Целта на овој есеј е да се стави примат на пустиот остров како еден вид хронотоп во која е поместена централната временско-просторна функција на двете дела. Островот може да се согледа низ повеќе аспекти, имено како: 1) пример за утописки остров оддалечен од обичниот свет од чии ресурси јунакот (Робинзон Крусо, Силјан) создава свој вид утопија и се адаптира, 2) простор кој предизвикува успешна (духовна и општествена) трансформација низ одново себе откривање кај ликот преку неговото отуѓување од реалниот свет, 3) простор за имаголошко претставување на главниот лик наспроти Другоста, и 4) како еден вид затвор каде главниот лик ги искупува своите гревови и живее заедно со Другиот. За методологија ќе се послужиме со компаративното читање, за да ги откриеме овие заеднички слики и метафори. Блаже Конески (2011) во неговиот есеј ,,Совпаѓања“ наведува дека: ,,компаративната литература познава случаи кога без можност за влијание и пренесување, на различни меридијани и во различни времиња се јавуваат аналогни мотиви, слики, поенти. (34).
Островите како уникатни топоси биле присутни во усната и уметничката книжевноста од почетните денови на митовите и пишувањето. Меѓу таквите острови од античката и средновековната книжевност може да ги издвоиме старогрчката Атлантида, келтскиот самовилски остров Авалон, старогрчкиот Делос. Единствените белези на овие острови се нивната претстава како една граница на реалното и нереалното.
Од Ренесансата до Просветителството настанува значајна промена во историјата на човештвото. Со откривање на морски патишта до нови територии (Америка, Индија, Карибите, Западна Африка, Јужна Америка) започнува раст на територијалната експанзија, трговијата и општеството. Сепак, овие промени наоѓаат и свои одеци во останатите дисциплини: особено хуманистиката, како што се филозофија (Томас Мор со островот Утопија) и книжевноста (романот). Поради популаризацијата на морепловството, тоа станува главна тема во делата од 18 век. Меѓу нив спаѓаат ,,Робинзон Крусо“, ,,Гуливеровите патувања“, ,,Сентиментални патувања низ Италија и Франција“ и други. ,,Вистински процут доживува романот кој од ерата на просветителството до денес е водечки литературен вид. Основни теми во него се патувањето, воспитувањето, односот кон осознавање на светот (Исто: 80).
Робинзон Крусо и Силјан Штркот се навидум две различни книжевни дела, но сепак имаат сличности кои ги поврзуваат. Првата сличност е жанрот, Робинзон Крусо е првиот англиски роман, додека Силјан штркот е најдолгиот македонски расказ, кој може да се смета и за новела. Двете приказни како основа го земаат библискиот мотив на блудниот син. ,,Приказната за човекот исфрлен на пуст остров е добро позната, неговото име е станато универзален симбол за човекот оттуѓен од останатиот дел на општеството, тема која е дури поактуелна и модерна од времето кога романот Робинзон Крусо е настанат, раниот 18 век” (Дамјаноски, 2012: 464). Причината за казната на Робинзон Крусо и Силјан штркот е иста: непослушноста кон татковата фигура. Последователно, Силјан и Робинзон тргнуваат на пат со брод, но настанува бродолом и тие се единствените кои преживуваат и се наоѓаат на пуст остров. Значи бродоломот како казна го претставува третиот заеднички елемент. Додека четвртата сличност е пустиот остров кој ги искушува вештините на јунаците да преживеат на места во изолираност далеку од општеството.
,,Силјан штркот“ е најдолгата македонска народна приказна запишана од народниот раскажувач Марко Цепенков, која претставува еклатантен и блескав пример за неговото раскажувачко мајсторство. Конески наведува дека Цепенков ,,е нешто повеќе од обичен регистратор на народните умотворби” оти тој при запишувањето честопати ,,интервенирал и го видоизменувал слушнатото според своите поетички и естетски критериуми – Конески тоа го нарекол ,,пресоздавањето на чуеното” (Стамески, 2021: 150).
Главниот лик на расказот е Силјан од Мало Коњари, кој им се спротивставува на татковиот збор, наместо да се посвети на брачниот живот и работата, тој оди по меани и безделничи катадневно. Силјановиот татко Божин го прекорува за непослушноста и му раскажува за непослушните и разгалени брат и сестра кои биле претворени во птици поради родителската клетва. Еден ден Силјан го напушта домот, се среќава со еден духовник. Двајцата заедно одат на аџилак и отпловуваат. Во еден миг настанува бродолом и Силјан останува единствениот преживеан и се наоѓа на пуста ада. ,,Некое време се сетил оти е на суво и просто, та се прекрстил и Богу се помолил дека го избавил”. (Цепенков, 1990:8). Меѓутоа, Силјан ќе стигне на долна земја, и ќе се соочи со луѓе кои говорат нејасен јазик – кој не е човечки. Тој ,,чул од луѓе зборови, арни ама ништо не разбрал од тие зборови, така му се чуло, како кога да кљакаат штркови. Се уплашил сиромав Силјан едно чудо, чунки си рекол со умот и ќе бидат некои ѕверови”. Меѓутоа откако забележал дека е туѓинец меѓу нив отишол кај нос со ,,прекрстени раце и солзи на очите…Го виделе Силјана мажот и жената, ги оставиле косите и си проговориле помеѓу си со нивниот јазик и се насмеале” (Исто:10). По оваа средба, Силјан ќе разбере дека тие не се обични луѓе, туку луѓе-штркови и дека нивната метаморфоза од луѓе во штркови и обратно е благодарение на изворите од земјата за да можат да го долетуваат до Мало Коњари.
Силјан ќе биде принуден да се посвети на полската работа, да се претвори во штрк, и да лета во јато со чудните жители до своето село. ,, Целото лето тамошно што му работил по полцките работи на Аџиовците, и тие многу го честеле и го гледале като свој чоек. (Исто: 19). За време на неговата преобразба во штрк на далечното место, ќе го гледа неговото семејство како живее, и синот како расте без негово присуство низ очите на Другиот.
,,Бидејќи било многу рано, уште не беа разбржале куќните луѓе, само татко му беше излегол во дворо, сопрво него го видел и од жал што му паднало, се расплакал. За Силјана и напре немало работа и сега немало, при се што сега му се смилила работата и куќата; арно ама требало да си трга џезата што го колнале татко му и мајка му.” (Исто: 16).
Особено трогателни се сцените кога Силјан престорен во штрк се враќа во домот и се појавува пред неговите татко и син додека работат. Не знаејќи дека Силјан е престорен во штркот, неговиот син му ја удира ногата со стап, додека Божин му ја повредува главата. После долго време работење и живеење на чудната земја тој одлетува до неговото село, вратен како променет човек со различен однос кон работата и семејниот живот. Неговиот краткотраен премин од човек во штрк ги означува неговата психолошка трансформација и созревање. Тренчовска (2012) посочува дека ,,штркот е симбол на почитување на синот кон таткото, односно симболика на синот кој ќе го гледа и ќе го храни својот татко”(4). ,,Од почетниот дел на приказната, јасна е индивидуализацијата на Силјан преку отпорот кон традиционалните вредности… Меѓутоа на крајот иако Силјан се вклопува повторно во општеството и ги прифаќа традиционалните вредности, сепак забележлива е мисловната и емотивна трансформација (Стамески, 2021:158).
,,Робинзон Крусо“ претставува првиот реалистичен роман во англиската литература, издаден во 1719 за време на просветителството. Овој роман е создаден ,,според реалната приказна на шкотскиот морнар Александар Селкерк кој четири години минува сам на ненаселен остров.” (Тотев, 2021: 81). Главниот лик Робинзон оди против зборовите на татко му да се откаже од опасниот живот во морепловство и да стане правник. Младиот Робинзон оди на неколку патувања, меѓутоа за време на едно патување настанува бродолом и Робинсон е единствениот кој е останат жив на пуст остров. Имено, тој го започнува неговиот нов живот и гради дом на островот. Тој се зафаќа за макотрпната работа, правејќи куќички, кајаци, ловење риба, правење оган и одгледување животни за да обезбеди суштествување. Односно, осаменоста на островот го учи да направи дом од ништо, свое кралство ex nihilo. Сите овие премрежја во неговиот живот му ги припишува на Божјата волја. Поради тоа, Робинзон Крусо ревносно се посветува на молење и искажување на љубовта кон Бога, обзирајќи се кон убавината и скромноста на дивата природа на островот. Покрај тоа, тој исто и своето време го поврзува за првиот ден на неговиот престој на островот.
„Наскоро откако се доселив на островот, одеднаш ми текна дека ќе ми се измеша времето и дури и ќе престанам да ги разликувам неделите од далечните дни, ако не направам календар. Календарот го направив вака: Со секира изделкав голема греда и ја забив во песокот на брегот… На тој начин го водев мојот календар, одбележувајќи ги дните, неделите, месеците и годините.”
Подоцна во неговиот престој, Робинзон открива покрај него присутно е и домородното човекојадно население, од чии раце ќе го спаси домородецот Петко. Колонијалниот дискурс е присутен во односот помеѓу Крусо и Петко (Другиот), но Крусо не зазема став како негов господар, туку како татко и го учи за христијанството. Слично на случајот со Силјан, времето поминато на пустиот остров психолошки го променува ликот на Робинзон, претворајќи го во вредна и побожна личност, која може да си обезбеди своја егзистенција. После дваесет и осум години поминати во туѓина, Робинзон Крусо се враќа во неговата татковина и започнува нов живот како нова личност.
Пустиот остров како хронотоп
Островите веќе не се места кои се само топос на фантастиката и натприродното, туку обични географски и далечни пространства кои го изолираат протагонистот од општеството. Последователно тие го принудуваат главниот јунак на (физичко и психолошко) искушение на неговата издржливост и економичност. ,,Всушност, во многу книжевни дела со островска тема осаменоста на јунакот трае кратко – врската со татковината постојано се наметнува. Токму без таа непрестајна споредба не би можеле да се преобразат и „искупат“ ниту Крусо, ниту самиот остров, како што ќе видиме подолу (Kneale, 2017: 4). Иако островите одамна се поврзуваат со натприродното – од Кирка до Просперо – по појавата на Крусо модерниот книжевен остров станува простор на самопреобразба и искушение (Kneale, 2017: 5).
Хронотопот најдобро може да се објасни како ,,суштинска заемна врска на временските и на просторните односи, уметнички преобликувани во литературата” (Хаџи-Бошкова, 2015: 39). Хронотопот според етимологијата означува време-простор. Според систематизацијата на хронотопот кај Бахтин, расказот Силјан Штркот најдобро се вклопува во вториот вид хронотоп како ,,Златното Магаре” на римскиот автор Апулеј. Книжевната теоретичарка Искра Тасевска, (2015) ги напоменува сличностите помеѓу овој вид роман, како и кај авантуристичкиот антички роман, кои се вткаени низ текот на времето и метаморфозите на ликовите (42-43). Уште на преминот меѓу фолклорниот запис и самостојниот книжевен текст, во „Силјан штркот“ на Марко Цепенков, пред нас се отвора просторот на еден свет кој е организиран според митската шема на иницијацискиот ритуал. (Урошевиќ, 2012). Водејќи се според концептот за митската оска (axis mundi) компаратистот Влада Урошевиќ го поставува островот на Силјан како централна точка на неговиот микрокосмос. Во прилог на ова тврдење, Лидија Капушевска-Дракулевска наведува дека оваа народна приказна е ,,бајковно трансформиран мит за иницијациското преминување во повисок степен на егзистензија со дидактичко-моралистичка функција. (Капушевска-Дракулевска, 2025: 133-134). Служејќи се со лексиконот на филозофот Мишел Фуко, пустиот остров можеме да го наречеме и хетеротопија. Хетеротопија е всушност спротивно на утопија, тоа се ,,вистински места – места што постојат и што се формирани во самата основа на општеството – еден вид ефикасно остварена утопија во која сите други вистински места што можат да се најдат во рамките на културата, се истовремено претставени, оспорени и направени”. (Foucault, 1991: 3). Пустиот остров е пример за хетеротопија бидејќи е вистински простор кој е наменет за одново создавање и е реална спротивност на имагинарната утопија (Kang, 2025: 98).
Оваа пуста ада (речен остров), на која е заробен Силјан, претставува контраст на Силјановиот дом во Мало Коњари кога мечтае за неговото родно место. ,, ,,Сполај ти, Господи, сполај ти оти сонцево грејт од кај што заоѓат овде! Чудна земја ќе биди оваа – си рекол сам со себе – зер долна земја ќе бидит оваа! Ејди јас сиромав, нема за мене избавиште и одење веќе во Коњари. Ах село златно, ах град Прилеп златен, дали ќе ме донесит Господ уште еднаш тамо!” (Цепенков, 1991: 9). Изолираноста и географската дистанцираност на островот заедно со чудните жители кои ја претставуваат Другоста го трансформираат Силјан надворешно и внатрешно со цел да се адаптира на околината.
Аналогно, пустиот остров кај Робинзон Крусо исто така претставува обред на премин кој ја испитува издржливоста и економичноста на јунакот. Оддалеченоста на островот на која нема трага од човечка цивилизација го принудува Робинзон да се открие самиот себе, доверувајќи му се на Бога и да доживее целосна психолошка трансформација. ,,Адаптирањето на Крусо на островот открива како еден човек се избавува од состојбата на духовна напуштеност така што го исполнува островот со сите потпори на цивилизираниот живот. Неизоставен дел од интегрирањето на тие „потпори“ во неговата средина се претставите за умешност и досетливост, но и за моќ. (Marais, 2011: 107). Преобразувањето на просторот има и психолошка димензија, што се манифестира преку начинот на кој Крусо се прилагодува на животот на островот. (Исто: 109). Просторијата на островот како хетеротопија, всушност му дозволува на Робинзон Крусо да ја промени нејзината динамична слика. (Kang, 2025: 105).
Кога станува збор за сличноста на симболите во овие две дела ги издвојуваме следните. Патувањето по море на кое двајцата тргнуваат го означува нивното оттуѓување од луѓето и општеството. Морето пак означува антипод на домот и копното. Морето (островот) е псевдо-ветена земја, територија која примамува со својата привлечност и можност за нов живот, но всушност е извор на искушение за неискусните во која демнее нестабилност, опасност и неизбежна пропаст.” (Дамјаноски, 2012: 467). Бродоломот претставува ,,симболична смрт со која завршува нивниот претходен живот на грешник”. Со самиот чин на потонување во морето, водата ги прочистува од нивните претходни гревови и ,,исчезнуваат сите траги на нивниот стар, но и грешен идентитет, тие доживуваат едно прочистување и од водата излегуваат како нови луѓе кои започнуваат нов живот, еден вид на симболично крштевање во водата.” По бродоломот тие се наоѓаат изолирани во симболичното чистилиште – пустиот остров”. Место каде што треба да го поминат остатокот од своите години во каење и искупување за своите гревови (Исто: 467, 472)”. Како што поминуваат деновите, Силјан и Робинзон го согледуваат островот како антиподна претстава на топол семеен дом. Во состојба на изолираност и осаменост од општеството, јунаците наоѓаат спас и надеж во Бога заблагодарувајќи му се за нивниот живот. Моралниот момент е во согласност со догмата на христијанството. Тој не е само присутен во монолозите на главните ликови кога му се обраќаат на господ, туку и кај ликовите со кои одат на аџилак. Тие ликови се капетанот на првиот брод на кој се качува Робинзон, и духовникот со кого Силјан тргнува да оди на Аџилак. Тие претставуваат духовници и еден пар татковски фигури (467). Меѓутоа, штом Робинзон и Силјан ќе продрат подлабоко во природата на островот, откриваат дека не се сами и се соочуваат со припадници на егзотичниот Друг (Луѓето-штркови и домородецот Петко). Го употребуваме зборот Друг, оти тие се антипод на главните ликови во физичка и метафорична смисла. Луѓето-штркови како долната земја се на физичка граница помеѓу реалното и чудесното, тие не говорат на вистински јазик, туку само кљукаат. Петко пак е спротивен на Робинзон Крусо, кој како белец е симбол на цивилизираниот западен свет. Наспроти разликите, Робинзон Крусо го учи Петко да го говори англискиот јазик и за христијанството. Додека, Силјан соработува со луѓето-штркови и заедно водат аргатуваат и летаат до Мало Коњари.
Компаратистот Владимир Мартиновски (2014) ја истакнува димензијата на овие острови каде доаѓа до соочување со Другоста, низ иницијацијата. Тој наведува дека на престојот на островот настануваат клучните преобразби на ликовите, предизвикани од средбата со Другиот и непознатото. По средбата со Другите (штрковите кои на островот живеат во човечка форма, но кога патуваат кон копното се претвораат во штркови), Силјан претрпува големи промени во своето однесување” (39). Во прилог на ова тврдење, Милан Дамјаноски (2012) наведува дека ,,најважниот чекор кон искупувањето на своите гревов е воспоставување врски со човештвото преку прифаќањето на луѓето кои се различни и надминувањето на стравот од различноста” (468).
Овој текст можеме да го заокружиме со цитатот на Владимир Мартиновски за архетиповите на овие острови и нивното влијание врз ликовите од книжевните дела. Тој наведува дека посетата на ваквите острови резултира ,,со симболична смрт на претходниот статус и со ‘преродби’, преобразби и (ре)конструкција на идентитетите на протагонистите”. Исто така дека можеби ,,привлечноста на островите, не само во литературата туку и во самиот живот, лежи токму во оваа преобразувачка моќ” (Мартиновски, 2014: 41).
Користена литература:
Кирилица
Конески, Б. 2021. Светот на песната и легендата есеи и прилози. Скопје: Сигмапрес.
Дамјаноски, М. 2012. „Мотивот на блудниот син во „Робинзон Крусо“ на Д. Дефо и „Силјан Штркот“ на М. Цепенков“ – Годишен зборник г. на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, 2012, 463-475.
Капушевска-Дракулевска, Л. 2025. ,,Марко Цепенков и генезата на македонскиот фантастичен расказ” во Писма и поетики. Скопје: Антолог.
Мартиновски, В. 2014. ,,Симболизмот на островите на птиците (Островот на пингвините на Анатол Франс и „Силјан Штркот “на Марко Цепенков)”. Context/Контекст, (12), 37-43.
Стамески, Т. 2021. ,,Марко Цепенков и генезата на македонскиот уметнички расказ”. Марко Цепенков, македонската народна култура и фолклористиката (Зборник на трудови од Научниот собир по повод 190 години од раѓањето и 100 години од смртта на Марко Цепенков). (Прир: Катица Ќулавкова). Скопје: МАНУ, Институт за фолклор ,,Марко Цепенков”, 149-163).
Тасевска, И. 2015. Бахтин и стилското разногласие во македонската литература. Скопје: Македоника Литера.
Тренчовска, С. 2012. Силјан штркот како психоаналитичка приказна. Makedonska lozha. https://makedonskalozha.wordpress.com/tag/%D1%81%D0%B8%D0%BB%D1%98%D0%B0%D0%BD-%D1%88%D1%82%D1%80%D0%BA%D0%BE%D1%82-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BF%D1%81%D0%B8%D1%85%D0%BE%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%82%D0%B8%D1%87%D0%BD%D0%B0-%D0%BF/. (Пристапено на 10.10. 2024),
Урошевиќ, В. 2012. ,,Митската оска на светот”. Makedonska lozha. https://makedonskalozha.wordpress.com/2012/12/09/mitskata-oska-na-svetot/. (Пристапено на 05.10.2024).
Цепенков, М. 1990. Силјан штркот и други македонски народни приказни. Приредил: д-р Томе Саздов. Скопје: Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, Детска радост.
Латиница
Foucault, M. 1997. “Of Other Spaces: Utopias and Heterotopias”. In: Rethinking Architecture: A Reader in Cultural Theory. Neil Leach (Ed.) NYC: Routledge. pp. 330-336.
Kneale, J. 2017 “Islands: Literary geographies of possession, separation, and transformation”. In: Tally, RT, (ed.) The Routledge Handbook of Literature and Space. (pp. 204-213). Routledge: London, UK.
Marais, S. 2011. “Converted Spaces, Contained Places: Robinson Crusoe’s Monologic World” Journal of Literary Studies, 27(1):102-114. DOI:10.1080/02564718.2011.557229.
Kang, W. 2025. “Heterotopos of desert island”. Kritika Kultura, 46, 98–113 https://archium.ateneo.edu/kk.
