Ќе помине и моќта

Телефонот покажуваше една цртка од мрежата насреде длабока шума. А како и од кого би барал помош?

Тие денови од првата недела повторно посакав да фотографирам во шумата и бев навлегол доста длабоко во една корија, каде што немаше обележан пат. Беше доцна попладне. Додека тивко чекорев по лисниот пат што сам си го расчистував со стап, одеднаш како нешто да ми шепна дека треба да застанам и да ги отворам очите. Подзастанав и сетив – шумата молкна, сè што зуеше и шушкаше стивна. Се обѕирнав околу себе. Погледот ми го задржа нешто – на петнаесетина метри од мене, меѓу две темни стебла, светнаа очи, жолти, неми и гладни. Јасно видов како волчешка глава се појави од зад стеблото, во еден густеж, како да ѕирка за да види што му се заканува во неговата територија. Неочекувано им се појавив, им стапнав на прагот. Нешто одлево шушна едвај чујно, поблиску од она што го видов. Повеќе беа, ме набљудувале некое време, внимателно и тивко, претопени во самата шумска тишина. Полека почнав да се движам наназад. Се поднаведнав и нечујно го извлеков планинарскиот нож од џебот на панталноните, барајќи наоколу погодно дрво за качување. Не беше паметно да бегам, а и далеку бев од колибата. Срцето ми биеше како тапан пред битка. Очите ми беа свртени кон едно дрво на неколку чекори од мене. Се свртев брзо и со неколку скока дојдов до него. Беше високо, право, со дебело стебло и груба кора. Немаше ниски гранки, но едно големо испакнување на неговиот корен ми даде потпора. Се зграпчив за испуканата кора, прстите ми се закачија како пајак што оди угоре, а нозете ми летаа по стеблото како по скала. Ова старо дрво, со широко разгрането стебло, што ме прифати меѓу гранките, како да знаеше дека бегам да си го спасам животот. Нивните шепи беа зад мене, но притаено, тивко и тактички. Првите што излегоа од густежот беа слаби и изнемоштени волци, со суво и разретчено крзно – извидници на нешто пострашно што чекаше во заседа зад нив. Да не бев во опасност, вака искачен на дрвово, би ги сожалил, зашто и самиот бев извидник, на тешко проодни патишта во и вон од себе што судбината ми ги беше доделила да ги изгазам. Наскоро се собра глутницата што демнеше. Се обидов да ги избројам ѕиркајќи низ разлистената крошна, беа пет-шест. Продолжија да ме меркаат врткајќи се околу дрвото. Ми се чинеше дека долго одлучуваа дали сум закана или плен. Чекав така некое време со надеж дека нема да видат аир од мене и ќе си заминат, но овие ѕверови беа гладни, тивки и трпеливи. Каде што се додржував на дебелата гранка на која неудобно седев, уште и бев натоварен – во ранецот носев големо шише вода, фотоапаратот и објективот. Планинарскиот нож ми падна кога брзо се јазев по дрвото. Дланките и подлактиците ми беа издраскани и раскрварени на места од грубата кора на дрвото. Двапати внимателно го симнував ранецот од рамената за да го извадам шишето вода и да се напијам. Барем вода имав за неколку саати. Телефонот покажуваше една цртка од мрежата насреде длабока шума. А како и од кого би барал помош? По некое време, ми се приспа. Да имав јаже, ќе се врзев цврсто околу гранката да не паднам.
По еден саат седење, се вкочанив на дрвото, заробен меѓу небото и земјата.

* * *
Тој e чедо на дивината и не познава ни покорност ни припитомување. Се води по инстинктот кој струи низ сите живи битија, а насетот му е водилка. Мирот си го наоѓа во самотијата. Моќ и мудрост црпи од месечевата светлина. Со почит го прифаќа и редот во заедницата, без разлика дали е на челото или на опашката. Дали хранител или бранител, прв или последен, се гости од истиот плен на целата глутница. Радоста му е вослободата, сам да се води каде што милува, сам да лови и да си ја приготви гозбата, како некогаш древните ловци чиишто души го населуваат неговото тело. Радоста му е и во топлината на домот, меѓу блиските. Да го храни и подигнува подмладокот, и да го брани со челичната шепа и острите заби. Суров, а мил. И мек и цврст.

* * *
Сенките наоколу се издолжуваа додека сонцето бавно тонеше зад планината. Чекав качен на дрвото три-четири саати кои се чинеа како векови. Велам, времето вирее само во нашиот ум, скратено или продолжено, а мојов ум сега беше како нишало кое без забавување се клатеше меѓу две одлуки – да почекам уште малку и да ме додржи инаетливата волја да преживеам, и онака ќе видат дека нема фајде од мене и ќе си заминат, или полека да слезам и да им погледнам во очите како студени факли, па да видиме кој кого ќе истера од ова место. Остануваше да видам кој ќе попушти прв – јас или тие. Најпосле, решив дека е подобро да слезам и да се соочам со нив. Подобро нека ме раскинат отколку кукавички да висам на дрвово и да се лизнамод замор. Ја погалив гранката на која долго седев и му се забалагодарив на ова спасоносно дрво кое ми се најде во вистински миг. Имав нешто во себе кое ќе ги растера волците. Или повеќе верував дека останало нешто од таа необична Моќ. Да, велам Моќ и секогаш ја пишувам со големо М. Немаше подобар миг од сегашниот да ја испробам по долго чекање и сомнеж во неа. Додека слегував, на половина пат надолу по стеблото, му погледнав во очи на водачот на глутницата, кој стоеше зад другите во првиот ред, пуштени да го извидат теренот. Почнаа да ’ржат кога ме видоа како се лизгам по стеблото. Тој, нивниот водач, со густо и сјајно сиво крзно и остри очи, ме чувствуваше како посилен мажјак од него, а и јас го чувствував него – неговиот глад, бесот и презирот кон мене, натрапникот во неговото свето место. Ги почувствував неговото срцебиење, неговиот гнев. Толку добро го разбирав. И по тие неколку тивки мигови наприсна средба на две немирни души, со еден едноставен поглед му го стивнав ’ржењето и му наредив да си ја собере глутницата и да си замине. Посакав дури и да го погалам по главата, како да беше кутре. Но ниту би се осмелил ниту би го понижил.
Мојата наредба се пренесе преку него на целата дружина. Еден по еден почнаа да се повлекуваат од местото каде што стоев до дрвото, веќе слезен од него, застанат на земјата. Останав покрај дрвото уште неколку минути и си го прибрав ножот што ми падна. Немо ги поздравив волците, моите браќа по Месечина, и брзо тргнав кон куќарката.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ирена Јурчева
РАЗНОПОЈНИ СТРУНИ
Зад тешките алови завеси ветрот како да струнеше чудесна мелодија во триптих....
Повеќе
0 replies on “Ќе помине и моќта”