Воскресение
Легнувам
само мигум да починам
Не оди си од мене свету
Легнувам
само очите да ги одморам
Не напуштај ме мое видело
Легнувам
нозете колку да ги истегнам
Не оставај ме сило жиловита
Легнувам
дланките врз градите да ги одморам
Само мигум да умрам и да воскреснам
25.1.2023 г.
Криенка
Нема победници
во оваа игра на премолчување
криење зад зборовите
залудна потрага по неименливото
Чиниш намерно се губиме во лавиринтите
ти од твојата страна на влезот јас од мојата
Како потсвесно да го одолжуваме
времето за неизбежната средба со ламјата
Надвор веќе умира пролетта
и еден по еден прекапуваат
цутовите од мојот бел фустан
Додека есента да ги довее до тебе
на другиот крај од вселената
мене ќе ме завеат снеговите
Еве ги се вестат откај север
се мрешкаат и собираат
се трупаат под сводот небесен
и кај да е ќе ги спуштат своите бели раце
за да ја прочистат душата
и да го исчистат нашиот валкан свет
во кој се криеме и претопуваме
со нашата инаетлива игра
со нашата криенка што нѐ обезличува
7.12.2022 г.
Бришење
Ми доаѓа да ти го избришам името
што ти трепери во сите жици и фреквенции
ни една буква од него да не остане во мене
ни еден глас залебдеан во просторот
Да те избришам од сите социјални мрежи
да ти ги блокирам објавите пораките
коментарите накитени со симболи
на допаѓање сочувство поддршка
Толку е виртуелно тоа
Толку привидно и згодно
да ги скриеш зад него чувствата
изразувајќи само учтивост
Како што некогаш те прифаќав
сега раката ме чеша да те одбијам
да те отстранам од фејсбук и месинџер
од инстаграм јаху џимејл и линкдин
од скајп аутлук и твитер
да ти ги избришам сите видеа на јутјуб
по кои сум навлечена
Да те избришам да те отстранам сакам
од сите уреди и тефтери
сите песни за тебе напишани да ги витосам
пепел да ги сторам и над Скопјево да ги развеам
Само да смогнам сили да ја победам
оваа ѓаволова стапица
оваа вирутелна зависност
што за љубов се прикажува
16.11.2022 г.
Штипките
Кога пружам алишта на балконот
ми паѓаат едночудо штипки во долниот двор
и кошничето сѐ попразно ми останува
се гледа веќе изгребената пластика на дното
Кога ќе ја начекам комшиката на приземје
побрзувам засрамена во туѓиот двор
и ги собирам со заитани извинувања
за да имам со што да ги закачам
старите облеки што немам срце да ги фрлам
парчињата кошмарни соништа
мислите раскинати од недостиг
деновите нагрдени со црни хроники
При следното спростирање
пак ќе ми паѓаат од растреперените раце
пак ќе ги губам
и не ќе имам со што
да ја составам појавноста
4.11.2023 г.
Недоволноста
Те мачи недоволноста на нештата
бессилието на зборовите
за чиј господар се мислиш
Те јаде нивната несеопфатност
со која не можеш да го именуваш
тоа чувство тој немир што те раскинува
и пак неподатен останува
за каква било конкретна определба
во светот на поимите
Се залажуваш дека ќе го разбереш
ако го именуваш
Не е јаболко што можеш да го скинеш од дрвото
и да го загризаш во свежото утро
Ни лице има ни опачина
Какво име и да ѝ дадеш на таа јанѕа
ако не ја изживееш до самата срцевина
пак во тебе ќе остане да те разјадува
од сон да те буди и денот да ти го разнебитува
Оти таа само едно од тебе бара:
едноставно да ја прегрнеш
како дел од својата недовршеност
на патот кон последното одредиште
Заскитани
…по сокаците на денот
што ги брише трагите зад нас
се губиме во чудни маала
не успевајќи патот да го растајниме
Нѐ поклопува мракот на ноќта
што и под небото и во нас се пласти
со остинати надежи и капнати тела
заспиваме во нечии туѓи постели
Не знаеме дали некој нѐ поканил
и каде точно да се скрасиме
Кого да прашаме кога ќе се разбудиме
до кога можеме да останеме
Па излегуваме пак во новиот ден
оѕверени во себе и во другиот
и упорно Едемската Градина ја бараме
со уплав во очите и плускавци на душите
Дали некој го видел домаќинот
прашуваме Колку да ни потврди
дека нема друг пат
нема излез за слепите при очи
11.1./17.2.2025 г.
