Избор поезија

Велат, поетите умеат / да насликаат со збор / Но ветерот како да им ги носи / тие слики / Потајно во езерската широчина / Почнува да ги снемува одново / И тогаш, надоаѓа само тишината.

8

Секој ден ти се извинувам
За секој речен збор.
Секој ден ти се извинувам
И за секој неречен збор.
За збор што верува
и збор што не верува
Како верник и неверник.
Во љубовта
Во среќата и надежта
Ти се извинувам и в ноќта
меѓу неделата и понеделникот
Во осмиот ден
Во тој ден кога сум начисто сам
Во мигот кога патувам со мислите
А не стигнувам никаде конкретно.
Ти се извинувам 8 пати!
Зашто бројот осум прави
Бесконечност од себе.
А само Ти ме сакаш бесконечно.

ПРЕТВОРЕНО ВО МОЛК

Со секое треперење на чемпресите
Се доближував до степениците
На твоето срце.
Постоеше идентичност на тој мирис
Помеѓу тебе и смолите
кои ги изнудуваше августовото сонце.

Далгите удираа во стариот камен
И ме потсетуваа на моите
секавични помисли
Дека тука твоето отсуство
е неприкосновено
Како некое детинско мечтаење
за кое ретко се зборува
Но, сепак се памети.

Велат, поетите умеат
да насликаат со збор
Но ветерот како да им ги носи
тие слики
Потајно во езерската широчина
Почнува да ги снемува одново
И тогаш, надоаѓа само тишината.
И се’ е претворено во молк.

ВРНЕЖЛИВ ЕСЕНСКИ ДЕН

Преку прозорец звук се слуша
Дождот непрекинато само лее
Занишани лисја,
како растреперена душа
Смело тврдат – денес никој
не се смеел.

Во што сте уверени вие
кои паднавте на оваа трева
Праша тивко чемпресот
крај оградата
На крајот од денот секој
си добива орден со наградата
Па бездруго е непотребно
да се прави таква врева.

Не, не, не!
Лисјата упорни од долу велат пак.
Никој не видовме да се смее
како на лето
Кога сè е радосно и во сјај
Само твоите иглички чемпресу,
даваат знак
Во овој врнежлив ден
што нема крај.

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
Полнота на животот / Сонцето
Остави ги човеку тривијалните разговори / И мислите од кои денот ти...
Повеќе
0 replies on “Избор поезија”