Напнат роман од клубот 500+

Кон „Магионичар“ од Магдалена Парис, добитник на наградата за литература на Европската унија за 2015.

Романот „Магионичар“ во издание на издавачката куќа „Антолог“ е едно обемно книжевно дело распослано на петстотини страници, кое изобилува со сè што го карактеризира еден политички трилер: напнатост, пресврти, перипетии, мистерија, валкани игри, заговори. И сево ова може да ве наведе на констатацијата дека ова е „само“ уште едно крими-романче што успешно кокетира со политичките теми што предизвикуваат дразба кај публиката.
Но, првата реченица што ќе ве пречека како добар домаќин уште на насловната страница вели: Иако описот може да изгледа како политички трилер, ова е нешто повеќе. Искрено, ова повеќе ме поведе на ова читателско патување. Ако сè се сведеше на политички трилер немаше да се впуштам во авантурава.
Што е тоа повеќе? Прво, би сакал да се осврнам малку на анализа на политичкото наспроти трилерското. Политичкото во овој роман не е пандишпан врз кој се редат слатки наслаги-филови на трилерот, туку тоа е самата есенција на романот. Романот директно извира од политичката и хуманитарна траума на поделбата на глобусот, ама и на микросветот – Германија, или уште попрецизно Берлин, на Исток и Запад. Оваа политичка поделба ја одредува географијата, го одредува релјефот на многу човечки судбини. А слободно може да се каже и на судбината на самата авторка на романот, Магдалена Парис, полско-германска писателка, родена во Полска, отселена во Германија на 13-годишна возраст, заедно со семејството.

Авторефлексиите на Магдалена присутни преку ликот на главната хероина на романот, новинарката Дагмара Бош, родена како Дагмара Бошевска во Полска, а потоа со семејството преселена во Берлин, воопшто не се скриени. Ова транспарентно проектирање на сопствениот живот во животот на главниот лик, на Магдалена ѝ пружа можност да се навлезе длабоко во присихологијата и на овој, но и на нему блиските ликови и на тој начин нивните психолошки доживувања нудат многу повеќе отколку што би било потребно кога ова би било само обичен трилер. Пристапот кон секој од ликовите и неговата мотивација не само што не е периферен, површен, туку сосема напротив – авторката копа длабоко во себе за да ги експлоатира како скапоцена руда сите свои трауми закопани под почвата на времето.
Но, романот уште на првата страница јасно ви става на знаење еден факт – а тоа е дека нема играње со фактите. А фактите кои се предмет на интерес на авторката се следниве: Во 2010 година во германската Канцеларија за документите од Штази се уништени близу 6 километри досиеја, односно 20 милиони страници. Се смета дека во времето на Железната завесна приближно 4 500 лица од Источниот блок се обидувале да избегаат на Запад преку границата на Бугарија. А приближно 100 од нив го загубиле животот, или попрецизно – убиени се во матни, неразјаснети околности.
Овие факти се трагично минато, за нив може да кажеме дека се одличен пандишпан за еден вешт писател, каква што е Магдалена Парис. Нема да ви ја раскажувам содржината на романот, прво затоа што и да сакам немаме време за такво нешто, второ и поважно – неизвесноста е важен дел на уживањето во ова патување по страниците на „Магионичар“. Магионичарот од насловот не е некаква коелјовска верзија на Алхемичарот, не, многу е попрозаично – тоа е автоироничниот назив под кој исчезнувале луѓе на граница. Главно млади луѓе, кои во надеж за подобар живот, се обидувале да ја поминат границата. Преку разни монтировки и „намештајки“ биле ликвидирани низ горите на Пирин планина или на бугарско-турската граница. Магионичар, или во превод – денес го имаш, а утре го немаш. Признајте, овие од Штази баш ги бивало за наслови. Или низ перспективата на еден од ликовите – магионичар е кога денес имаш двајца синови близнаци, кои одат на одмор во Бугарија, а веќе следниот ден имаш два идентични леша и изгубена смисла на животот.

На крајот од првиот пасус од најпрвата глава, ќе ја сретнете оваа реченица: Вистина било, новата болка ја бркала старата. Мислам дека оваа не е само обична реченица, туку, во случајов, тоа е писателската постапка што ја користела Магдалена – од глава во глава, нова болка ја заменува старата, болката на еден од ликовите ја заменува болка на следниот лик. Како своевидна парафраза на животот, во кој и најрасипаните гниди во општествената стварност, оние сместени како бубрежиња во лој – страдаат како и сите други. Поентата што мислам дека не е прехрабро да се извлече од целото дело е дека не може да има среќна индивидуа во несреќно општество. Без разлика каде си позициониран во општествената хиерархија. Може слободно да се отиде уште еден чекор понатаму и да се каже и следново – не може да има среќно општество во поделен свет.
Во луди времиња сите стануваме по малку лудаци. Се губат границите на нормалноста. Тоа мислам дека добро го знаеме и ние овде и денес и сега. Но, што го прави ова четиво интересно? Ќе искористам реплика од еден од ликовите. Вели: Тој е лудак и како секој лудак е нетрпелив, ама самиот знаете господине, како е со лудаците. Секогаш има еден процент на несигурност дека не се тоа.
Тоа е еден од квалитетите на ова дело. Никогаш не сте на чисто дека и кај најголемиот антихерој нема да препознаете нешто што ќе ве натера да навивате за него. Затоа што, како и болката, старото зло честопати е заменето со ново зло. Па се фаќате себеси дека навивате за помалото зло. Тоа малку наликува на синџирот на исхрана во природата, кога како независен набљудувач, секогаш навивате за послабиот и помалиот, иако во некоја друга прилика послабиот е посилен и поголем и се однесува исто толку крволочно кон сопствената жртва како што неговиот грабливец се однесува кон него.
Има книгава и други скриени пластови животна филозофија, како на пример еден поглед на феминизмот како непланирано дете на комунизмот, кое сепак преживеало и сведочи дека не само што во се бело има и нешто црно, ами и за обратното – дека во се црно, има и нешто бело.
„Магионичар“ од Магдалена Парис, ве враќа половина век назад, но можеби ве носи и напред во иднината, зашто ниедна болка од историјата не е сосема излечена, веројатно само била заменета со некоја нова.
Ви го препорачувам ова дело за читање, особено во летниов период, кога е добра прилика да ги симнете од полица сите романи од клубот 500+ кои ги одложувавте преку годината. Нешто ќе научите, на нешто ќе се потсетите, а тоа што со сигурност можам да ви го гарантирам – нема да ви биде здодевно.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Напнат роман од клубот 500+”