Во низата поетски слики на Хармс со кои се отвора книгата „Сите сите песни паф“ на Жарко Кујунџиски, во тоа Хармсово поетско подредување на дрвја, камења, природа, девојки, машки… и нивното скоро исчезнување низ ономатопеите пиф, паф пуф… недостасуваат токму песните и нивното паф. Затоа таа негова низа ја допишува Кујунџиски со „Сите сите песни паф“. Во неговата збирка „Ние предметите“ од 2016, која е прва потпишана со неговото лично име и презиме, стои како филигран мислата извлечена од рецензијата на Лидија Капушевска-Дракулевска која гласи: „Песните се одликуваат со мошне впечатливи поетски слики, неретко во еден манир сроден на надреалистичкиот, во смисла на очудување на реалното, игра со вообичаеното и со нашата рационална свест.“
Но пред оваа збирка тој беше Џеси Блејз. И беше опседнат со Сузан. А јас додека ја читав таа негова свртеност кон неа, како во фон скоро секогаш ми одеше песната „О, Сузана“ (онаа оригиналната со кантри-стиховите од 1848). Опсесивноста на Џеси Блејз со Сузан (навлезена во сите пори на неговата поетска кожа) е налик на онаа силна љубовна врска помеѓу Хармс (роден како Даниил Иванович Јувачов) и Естер Александровна Русакова која ја запознава во 1924 и која ја сака цели седум години. Подоцна, во едно свое писмо, Хармс ќе го напише следново: „Таа за мене не беше само жена која ја сакав, туку и нешто друго што навлегуваше во сите мои мисли и сите мои активности. Со Естер не зборував на руски и нејзиното име го пишував на латиница: ESTHER.“ Така и Кјунџиски во еден период од својот поетски живот ќе се преоблече во Џеси Блејз и ќе ги остави зад себе збирките „Сузан“ (2008) и „Мојата Сузан повторно девојка“ (2011). Дали онаа Естер на Хармс е другарка со Сузан на Блејз? Иако сакам да читам и една друга поврзаност, па така ми одѕвонува прашањето: А зошто Сузан на Блејз не може да ѝ биде другарка и на Дениција на Андреевски? И за Блејз, како и за Андреевски љубовта има најразлични манифестации: од бизарна и сетилна, преку привлечна и фатална, т.е. мистериозна и неверојатна, до универзална и неповторлива. И пред сѐ силно надреална! А онаа позната Петрева анафора „дошто“ од последната песна „На гробот од Дениција“, но и некои други анафори кои ги красат неговите пеења, како да добиваат нови облици во изразите „те откривам“, „немој да се лутиш“, „претвори се“, „никогаш не е доцна“, повторливи фрази со кои започнуваат строфите и кои се наслови и на самите песни на Кујнџиски.
Хармс, иако се занимава со пишување, е познат и по тоа што црта одлично, а покрај тоа, свири на рог и на хармоника, степува, измислува гатанки и вицеви, но пишува и филозофски расправи. Жарко Кујунџиски не знам дали црта, а не знам ни како црта. Но има страст и кон ликовната уметност и некои негови песни се скоро ликовни доживувања како „Градот го возвраќа ударот“, со посвета „На Магрит“, белгискиот надреалистички сликар, или „Парови“ кои како да е книжевна верзија на сликите на Васко Ташковски. Во некои песни на Кујунџиски наслутуваме и можна книжевна со тенденција да прерасне во филозофска распарава, како онаа меѓу Гогољ, Џојс и Гиш (во песната „Јас: пцујачот“).
Се разбира, Хармс е познат и по чудната смисла за хумор и особено по необичниот стил на облекување. Не сум забележала дека Жарко Кујунџиски необично се облекува, ама ептен необично ги преоблекува своите стихови. Тие постојано се чувствуваат стеснето доколку не им даде можност да се преоблечат низ метафори позајмени од филмот, па така Младиот Вертер си разговара со Одри Тоту и со нејзиниот филм за Амелија Пулен („Љубов“). Необичното една поетска слика да се полни со Пол Њумен и неговиот филм „Хазардер“ („Дуел“), или да се појави од некаде Мерлин Монро („Зоо“), па и Ричард Гир („На пат“), станува сосема обично, скоро секојдневно. Стеснети се и ако не им дозволи да си разговараат така како што самите тие сакаат, па затоа вели:
„Мајка ми пече колачиња à la Ана Карењина
и потоа со сосетките зборуваат за Фројд, Крстева и депресијата.“
Неговите стихови имаат дури и листа за гледање филмови („Хичкок“):
„Од Хичкок, преку Монти Пајтон,
до Еден човек и една жена…
така отприлика изгледа нашата
листа за гледање
листа на чекање
листа филмови
кои јас и Сузан
секој викенд
правиме план да ги
пуштиме на нејзиното
античко видео“
Секако во некоја пауза може и да го гледаат, но и да го читаат и Шерлок Холмс, како во истоимената песна.
Но пак кај мене дилемата. Зошто Кујунџиски го одбира токму Хармс за свој книжевен другар, со кого како што пее си маваат ластици (во песната „Другари“) иако според времето во кое живее може да му биде книжевен татко? Зошто дури и во самиот наслов се чувствува тој Хармсовски поетски бран? Дали и самото презиме Кујнџиски го насочува кон некој што им дава приоритет и на предметите и на зборовите, приоритет во онаа смисла што ја читаме кај Даниил Хармс? Имено, во декларацијата на неговата книжевна група „ОБЕРИУ“ е наведено дека членовите на групата настојуваат да ја прошират и разбудат смислата на „предметите и зборовите“, но не да ја уништат. Во овој манифест стои: „Конкретниот ’предмет‘, исчистен од книжевната и секојдневната лушпа станува градба за уметноста. Можеби ќе ви се причини дека нашите сижеа се ’не-реални‘ и ’не-логични‘? Но, кој рече дека секојдневната логика е задолжителна за самата уметност?“
Ова се зборовите врз кои се гради и целокупната поетика на Кујнџиски (не само во поетскиот, туку и во прозниот израз). Зашто доволен број негови песни создаваат нова смисла на предметите, како во „Мистеријата на предметите“, „Сцена“, „Повик“, „Грешка“, и особено во „Говор“ кога пее:
„Ние
предметите
му даваме ред
и смисла
на светот.
А вие сте
наши робови.
Готово е!
Нека се знае
еднаш засекогаш.
Баталете кој
кого направил
и кој е пред кого.“
Но даваат и нова смисла на самите зборови, па и на самите букви, особено во циклусот „Мојата девојка“ кој колку што е посвета за неговата девојка, толку е и посвета за македонските букви кои ете во 2025 година (во истата година кога излегуваат овие негови собрани стихови) го прославуваат 80 годишниот јубилеј од азбуката. И така, ако Горан Стефановски ни ги остави бушавите букви како дел од својата „Бушава азбука“, еве го Жарко Кујунџиски кој со своите љубовни букви ни испишува некаков книжевен блуз отсвирен не со ноти, туку со букви од „љубовната азбука“. Впрочем и самиот тој ни кажува дека сака да влета:
„во двоспратен бус со црвена боја,
таму ќе го сретнам Горан Стефановски,
ќе седнам на слободното место до него
и ќе дискутираме за
прашањето на малите народи.“
А песните од „Мојата девојка“ колку што се нејзини портрети од лингвистички, хемиски, физички, географски, музички, гастрономски аспекти, толку се и една негова лична подготовка за наредната фаза, за онаа кога тој ќе стане како што вели во својата песна „Мајстор за мојата девојка“; кога Жарко веќе ќе биде Џеси и Кујунџиски – Блејз. А само да се потсетиме: кујунџија е стар назив за занаетчија златар, кој изработува или видоизменува накит и ситни украсни предмети од злато, сребро и други благородни метали. Овој занает, како и филигранството, е всушност еден вид чиста уметност без малку блиска на онаа уметност заради уметност бидејќи се прават мали украсни предмети за што е потребно: инвентивност, умешност и прецизност. Најчестите нивни производи се: прстени, бурми, обетки, шноли, брошеви, ѓердани… Такви производи се и самите песни во „Сите сите песни паф“. Но, покрај изработката на украсни предмети, кујунџиите се занимаваат и со гравура поточно со гравирање на букви, зборови или цели цртежи на нивните производи (или на производот што им се носи). Така и во „Сите сите песни паф“ се изгравирани иницијалите на Жарко Кујунџиски. Колку во тие иницијали има Хармсовска патина, толку има и незабележителни слоеви од некои од најголемите македонски поети како кога „Морето. Водата.“ разговара со „Море. Пладне.“ и „Вода. Капачка.“ на Михаил Ренџов, или како кога „Прослава“ си муабети со „Љубов“ на Гане Тодоровски или „Самрак“ со „Летен самрак“ на Влада Урошевиќ. Како кога „Од другата страна“ и „Потрага по зборот“ се читаат како есенција на „Небиднина“ и „Раѓање на зборот“ на Ацо Шопов или „Црн овен“ и „Црква. Втора. 2001“ како мини верзија на истоимените збирки на Блаже Конески. И пред сѐ, во тие изгравирани иницијали има слоеви и од неговиот претходник-кујунџија („Татко“).
Оваа збирка од сите негови собрани песни, почнувајќи од поемата „Пентатеух“ од 1998, која според него е „прва песна“ или прв обид да се изрази во стихови, па сѐ до оние песни со кои се затвора, и со песните од „Bonus Tracks“ пишувани во периодот 2016 – 2017, и со стиховите во хаику со кои добриот кујунџија се покажува и како добар филигран-мајстор, нѐ води низ едно дведеценско поетско патување. Затоа дозволете и со вашето исчитување навистина да им се случи на „Сите сите песни паф“.
Во Скопје,
На Климентовиот ден,
8.12.2025 од Весна Мојсова-Чепишевска
