Кога сѐ завршува
И кога сѐ завршува
останува само една тишина
еден молк
еден показател за животот кој бил
а веќе не е
една моќна и гласна визуелизација
во апсолутна тишина на непостоењето
И кога сѐ завршува
останува ништото
останува сето што останува
без иворот на создаденото.
Изворот го нема
а остануваат траги од тоа што некогаш
било живо
И кога сѐ завршува
останува.
Останува зачуденост
која подоцна се продава и купува
пофалува и грди
критикува и величи
и сето е такво
какво што додека било живо не било.
И кога сѐ завршува
сето што продолжува е залудно
залудно, бидејќи тоа што било
што и да тоа било,
повеќе
не е.
Божица Изида
Облечена во тенка свила
Бела и чиста
Без раце и нозе
Без глава на биста
Со боженствени линии
И подуено меше
Со чувство на мистика
Во тишина рече
Веднаш сум до вечноста
Веднаш сум до везвремието
За што пак сега
Да очајуваш
Не гледаш ли дека инкарнираме
Безвременски
Низ сите временски линии
Се среќаваме вистински
Сепак умот
Е тоа што е – нека
Сепак е човекот
Присутен сега
Потпевливи очи
Потпевливи очи
вода откриваат
во океан нурнуваат
и земја забораваат
за да те научат
и да гњуриш и да леташ
и никогаш да не ги заборавиш
во кодот да ги носиш
како да и пред овој живот биле
да ги пикнеш
кај што ни сам не ќе ги најдеш
за да мозокот што умира ги заборави
но не и душата која продолжува
Ко детските сништа, животот мине
Тргнувајќи по морето
се загубив на планината
Симнувајќи ги ридовите
се удавив во тишината
Набрзина прелетав над облаците
но за среќа успорив меѓу сокаците
На чешмиче момиче
цела во црно кокиче
Ветувајче росиче
со големо сиво облаче
Помилувај смилувај и душа обликувај
бидувај милувај љубов навлекувај
Одбој и собуј двобој и тробој
недозволуј битки безнадежно долго
Јачменово поле
Движејќи по јачменово поле, ноќно, во селскиот предел каде нема улични лампи, со темнината под полната месечина, тој здогледа нешто што светлосно трепери на далечина. Вчудоневиден застана да ги провери очите, да не погрешно гледаат. Ги затрља, но повторно истото. Трепкач во темната далечина. Нејасно од што би можело да биде, со полна возбуда и интрига за мистеријата на тоа што е пред него, тргна полека. Додека летниот ветар му го милуваше образот и му ја бушавеше косата, тој претпазливо со возбуда движеше. Наоколу штурците со нивната музика го потсетуваа дека ноќта е длабока и непредвидлива. Го потсетуваа на летната топлина која во оваа ноќ е замрена, а ветрот преовладува. Чекор по чекор, со потполно отворени очи, дури и затегнати, со надеж за појасно да гледа, полето е неговиот темел. Одејќи по земјата, која како ја гази така се менува под неговото стапало, јачменот му го допираше нозете, со скокот благ и нежна игра на чешавило. Чорапите, собирајќи прашина, ги чувствуваше се позатегнати. Приближувајќи се кон светлосните трепкања на полето, не му беше јасно. Како може светлото да сега го има, и веднаш потоа да го нема, па повторно да го има, и повторно да го нема. Зачуден од тоа што го гледа пред себе, ја доближи главата внимателно кон трепкањето. Здогледа! Тоа се бумбари кои трепкаат светлина! Тоа се светулки! Не можеше да се начуди како светулките влегуваат во постоењето и од еднаш ги снемува, и после од еднаш повторно се појавуваат, но на друго место! Полн со возбуда за тоа што открил мистика, не знаеше како тоа да го изрази, па извика – Дојдете ваму! Со желба да го сподели тоа што го гледа за првпат, не можеше да поверува дека има 6 години.
