Eмпусион

Светлите очи, веѓите и трепките прават ова лице да изгледа нездраво. Целата негова појава врз заднината на интензивно црвеното небо на зајдисонце остава вознемирувачки впечаток дека дошол овде, во овие меланхолични планини, од задгробниот свет.

Глетката ја прикриваат облаци пареа од локомотивите, што сега се сноват по перонот. Треба да се наведнеш и да погледнеш од под нив за да видиш сѐ, за миг да дозволиш да бидеш заслепен од сивата магла, сѐ додека видот, што ќе изнедри по оваа проба, не се изостри и не стане прониклив и сегледачки.
Тогаш ќе ги видиме плочките на перонот, квадратите обраснати со стебленца на тенки тревки – пространство што по секоја цена сака да го задржи редот и симетријата.
За момент на нив се појавува левиот чевел, кафеав, кожен, не по најнова мода, а веднаш по него му се придружува и другиот, десниот; овој изгледа уште поистоштено – врвот му е некако излижан, од надворешната страна се покажуваат посветли дамки на неколку места. Чевлите стојат така еден миг, нерешително, а потоа, сепак, левиот тргнува напред. Ова движење накусо го открива црниот памучен чорап под ногавицата на панталоните. Црнината се повторува и во полите на отпетланиот штофен капут; денот е топол. Кафеавиот кожен куфер го држи една ситна дланка, бледа, бескрвна; од тежината се напнале жилите на неа и сега ги покажуваат своите извори, некаде длабоко, во внатрешноста на ракавот. Од под капутот ѕирка фланелно палто што не е од најдобар крој, а, освен тоа, и малку истуткано од долгото патување. На него се гледаат ситни светли точкички на некоја неопределена нијанса – крлушки на светот. Белата крагна на кошулата, од оние на прикачување, очигледно беше сменета сосема неодамна бидејќи нејзината белина е посвежа од белината на самата кошула и прави контраст со земјената боја на лицето на патникот. Светлите очи, веѓите и трепките прават ова лице да изгледа нездраво. Целата негова појава врз заднината на интензивно црвеното небо на зајдисонце остава вознемирувачки впечаток дека дошол овде, во овие меланхолични планини, од задгробниот свет.

Патникот оди кон главната аула на изненадувачки големата железничка станица како за ваква планинска средина, заедно со другите дојденци; сепак, се разликува од нив по тоа што оди незабрзано, па дури и со одолговлекување, и по тоа што никој не го пречекува, никој не дошол по него. Го остава куферот на излижаниот поплочен под и ги навлекува на дланките топлите ракавици. Едната од нив, десната, на дланката свиткана во вид на труба се движи за миг кон устата, за да ја прими парадата од куси, суви поткашлувања.
Младиот човек се подгрбавува и бара шамиче во џебот. Прстите за миг го допираат местото каде што во џебот, под материјалот на капутот, се крие пасошот. Ако за момент се сконцентрираме, ќе го видиме ракописот полн фантазија на некој галициски службеник, кој грижливо ги пополнил графите во документот: Мјечислав Војњич, католик, студент на Лавовскиот технички факултет, роден во 1889 година, сини очи, среден раст, долгнавесто лице, светла коса.
Овој Војњич сега ја премерува главната сала на железничката станица во Дитерсбах, кој се наоѓа недалеку од Валденбург, несигурно оди низ тмурната висока просторија, во која на највисоките симсови сигурно е населено ехото, и чувстува како внимателно го лустрираат нечии очи од зад благајничките шалтери во чекалницата. Го проверува времето на големиот часовник – доцна е, ова е последниот воз од Бреслау. Се колеба еден миг, а потоа излегува пред зградата на железничката станица за веднаш да падне во прегратките на нерамната, испоцепкана линија на планинскиот хоризонт.
Средината на септември е, па, тука секој посетител зачудено забележува дека летото е веќе одамна заминато и на земјата лежат првите паднати лисја. Последните денови сигурно било врнежливо бидејќи блага магла сѐ уште речиси херметички го пополнува пејзажот, правејќи исклучок само за темните линии на потоците. Во градите чувствува дека е на високо, тоа е добро за неговото тело, измачено од болеста. Војњич стои на скаличките од железничката станица, сомничаво гледајќи си ги обувките на тенки кожени ѓонови – ќе мора да размисли за зимски чизми. Во Лавов сѐ уште цветаа астерите и џунџулињата и никој воопшто не мислеше на есента. Тука, пак, високиот хоризонт предизвикува да биде потемно, а боите се чинат подречливи, речиси вулгарни. Во тој момент го обзема добропознатата меланхолија, својствена на луѓе убедени во својата брза смрт. Чувствува дека овој свет околу него е декорација насликана на хартиен екран, дека би можел да го пикне прстот во овој монументален пејзаж и да направи дупка во него, што ќе води право во ништожноста. И дека таа, ништожноста, ќе почне да се излева оттаму како поплава и на крајот ќе го стигне и него, ќе го зграпчи за гуша. Мора да ја протресе главата за да се ослободи од таа слика. Сликата се распрснува на капки и паѓа на лисјето. За среќа, по патот кон него се тркала едно незграпно возило што потсетува на пајтон. На него седи еден слаб, дамчест момок во чудна облека. На себе има нешто како војничка јакна, чија провиниенција е тешко да се одреди – бидејќи не наликува ниту на пруска униформа, што на ова место би било разбирливо, ниту на некаква друга – и странична капа на главата, умешно накривена. Без збор застанува пред Војњич и промрморувајќи нешто нејасно, го зема неговиот багаж.
– Како сте, добар човеку? – прашува пристојно Војњич на својот школски германски, но залудно чека одговор; овој ја навлекува капата на очи и нетрпеливо му го покажува местото во пајтонот.
И веднаш тргнуваат. Најпрвин низ гратчето по калдрма, потоа по пат што ги носи во сѐ поголеми темнини по извиена траса меѓу стрмните падини на планините, низ шума. Постојано ги придружува жуборењето на потокот во близината и неговиот мирис, кој постојано многу го вознемирува Војњич: смрдеа на влажни растенија, на скапани лисја, вечно мокри камења, вода. Се обидува на пајтонџијата да му постави некакво прашање, што би му овозможило да воспостави контакт, на пример, колку долго ќе се возат, како го препознал на железничката станица, како се вика, но овој дури ни не се врти наназад и молчи. Газиената ламба поставена од десната страна на момокот половично го осветлува неговото лице, кое од профил личи на муце на шумски глодач, мрмот, па, Војњич претпоставува дека пајтонџијата е сигурно глув, или безобразно непристоен.
На крајот, по околу три череци време, изнурнуваат од сенката на шумата и влегуваат во изненадувачки рамна долина, на неочекувана висорамнина, тука, меѓу пошумени планини. Небото загаснува, но се гледа уште оној трогателно висок хоризонт, што на секој дојденец од низините му се чини дека го задушува.
– Герберсдорф – одеднаш се одзива пајтонџијата со момчешки глас, неочекувано висок.
Но, Војњич ништо не гледа, ништо, освен густи ѕидови темнина, која нецеремонијално се откорнува во чаршафи од планинските падини. Дури кога очите му се привикнуваат на неа, одеднаш пред нив испловува вијадукт, под кој влегуваат во селото, а зад него огромно здание на зграда од црвена тула, и веднаш по неа и други, помали градби, и улица, па, дури и две газиени ламби. Се покажува дека зградата од тули е гигант, сѐ повеќе се зголемува кога наближуваш кон неа, а движењето на колата ги вади од темнината низите осветлени прозорци. Светлината во нив е валканожолта. Војњич не може да го оттргне погледот и уште долго ја набљудува, сѐ додека не потоне во темнината, како огромен параход.
Пајтонот сега свртува на едно споредно тесно патче покрај потокот, го одминува мовчето, на кое тркалата предизвикуваат бучава што потсетува на одекнување на истрели. На крајот, застанува пред една голема дрвена зграда со пречудна архитектура, која потсетува на куќа од ќибритчиња – таму има толку веранди, балкончиња и тераси. Од прозорците блеска пријатна светлина. Под прозорците на првиот кат се гледа убав натпис напишан со готско писмо, издлабен од дебел плех:

Gästehaus für Herren

На Војњич му олеснува кога излегува од пајтонот и со полни гради го вдишува тој нов воздух, за кој се вели дека ги лекува и најтешките состојби. Сепак, можеби го прави тоа прерано бидејќи, ете, го фаќа толку силен напад на кашлање што мора да се потпре на оградата од мовчето. А тогаш, кашлајќи, чувствува студенило и непријатна лигавост на изгниено дрво и убавиот прв впечаток се распрснува. Не може да се воздржи од силните грчеви во дијафрагмата и го обзема огромен страв – дека за миг ќе се задуши, дека тоа ќе биде последниот напад. Се обидува да ја оддалечи од себе паниката, онака како што му советуваше докторот Соколовски, да помисли на ливада полна цвеќиња, на топлото сонце. Многу се обидува, иако очите му солзат, а во лицето му надоаѓа крв. Му се чини дека за момент ќе си ја искашла душата.
Но тогаш чувствува стисок на рамото – по што еден висок, добро граден маж со седа коса му подава рака. Војњич низ солзи го гледа неговото розово, здраво лице.
– Де, де, господине мој. Приберете се – вели овој со самодоверба и широка насмевка, така што гостинот, едвај преживувајќи ја кашлицата, има желба да го прегрне и да му дозволи да го одведе в кревет, како дете. О, да, токму така. Дете. Кревет. Малку засрамено му ги обвива рацете околу вратот на мажот и му дозволува да го носи преку тремот што мириса на смрекин чад и нагоре по меките скали, постелени со черга. Сето тоа го навраќа на некои далечни сеќавања на борење, на машки спорт, кога тврдите тела се притискаат едно до друго, се тријат, удираат, но не за да се повредат, туку напротив, под изговор дека се борат, да си покажат нежност и приврзаност. Им се предава на силните дланки, дозволува да го воведе во собата на катот, да го смести на креветот и да му ги соблече капутот и фанелата.
Вилхелм Опиц – бидејќи така се претставува мажот, покажувајќи со прстот на своите гради – го покрива со волнено ќебе и од нечии раце, кои за момент се појавуваат низ подотворената врата, го зема канчето со врела, вкусна супа. Додека Мјечислав пие со мали голтки, Вилхелм Опиц го крева прстот нагоре (Војњич во тој момент сфаќа колку овој прст е важен дел од Вилхелм) и вели на мек, малку смешен германски јазик:
– Му напишав на професорот Соколовски да ви направи пауза во Бреслау. Ова е премногу долго и напорно патување. Му реков.
Супата се разлева со пријатна топлина низ телото на Војњич и сиромашкиот дури и не е свесен кога заспива. Го придружуваме уште малку, слушајќи го неговото спокојно дишење, нѐ радува дека белите дробови му се смириле.
Нашето внимание сега го привлекува еден сноп светлина, тенок како сечило, кој влегува во собата од ходникот и застанува на порцеланскиот нокшир под креветот. Нѐ привлекуваат процепите меѓу штиците на подот – и таму исчезнуваме.

Превод од полски јазик: Лидија Танушевска
Награда „Драги“ 2025 за најдобар превод на книжевно дело на македонски јазик.

Книгата е објавена со поддршката на програмата за преводи ©POLAND.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Олга Токарчук
Бизарни раскази
Се викам Вилјам Дејвисон, Шкотланѓанец сум и потекнувам од Абердин, но многу...
Повеќе
0 replies on “Eмпусион”