Четвртата Мојра

Разочарана од игнорантноста на мештаните, слепилото со кое тие ја прекриваат одговорноста, Јанина поставува прашања што ја надминуваат проблематиката на локалното. Зошто тој живот, прашува Душејко, е ништожен во споредба со човечкиот?

Скрши го овој тежок оков / Што коските да ги заледи брза. / Суета! Себичен опков! / Вечен отров! / Што чиста Љубов со ропство врза.  – „Одговорот на земјата“, Вилијам Блејк

Виртуоз на митографската проза, прониклива и смела, Олга Токарчук, несомнено е една од водечките фигури на современата полска книжевност. Занимавајќи се со прашања што ја испитуваат комплексноста на човечките битија, нејзиното писмо, меѓудругото, прераснува во чин на пркос и отпор. Концептот на unus mundus, како што кажува и самата таа, e обединувачката идеја што се провлекува низ нејзиниот литературен опус. Навраќајќи се кон единството и целоста, романот „Терај си го плугот по коските на мртвите“ демистифицира еден аспект на злото и според тоа го артикулира поимањето на смртта.

Секојдневието на двајца изгнаници е нарушено откако смртта започнува да се шири како зараза. Во рурална Полска, близу чешката граница, под мистериозни околности се пронајдени труповите на неколкумина локалци. Отсуството на јасен мотив, една интригантна жена, ќе го замени со сомнителна, но впечатлива хипотеза – разјарените диви животни, најпосле, се одмаздуваат за неправдите нанесени врз нив.
*
Поттикната од серијата злокобни случувања што ја зафаќаат таинствената висорамнина, Божигнева започнува сопствена истрага. Користејќи ги космограмите на откриените мртовци како патоказ, таа ги расчистува неразјаснетите траги. Она што започнува како наплата на кармички долг, а се претвора во надреална конспирација, на крајот завршува како спроведување на волјата на Јустиција.

И покрај вистинитоста на секој еден збор од овие две можни читања на мистерија наспроти мистика, дубиозното упростување на фабулата не успева во намерата да го постави фокусот кон вистинскиот објект на анализа. „Терај си го плугот…“ е повеќеслоен ракопис што функционира на неколку рамништа и не се ограничува во точно определени жанровски рамки. Неизвесноста како карактеристичен трилер елемент оди во прилог на заплетот, меѓутоа, тој не се потпира на whodunit приказна и форма, туку врз морално-етички дилеми и аргументирана пресметка.

Јанина Душејко, осаменичка оддадена на својот езотерично-окултен свет, е централниот лик и нараторот којшто ќе ја покрене полемиката за антропо наспрема екоцентризмот. Човечкото влијание врз биодиверзитетот и животната средина ја предизвикува причинско-последичната врска што се обѕрнува во деструкцијата. Заслепеноста од заблудата за првидната супериорност на човекот над животните, поттикната единствено од егото, ја затапува свесноста за меѓусебната зависност и води до понор.

Јанина е жена која верува во темелите на солидарност и грижа, затоа насилството над животните го доживува со силна душевна болка. Разочарана од игнорантноста на мештаните, слепилото со кое тие ја прекриваат одговорноста, поставува прашања што ја надминуваат проблематиката на локалното. Зошто тој живот, прашува Душејко, е ништожен во споредба со човечкиот? Убивањето стана неказниво, продолжува таа, а бидејќи станало неказниво, никој веќе не го забележува. Што свет е ова каде норма е убивање и болка? Токарчук ги проблематизира политичкото и механизмите на моќ и оттаму ова дело се гледа како опит за ангажирана литература. Имајќи го предвид нејзиниот активизам и верувањата на кои истиот се темели, тешко е да се дистинкцира и дефинира од каде започнува ставот на нараторот, а каде завршува гласот на авторот.

Откако светоста на шумата е извалкана, по неправедните борби и ловокрадството, животинскиот суд носи одлука да му се одмазди на човекот така што ќе си препише антропоморфни атрибути. Тој не може да се сокрие од космичкиот поредок, со заговорот на срните, ловџиите стануваат предмет на гонење. Тврдењето на Јанина ги надминува законите на светот каков што го знаеме и навлегува во некаков магичен реализам, но и покрај тоа што луѓето околу неа гледаат сомничаво кон овие зборови, нивната недоверба не успева да ја поколеба и замолчи. Напротив, лутината и гневот ѝ го зајакнуваат гласот. Обземена не од парализирачки страв ами од правдољубивост, своите астролошки истражувања ги насочува кон разрешување на загатката.

Влијанието на констелациите, астролошките аспекти и Ефемеридите имаат за цел да ја разобличат морничавата енигма. Заради тоа што не робува на ничие мнение и е ослободена од очекувањата на другите, Јанина отстапува од нормите и замислата што околината ги има за повозрасните жени. Доследноста во нејзиното дејствување често предизвикува нетрпеливост во релациите со другите луѓе, зајакнувајќи ги потсмешливите родови стереотипи. Иако е сфатена како ексцентрична средновечна бунтовничка, во неа непрестано тлее љубопитноста и желбата за правда што ја прави непоколеблива во борбата со системот.

Наративот на селективноста (преку половична емпатија, селективниот слух на власта и парцијалната справедливост), ја имплицира и темата за страдањето, не само во форма на сочувство, туку преку манифестација на непријатни телесни симптоми. Болката и односот кон телото како проблематичен багаж се доказ за распаѓањето, заробеноста и смртноста. Прибегнувајќи од извештаченоста на совремието, повлекувајќи паралели меѓу отцепеноста од светот и отуѓеноста од природното, „Терај си го плугот…“ ја преосмислува идејата за (не)човечноста покрај деструктивната природа на човекот.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Јованка Пачовска
Кон „Министерство на болката“ од Дубравка Угрешиќ
Откако го напушта домот во Загреб, Тања Луциќ, професорка по книжевност, се...
Повеќе
0 replies on “Четвртата Мојра”