НЕУКОСТ
Ги засукувам ракавите во паника
Да го подражам брзо фразеологизмот.
Координација на движбите и слика
Врамена временски за нововековизмот.
…дека не се научив да трчам
Како веков што врви.
ПАДОТ НА НОВИОТ ВАВИЛОН
Градот нов дигноглаво се перчи
под стапките на Паднатиот
и сиот и сето
Се тегне до крајот.
Змејот (чиста метафора)
седмоглаво го прима
градот голем
До крилниците под синевината.
А жаби се накотиле,
ги скротиле снизените
со вик:
Милост,
Милост,
Милосрдност!
Во лов по Содома, Гомора
нов Вавилон
на трон со ѕверови…
… години наназад,
а чадот му се издига…
НЕКОЛКУ ЗБОРОВИ ЗА ТОА ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ПИШУВА (ПОТ)ПРОСЕЧНА ПОЕЗИЈА
„Можно е и вечно ќе може нов да се изгради израз“ – Ф.К. Хорациј
Нечесен случај на дисхармонија
без пригоден сведок.
екстази на говорот
во ситни јазични оази.
Безводна срцевина…
Или речено во четири очи.
молкот е мудрост
како баба ми што кажа.
Оти сведокот бил малокрвник
и еуфонија немало и стрвно
се беше забраздил
во пустински сентенци…
„Осредна способност брза
кон таквиот порок.“
Така! Катрани на нови(ни),
на ново(логизми)
А и да било нешто друго-било.
НИКОГАШ ПОВЕЌЕ, ЛЕНОРА!
Добрата соба
домаќинот го чека.
„Заиграј, веќе, мастилаво!“
Потем сините траги…
Благи ли се гробниците
насмеани за гости
та чукањето да е токмуглаво
со цело чекање
на птичјиот гргор?
„Застани!“
Декември во патетичен стрес
интересно продлабочува
версуси.
Мелодрами за мелолудаци!
Ленора, драга моја,
фигуративно заминуваш?
