Тропна на отворената врата од канцеларијата 102.
— Претераа. Цело сабајле пукаат.
Во позадина се слушаа удари на тапани. Богољуб влезе во канцеларијата и застана пред бироата.
— Може да се види од каде доаѓа?
— Од маалото преку паркот подолу. Имаат свадба — му врати Коча и се потпре на наслонецот од столицата.
— Онамо?
— Да.
— Ќе ги пријавам во полиција. Сите граници ги поминаа.
Ударите на тапанот се засилија. Ритамот се забрза. Одекнаа рафали во воздухот. Колешката спроти Коча се тргна од прозорецот.
— Тргнувам јас, вие што сакате правете. Тука не е безбедно.
Ги собра работите, ја подигна ташната и со брзи чекори ја напушти канцеларијата.
— Пријатно.
Богољуб почека да излезе, па седна на нејзиното биро.
— Коча, да ги пријавиме?
— Пријави ги, Богољубе — му врати Коча и се напи од кафето. — Да не сакаш кафе? — го понуди.
— Нејќам. Само се нервирам. Ме врати назад во Тетово. Многу е опасно.
— Преопасно е.
— Мислев ќе прекинат после првата пауза. Сега пак продолжуваат.
Богољуб се исправи и почна да ги превртува листовите хартија оставени на бирото.
— По правило, знаеш, прво треба да го известиш директорот — рече Коча.
— Знам — врати Богољуб и замолкна.
— Нема да го известам, сигурно е заминат веќе.
— Во ред. Биди спремен за реакции.
— Не ми е гајле, претераа — ги преврте целосно листовите хартија и се тргна од бирото.
— Пријави ги.
— Ќе те известам после.
Богољуб излезе. Од маалото повторно одекнаа рафали.
Коча се врати на анализите. Два часа работеше и ги заврши основните пресметки, па во нотесот ги запиша чекорите за наредната недела. Задоволството од сработеното брзо му избледе. Се присети на анализите што ги оттурна настрана поради обврските што му ги наметна раководителот. Задоволството се претвори во празнина. Го провери фолдерот на компјутерот. Сопствените анализи последен пат ги отворил пред шест месеци.
Зар половина година поминала? — се праша.
Секогаш го прави истото. Доаѓа, ја прекинува работата и доделува нова задача. Ја пренесува така што и самиот почнуваш да веруваш дека е приоритет. Не се сеќавам колку месеци веќе работам на туѓи приоритети — размислуваше.
Во него почна да пламти гнев. Стана и излезе на терасата на првиот спрат. Од таа страна на зградата звукот на тапаните и рафалите глуво одекнуваа низ воздухот. Погледна во редот брези што го заобиколуваа паркингот. Светлозелените листови трепереа на благиот ветер и пренесуваа летна свежина.
Коча ја гледаше пред себе, но не можеше да ја почувствува свежината. Мислите го влечеа внатре во себе — назад кон каменот врз неговите гради што не му даваше да дише.
Слушна гласови. На средината од паркингот, Богољуб зборуваше со непознат човек.
Коча се врати во канцеларијата и ги отвори анализите. Го изненади напредокот што го направил. Одеднаш процесот му стана појасен. Каменот на градите се намали. Не му се веруваше дека половина година не се вратил на анализите. Празнината се замени со увереност. „Можам да го завршам за неколку месеци“, си рече. Кога стигна до крајот на анализата, се присети на деновите минати во мизерија поради таа равенка што не можеше да ја разјасни. Остануваше до доцна во ноќта за да го заврши моделот. Не успеа. Се присети на непријатната ситуација во пабот. И на мамурлакот наредниот ден. Го зема нотесот и го искина листот со обврските за наредната недела. Наместо тоа, запиша што му е потребно за неговите анализи. Почувствува олеснување и нестрпливост да се врати на равенките. Иако го привлекуваше, одлучи да не продолжи денес. Знаеше дека алкохолот ќе го следи низ анализите и дека ќе заврши во пабот.
Седеше немирен на столицата кога почна да вибрира телефонот на бирото. Ѕвонеше Богољуб.
— Реци, Богољубе — крена Коча.
— Уште си тука, Коча?
— Да.
— Ај симни се на паркинг, го чекам полицаецот да дојде — пренесе Богољуб, возбуден и насмеан.
— Звучиш чудно, Богољубе.
— Симни се, ќе ти раскажам.
Коча се симна и го одмина непознатиот човек кој сè уште стоеше на паркингот. Стигна до Богољуб, седнат на клупа под една од брезите. Зачудено го праша:
— Овој не е полицаецот?
Богољуб почна да се смее, трлајќи ги очите.
— Не е. Уф, колку е апсурдно.
— Што се случи?
— Седни, Коча. Ќе се смееш. Излегов од кај тебе и се јавив во полиција. Им објаснив што се случува и ми рекоа дека за кратко ќе ме исконтактира реонскиот полицаец. Добро, викам. Не поминаа неколку минути кога стварно ми ѕвони полицаецот. Вика: тука е Александар, кажете што е проблемот? Му објаснувам јас и ми вика: добро, ќе дојдам да проверам, само моментално сум на Славија, за некои половина час ќе бидам пред вашата зграда. Добро, викам. И, Коча, излегувам јас од канцеларија, кога пред мене директорот. Коча се насмеа.
— Кај си, Богињо — ми вика. — Само јас и ти работиме. И премиерот. — Ме удри по рамо.
— Го гледам јас расположен и си викам: ќе му кажам.
— Добар сум, директоре, туку од сабајле имаме мал проблем.
— Богињо, во петок има само решенија — ми вика. Сакаше да ме откачи, го знаеш каков е.
Коча беше внесен во приказната.
— И што се деси?
Богољуб почна да се смее.
— И стојам јас, ме гледа мене, ништо не кажувам, и се уозбили и он.
— Што е проблемот, Богољуб? — ме праша.
— Директоре, не знам дали кај вас во канцеларија се слуша, ама оние долу, свадба што прават, цел ден пукаат. Многу е опасно.
— Се слуша и кај мене, Тодоровиќ, и што со тоа? — ме прашува мртов сериозен.
— Епа, директоре, јас ги пријавив во полиција.
— Ти ги пријави во полиција, а?
— Да.
— Коча, му се смени лицето. Му стана сиво. Немам видено такво нешто досега.
Коча се држеше за вратот, насмеан.
— Ми вика: Како си одлучил сам да ги пријавиш? Знаеш дека треба прво мене да ме известиш.
— Знам, директоре, мислев дека сте заминати.
— Телефон немам? — Го извади телефонот и ми вика: еве го. Достапен 24/7, цела недела.
— И што направи? — го праша Коча.
— Кренав рамења. Стварно мислев дека е заминат.
— Ништо друго не ти кажа?
— Слушај. Ми вика: Што ти кажаа од полиција?
— Ми рекоа ќе дојде реонски полицаец за половина час на паркинг.
— Ти кога им се јави? — ме прашува.
— Пред петнаесет минути.
— Почна да ја мафта главата и ми вика: Иди пречекај го и после одма кај мене да дојдеш.
— Во ред — му викам.
— И?
— Се симнувам јас после половина час и гледам стои некој човек на телефон, на сред паркинг. Си викам, можеби во цивилка дошол. Ама чудно ми беше.
— Стигнувам до него и му викам: Александар?
— А он крева глава и вика: Да?
— Јас ви ѕвонев прееска.
— Ме погледна зачудено: Вие?
— Викам: да, да. Рековте за половина час ќе дојдете. Само се збунив и јас, не сте во униформа.
— Паа, слободен ден земав, затоа доаѓаме денес.
— А со кого дојдовте? — го прашувам јас.
— Па со ќерка ми, со кој друг? — ми враќа збунето.
— Со ќерка ви? Ќе биде безбедно за неа?
— Зошто не би било безбедно?
— Па не, бидејќи има пукање.
— Какво пукање?
— Па од свадбата.
— Од каква свадба, господине?
— Чекајте малку, вие не сте полицаецот Александар?
— Не, јас сум поштарот Александар.
— И јас збунето му викам: јас го чекам полицаецот за пукањето.
— Он ми вика: јас ја чекам ќерка ми за документите.
Коча почна да се смее на глас.
— Богољубе, во оваа црна дупка се менуваат законите на физиката.
— Кои се шансите, кажи ми жити се?
— А со директорот што се случи?
— Отидов кај него.
— Тропам на врата и отворам.
— Ајде, Тодоровиќу — ми вика. — Што директор сум јас без секретарка?
— Кај е Славонија? — го прашав.
— Ти кажи ми. — И наполни цела чаша со виски. Стојам јас пред врата. — Ајде, влегувај — ми вика. — Седни. Славонија е на боледување. Нè тужи за неисплатени регреси. Знаеш дека јас ја примив на работа? Беше чистачка. Стана секретарка и нè тужи сега. Ќе се напиеш нешто?
— Му викам: постам, петок е.
— А, постиш, а? — И се напи од чашата.
— Што очекуваш со пријавувањето да постигнеш? — ми вика сериозен.
— Не знам… само мислам дека е опасно и наша должност е да пријавиме.
— Твоја должност е прво мене да ме известиш — ми вика. — Па јас да одлучам.
— Во ред, директоре. Направив грешка. Ама тоа не ја менува ситуацијата.
— Направи грешка — повтори. — И пак ќе те прашам што мислиш дека ќе постигнеш?
— Опасно е — му викам. — Јас сум израснат во Тетово.
Застана тој.
— И?
— Со должна почит — продолжив. — Не сте биле таму.
Кога пламна.
— Од каде знаеш ти каде сум бил? — вика. — Ти си бил дете тогаш.
Стана преку бирото и почна да удира со прст по градите и ми вика:
— Знаеш каде бев јас? Во касарна. Резервист. Додека вие се криевте.
— Во која касарна сте биле? — го прашав. Нашата зграда беше веднаш до касарната.
Застана пак.
— Тодоровиќу — ми вика. — Ти си служел војска?
— Не.
— Така и си мислев. Затоа не збори многу за касарни.
И се наведна кон масата, крвави му беа очите и вика:
— И уште нешто ќе ти кажам…
Ама тропна некој на вратата и нè прекина. Влезе девојка и вика:
— Извинете што влегувам вака, нема никој на бирото пред вашата канцеларија.
Одма смени израз.
— Млада госпоѓице, влезете — рече насмеан. — Нашата секретарка е на службено патување.
Па се сврте кон мене:
— Тодоровиќу, што рече полицаецот?
— Не е уште стигнат.
— Тогаш, извести го Цобе — ми вика. — А во понеделник… јас и ти ќе се разбереме.
— И пак ништо не презема — му кажа Коча и стана од клупата да се истегне.
Богољуб ја потпре главата врз рацете позади.
— Оф, колку ме измори разговорот.
— А полицаецот? До каде?
Богољуб почна да ја ниша главата и да се смее.
— Полицаецот, Коча… го нема.
— Како го нема?
— Се јавив на бројот од кој ме бараше.
— И?
— Ми крена жена.
— Жена?
— Да, во некоја гужва.
— И? Што рече?
— Вика: Полицаецот Александар ми кажа да ви пренесам дека ќе дојде за еден час. Тргнал пеш.
— Пеш?
— Пеш.
— Јас прашувам: Вие сте му колешка?
— Ми вика: Не, јас работам на патарина.
— На патарина?
— Да. Полицаецот замолил да се јави од нејзиниот телефон. Неговиот бил исклучен.
Рафалите во позадина продолжија. Прво еден интервал брзи рафали, па уште еден. Пукањето заврши со поединечни истрели.
Се отвори рампата на паркингот и влезе црна кола — приватното обезбедување на зградата. Од колата излезе Цобе. Носеше црни пантолони и маица претесна за неговото торзо. Горниот дел од телото му беше нескладен во однос на тенките нозе. Имаше голема, тешка глава, избричена од страните, со мал ред коса однапред. На лицето имаше дупки од акни и сини, брзи наочари што целосно ја одбиваа светлината. Со нив изгледаше како сурфер на суво.
— Кај сте, шефчиња? — ги поздрави и почна да разгледува лево-десно, па нагоре во воздухот.
— Пукаат, а? — го лижна прстот и почна да го врти во воздухот. — Ова доаѓа од оној правец натаму.
— Натаму е север — му врати Коча. — И не доаѓаат од таму рафалите. Не можеше да го смисли обезбедувањето.
Цобе сè уште го држеше лижнатиот прст во воздух, со другата рака ги симна наочарите.
— Момче, те лаже ветрот.
Богољуб се вмеша:
— Не доаѓаат, Цобе, од таму. Доаѓаат од другата страна. Во маалото подолу прават свадба.
— Тоа не значи дека пукаат од таму — инсистираше Цобе. — Ве лаже ветрот, немате тренинг за оваа работа.
— Цобе, ги видовме како пукаат. Се гледа од канцеларија — му врати Коча.
— А така? — се изненади Цобе и застана до нив пред клупата. — Може. Сè е можно на овој свет.
Во тој момент свирна нешто со огромна брзина над нив и се заби во стеблото на брезата.
Тројцата стоеја со поднаведнати глави и гледаа во дрвото.
Коча се доближи до стеблото. Парче дрво беше откинато. Во длабнатината светкаше метално зрно.
— Што беше тоа? — праша Цобе.
— Дојди да провериш. Ти си експертот.
Цобе се приближи до дрвото со наочарите во рака. Погледна замижано.
— Куршум. Малку фалеше да биде во нечија глава — па се фати со рацете за половината.
Ветрот се засили. Лесните брезини листови се креваа и паѓаа околу нив.
Од аголот на паркот покрај паркингот се приближуваше полицаец. Одеше со рамномерни, долги чекори, вртејќи го пендрекот во десната рака. Кога се приближи до нив, видоа дека е целосно испотен.
— Добар ден. Да не пријавил некој од вас пукање? — ги праша задишан.
— Не — одговори Цобе.
— Да, јас — го пресече Богољуб.
— Дај ми лична карта — му врати на Богољуб и го избриша испотеното чело со раката.
— Знаете дека таму низ паркот има глутница кучиња? Реков да скратам, побрзо да стигнам. Како тргнаа накај мене… да не беше пендрекот, не знам што ќе беше — им зборуваше, запишувајќи ја личната карта на Богољуб во црниот нотес.
— Знаете дека во стеблото позади нас има куршум од тие што пукаат цело сабајле? — му врати Коча подбивно.
— Како би го знаел тоа? — врати полицаецот. — И како вие знаете дека е од тие што пукале сабајлево?
— Затоа што се заби во стеблото пред неколку минути, додека стоевме тука и ве чекавме да дојдете.
— Коча, чекај малку — го прекина Богољуб.
Во тој момент се приклучи Цобе:
— И јас тоа им го кажав. Мене ми изгледа како да доаѓа од другата страна.
— И направи полукруг, па од другата страна на стеблото се заби? — врати Коча разлутено.
— Момче, ако пукаат вертикално во воздухот, голема висина достигнуваат. Секаде можат да завршат.
— Точно е тоа — врати полицаецот. — Не можеш да бидеш сигурен.
— Извинете, ги видовме од каде пукаат. Се гледа од канцеларијата — проба да пресече Богољуб.
— Ги видовте?
— Долу во маалото има свадба. Заедно со тапаните има рафали цело сабајле. Прееска за малку ги пропуштивте.
— Како да слушнав… ама лаеја силно кучињата.
Рафалите одненадеж продолжија, заедно со тапаните.
Полицаецот му ја врати личната карта на Богољуб, го лижна прстот и го крена во воздухот.
— Не ми изгледа како да доаѓа од север.
Цобе ќутеше.
— Значи, Богољуб, ти имаш пријавено?
— Да.
— Ќе направам записник. После ќе провериме со обезбедувањето.
Погледна кратко околу нив, па додаде:
— Ако има траги, ќе постапиме.
Коча покажа со раката кон стеблото нервозно, па ја спушти раката.
— Богољуб, одам јас внатре.
Цобе му објаснуваше на полицаецот, мафтајќи кон север, додека излегуваа од паркингот.
