаков со залезот? Дали песната се родила првин, а потоа насловот? Дали денот се раѓа кога ноќта умира, или пак се пораѓа од брчка? Затоа ритмичноста треба помалку да се бара во римата, а многу повеќе во „дишењето“, во вдишувањето и издишувањето, во поетичноста на мигот кој е постојано тука, а никогаш сега. 

Слично како со убавината ништо не може да се задржи. Зашто во спротивно тоа се претвора во „непријатна вистина“. Убавината како метафора за каква било човечка исполнетост е како црешите во цут. Најубави се, најраскошни, најпривлечни и најзаводливи, не само затоа што тоа се, туку затоа што тој раскош ефемерно исчезнува. Тоа на јазикот на оваа поетска збирка се нарекува кашлица, мастило, брчка, пукнатина, ракопис, сенка. Сѐ е така кршливо на овој јазик, а сепак пеењето не може да се замолкне дури ни кога се сака. Внатрешното горење е незапирливо. 

Дури и онаму каде збирката сопира и става Епилог не се работи за конечно ставање точка. Повеќе е тивко заминување, „смалување“ во однос на аголот на сонцето, но токму затоа е оставање долга сенка, далечно протегање и стоичка издолженост. Такви се сенките на камилите или на кои било други животни во пустината кога сонцето е на залез. Нивните тела од воздух се практично невидливи, но нивните сенки се гледаат веројатно дури и од месечината. 

Пренесена од просторот како сенка во сферата на звукот, песните Второ детство се збир на мали букви, на мали слогови и на мали зборови со голем одек зашто со нив Емануела Китановска-Ковачевска изградила одаи со хармонична поетска акустика. 

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Кон „Второ детство“”