Броење
Пред спиење
во замрачената кујна ги допирам лименките.
Заради брзина и практичност се трудам
да најдам инстант-снег. Снег во прав.
Лево-десно ги претурам неговите снегулки
како топчиња на примитивна сметалка.
Но веќе не паметам колку сум
префрлила на другата страна
па чувствувам инстант-несигурност.
Само белината ги штити од подбив
додека одново ги бројам,
веќе малку стопени.
Наутро пред куќата во дворот се рогуши.
Врз него снегот е истресен од лименката
и дишењето сосема го стопило.
Во бранови исчезнува и се слева низ улицата.
Сакам да ја минам зебрата, но таа плива краул.
Жица
Се обидувам да избројам колку намени има жицата.
Ја видов во Аушвиц поставена во демонски
долги огради.
Едно кафе to go, ја слушам мајка ми чијшто глас е обесен
на жицата заедно со клучот од влезната врата.
Таа знае дека нештата треба да се држат под контрола
и не е добро ако се растурат.
Го гледав татко ми како ја коси тревата.
Имаше бавни движења и повремено отпиваше
од кафето што мајка ми му го донесе од шопинг-центарот.
Ѝ завидував на самостојноста на тревата.
Од прапочетокот одбиваше да биде соработник со жицата.
Но семејствата се различни.
Сите тие набавуваат жица.
Додека чекорат покрај неа во заградените дворови,
ја следат незабележливо и ѝ веруваат.
Но одвреме-навреме помислувам дека жените што ги негуваат градините
всушност не го гледаат зеленчукот.
Ми се чини дека ја растегнуваат жицата со надеж
небаре таа е ползавец.
А не грашокот.
Жица ми се спушта сѐ до градите, додуша тенка е
и сребрена, а газелата што на неа виси, што ја сонив,
се умножува.
Па целото нејзино стадо ноќе ја прескокнува светската
литература,
асиметрично расфрлана низ собата.
Часовник и вдовици
Чиниите се патници. Се лизгаат, се оддалечуваат по косината на масата
додека јадеме раклет во Нидердорф 1 ,
но ние упорно ги враќаме на истото место.
Дождот што не паѓа е заспана инфекција
на стрмнините на небото.
Гласот ми е заспан, па не велам: часовите се фиоки.
Но времето сè уште не заспало, умрело.
А, сепак, наследувам сѐ повеќе фиоки како
негде постојано да се читаат неговите тестаменти.
Само часовникот е мртов, негова вдовица сум.
Мојот сопруг, келнерот и готвачот негови вдовици се.
Додека јадеме раклет во Нидердорф,
мајка ми во Пожега почнува да вари грав.
Место ребра, спарнината во тенџерето ја спушта.
* Улица во Цирих.
Коските на тишината
И тишината има коски.
Ме интересира каков звук имаат
и колку ревма можат да навлечат.
Кога ќе наидам на масовна гробница
в поле,
ја фалам добронамерноста на птиците
што своето пеење го постилаат
преку најдените коски
како ново ткиво.
Хотел
Патоказот на хотелот го покажува правецот кон гробиштата.
И навистина, во ресторанот мртовци чукаат со чиниите,
во собите ги отвораат прозорците и вратите навикнати
на провев.
Еден гледа како завесата се вее
над стутканата кошула ставена на столот.
Ѝ се нуди на собата како цепелин, па мртовецот по можност
би го резервирал попладневниот излет.
Друг во завесата, што бездруго ги следи сите дејства,
го препознава надзорникот.
Ако мртвиот може да почувствува бес,
тој го потиснува достоинството на молкот, ѝ вреска на собата
во неговата визија претворена во нацистички логор.
Го сонува Ајхман и продолжува да гестикулира
толку страствено што чека да оживи паркетот под него.
Третиот починат ги подава рацете кон прозорецот,
сиот среќен што провевот сака да му ја доближи ткаенината.
Таа ѝ припаѓа на собата, ќе ѝ биде венчаница.
Конечно е сигурен: време е
да се врзе за оваа соба
и веќе никаде да не замине од хотелот за мртви.
Небото билдер
Велат, ако добро погледнеш во облаците,
во нив ќе препознаеш зли лица.
Наѕираат
и подбивно ја следат девојката
што ја згуснува меланхолијата.
Кога расположението ќе навјаса,
во дворот ја спростира опуштеноста
со другите чаршафи и грижливо ја проветрува,
а потоа оди по селскиот пат,
облечена во црвено.
Во фустан ненамерно претворен во афион.
Навистина, ако се загледам во облаците,
зли глави во нив гледам.
Кога зборуваат, устите им се движат,
иако не слушам звук.
Една озборува:
Кога планината ќе се закашла, искашлува камен.
Глупаво, нели?
Втората продолжува: Луд фризер со XXL ножици
се лизга по падината. Левиот лакт веќе се зафаќа
за нескроеното лозје.
Му го возвраќам ударот на небото и велам:
Каков комичар! Билда
со дотерани облаци наместо со тегови!
Препев од хрватски: Славе Ѓорѓо Димоски
Песните се од „Хотел за мртви“ (2025, ПНВ Публикации)
