НА МОЈ НАЧИН
Животот од бреговите се крши.
Како стар жител селски,
Јас се сеќавам на сè
Што видов во крајот свој.
Песни мои,
Спокојно раскажете го
Животот мој.
Колипка селска.
Мемлив мирис на катран,
Икона стара,
Кандила со притаен сјај.
Колку е убаво
Што си го чувам
Детскиот рај.
Под прозорците
Огнот на фортуната бела.
Имам девет години.
Кревет, баба, мачка сива…
А баба ми пее песни
За степите тажно
И зевајќи во мракот
Усните ги криви.
Под прозорецот
Беснееше фортуната
Како мртвите на танц да беа.
Тогаш со Јапонија
Империјата војна фати.
И од далечините на сите
Крстовите им светеа.
Јас не ги знаев тогаш
Мрачните сили руски.
И не знаев зошто е
Таа војна без сјај.
Полињата рјазански
Селаните што ги косеа,
И кај го сееја лебот свој ‒
Ми беа родниот крај.
И уште паметам како,
Селаните мрморејќи
Ги пцуеја ѓаволот,
Бога и царот.
Со насмев светложолт
Им одговараа в зори
Житата високо
Вивнувајќи го жарот.
И со римата за првпат
Се судрив тогај.
Главата ми зајде
Од чувства порој.
Па си реков ‒
Штом ме зеде овој јадеж,
Душата ќе ја вплетам во зборој.
Години мои, далечни,
Сега маглата ве завила.
Се сеќавам на дедовите
Тажни зборој без сила:
„Од тоа нема фајде…
Но, ако веќе си тргнал ‒
Пеј ти за ’ржта
И за стројните кобили“.
Но штом музите тогаш
Умот ми го зедоа врел,
Во тишина тајна, мирна
Приказни почнав да кројам:
Некогаш ќе бидам
Богат и славен
И мој споменик
Во Рјазан ќе стои.
На петнаесет години,
Вљубен до уши,
Занесен си мислев:
Штом пораснам голем
И зрелоста ме втаса,
Ќе се оженам веднаш
За тоа лично моме.
……………
Годините си врвеа.
Годините си менуваа лик ‒
Подруга светлина
Врз нив стаса.
Од занесеник селски
Во главниот град станав
Поет од врвна класа.
И разболен сиот
Од писателски чмај,
В скитија даден по светот
Ја влечев мојата трага.
Без верба во средби
Без тага при разделби
Мислев ‒ тоа е само лага.
И тогаш јас сфатив
Што е Русија
И што е ‒ по слава глад.
И затоа душава
Ми ја попари тага,
Горчлив пелин и јад.
И сега, кој ѓавол
Што сум поет!
Премногу ѓубре и без мене.
Нека умрам
Само…
Не,
Во Рјазан споменик мој ‒ не!
Русија… Царштина…
Дворјанска понизност.
Тага без крај…
И што сега?
Затоа еве ти го, Москво,
Mојот хулигански очај.
Ајде да видиме ‒
Кој кого ќе земе!
Во стиховите мои
Има толку сила ‒
На салонските гниди
Да им се помоча
Рјазанската кобила.
Не ви се допаѓа?!
Да, во право сте ‒
Навикнати на „лориган“
И мирис на рoзи свиен…
Но од нашето ѓубре
Од нашето никне
Овој леб лакомо
Што го ждерете вие.
……………
Врвеа години.
Со години така било,
Во нив сѐ се збрало,
Ни глас да ги втаса.
Со величествена сила
Царштината ја смени
Работничката класа.
И уморен од талкања
По земјите туѓи,
Се вратив во родниот дом,
Во пределите мои.
Зеленокоса,
Во здолниште бело
Над езерцето бреза стои.
Еј, тенка брезо!
Прекрасна… А градите…
Такви гради
Не барај жена да ја красат.
Луѓето од полињата
Позлатени од сонце
Во пресрет ми идат
Со коли полни ’ржени класа.
Не ме препознаваат тие.
За нив патник сум само.
Еве, минува и една баба
Без поглед да ми фрли…
Затрепери некој гнев
И грбот ми го обгрли.
Таа ли е?
Зарем не ме позна?
Но ако, старичката
Крај мене нека си мине…
И таа без мене
Многу чемер испила ‒
И сега усните страдни
Ѝ се обесени и сини.
Приквечер,
Ќе си навлечам капа,
За да не го гледам
Очајот студен.
И ќе одам среде
Покосената степа,
Жуборот на потоците
Спомени да ми буди.
И што сега?
Младоста бујна мина!
Да се фатам за дело
Време е сега.
И мојата палава душа
Да запее зрело.
И поинаков живот в село
Нека свежина ми вдахне.
Нека ме опие нова сила
Како некогаш
Во слава што ме вивна
Милата руска кобила.
