Толкувачки коментари за поезијата на Жарко Кујунџиски собрана во томот под наслов „Сите сите песни паф“

Инспирацијата на песните од оваа збирка извира од неограничениот простор на слободата која вообичаено се препознава во форма на игра, играта со звуци, зборови, стихови и слики – од митски до историски и религиски.

Овој поетски том на Жарко Кујунџиски (р. во Скопје, 19 мај 1980), со наслов Сите сите песни паф, ги обединува во единствена публикација не само неговите први три објавени збирки поезија: Сузан (2008), Мојата Сузан повторно девојка (2011) и Ние предметите (2016) туку и неколку негови циклуси поезија подредени хронолошки (Трампани дискурси, Мојата девојка, Надвор од себе, внатре во градот), како и циклусот хаику поезија, сфатена како посебен лирски жанр. Добар дел од застапените песни во овој том се, значи, досега необјавени во засебна книга, но се објавени во списанија или изведени на некои книжевни настани. Дел од нив, пак, се (веројатно) сосема необјавени

Мото песна на овој том собрана поезија на македонскиот писател (поет, романсиер, есеист, драмски автор, раскажувач), филмски и книжевен критичар, преведувач и издавач, Жарко Кујунџиски, е манифестната песна „Сите песни паф“ од прочуениот, едно време брендиран кај младата интелектуална популација во Македонија, авангардниот руски поет – маестро на апсурдот и на играта со зборови – Даниил Хармс (1905 – 1942). Инспирацијата на песните од оваа збирка на Жарко Кујунџиски извира од неограничениот простор на слободата која вообичаено (свесно или несвесно) се препознава во форма на игра, играта со звуци, зборови, стихови и слики – од митски до историски и религиски (илустративни се песните „Игра“, „Лингвистичка анализа на Мојата девојка“, „Потрага по зборот“, „Стил“, „Од другата страна“).

Првата песна на Жарко Кујунџиски, изнедрена како плод на чиста интуиција и латентна дарба, има наслов „Пентатеух“, наслов кој алудира на „римските називи на петокнижјето од Стариот завет. Овој наслов сосема кореспондира со хармсовскиот дух на игра, иронија и високо развиено самочувство (сè ми е дозволено, барем во поезијата, ми се може да ги уривам правилата, да ја разбијам монотонијата!). Таа е напишана, според објаснувачката фуснота на авторот, како екстатичен изблик, мигновено, а по повод на еден конкурс за текстови тематски поврзани со „еврејското прашање“. Конкурсот како институција би рекле дека е банален повод за една висока естетска цел, но во случајов (а не единствен) претставува кармички случај на иницијација во поезијата на младиот гимназијалец Кујунџиски. 

Меѓу другите, во оваа обемна книга поезија на Жарко Кујунџиски е, конечно, по повеќе од две децении од создавањето, објавен и циклусот рани песни „Трампање дискурси“, пишувани во периодот (1999 – 2001). Овој циклус од песни го шири или, со други зборови, го либерализира опсегот на играта во поезијата на метатекстуален, па и пародиски начин („на почетокот беше почетокот…“), кој му овозможува на поетот да си поигрува „со различни поетики, автори, лексика, дискурси и тематики“ (Кујунџиски, 2025, фуснота 2). Имено, во овој циклус песните во голема мера почиваат врз некој древен мито-поетски претекст: Утнапиштим, Троја, Итака, Голијат, Апокалипса, Понтиј Пилат, Он (алузија на Исус) Одисеј (песна од еден стих, „Се враќам!“)… 

Поезијата на Жарко Кујунџиски е субверзивна по однос на владејачките конвенции на поезијата врамена во идеалот на сеопштата симболичност (метафоричност), длабоката сериозност, интимност и универзалност. Кусата песна „Двобој“, на пример, точно ја рефлектира спротивставеноста на двете позиции (етички), едната експлицитна (позицијата на Јуда и неговиот стереотип на изневерата, предавството и неправдата, другата имплицитна, позиција на критичката мисла, на отпорот и „соочувањето“ со правдата: „Јуда на пусија / шеста со / капаци на мазгалките / глув бубаќ / во ушите / само така може / да го издржи / нашето соочување.“ На сличен начин, песната „Пристигање“ го доловува егзистенцијалниот ринг на којшто се одмеруваме, до крајни граници, со Другиот, со Него, со Тој, која – на крајот на краиштата – се претвора во Јас, во нас, во чинот на преобразбата, играта со заблудите, привидот, прелеста и фатаморганата на постоењето. Песната „Од другата страна“ го озаконува присуството на другиот: се гледаме себе, мислиме дека сме само ние сега и тука, ама секогаш има некој друг во тоа наше огледало на свеста и потсвеста, на биднината и небиднината. Оној Другиот кој нè одредува, судбински, колку и да е невидлив (паф, паф). Од друга страна, песната „Потрага по зборот“ алудира на песната „Раѓањето на зборот“ на Ацо Шопов, ама ја следи својата потрага по зборот кој е тука некаде и кога го нема. 

Може да се издвои и една група песни кои се прибежиште на анксиозноста на современиот млад човек. Така, на пример, песната „Црна Арапина го одзема сонот“ е устроена врз триаголникот на несоницата, немирот и стравот меѓу Болен Дојчин, неговата сестра и јаството (Јас) на лирскиот субјект препознаено како „Тоа“. Црна Арапина е синоним на зазорот, тремата и стравот од Моќникот, различен, непознат или скриен зад застрашувачкото име (пуф!) спомнато само во насловот, како репер од којшто ќе се процени идентитетот на другите ликови, особено Таа и Тоа… Песната сугерира дека не е доволно да се заспие за да се сонува, дека можеби треба да се биде буден за да се сонува. Песната за реинкарнираниот архетип на Црн Бог во ликот на Црна Арапина, наспроти некои стереотипни сфаќања, сугерира дека сонот му дава смисла на постоењето (пиииф), а несоницата е камен на спрепнување меѓу човекот и неговото битие (паф, паф!):  

Тој = Болен Дојчин
Таа = Сестра му
Тоа = јас
се мачиме да
заспиеме,
а кога ќе
заспиеме не
сонуваме.
Што ќе сме
си тогаш? 

Кон крајот на книгата се наведени и неколку подолги фусноти во форма на куси есеи и информации за постанокот на циклусите и други појаснувања (некои веќе спомнавме претходно во овој оглед). Фуснотите на Жарко К. ја објаснуваат „биографијата“ на неговата поезија, кога и како настанала, кога е објавена, какво е влијанието на публиката и аудиториумот за негово појавување на јавни настапи и да ја изведува својата поезија, кога ги објавува своите поетски книги, кои поетички модуси ги применува, како преминува од темата на „спротивниот пол“ (жената, творечката фаза под амблемот на „Сузан“ (2008, 2011), темата на градот, темата на предметите (2016), како се иницира во хаику поезијата и др. Во таа смисла, за читател кој за првпат посериозно и на куп, речиси интегрално, ја чита неговата поезија, тие објаснувања се мали, но значајни светилки на козјата патека на критичкото истражување, проценка и толкување. 

Пред читателот е книга која заслужува внимание и побудува љубопитство и задоволство во читањето. 

Катица Ќулавкова
18 ноември 2025  

Тагови од објавата
Напишано од
More from Катица Ќулавкова
0 replies on “Толкувачки коментари за поезијата на Жарко Кујунџиски собрана во томот под наслов „Сите сите песни паф“”