знаеш дека си одлепил…

времето лечи сѐ така велат старите мудрите но имаа ли тие пластични играчки за со нив да си играат кога беа деца?

(се к’ти ноќта црна…) 

се к’ти ноќта црна се… сѐ нокти се зошто се? а? а сепак поврзуваме зборовни состави меѓу нив спротивен сооднос со од нос нос на кос коски долги јазлести прсти нокти ноќи? за поврзување зборови за нагласување наизменично вршење дејства стварност? временско сопоставување сооднос на надоврзување градација град гради мои? град градила самовила град градина твоја? се к’ти ноќта црна се… сѐ нокти се зошто се? а? а сепак поврзуваме зборови зборовни состави со исто со слично или со различно значење се воспоставил однос на надоврзување… а сепак а сепак не

 

дишење од дијафрагма била топка дијафрагмата совршенство помислувам топката е совршена геометриска фигура ама растурена отворена како картата на светот во атлас станувала рамна кога вдишуваш се ширела како падобран за градниот кош да се наполни со воздух воздухот бил горивото енергијата што го создава звукот а тој воздухот треба да патува долго кога дијафрагмата се затега се вовлекува воздух кога се опушта го истиснува воздухот од белите дробови чудно токму кога се опушта од аспект на пеењето се разбира таа всушност работи опуштено од белите дробови воздухот патува низ трахеата сѐ до гласовната кутија говорен апарат воздухот под притисок ги истиснува гласилките тие треперат се отвораат и се затвораат ако се бавни и ти си маж тогаш си бас ако се најбрзи и ти си жена сопран си гласилки усна шуплина носна шуплина меко и тврдо непце јазик уста… почнуваш да размислуваш за дишењето и забораваш да дишеш почнувам да размислувам за пеењето и почнувам да плачам… кога ја запрашале стоногалката како се снаоѓа со сто нозе се замислила и заборавила да оди јас пак заборавив да пливам заборавив и како под вода да дишам заборавив како беше да се биде дете а трикот во тоа како повторно да бидеш дете не е никогаш да не пораснеш и да не се преобразиш од и за љубов дури и како мојата невозвратена туку прво да научиш да мислиш да научиш правилно да дишеш да научиш многу многу нешта а потем да научиш како сето тоа да го заборавиш да не мислиш… ќе запеам ли повторно?

малата сирена

 

петар пан не ме сака мамо тој ги сака само изгубените момчиња и не мора да се само момчиња може да се и девојчиња но важно е да се изгубени тоа е најважно мамо а тој да е најмалку изгубениот или најмногу изгубениот каква и да е логиката на градацијата во нивната ментална недојдија и тој мора да е нај нешто мамо за да може да ги води за да биде лидер нивен лидер не и свој и никако не и мој затоа не ме сака мамо иако си мисли дека ме сака си мисли сите ги сака и сака сите да го сакаат ја сака и ѕвончица а тие се толку распар тоа е толку неможна врска мамо но тој тоа не го знае а таа пак не се сака себеси мамо кога е осамена флертува со капетанот кука таа ме мрази мамо не знае ни зошто воопшто сум тука ме мрази зашто мисли дека петар пан ме сака зашто тој вели дека сите ги сака но тој не ме сака не знам ни дали себеси воопшто се сака и тие се стари денес мамо тие изгубените момчиња и девојчиња се седави свиени збрчкани и глуви но не и во нивната недојдија мамо не и во нивните глави и тука во овој наш свет тие се губат мамо поизгубени се одошто во нивната недојдија и не го знаат патот за назад а само назад сакаат мамо немаат ништо напред нивниот водач во круг води мамо зашто тој мора да е најизгубен за да води и нивните очи и нивните усти и нивните срца се вечно гладни мамо тие се гладни и жедни и не знаат за доста тие се кутри и бедни а мислат дека се главни тие се мрачни и темни и мислат дека се сонца харпии се и додека мислат од некого нешто крадат не сфаќаат дека себеси се јадат

венди

 

(ѕидовите од вреќи песок…)

ѕидовите од вреќи песок не се сиви во сенката под сонцето сини се што чуваме од што се вардиме што браниме нашите сенки се исти нашите ѕидови не се нашите сенки од нас прават објект сопоставен под светлината на денот и/или ноќта светлината има бела сина или жолта боја сенките се разнобојни нивната боја е нашата вистина нашите вистини се многу нашите ѕидови уште повеќе 

 

(знаеш дека си одлепил…) 

знаеш дека си одлепил кога се ракуваш со откорнатото раче од мал пластичен црн ајронмен и го прашуваш како е па се прашуваш по тебе ли посегнува или бара некој друг некоја друга нешто друго да допре да погали да поздрави… не не да удри раката е испружена така како за поздрав срдечен ама не пресрдечен не е како за кон најдобар пријател туку некако со задршка преку ѕид можеби не се имаат видено веќе подолго време па се прашува дали сѐ уште се пријатели можеби нешто си згрешиле па се прашува дали веќе си простиле… времето лечи сѐ така велат старите мудрите но имаа ли тие пластични играчки за со нив да си играат кога беа деца? така и си мислев ништо тие не знаат ни што!

Тагови од објавата
More from Јулијана Величковска
11 ирски поети
Неодамна во издание на ПНВ Публикации од печат излезе „Единаесет ирски поети“...
Повеќе
0 replies on “знаеш дека си одлепил…”