ЕСЕНИН: ЖИВОТ, ВОСХИТ, ЛЕГЕНДА НА СУРОВОСТА
1.
Сергеј Есенин е поет кој ѝ припаѓа на една славна плејада руски творци кои зрееја во виорот на историските настани од почетокот и првите децении на XX век: Првата светска војна — дотогаш најголемата човечка кланица, Октомвриската револуција која, според Џон Рид, го потресе светот и суровата граѓанска војна во штотуку испилениот Советски Сојуз. Таа плејада (Мајаковски, Хлебников, Цветаева, Пастернак, Ахматова, Борис Пиљњак, Мандељштам, Северјанин, Сологуб…) автори и авторитети, сите со ред го платија цехот на новото време, а нивното дело не само што го издржа туку и го надмина столетието во кое се создаваше. Местото на Сергеј Есенин е меѓу нив, поет, навидум спротивен од тогашните поетски заложби, бидејќи цивилизацијата, железото, бетонските градби, сивите контури на градовите за него претставуваа зло коешто се спротивставува на „идеалите на исконската природа“. Неговата поетска слика што е во постојано движење, во преобразба, не е изградена само од визуелни, туку и од звуковни елементи кои ја зголемуваат динамиката на сликата, така што, наспроти другите „селски поети“, кои останаа во калта на фолклорните славопојки и жалопојки, Есенин дејствува како модерен и актуелен поет.
По разни поводи и годишнини, не само во Русија, се навраќало кон овој поет. За неговата популарност во еден добар дел придонесува и неговата несекојдневна и романескна биографија, која во многу нешта е завиена во превез на мистерии и шпекулации. Веднаш по неразјаснетата смрт, новинарите побрзале и се натпреварувале кој повеќе да пласира измислици за неговиот живот и неговиот трагичен крај. Неговиот лик предизвикувал еуфорија мeѓy тогашната младина и последните стихови: „Во овој живот не е ново да се умре / но и да се живее не е ново исто така“, според Мајаковски, многумина довеле до нож и револвер.
Наспроти новинските измислици и лажните пријатели, се јавиле и оние, вистинските пријатели, кои за време на неговиот живот не го следеле по кафеаните и не се гостеле на негова сметка, но длабоко ја чувствувале неговата поезија и се ставиле во заштита ликот на поетот. Еден од нив е и Борис Пастернак, кој во една пригода ќе запише: „Воедно Есенин беше жив, артистоиден дамар кој заедно со Пушкиновиот го викаме виш моцартовски принцип, моцартовска стихија“. И ќе додаде: „Есенин кон животот се однесуваше како кон бајка. Тој, како принцот Иван го прелета океанот на сивиот волк и како жар-птица се фати за опашката на Исидора Данкан. И песните ги пишуваше како во бајка: де ги составуваше пасијансите од зборови како од карти де ги запишуваше со крвта од срцето“.
Есенин, кој, како што ќе рече и самиот, сета своја душа ја вплел во буквите и во литературата, ќе остане како ненадминат мајстор на лирскиот пејзаж и на лирското откривање на душевните мистерии. Тој над стиховите не работел како човек, туку како орган што го создала природата. Постојано животот го носел кон непознатото, а тргнувал од „зелените бранови на житата“ и крупните залези на месечината. Во последните месеци од животот често ја рецитирал поемата „Црниот човек“ која претставува вистинска сурова и трагична творба на една лирска индивидуа. Тој трезен реализам во неа на едно место ја собрал сета негова животна и трагична авантура: поетот пред јавен суд ги изнесол сопствените скриени побуди и ги ставил на безмилосна анализа кризните душевни разногласија. Многумина во таа поема ја виделе судбината на поетот.
Сергеј Есенин е саможртва на сопствената несреќна младост, на сопствените недоразбирања, на душевната папсаност, на свирепото време кое никако не навикнало на таа природна харфа. И токму во замаглените превези што ја обвиткуваат неговата судбина, треба да се бараат причините за трагичната смрт ноќта помеѓу 27 и 28 декември 1925 година во петроградскиот хотел „Англетер“.
Светската литература познава многу поети што прерано преминале во бестелесна состојба: Новалис живеел само деветнаесет години; Лотреамон, дваесет и три години; Џорџ Хајм, дваесет и пет; Китс, дваесет и шест; Георг Тракл, дваесет и седум; Марлов, дваесет и осум; Џилберт, дваесет и девет; Шем и Есенин, по триесет години. „Но феноменот Есенин никогаш нема да се повтори во светот. Тој просто застана во триесеттата и таков остана на планетава, вечно убав и вечно млад“.
Горчливиот пат до бесмртноста Есенин го доодел ноќта помеѓу 27 и 28 декември 1925 година како триесетгодишник, во време кога конечно стекнал сенародно признание: неговата популарност сѐ повеќе растела, кога со ГОСИЗДАТ, најголемата државна издавачка организација од која зависел и рејтингот на еден писател, потпишал договор за објавување на собраните песни, и за тоа време, највисок хонорар, кој би му обезбедил сигурна егзистенција за извесен период. Нестрпливо го очекувал излегувањето на првиот том: — Ете, — велел со восхит — во Русија скоро сите поети умираат без да ги видат своите собрани дела. А јас ќе ги доживеам. Ќе ги видам!
Живеел за љубовта и за поезијата, скитал оддавајќи се на виорот на времето, бидејќи не можел да живее со револуцијата, сите љубовни и душевни спорови ги сведувал на тоа дека „започна новата ера која донесува преобразба во сѐ, уверен дека е несфатен за сѐ, незадоволен од интимниот живот, дружејќи се со проблематични намерници, пијаници и боеми (сестра му, Александра, ќе запише дека тој не бил боем, туку се дружел со боеми) станал забележителен и за чуварите на редот, кои неретко го провоцирале и го вовлекувале во разни скандали, така што врз неговиот живот и поезија надвиснала вечната загатка на прокобата. И тој, како многумина негови претходници, не се порадувал на собраните дела — првиот том излегол неколку месеци по неговата трагична смрт. Излегол од животот, како што забележале поголем број негови современици, револтиран, незадоволен, разочаран (поставувале прашање) дали и уморен? Дали неговиот огромен талент не можел да ја издржи неговата духовна и физичка сила или во прашање е нешто друго?
Од проучувањето на криминологот Едуард Хлисталов, кој дел од својата професионална работа ја посветил на расветлувањето на смртта на Есенин, може да се види: „Ниту лекарот што се нашол на местото на случајот, ни судскиот медицински експерт Гиларовски А.Г. не констатирале дека Есенин С.А. извршил самоубиство“.
Веста за самоубиството, со еден ден задоцнување, бидејќи се очекувало официјално соопштение од власта, први ја пласирале новинарите. Иако не располагале со официјално соопштение за вистинските причини за смртта, самоуверено изјавиле дека Есенин извршил самоубиство. Зошто постапиле така? Очигледно, чекале дозвола од властите, но штом не ја добиле, почнале во печатот да пласираат разни измислици за кобната ноќ во „Англетер“.
Соработниците на второто одделение на полицијата во Петроград дури на 26 јануари 1926 година, иако не вршеле посебни истражувања, донесле официјално решение со кое се прекинува понатамошната истрага на случајот Есенин „заради непостоење кривично дело“. Со тоа на новинарите, на весниците и списанијата им биле одврзани рацете: започнал вистински натпревар во барање на што поуверливи докази за самоубиството на поетот.
Што, навистина, се случило ноќта помеѓу 27 и 28 декември 1925 година во соба број 5 во хотелот „Англетер“? Дали станува збор за самоубиство или за убиство?
2.
Во 1995 година, по повод стогодишнината од рaѓaњето на гласовитиот поет-метеор, Сергеј Есенин, чиј блесок се повторува со секоја нова генерација и, колку што одминува времето тој блесок сѐ повеќе импонира со својата јаркост, во весникот „Нова Македонија“, во десет продолженија објавив фељтон за неговиот живот, во кој вниманието беше свртено кон противречностите околу неговата смрт. Главниот извор на тогашниот мој интерес беше книгата на криминологот Едуард Хлисталов: „Тринаесет кривични дела на Сергеј Есенин“ изд. „Русланд“, 1994 година, итно набавена од моите руски пријатели.
Оттогаш на моја адреса пристигнаа повеќе книги и други публикации, објавени во последната деценија од минатиот век за Есенин, главно фокусирани околу предметниот интерес. (Еден од нив, кој богато ме снабдуваше со најнова литература, е и поранешниот амбасадор на Р. Македонија во Русија, академик Гане Тодоровски). Испишани се илјадници страници од многу есенинолози, кои длабоко се сомневаат во самоубиството на поетот и постојано презентираат нови докази и архивски материјали што уверливо ја оспоруваат официјалната верзија за неговата смрт. Некои сметаат дека „нарачател“ на убиството на поетот е лично Лав Троцки, кој од тајната полиција побарал „да му одржи лекција на поетот“, бидејќи „поетот и револуцијата не биле од иста крв“, односно интернационалното комунистичко гледиште било во своевиден антагонизам со селскиот национализам на Есенин. (Виктор Кузњецов „Тајната за убиството на Есенин“). Таа повторна актуелизација за смртта на Сергеј Есенин, којашто се јавила како резултат на попуштање на шевовите на строгоконтролираната комунистичка империја во почетокот на 1998 година, ја поттикнала неговата внука, Светлана Есенина, до Јавното обвинителство на Русија да поднесе барање за повторно отворање на истрагата околу неговата смрт, но тоа било отфрлено.
Во оваа прилика, моето навраќање кон отвореното прашање околу поетовата смрт, го обуслови насловот „За Есенин, повторно“. Овој пат на располагање имам повеќе литература, нови информации и сознанија, но над сѐ лебди магливото повесмо на мистериозниот чин, како за проучувачите на Есенин, така и за стручњаците по криминологија, кои се обидуваат да го расветлат овој настан. Затоа, уште еднаш ќе го проследиме неговиот живот, особено осврнувајќи се на оние години кога неговиот живот стана потврда дека во виорно време страда поетот и поезијата, не од судбината налегната врз сопствената лира, туку од суровото око на власта што го следи во секој миг, од суровото око на апсурдната власт, би додал.
Есенин се родил пет години пред почетокот на ХХ век, на 21 септември (3 октомври, според новиот календар) 1895 година, а во Москва дошол во матните и виорни години на почетокот од новиот век. Во меѓувреме детството го поминал во рјазанското село Константиново, кај дедото Фјодор, строг и незгоден старец, „секогаш со вотка во очите“, бидејќи неговите родители не живееле сложно. За својот дедо секогаш се изразувал позитивно, тој бил „сјајна личност, широка природа, мудар старец“ и совршено ја знаел религиозната усна литература, значајна основа во творештвото на идниот поет, додека на баба му Наталија ѝ бил љубимец; таа секогаш го шетала по околните манастири. Живеел и растел во строго религиозна фамилија, во магичен свет на преданија и легенди. Но во неговото детство имало „необични и остри промени“, како што подоцна кажува самиот поет. Неговиот живот „на улица“ сосема се разликувал од „домашниот“, а во него го воведувале тројцата „незгодни, палави вујковци“ и неговите врсници со кои разурнувал птичји гнезда; од шумата дома не се враќал по неколку денови, влегувал во бавчи и често се враќал раскрвавен.
Во училиштето покажал одличен успех, потоа се запишал во црковно-учителската семинарија на староверците во Спас Клептовиот манастир. Таму Есенин, под влијание на добриот учител по литература, ги напишал и првите песни кои и денес ни се познати. Извесно време и самиот им бил учител на оние деца чиишто родители го исповедувале христијанството надвор од официјалната црква и христовата наука ја проповедале во најчиста форма. Отприлика тој е неговиот живот во родното село, кој во иднина ќе биде најинтимното катче на неговиот внатрешен свет, што најреално го определува неговото творечко сознание.
Првпат во Москва дошол за време на летниот распуст, во 1911 година, а следната година, како завршен ученик во црковно-учителското училиште, дошол со намера да се запише на Педагошкиот институт. Летото работел кај татка си (кој во Москва имал месарница), но набргу по некој вербален судир го напуштил. Материјално нестабилен и на улица решил да тргне по патот на литературната слава. Поетот Иван Белоусов го вовел во литературно-музичкиот кружок „Суриков“ што му овозможило вработување во печатницата „Ситин“, отпрво како доставувач, а потоа како коректор. Тогаш ги објавил и своите први песни во детски списанија.
Во 1914 година се запознал со Ана Романова Израдовна и набрзина склопиле брак, романтичен и занесен, бидејќи и двајцата не биле дораснати и созреани за брачните обврски.
Го добиле синот Јуриј (1915 — 1937); кого бунтовниот тем перамент подоцна го одвел во сталиновите логори и во 1937 година бил стрелан. Пред стрелањето извикал: „Убијте ја таа грузиска свиња!“
Иако, работејќи во печатницата „Ситин“, Есенин се доближил до прогресивното работничко движење и длабоко завлегол во водите на „Демократската средина“ (на двапати бил претресуван неговиот стан, а неговата антимилитаристичка поема „Чавка“ уште при сложување била конфискувана од полицијата, до денес таа не е позната), единствена негова јасна мисла и цел била достигнување на врвовите на руската поезија.
Првиот московски период не бил наклонет кон младиот поет. Се чувствувал осамено и во себе ги испитувал можностите по кој пат да тргне, што да прави, дури и како да започне нов живот. Единствен човек со кого ги делел своите расположенија, мисли и неодлучности бил другарот од детството, Гриша Панфилов. Писмата испратени до него (зачувани се деветнаесет) се значаен, важен и неисцрпен документ за младешките интереси на поетот, за неговото духовно оформување, за неговите погледи кон светот: „Се изменив во погледите. И луѓето почнав да ги гледам со други очи. За мене е гениј човек од збор и дело, како Христос. Сите други, освен Буда, се блудници што паднале во бездната на развратот. Се разбира, јас имам симпатии кон тие луѓе“. Или: „Живот… Јас не сум во состојба да ја сфатам неговата смисла, впрочем, ни Христос не ја сфатил целта на животот. Тој само покажал како треба да се живее, но што може со тоа да се постигне, никој не знае…“
Негова желба била да стане поет, а не професор. Уште лут на татка си, истапил од Суриковиот кружок, ги напуштил сопругата и старите пријатели и тргнал во Петроград, во потрага по литературна слава.
Со Петроград владеел презаситен литературен свет. Петроградските салони и интелигенцијата одвоена од народните маси, во целост биле заситени од позерството и гестовите на булеварската поезија. Долгогодишната популарност на многу петроградски поети била на залез. Александар Блок, мистично вдахнат, бил премногу длабок за да ги зафати „најшироките слоеви“, а во исто време престолнината ја зафатиле разни револуционерни движења, штрајкови, протести итн. Во таква атмосфера Есенин доаѓа во Петроград и тоа доаѓање фрла нова светлина на неговиот лик: во селска облека и со хармоника по петроградските салони ги рецитирал своите стихови. Талентираниот младич не одбирал средства за да стекне име и наклоност на оние што би му помогнале во остварувањето на неговата животна цел. Умеел одлично да се приспособи на петроградската декадентна публика. Во таа зачмаена средина го донесол мирисот на селото, на сеното, на цвеќињата, но уште тогаш знаел дека селото за него не е само „основна лирска тема“. Таквото сознание и го изделило од другите „селски поети“.
Есенин во Петроград им пристапил на селските поети и заедно со нив настапувал по петроградските салони, во отмени ресторани, во разни студија и редакции, каде што ја развевал душата во нова свежина, во топла и искрена поезија во која дишел неговиот идеализиран крај. Петроград бил освоен од симпатичното „селско момче“, тука била младоста и стиховите читани на необичен начин. Но до освојување на публиката имало пози и интриги на големиот шерет, кој знаел да биде и наивен и смел, и скромен и мангуп, за што и самиот бил длабоко свесен.
Таа негова итрина, по секоја цена да се качи на поетскиот Парнас во Петроград, првенствено ја илустрира и средината во која се нашол талентираниот поет. „Клучот да се разбереовој ненадеен успех e односот на поетот кон животот, како и психологијата на селанец кој за првпат доаѓа во престолнината и големоградскиот живот со својата култура и цивилизација му е туѓ“. За Максим Горки, Есенин бил „… скромно и по малку вџашено момче, кое само чувствува дека местото не му е во огромниот Петроград“, а Александар Блок, кој веќе се изјаснил за неговите стихови дека се „јадри, звучни, многуглаголиви“, сериозно се загрижил што околу името на Есенин се кренала толку голема врева, па кон крајот на 1915 година му пишува: „Пред Вас можеби стои долг пат, и од него, за да не скршнете, не брзајте толку и не бидете нестрплив… Самиот знам колку е тешко човек да оди, а да не го одвее ветрот или да не го проголта калта“. А многу подоцна, на поставено прашање за овој период, Есенин одговорил: „Имаше такви судири, непријатности и пречки, што самиот се чудам како останав жив и цел“.
Пролетта, 1916 година, Есенин бил повикан во војска и како болничар служел во Царско Село. Како талентиран поет уживал голема привилегија, а кога му станал претпоставен офицерот Ломан, негов пријател, тој и формално бил во армијата. Во болницата извонредно живеел. Ги исмејувал лекарите дека здравјето го делат како украси од ореви за божиќна елка. Кога го посетиле Блок и Городецки и го прашале каде му е оружјето, тој шеговито одговорил: „Јас сега сум доктор и мојата мисија е да спасувам, а не да убивам“. Читал поезија и пред царицата, но, како крајна последица на одбивањето, кон крајот на 1916 година, да напише пофална песна за царот, се нашол на Западниот фронт, во дисциплинскиот баталјон, каде што го затекнала и Февруарската револуција во 1917 година.
Пролетта дезертирал и повторно се нашол во Петроград, кој бил преплавен од диви војнички орди, бегалци, офицери… Поразот на царска Русија од фронтот ги враќал сите: патриотите, чесните, предавниците, воените профитери, шпекулантите, напредните елементи и ги носел во страшен вртлог и катастрофа чијашто цена ќе чини милиони глави. Февруарската револуција поетот ќе ја поздрави на нему својствениот, селски и религиозен начин.
Во Петроград, заедно со другите селски поети, се приклучил кон групата собрана околу списанието „Скити“, чиј покренувач бил Иванов-Разумник, а го уредувал Андреј Бели. Групата ја сочинувале припадници на руската симболистичка школа, а околу себе ги прибирале напредните писатели и истакнатите лиричари. Тие го помагале и го поддржувале новото време, но со своите идеи на словенофилски национализам и месијанство, го потенцирале симболичкото значење на варварските скити, под чие влијание се развила доцната култура и уметност на Северот. Приоѓањето кон оваа трупа на Есенин му отворило можност да доразвие некои од своите стари убедувања и да разработи некои од старите преокупации.
И Октомвриската револуција Есенин ја доживеал во Петроград. Ангажиран околу списанието „Скити“, со жар ги доживувал новите настани и им приоѓал (како и во претходната револуција) со нему својствените доблести и слабости. „Во времето на револуцијата бев на страната на Октомври, но сѐ примав на свој начин, селски“ — ќе запише во една од своите автобиографии.
Ако првиот московски период, Есенин го напуштил депримиран и разочаран зашто „го убивала безнадежноста“ и „Москва не била иницијатор за литературен развој“, во вториот, со еден набиен интензитет, вртоглаво кулминира неговата животна драма. Оптоварен од сите нејасни сфаќања за Револуцијата, Есенин не можел да ја разбере и потполно да ја прими руската стварност, не можел да биде потполно задоволен со она што го донесла таа. „Мене сега ми е многу тешко, бидејќи историјата го преживува времето на умртвување на личноста. Овој воопшто не е оној социјализам на кој јас мислев, туку некој одреден, со однапред направена сметка, како некаков остров Св. Елена, без слава и без соништа. Во него му е тесно на живото битие, тешко му е на градителот што гради мост кон невидливиот свет, бидејќи потпорите на тие мостови ги сечат и ги креваат во воздух идните поколенија.“
Москва во годините на граѓанската војна вриела од поети, сликари, музичари, случајни намерници во уметноста, боеми. Во тие години (1918 — 1919) започнува и боемскиот живот на Есенин. Најчесто се среќавал во кафето „Питорекс“ на Куњецковиот мост и по мали локални мензи во кои се собирале многу уметници од различни профили. Таму, покрај скромната закуска, се рецитирало и се дискутирало за литературата, односно, за уметноста воопшто. Поетите во револуцијата брзо дошле до јавен и отворен судир со официјалната критика и со комесарот за просвета, Анатолиј Луначарски. Тој во едно свое јавно настапување предвидел „нова и силна пролетерска литература“, којашто ќе ја предводат Максим Горки и Владимир Мајаковски. Тој јавен настап на Луначарски претставувал и официјален став на државата кон проблемите на уметноста и на револуцијата и — се вовела цензура. За да се објават стихови потребни биле две „визи“, една од ГОСИЗДАТ и друга од воената цензура, поточно, цензурата на ГПУ, која се наоѓала на Љубљанскиот плоштад. Станувало збор и за личната судбина на уметниците во даден момент; младите писатели некако почнале да се cнaoѓaaт и да ја прифаќаат стварноста, а старите најчесто емигрирале.
Есенин живо ја следел ваквата уметничка атмосфера. Бидејќи бил резервиран кон средината, со аверзија кон општествените и книжевните конвенции, не приоѓал на никакво уметничко здружение или движење, туку со Мариенгоф, Шершењевич, Рјурик Иванов и сликарите Борис Ердман и Георги Јакулов на 19 февруари 1919 година го обелодениле Манифестот за имажинистичкиот правец во литературата.
Во услови кога државата го кажала својот став кон литературната политика и засилената цензура, имажинистите побучни биле на улица отколку во литературните кругови. Насекаде можеле да се видат и чујат како го пропагираат својот уметнички правец. Современикот и имажинистот В. Шершењевич ќе забележи: „Кога патиштата за објавување ни беа отсечени, Есенин рече: ’Ако ГОСИЗДАТ не ни дава да печатиме, тогаш ајде, стиховите ќе ги пишуваме по ѕидовите‘“. Едно утро, улиците на Москва осамнале со нови имиња испишани на дрвени табли: Улица Есенин, Улица на имажинистот Мариенгоф, Шершењичева улица, а на споменикот од Пушкин била ставена табла со натпис: И јас сум имажинист. Ова повеќе би требало да се сфати како протест против државната цензура и постапката на власта кон младите уметници.
Во тоа време Москва знаела за книжевно-уметничките расправии меѓу имажинистите и футуристите, кои претставувале оригинални и духовно смели јавни атракции, посебно честите вербални дуели меѓу Мајаковски и Есенин.
Имажинистичкото движење кај Сергеј Есенин довело до пресврт, извесната сувереност и силниот нагон за успех прераснала во презир, а рубашката ја заменил со „уморните, бескрајни улици“. Вo духот на боемскиот живот тој излегувал на улица со лакирани чевли, со цилиндар, провоцирал, предупредувал, се гордеел, одел „намерно нечешлан и занесен“. Сето тоа се сметало како позерство кај селскиот младич кој бил зафатен од градскиот вител, но тоа е и времето кога неговите очи почнале да го менуваат сјајот, косата да потемнува, а душата и лицето да ги добиваат првите брчки. Такви емоционални потресувања и преобразби кај Есенин се чувствувале сѐ почесто: страдал заради бедата на животот, не можел рамнодушно да ги гледа општите и поединечните несреќи, а улиците „на кои се случувале трагедии и чуда“ го ужаснувале. За да се одмори, по три години физички и духовен умор, отишол во родното село. Таму, со старото друштво, ловел риби на Ока, шетал по шумите и по ливадите, а навечер читал и пишувал.
По враќањето во Москва, презел патувања по југот, но сѐ повеќе како да станувал поет без илузија, а како последица на слом на неговите идеали застанал во расчекор: со едната нога во стариот, а со другата — во новиот свет, резигнирано следејќи го нивниот следен удар.
До средбата со Исидора Данкан имал два пропаднати брака: еден младешки занесен, романтичен, со Ана Романова, а другиот со артистката Зинаида Николаевна Рајх. Тоа е време кога алкохолот веќе почнал да го разјадува, понекаде ќе се чуело за неговите испади и скандали без посериозни последици. Но бракот со Исидора бил брак на сензации со кои ќе се занимава, првин руската, потоа европската и, на крајот, светската јавност. На една страна била балерината со светско име, веќе во поодминати години, основач на многу балетски модерни училишта, борец за „женска еманципација“, жена која во името на уметноста одбивала понуди за брак со многу славни имиња и милионери, а на другата страна — поетот со сурова руска природа, познат само во Русија, и, покрај сѐ, скандалозен.
Пред повторното доаѓање во Русија во 1921 година (првпат дошла во 1905 година, кога петроградската публика ја воодушевила со игра на музика од Шопен) со огромно искуство на големи и мали љубови, таа пак била осамена, духовно ослабена и разочарана поради неуспешната љубов со пијанистот Гарос. Од таквата душевна бездна зракот светлина што ѝ блеснал била поканата од советската влада да дојде во СССР, да основа балетско училиште, а финансиер ќе биде Владата.
Во СССР пристигнала во јули 1921 година со единствената ученичка Ирма. Сместени биле во раскошната вила „Балашов“ на Пречистенка, каде што го вршела уписот на учениците, а во слободното време била домаќинка на многу уметници. Се интересирала за сѐ и сешто бидејќи сето тоа за неа било ново и оригинално.
Средбата помеѓу Исидора и Есенин се случила во ателјето на сликарот Георги Јакулов, на една имажинистичка вечер. Исидора во ателјето се појавила по полноќ во „долг фустан со црвени нијанси, црвена коса, како бакарен сјај и крупно тело што се движело тивко и нежно“. За присутните, необјаснива била магијата на заемното привлекување на веќе развеселениот поет и светската дама, чиишто прсти набрзо се заплеле во „златната“ коса на Есенин. „Исидора просто ги забиваше рацете во брановите на неговата коса, а бидејќи Сергеј не знаеше ни збор на друг јазик, освен руски, се разбираа на сите јазици, како да зборуваа есперанто. Тој ѝ рецитираше стихови, а таа потврдуваше со изразот на лицето, како да ја разбира таа поезија и ја впива големата музикалност“ — ќе запише Иља Шнајдер, задолжен од Луначарски да се грижи за Исидора.
„Есенин не се вљуби во Исидора Данкан, туку во нејзината светска слава“, — ќе запише еден негов современик. „Тој се жени за слава, а не за неа. Нему му беше пријатно и лесно да оди со таа слава под рака долж московските улици, да се појавува во поетски кафулиња, на концерти, на театарски премиери и да го слуша многуглаголивиот шепот во кој се плетат имињата Данкан-Есенин-Есенин-Данкан“.
Есенин се преселил во вилата „Балашов“ и набрзо започнале оргиите и тепачките, бескрајните пијанки, почнала „нивната заедничка трагедија со шампањско, коњак и вотка“. Есенин приредувал разни сцени на презир, на љубомора и суета, си ги собирал своите работи и заминувал; таа очајно трчала по Москва, го барала, го молела да се врати, му паѓала на колена, бакнувајќи му ги чевлите, додека тој ја мавал и ја отфрлал. Накрај попуштал и се враќал, плачел, ја молел да му прости и — повторно бил вљубен како дете. На неговото секојдневно присуство бескрајно му се радувала, го споредувала со ангелот кого во сон го видела над креветот во кој спиела. Му купила златен часовник и на капакот го гравирала својот лик во минијатура, но еднаш, под дејство на вотка, го здробил во парчиња, кои, додека пцуел, се дотркалале до нејзините нозе. Во такви ситуации, Исидора, само ги спуштала рацете на неговата златна коса и му простувала.
Состојбата не ѝ била лесна. Си вообразила дека нејзината мисија ќе биде оправдана ако Есенина го оттргне од алкохолот, од пијаните другари и од валканиот ноќен живот и да го спаси за поезијата. Замислата ѝ била да го поведе на Запад, за извесно време да го оддалечи од московската средина. Со своите советски ученици организирала турнеја во Америка и, откако двете страни, советската и американската, го одобриле барањето, пристапила кон подготовките. Строгите американски закони за влезна виза барале двајцата да се венчаат. Тоа го сториле на 9 мај, а на 10-ти, со уште четворица, биле првите патници на првата меѓународна линија на „Аерофлот“ кои од московскиот аеродром полетале за Кенигсберг.
Вистинска сензација претставувало нивното пристигнување со воз од Кенигсберг во Берлин на 11 мај. Во германскиот и емигрантскиот печат интересот бил огромен, бидејќи двајцата уметници доаѓале од „бољшевичка“ Москва, а љубопитството на новинарите се изразувало преку прашања од типот: со какво убедување се, што мисли Данкан за Русија, што мисли Есенин за советската власт итн. Во нив, сомничавиот Есенин гледал само провокација.
Европа штотуку излегла од бојното поле, од рововите и од реките крв, а европскиот човек, среќен што останал жив се претворил во немирен дух, се лансирале нови моди, се јадело, се пиело; европскиот човек живеел во бунило, во страсти и со алкохол за да ги заборави душевните лузни од фронтовите, да ја заборави крвта што изобилно се леела, да ги заборави злосторствата, да заборави на себеси. Во ваква атмосфера, во Берлин поетот се однесувал крајно цинично и вообразено; провоцирал предизвикувајќи такви скандали, што печатот ги претворал во сензации. „Во Берлин предизвикав многу скандали и мешаници. Мојот цилиндар и наметка, сошиени кај најдобриот берлински шивач, кај сите предизвикуваше револт. Сите мислеа дека допатував на сметка на болшевиците, како чекист или како агитатор. Сето тоа ми е смешно, многу занимливо“ — му пишувал на Мариенгоф.
Горки забележал дека од оној Есенин, што го видел во Петроград пред седум-осум години, останала само бојата во очите и се прашувал на какво непознато сонце горел поетот. Внатрешната душевна борба луѓето ги менува, а таа оставила траги врз лицето на поетот. Но, иако Есенин растроен, во тој момент за Горки бил зрел уметник, со силни чувства, совршен израз, сложено талентиран и голем руски поет.
Слично, како и во Петроград, Горки бил поразен од контрастот: душевна, искрена, чиста поетска жица, која никако не може да се врзе за Есениновата надворешност, а пред сѐ, не со луѓето што го опкружуваат. „Таа прочуена жена што ја прославија, кај овој, како дете мал, чудесен рјазански поет, беше совршено олицетворение на сѐ што нему не му беше потребно“. Следни дестинации им биле Венеција, Рим, Неапол, Фиренца. На своите пријатели им пишувал дека по скандалите во Берлин, не пиел и работел на средување на зборникот со избрани песни и поеми, кој излегол во Берлин, во 1922 година. На крајот на јули, со посредство на Сесил Сорел, пријателка на Данкан, стигнале во Париз, но под постојана контрола на полицијата, а на 27 септември, во еден дождлив ден, со бродот „Париз“, од пристаништето Хавар испловиле за Њујорк.
За односот на Есенин кон Америка и американската јавност кон него има изобилно податоци во прозата „Железниот Миргород“, во писмата што им ги праќал на пријателите,
како и во сеќавањата на Вениамин Левин. Биле пречекани од многу новинари, блескале блицови од фотоапарати и камери, написите во весниците сензационално го најавиле нивното пристигнување, но ги следеле и низа непријатности, бидејќи доаѓале од „болшевичка Москва“, а и за самата Исидора, Америка била сосема нова, изменета, наидувала на нова публика, поинаква, со вкус за црнечки ритам и незаинтересирана за нејзината игра. Во таква состојба Есенин станувал сѐ поневозможен, пиел, се лутел на американскиот печат, бидејќи бил претенциозен во омаловажувањата и преувеличувањето на неговите скандали. Но, се чини дека испровоцираниот скандал во Бронкс, во домот на домаќинот Мани-Лејб и неговата сопруга — поетесата Рашела, ќе биде почетокот на крајот на Есенин. Во домот на Мани-Лејб, во којшто требало да се претстават Есенин и Данкан, се собрал народ, повеќето Евреи и претставници на печатот. Сето тоа, триесет години подоцна ќе запише Левин, како да било однапред режирано, дека мeѓy народот имало заткулисни режисери, особено мeѓy новинарите. Суштината на таа заткулисна игра била во тоа што Есенин испровоциран го интерпретирал дијалогот на Замаршкин и Чекистов од неговата драма „Земја на никаквеци“ и во двостишието: „Јас знам, дека ти, иден Евреин / ќе се подбиваш како плачот на Јарославна“, дел од присутните во тоа виделе „напад врз Троцки“. Рускојазичната емигрантска авангарда во Америка за свој револуционерен идол го сметале Троцки, а не Ленин. Овој скандал поттикнат од „заткулисните режисери“, кој се врзал за зборот „Евреин“ дал можност американскиот печат да го претстави како „антисемитист“ и „антиболшевик“, со што го навеле гневот на Троцки кон Есенин.
И власта веќе Исидора не ја гледала со симпатии, ѝ го одзеле американското државјанство како на пропагатор на револуционерните идеи. „Мојот сопруг и јас сме уметници, а со самото тоа и револуционери. Каков е тој уметник, ако не е револуционер. Треба да оставиме траги за денешниов свет“ — изјавила пред заминувањето од Америка.
По четиримесечен престој во Америка, уморната двојка се вратила во полите на Старата Дама. За разлика од празничната и бучна атмосфера при доаѓањето на Исидора и Есенин, при нивното заминување не дошол никој. Немало ни коресподенти, ни фоторепортери, ни новинари. Испратени само од неколкумина, на 4 февруари 1923 година, со парабродот „Џорџ Вашингтон“ се упатиле кон пристаништето од кое испловиле за Хавар во Франција.
Во Европа скандалите продолжиле. Исидора многупати се наоѓала во непријатни ситуации. Од Париз повторно отишле во Берлин. Пред Алексеј Толстој и Максим Горки ја
читал потресната поема „Црниот човек“, над која Горки горко заплакал, бидејќи во неа силно ја почувствувал неговата лична драма и драматичната борба на човекот против себе
како кон свој сопствен непријател. (Неговите познавачи велат дека оваа поема имала неколку верзии, а оваа што ја знаеме денес, е далеку побледа од оригиналните, кои се изгубени. Познатата верзија поетот подоцна ја обновил во една московска болница). Од Берлин повторно заминале во Париз и за да преживеат, Исидора го продала мебелот од својата куќа на улица Де ла Помп.
Исцрпени од умор, на 3 август се вратиле во Москва.
Исидора во Москва уште една година ја водела работата на балетското училиште, што го имала оставено во доверба на Ирма. Есенин почнал да исчезнува од нејзината близина, сѐ до конечното разидување. Есента 1924 година, за последен пат заиграла на руска земја, на една снежна ливада. Авионот што ја носел засекогаш на Запад, принудно се спуштил на една ливада. Околу него се собрале руски селани, и во еден миг, во кој не може да се објасни што се случило во нејзината душа, заиграла пред зачудените селани, кои, всушност, биле и нејзината последна руска публика.
Последните две години од животот на Есенин се во една своевидна противречност. Очигледна била неговата психичка растроеност, најболно ги преживувал внатрешните кризи, а воедно, тие му биле и најплодните творечки години, тие се годините на неговиот пат до бесмртноста. Конечно, се ослободил од имажинизмот и сега неговите песни претставуваат една длабока рефлексија што го одразува неговиот однос кон животот и младоста. Неговата популарност е очигледна, редот на читањата што ги организирал по враќањето од Запад го одржувала коњичка полиција, а тоа не им се допаѓало на многумина од неговите колеги кои отворено ја изразувале својата омраза кон него. Покрај тоа што измислувале разни афери и интриги во врска со неговото однесување на Запад, најтешка за него била оптужбата за антисемитизам, во тоа време една од најголемите оптужби.
Тоа клеветничко лудило наоѓало поддршка и во власта. Си допуштал да има сопствено мислење по секое прашање, а тоа не било баш ласкаво за партиските „апаратчици“. За разлика од многу свои колеги, тој размислувал гласно и од нив се разликувал со завидна непокорност кон власта. Дури му прикачиле и етикета: „непријател на советската власт“, за што, само по седмици од враќањето од Запад, бил повикан на разговор во кабинетот на Троцки. Троцки, преку дописи за сите негови постапки надвор од татковината, а особено за настанот во домот на Мани-Лејб, во Бронкс, бил уредно известуван.
Заради сето ова, неговото враќање во Москва му паднало тешко, неговите очекувања „за рускист мевлем“ по кој копнеел на Запад, не се оправдале. Продолжил да се однесува по старо, провоцирал, предизвикувал скандали, а кон сето тоа се приклучило и болното прашање за стан. Живеел кај помалата сестра, а неговите лични работи, гардеробата, белешките биле растурени кај разни пријатели. Од московските власти барал да му дадат стан. Недоделувањето го објаснувале со дефицитарен станбен простор, иако се ангажирале и многу негови пријатели. Многу полупознати и непознати поети, што во тие години ja опседнале Москва, имале добиено станови, а некои од нив добиле и по два.
По враќањето од странство во 1924 година, органите на власта почнале постојано да го следат и да го притвораат. Во тоа време Есенин бил претпазлив, во секого се сомневал, имал фобија од следење и гонење; напуштил многу пријатели, а и многумина го напуштиле него. По некое време против поетот почнале да се поднесуваат и кривични пријави.
Според криминологот Едуард Хлисталов, кој е неуморен во потрагата по архивите за да ја докаже вистината за смртта на Есенин, цитираме: „Проучувајќи ги архивските материјали, открив интересна законитост. Луѓето, коишто наводно имале проблеми со Есенин, доаѓале до најблиското одделение на полицијата и барале Есенин да биде повикан на кривична одговорност, притоа покажувајќи завидна правничка информираност: тие ги наведувале кривичните членови и точки од Законот по кои поетот требало да се повика на одговорност. И уште една работа: во сите случаи кога Есенин бил притворан бил во пијана состојба. По правило, инцидентот почнувал од некаква ситница, по што, во моментот ќе се појавел полицаец и, кој, заради нешто, од сите ќе го приведел само Есенина“. Очигледно, инцидентите биле инсценирани. Кон Есенин се преземале организирани и плански провокации. Според Хлисталов, во архивите на бившиот ГПУ се наоѓале над стотина изјави против поетот и тој се залага тие документи што поскоро да се предадат на поширокиот круг проучувачи за да се обнародат заедно со имињата на доушниците на ГПУ, кои постојано се наоѓале во поетовата близина.
Народниот суд во Крснопресненскиот реон во Москва неколку пати закажувал судење на поетот, но тој не се појавувал. По совет на сестра му Екатерина, за да го одбегне судењето, еднаш се сместил во една психијатриска болница, а другпат, при несреќен случај (се лизнал на замрзнат тротоар и паѓајќи врз стакло ja повредил тетивата, под лактот) бил хоспитализиран во болницата во Шереметково, а оттаму бил префрлен во Кремаљската болница. За да ги одбегне следењата од полицијата, често бил на релација Петроград — Константиново.
Иако храбар човек, честите следења и потери довеле до тоа да се плаши од полицијата. Речиси сите негови современици го потенцираат тој „непотребен“ страв од полицијата. Со сомнеж гледал, не само во непознати личности, туку и во своите пријатели. Минувал денови, трескаво творејќи во голема осаменост, „поголема дури и од онаа на Ниче“, како што забележал еден негов современик.
Но ваквиот страв кај Есенин во повеќе ситуации може да се смета за оправдан, бидејќи на улицата, пред станот во којшто живеел, често стоел полицаец. Современиците се сеќаваат дека Есенин во повеќе наврати зборувал за атентатот што се подготвувал врз него. Некое време во Москва и во Ленинград носел пиштол што му го набавиле неговите пријатели во Баку.
Некаде во почетокот на септември 1924 година, по настојување на неговите пријатели, а најмногу на сестра му Екатерина, со цел да ја напушти „средината што лошо влијаела врз него“, Сергеј Есенин заминал на Кавказ. Тој таму ќе се напојува од поезијата и филозофијата на Средна Азија, таму ќе ги напише најубавите стихови, поемата „Ана Снегина“, циклусот „Персиски мотиви“; ќе копнее да стапне на персиска земја: „Јас морам да одам, во Шираз се родени најдобрите поети на Персија“.
Според криминологот Хлисталов, причината за ова одење на Кавказ, поетот да ја проучува средноазиската литература и филозофија, можеби била точна, но, сепак, главната причина била — одбегнување на судот. Претседателот на Краснопресненскиот реонски суд во Москва на 20 февруари 1924 година донесол одлука за приведување на Есенин по неколкумесечно судење за антисемитизам, и — поетот можел да биде уапсен секој момент.
Во почетокот, по пристигнувањето во Баку имал една непријатна случка. Се сместил во хотелот „Нова Европа“. Во истиот хотел, под името Илин, бил сместен познатиот терорист Ј. Блумкин, поранешен активен соработник на ЧК и ГПУ, а сега, поставен од Троцки за воен инспектор на Црвената Армија во Задкавказјето. Добро му бил познат на Есенин, многупати во Москва му се фалел на поетот за неговите крвави сеанси во Љубљанка. Во Баку тој се обидел да посегне со пиштол на поетот. Есенин побегнал во Тифлис. Причината за тоа ја разрешил самиот Блумкин, му бил љубоморен на Есенина заради жена си, во што немало вистина, бидејќи Есенин жена му не ја ни познавал. Виктор Кузњецов смета дека пак во прашање е клеветата околу антисемитизмот на Есенин и дека овој го следел поетот. По извесно време, Есенин се вратил во Баку, во хотелот „Нова Европа“, овој пат и тој вооружен со пиштол. До престрелка, сепак, не дошло.
Останатиот престој во Баку и Марткајн го поминал задоволувајќи ја жедта за Персија преку стиховите од „Персиски мотиви“. Таму имал повеќе настапи со своја поезија; низ градот деноноќно се зборувало за поетот што е близок до народот, што пиел и седел доцна во ноќите со него, слушајќи азербејџански песни, придружени со дрвени инструменти. Таму сѐ било подредено во негова почит, а за тоа се погрижил неговиот пријател Петар Чагин, уредник на весникот „Баскијскиј рабочиј“.
„Есенин“ — раскажува поетот Георги Леонидзе — „сакал да скита по улиците на Тбилиси, зборувал со обичниот народ. Со задоволство се дружеле со него. Го почитувале“.
Државниот универзитет на Азербејџан му приредил специјална вечер.
Во Баку живеел на имотот на некогашниот богаташ Мухтаров. Прекрасна вила со голема градина, со алеи и фонтани, со базен во кој, во спарните летни денови се ладел, пиејќи го виното „Чјорние очи“ и пишувал песни до залезот на сонцето „Само едно сега живее во мене“, ѝ пишува на Бениславска. „Се чувствувам продуховен, не ми е потребна ниту глупавата бучна слава, не ми е потребен лажливиот успех. Сфатив што е поезија!“
На крајот од февруари, Есенин се вратил во Москва. Изгледал здрав и весел. Од Азербејџан донесол многу ракописи, мeѓy кои се и неговите најзрели дела, пред сѐ поемата „Ана Снегина“, веќе класично дело во руската литература.
Првата вечер престојувал кај сестра му Екатерина. Цела ноќ зборувале за минатото, за моменталната состојба на поетот и за неговите планови во иднина. Следните денови не излегувал, го исклучил телефонот и во мир ги препишувал и ги дообликувал новите трудови. Еднаш, по наговор на пријателите, во Сојузот на писателите, пред различно настроена публика ја читал поемата „Ана Снегина“, која не постигнала успех, но впечатокот го поправил со „Персиските мотиви“ и пак завладеал како некогаш со аудиториумот, но во целина не бил задоволен од своето презентирање таа вечер.
Неговото внимание во Москва е свртено кон семејниот круг. Живее повлечено, под надзор и грижа на постарата сестра, а присутна била и мајка му, која деновите допатувала од Константиново за да го види. (Тогаш е направена и познатата фотографија со мајка му и самоварот за чај).
Кон средината на март, пак го привлекуваат старите кафеани, некогашните познаници, боеми, пијаници, проблематичниот свет. Фобијата од следење и гонење кулминира. Повторно заминува на Кавказ, со неговата последна сопруга Софија, внука на славниот писател Лав Толстој. Овој пат Кавказ не бил како порано, односот на Есенин бил изменет. Едно време се разболел, но болницата во која престојувал ја напуштил предвреме. На враќање, во реонот Серпухов, Есенин, во присуство на сопругата, предизвикал инцидент, во кој навредил некој Евреин, Левин. На Курската железничка станица, заедно со сопругата биле притворени, бил направен записник, била покрената кривична постапка и поетот морал да се појави пред суд.
По овој инцидент неговиот живот станал вистински кошмар. Стравот од прогонување веќе бил неиздржлив, спиел кај познати и непознати лица, се плашел да остане сам.
Втората половина на 1925 година, Есенин ја преживува во агонија помeѓy творењето и смртта. Песните просто му излегувале сами од устата, на што и самиот се чудел: „Не можам да ги запрам. Просто, како навиена машина“.
Неговите ретки и искрени пријатели преземале сѐ за да се одложи судењето. Се вмешале личности и од власта, кои претпоставувале дека судењето на Есенин кај одреден број жители, а и во емиграцијата, ќе предизвика негативна реакција.
Единствен излез да го избегне судењето била болницата. На совет и на инсистирање на сестра си Екатерина, на 25 ноември 1925 година, се сместил во невропсихијатриското одделение на московската болница.
Есенин ни таму не се чувствувал сосема безбеден. Преку ноќ светела светилката, бил вознемируван од посетителите, бидејќи вратата од неговото одделение постојано била отворена; судијата се интересирал кога ќе излезе од болницата, а поранешната жена Зинаида Рајх се заканувала дека ќе му ги конфискува хонорарите од ГОСИЗДАТ.
На 7 декември 1925 година испратил телеграма во Ленинград, до В. Ерлух „да се најдат две-три простории и дека ќе дојде околу дваесетти“.
Користејќи група посетители, болницата своеволно ја напуштил на 21 декември, по посетата на зетот Наседкин и сестра му Екатерина. Отишол во ГОСИЗДАТ, дал изјава со која бара сите хонорари да му се исплаќаат нему лично и дека сите полномошни овластувања од први декември не важат. Ја побарал првата рата за собраните дела, но бидејќи во благајната немало пари, му дале чек на 750 рубљи.
Следните денови завршил некои свои обврски по разни редакции, ги посетил поранешните сопруги Ана и Зинаида.
„Дојдов, вели, да се збогуваме. На моето прашање: зошто? Вели: Се губам, патувам, изгледа ќе умрам… Потоа ме замоли да му го чувам синот и многу да не го разгалувам“, се сеќава на последната средба Ана Романов.
„Во секој случај, убаво го паметам неговото лице, неговата жештина и неговото однесување таа вечер“ — ќе потсети синот Константин во едно интервју. „Во него немаше болка и тага. Тоа беше негова вештина. ’Дојдов да се простам со децава‘ — ѝ рече на Зинаида… Набрзина влезе во просторијата и, како и секогаш, високо ја дигна Тања. Подоцна Тања ме уверуваше дека ме бакнал и мене, но јас не се сеќавам. Можеби сестра ми сакаше со мене милосрдно да го подели татковото чувство“.
„Морам да кажам,“ — ќе запише во својата книга „Мајчинско и блиско“ Aлександра Есенин — „како вечерта, на дваесет и трети декември, додека седевме кај Софија Андреевна, Наседкин и јас, дојде со Иља. Беше лут. Со никого не се поздрави. Облечен отиде во својата соба и без ред почна своите работи да ги трупа во куферите. Влезе и кочијашот да помогне за да ги изнесат куферите. Низ заби процеди ’досвиданя‘ и зад себе ја тресна вратата.
Излегов на балконот. Беше топла, тивка вечер, паѓаше крупен снег. Куферите ги товараше на една санка, а тој со Иља се качи на другата. Сѐ беше некако парадно. Кочијаши. Напред куферите. Сергеј во другата санка. Ми се стегна грлото. Не можам да си објаснам како крикнав: ’Збогум Сергеј!‘ Тој се сврти, се насмевна и ми одмавна со рака“.
Утрото на 24 декември 1925 година, Есенин пристигнал во Ленинград. Со куферите седнал на санка и се упатил кон домот на В. Ерлих. Бидејќи Ерлих не бил дома, ги оставил куферите, му напишал порака, и отишол во хотелот „Англетер“, каде што со помош на Георги Устинов (уредник на весникот „Краснаја нов“ и Есенинов пријател, кој со својата жена Алисавета живеел во хотелот) ја добил собата бр. 5, во која се сместил.
Попладнето во собата на Есенин се собрале пријатели и по повод своето пристигнување ги почестил со шампањско. Бил расположен, читал песни и ги образложувал идните планови, врзани околу издавање литературно списание.
На молба на Есенин со него преноќил Ерлих.
„Нема сомнеж дека страдаше од фобија на гонење“ — ќе запише А. Вронски. „Пред својата смрт, во ’Англетер‘ се плашеше да остане сам. Навечер и ноќе, пред да си легне, долго седеше осамен во холот на хотелот.“
„Еднаш, кога отидов во редакцијата“ — се сеќава Г. Устинов по трагичниот настан — „во мојата соба останаа жена ми и девојката В.Р. Наеднаш кај Есенин се почувствува чудна вознемиреност.
— Некој нѐ прислушкува! — рече и пребледе.
— Ти се присторило, Серјожа.
— Не, не ми се присторило.
Есенин набрзина излезе во ходникот и, навистина, крај вратата, до клучалката виде човек што прислушкува“.
Есенин побеснел и дежурниот од обезбедувањето едвај се извлекол од неговите раце. Отрчал и го пријавил случајот во полициската станица. Бидејќи човекот поседувал оружје, а не пукал во Есенин, веднаш бил отпуштен од работа.
Иако Есенин, сигурно заради својата фобија, доаѓањето во Ленинград го чувал во тајност, сепак, постојано кај него имало осум до десет луѓе. Екатерина Устинова се сеќава дека Сергеј постојано слегувал кај портирот и го молел никого да не пушта внатре.
Утрото на 27 декември бил многу лут: „Тоа е безобразие. Во хотелов нема мастило! Разбираш? Сакам да напишам песна, а нема мастило! Гледај што направив!“ Ги засукал ракавите и на Ерлих и на Екатерина им ја покажал исечената рака. Потоа од блокот скинал еден лист и им ги покажал стиховите испишани со крв, па го свил листот и му го ставил во џебот на Ерлих, молејќи го во тој момент да не го чита.
Напладне во неговата просторија дошле Устинови, Ушахов, ручале и пиеле пиво. Ерлих отишол до Сојузот на писателите да побара полномошно за да ги подигне парите од чекот на Есенин.
Попладнето дошол и Николај Кљуев. Есенин читал песни, а на испраќање го поканил пак да дојде вечерта. Кљуев вечерта не дошол. Подоцна зборувал дека Есенин наспроти трагичниот настан бил потполно трезен.
Ерлих кажува дека вечерта го молел да остане, но бидејќи утрото требало да оди на лекар и да ги подигне парите за Есенин, се поздравил и тргнал за дома. На Невскиот проспект се сетил дека ја заборавил чантата во која било полномошното за подигање на парите и се вратил назад. „Есенин седеше на столот, спокојно, бунда врз рамениците. Гледаше во старите стихови. Пак се поздравивме…“
3.
Со новите промени на почетокот на деведесеттите години на XX век, со распаѓањето на Советскиот Сојуз, се крена маглата од мрачните архивски подруми во кои чмаеја милиони „случаи“ и беа изнесени на увид пред пошироката јавност со цел да се открие превезот на, со децении завиените, мистерии. Еден од нив е и „случајот Есенин“, кој по седум децении молк се реактуелизира, барајќи го одговорот на прашањето за вистината на неговата смрт.
Веднаш по трагичниот настан во хотелот „Англетер“, во тесните кругови на неговите пријатели се шушкало дека големиот поет е жртва на полициските органи. Георги Устинов, еден од неговите најблиски пријатели и сведок на настаните во последните денови од животот на поетот, по пет години од трагичниот настан, во некој потесен круг на пријатели изјавил дека ќе ja каже вистината за смртта на поетот. Следното
утро го нашле обесен. Недвојбено — двата случаи се чин на ист процес.
Повеќе експерти од повеќе области се обиделе да ja објаснат причината за убиството или самоубиството на поетот. Воениот лекар С. Демиденко и патофизиологот Ф. Морохов тврдат дека „поетот првин бил претепан, потоа тешко ранет и, на крајот, задавен“. Виктор Кузњецов во книгата „Тајната на убиството на Есенин“, смета дека бил убиен од членот на тајната полиција Јаков Блумкин, заради наводниот антисемитизам на Есенин, пред сѐ вперен против Троцки. Едуард Хлисталов, професионален криминолог, кој работел како инспектор во криминалистичката служба во Министерството за внатрешни работи на бившиот CCCP, добар дел од своето професионално и приватно време го потрошил во потрага по архивски материјал за да ја обелодени вистината за смртта на Сергеј Есенин. Анализите на тие материјали ги обелоденил во 1989 година. „Мнозина тврдат дека поетот бил жртва на алкохолизмот“ — вели искусниот криминолог — „некои тврдат дека други го навеле на самоубиство, трети дека Есенин е убиен, а сето тоа е претставено како самоубиство. Не треба да се има сомнеж — различни мислења настануваат само тогаш кога не постои објективна информација за настанот“.
„Не можам да го заборавам тој страшен момент“ — подоцна се сеќава познатиот поет Всеволд Рождественски. „Беше утро со тешки магли. Страшен мраз. Само што стигнав, заѕвони телефонот. Некој од присутните ја подигна слушалката. По изразот видов дека станува збор за нешто страшно. Тој се сврте и рече дека се јавиле од хотелот ’Англетер‘ и соопштиле дека на катот, во својата соба, се обесил поетот Сергеј Есенин.“
По студеното време В. Рождественски и П. Медведов отрчале во хотелот.
„Вратата на Есениновата соба беше полуотворена. Веста за смртта на поетот уште не беше раширена низ градот. Точно, преку прагот, малку накосо, на килимот лежеше згрченото тело. Десната рака му беше малку дигната и вкочанета во необична положба. Отеченото лице беше страшно — на него веќе ништо не потсетуваше на некогашниот Сергеј Есенин. Единствено уште познатата златна коса го покриваше челото… На малиот отоман седеше милиционер во цврсто стегнат шинел, со парче молив пишуваше записник. Тој како да се израдува на нашето доаѓање, веднаш нѐ натера да се потпишеме како сведоци. Тој документ беше толку штур и краток што бесмислениот факт на самоубиство изгледаше поглуп и пострашен.“ (В. Рождественски)
Очигледно, потресен од настанот што се случил В. Рождественски потпишал, непромислено, записник во кој стоело дека нозете на обесениот поет виселе на метар и половина од подот, а тој не го видел поетот обесен. Сомнителна била и личноста што се јавила во Сојузот на писателите и соопштила за самоубиството на поетот.
Основната верзија на Е. Хлисталов се заснова на претпоставка за убиство на поетот со подоцнежна инсценација на самоубиство. Постоеле повеќе прашања за да се развие овој сомнеж. Кој бил тој Волф Ерлих и каква улога играл во животот на Есенин? Не му било јасно, како последната песна напишана со крв, суетниот Есенин, можел да му ја посвети нему, кога тој за него бил само обичен потрчко.
Дали Есенин со исечени вени и со повредени мускули можел да ја движи раката, дали можел со исечена рака јажето да го приврзе на цевката, дали можел да ги движи масата и столовите, со толкава загуба на крв можел ли воопшто да се движи?
Дали јажето, со кое бил врзан куферот, ја имало потребната должина и дали можело да ја издржи тежината на телото?
Поетот Књазев напишал: „Линија на вратот не се гледа“. Странгулационата линија од вратот на обесен човек не исчезнува, туку стои со црвено-модра боја. (Во својата повеќегодишна практика Хлисталов имал повеќе случаи, кога жртвата првин е убиена, а потоа, за да се скрие злосторството, обесена, и во таков случај се појавува сосема бледа странгулациона линија или воопшто не се појавува.)
Сомнеж во веродостојноста на записниците.
Често Хлисталов пред себе држел две фотографии направени непосредно по трагичниот настан. На првата Есенин лежи мртов. Косата е разбушавена, горната усна отечена, десната рака згрчена и подигната во воздух. Се забележуваат и траги од исекотини. На фотографијата не можат да се откријат траги од давење. Јазикот не висел од устата како кај обесените. Го чудело како Есенин бил ставен на креветот во онаа положба како што е на фотографијата, бидејќи, кај сите луѓе што се обесени, мускулите се олабавуваат и опуштаат.
На втората фотографија, поетот е снимен во мртовечки сандак. Крај сандакот стои мајка му, сестрите, сопругата Софија Толстој. Зад нив — поранешната сопруга Зинаида Рајх лицето го има ставено на градите од нејзиниот втор сопруг, Маерхолд. Под окото на Есениновата глава се забележува поголем одлив на крв. За таква телесна повреда лекарите-стручњаци велат дека е нанесена од тап предмет и по својот карактер спаѓа во повредите опасни по животот и здравјето. Хематомот настанал во време кога поетот уште бил жив.
„Кoj можел така да го повреди поетот?“
Барајќи да ја проучи судско-медицинската експертиза за вистинските причини поради кои настапила смртта, Хлисталов често наидувал на отпор. Во архивите на московската полициска управа му било одговорено дека „случајот Есенин“ одамна е завршен и нема што повеќе да се истражува. Сепак, со посредство на пријатели-соработници по архивите, на кои во знак на благодарност, а од разбирливи причини, не можел да им ги спомне имињата, дошол до многу доверливи документи на кои стоела назнаката „Да не се издава“. И покрај тоа што повеќепати бил предупредуван (а знаел дека и многумина други што се зафатиле со слични истражувања, „по разговорите во четири очи“ се откажувале), Хлисталов одлучил да издржи до крај.
Во записникот, „тој штур и никаков документ“ што го пишувал полицаецот Н. Горбов, не било внесено времето кога бил составен, ниту наведено времето кога биле сослушани сведоците. Лицето на поетот било нагрдено, изгорено, под левото око имал синица. Сето тоа требало да се стави во записник и да се објасни. Не е случајно што веднаш настанал сомнежот дека некој го убил поетот. Во хотелот дошол агентот на криминалистичката управа Ф. Иванов. Неговата прва бригада се занимавала со истрагата на најтешките кривични дела. Но, се прашувал Хисталов, со што се занимавал Иванов во хотелот?
По негово мислење, Иванов бил тој којшто го напишал текстот од сослушувањето на В. Ерлих, иако на записникот се наоѓал потпис на службеното лице кое наводно го вршело сослушувањето, Н. Горбов. Токму Иванов навел во записникот дека клучот се наоѓал во бравата од внатрешната страна, но „на 28-ми отидов Есенина да го повикам на појадок“ — се сеќава Е. Устинова. „Долго чукав на вратата. Дојде и Ерлих и ние долго чукавме. Потоа го замолив управникот да ја отвори вратата со калауз. Тој ја отвори и влезе. Очигледно, Есенин однадвор беше заклучен“.
За верзијата дека лицето од поетот било изгорено од цевките на централното парно греење, Хлисталов вели: „Не успеав да дојдам до податокот колку цевките на централното парно греење биле загреани. Ерлих пишува дека Есенин вечерта седел со префрлена бунда врз рамениците, Утрото полицаецот не го симнувал шинелот, можеби заради тоа што греењето слабо работело и хотелската соба била студена. Во секој случај, досега не е разјаснето со што Есенин бил изгорен на лицето, дали тие повреди настанале за време додека поетот бил жив или по неговата смрт.“
Според новинарски извештаи, на местото на настанот дошол лекар (или подметната личност?) кој навел колку долго поетот висел на јамката. Според едни сведоци 5 до 6, според други 7 до 8 часа. „Можно е да бил составен некаков записник со негова изјава, но подоцна записникот исчезнал, како и записникот од прегледот на местото на настанот. Не е исклучена можноста дека овие записници не ја потврдуваат верзијата за самоубиството“. Во записникот на судско-медицинската експертиза, времето во кое се случила трагедијата не е потврдено.
По ова може да се тврди дека кривична постапка за трагичната смрт на Есенин не е поведена и никаква истрага за вистинските причини за смртта не е извршена. Целокупната
истрага се состоела во тоа што полицаецот Н. Горбов поделил четири формулари на сослушаните Г. и Е. Устинови, В. Назоров и В. Ерлих. „По мои претпоставки записникот на Ерлих го пополнил агентот на криминалистичката управа Ф. Иванов.“
Целата истрага траела два-три часа, а во 16 часот телото на Есенин било префрлено во Обуховската болница. Полицаецот Горбов не ги отстранил противречностите од сослушувањето на сведоците, не го сослушал новинарот Ушиков, кој бил еден од последните што го виделе поетот жив, не го сослушал портирот, кого Есенин го молел никого да не пушта во хотелот, ниту, пак, личноста што изјавила дека Есенин во својата соба, доцна во ноќта пиел чај. „Кој бил тој човек што знаел дека Есенин во својата соба пиел чај?“ Хлисталов заклучува: „Сите овие личности сигурно дале изјави, но записниците исчезнале. Можеби заради тоа што не се вклопувале во верзијата за самоубиство“.
В. Ерлих многу неубедливо ги објаснувал своите постапки кон Есенин. Не случајно Ф. Иванов, како искусен агент, го одбрал токму него да го сослушува. Хлисталов вели: „Да се преиспита улогата на Ерлих во животот на поетот. Лесно е и можно е да се крене завесата на тајната. Предметот Ерлих мора да постои во бившите архиви на НКВД.“
Зошто Ерлих не ги кажал последните стихови кои биле напишани со крв? (Автографот на Институтот на руската литература Ерлих го предал на 2 февруари 1930 година.) Зошто не кажал дека Есенин се плашел да остане сам? Зошто премолчел и не кажал дека на молба на поетот, тој ноќевал во неговата соба? И покрај тоа што тврдел дека ги зел сите жилети, во новинските известувања стоело дека еден крвав жилет бил на масата. Посебно внимание, наведува искусниот криминолог, треба да се посвети на полномошното што Есенин му го дал на В. Ерлих. Сомнежот од тоа што, едно полномошно, искинато, било најдено во куферот на Есенин, а потоа се појавило друго, што не било напишано со раката на поетот. Сите овие прашања, вели Хлисталов, треба да ја растајнат личноста на Ерлих, а со тоа ќе се види и неговата улога во животот на Есенин“.
Има многу нешта што во сомнеж го носат самоубиството на поетот. Полицаецот во записникот не наведува под какви околности настанала синицата под окото на Есенин. Не е објаснето зошто личните предмети на поетот биле расфрлени по собата, зошто во записникот е наведено дека мртвиот Есенин се држел за цевката од парното греење? Живиот Есенин можел да се држи, но штом настапила смрт од бесење, тогаш сите мускули се отпуштаат и тој не можел да се држи. Зошто десната рака била подигната?
Ако било точно тоа, дека Есенин, првин ги исекол вените, а потоа се обесил, тој морал да го бара јажето, после тоа требало да го врзе над својата глава. Сето тоа тој не можел да го прави само со левата рака, тој морал нагоре да ја крене и десната, а тоа би значело дека крвта ќе се слеела врз неговата глава и лице, врз неговите рамена, врз ѕидот цевките, јажето.
„За тоа во записникот нема ни збор. На фотографијата не се гледа ни капка крв“.
Весниците пишувале дека поетот имал бледо, вкочането лице. „Во професионалната работа имав можност да видам над стотина обесени личности. Тие имаа темноцрвено-сива боја“.
Георги Устинов во своите спомени вели дека смртта настапила со кинење на вратните пршлени и на ’рбетниот мозок.
„До кинење на вратни пршлени доаѓa при ненадејни трауми, невнимателни паѓања и сл., а не и при бесење“.
И записникот од судско-медицинската експертиза, кој го потпишал извесен лекар Гиљаровски А.Г. изразува сомнеж во објективноста. Тој е напишан на обичен лист хартија
и не може да се стекне впечаток дека доаѓа од медицинска институција. Нема печат, нема потпис на главниот лекар или на шефот на одделението, ниту, пак, регистарски број. Набрзина бил пишуван, мастилото било размачкано. Судско-медицинскиот експерт бил должен да го напише во најмалку два примерока, од кои, оригиналот се упатува во полицијата, а копијата останува во болницата.
Судско-медицинскиот експерт требало да го прегледа телото и да ги наведе присутните телесни повреди, да го констатира времето кога настанале и дали се во врска со смртта. Ја опишува раната на челото, долга 4 см, а широка 1,5 см, но не и повредата на коската на черепот. Во записникот не е нагласено губењето крв на настраданиот. Со ниту еден збор не се споменуваат изгорениците на лицето.
„Се стекнува впечаток дека записникот Гиљаровски го правел под нечиј притисок, без внимателно да го прегледа телото.“
Со овој записник началникот на второто одделение на ЛГМ, Хохолов ја прекинува истрагата на „случајот Есенин“, бидејќи „не постои кривично дело“, а отфрлено е и „барањето за водење истрага“.
Со ова им биле одврзани рацете на новинарите во измислување на причини за смртта на Есенин. Официјалната критика му припишувала: наркоманија, алкохолизам, разврат, непристојно однесување, заборавајќи ја светата традиција во Русија — за мртвиот да не се зборува лошо, а се појавиле и предлози од некои политичари името Есенин трајно да се избрише од руската литература, бидејќи времето барало подруга литература од неговата, оптимистичка и ведра…
***
Интересно е да се забележи и судбината на луѓето што се дружеле со Есенин последните четири денови од неговиот живот. Веќе спомнавме за судбината на Георги Устинов, додека судбината на неговата жена е непозната. Волф Ерлих бил стрелан во 1937 година; службеното лице Н. Горбов, кој го правел записникот, бил затворен во почетокот на триесеттите години и неговите траги се губат; управителот на хотелот, Назаров, бил затворен 1929 година и по неколку години се вратил од логор морално и физички скршен. Судско-медицинскиот експерт Гиљаровски А. Г. бил затворен во 1931 година и умрел некаде на робија; Галина Бениславска се самоубила на 3 декември 1926 година на гробот на Есенин, но нејзината пријателка Јана Козловска кажува дека истиот ден нејзиниот стан бил испретурен, а Зинаида Рајх, која започнала да пишува мемоари за животот со Есенин, била злосторнички искасапена во нејзиниот стан во 1939 година.
***
Кон крајот на осумдесеттите години хотелот „Англетер“ е урнат и во тие урнатини исчезна и тајната за трагедијата на познатиот поет. Што навистина се случило во тој хотел? Дали се работело за убиство или за самоубиство?
Ќе одговорат новите архивски документи што ќе се најдат во рацете на жедните истражувачи.
Есениновата смрт погодила илјадници луѓе, кои се собрале на Кланчевскиот плоштад да го пречекаат возот што доаѓал од Ленинград со посмртните останки на Сергеј Есенин.
Ковчегот со Есениновото тело бил поставен во главната сала во Домот на печатот и цела ноќ бесконечна река луѓе се простувале од поетот.
Бил организиран грандиозен погреб, а со одлука на Советот на народниот комесаријат трошоците за погребот биле на советската влада.
Сомнително е зошто Советската влада организирала таков грандиозен погреб.
Утрото на 31 декември 1925 година, со звуците на посмртниот марш, на рацете на најблиските другари бил изнесен ковчегот со телото на Есенин. Поворката ја следеле повеќе илјади луѓе.
„Пред да го однесеме мртвиот Есенин на Ваганските гробишта, го однесовме до Пушкиновиот споменик. Знаевме што правиме, тој беше достоен на Пушкиновата слава“ — ќе забележи Јуриј Лебедински.
Поворката потоа застанала пред Камерниот театар. Гудачкиот оркестар го отсвирил посмртниот марш, а артистот Церетил на сандакот положил венец.
Оттаму отишле на Ваганските гробишта, а сонцето за миг се покажало низ облаците, било светло, но студено.
Славе Ѓорѓо Димоски
