Извадоци од поемата „Темна кутија“ од Братислав Ташковски, добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2025 година
Ти, Човеку мал,
Се прашав во глувиот дом –
Што бараш тука?
Нели беше умрен
И на небото летна
И се стори белина и прав?
Сети се како беше таму –
Патуваше ли тешко
Низ небата силни?
И зошто сега да бидеш тука? (250)
Но порака нова немав,
Крајот на писмото е јасен.
Напразно е да умреш
И кој за тебе ќе се сети тука?
Седнав на стариот стол,
Мислев како Ван Гог
Но наместо четка моливот ми рипна в рака.
Пишувам одговор:
Од рацете ми извира трепет
Но мислата појдува в час! (260)
Сè уште сум жив
И висам под Божјата стреа
Живеам како Модиљани за едни очи.
Го вратив моливот долу
И погледнав домот дали мириса на смрт.
Му реков:
Дому, Јас сум стариот, малиот Тој.
Го сопрев одот на грамофонската плоча
И сакав да замириса на кафе –
Дома сум и тоа е голема радост!
Одговорив тивко
За да не ме чуе никој,
А таа фати да тепа
Да гази по сенката, да рика и пцуе.
Глупав Стихозборцу
Овде пишување нема,
Тука не можеш да умреш
Додека мислиш дека си голем.
Ова е пеколот кој избегал
Од долу и никогаш нема да слезе. (430)
Но ме погали по рацете
И самовилски рече:
Слушај, заборавена букво –
Јас не сум обичен глас,
Ти си тука и сè уште не знаеш
Дали навистина си жив.
Како слепец од доброто бегаш,
А само трчаш
Како животинче мало
Во мојата Кутија темна! (440)
И тогаш повторно викав,
Го барав Поетот од далечниот век
Да ми подаде рака низ ова време.
Но ме пуштија во црната река
И гледав како без пламен
Горат младите души.
Си реков: ова казна ли е?
Или судбина напишана со сила?
Но јас нејзе не можам да ѝ се лутам.
Бродарот ме фрли на гол брег.
И за крај
Ќе испеам уште една песна:
Можеби не сакав тоа да се случи
Не знам дали Јас бев Тој
Тогаш и таму.
Дали случајно тоа го сторив
Или со намера цврста решен бев.
Се сетив на Пророкот кој рече:
По нешто знаеме, по нешто пророкуваме.
И книгата ја затвори силно. (910)
Јас сум Ис,
Јас сум малиот Тој
Никогаш не сакав лошото
Да ми биде утеха
А доброто недостижно небо.
Знам, душата на поетот е родена в мака.
Тој славата ја сака
Но таа е молња на ридот
Убава е за гледање
Но бесна за допирање. (920)
Темната кутија
Никогаш нема да се затвори.
Во неа има мир и немир.
И секогаш ќе сакам да знам
Дали тоа што го сонувам
Веќе сум го живеел?
Јас осамениот
Јас победениот
Јас бунтовникот,
Јас Ис!
