Наталија Јовановиќ Орлиќ е родена во Скопје, еден сончев ден во почетокот на јуни. Од најраното детство, растејќи во повеќејазична средина, покажува исклучителна љубов кон јазиците и комуникацијата, а својата природна дарба ја развива активно говорејќи повеќе јазици уште од најмала возраст.
Љубовта кон јазикот, културата и пишаниот збор подоцна ја потврдува со стекнување на звањето дипломиран филолог по македонски јазик со српскохрватски јазик на Катедрата за македонски јазик при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, додека паралелно студира и словенечки јазик на Универзитетот во Љубљана.
Како апсолвент на Универзитетот во Скопје се преселува во Љубљана, каде што го продолжува својот академски и професионален пат и на Филозофскиот факултет во Љубљана, каде што докторира со темата „Функционалност на меѓујазичкото посредување од подрачјето на меѓународната заштита и миграциите“. Нејзиниот докторски труд претставува пионерско дело во оваа област во Словенија и прво емпириско истражување кое систематски ја разгледува функционалноста на преводите и толкувањата во контекст на меѓујазичкото посредување. Со тоа отвора нови научни перспективи, прашања и предизвици за понатамошни истражувања во областа на толкувањето, миграциите и меѓукултурната комуникација.
Уште од студентските денови активно работи како преведувач и толкувач. Денес дејствува како конференциски толкувач, судски толкувач и толкувач за заедницата, со особен фокус на толкувањата за истражните и полициските органи — област со која активно се занимава и академски, како лектор по толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Марибор.
Нејзината работа се темели на професионалност, етичност и длабоко разбирање на јазикот како мост меѓу луѓето, институциите и културите. Во својата професионална дејност особено ја нагласува важноста на улогата на толкувачот и преведувачот, кои не се само „јазични посредници“ или механички пренесувачи на зборови, туку професионалци што мораат да поседуваат широко општо образование, културолошко и правно познавање, аналитичност, емпатија и високо чувство на одговорност. Според неа, квалитетното толкување не подразбира само прецизен превод на зборовите, туку и длабоко разбирање на контекстот, човекот и ситуацијата, бидејќи токму од точноста и начинот на пренесување на пораката често зависат правата, разбирањето и довербата меѓу луѓето и институциите.
Во текот на својата професионална кариера има објавено бројни научни и стручни трудови, а зад себе има и голем број предавања, работилници, едукации и учества на домашни и на меѓународни конференции. Соработува на повеќе европски проекти и е член на професионални преведувачки и толкувачки здруженија.
Во фокусот на нејзината работа е создавањето и развивањето програми за едукација на преведувачи и толкувачи, со цел овие професии да се извршуваат на највисоко професионално и квалитетно ниво. Токму од таа посветеност произлегува и идејата за создавање на овој прирачник, кој нуди основни и значајни информации од областа на толкувањето за заедницата, а изданието на македонски јазик е проолжение на изданијата на словенечки и црногорски јазик.
Во сите свои професионални и животни предизвици, авторката ја има неизмерната поддршка од своето семејство, кое претставува нејзин најголем поттик, сила и инспирација.
Првото издание на книгата „Краток вовед во толкувањето“ излегува во Љубљана, 2024 год. со поднаслов „Прирачник за практична работа“ во издание на Филозофскиот факултет во Љубљана.
Во 2025 година книгата се издава во Подгорица, Црна Гора и во 2026 година излегува како проширано издание на македонски јазик, во кое за првпат пред идните и сегашните преведувачи односно толкувачи имаме практичен прирачник за толкување.
Преведувањето подразбира пренос на пишан текст од еден јазик на друг, додека толкувањето претставува пренос на говорен израз од еден јазик во друг. Толкувањето се одвива речиси истовремено со говорот во текот на самата комуникациска ситуација, па на шега, некои дури велат дека толкувањето е вториот најстар занает на светот. Меѓу главните техники на толкување во рамките на толкувањето за заедницата Наталија Орлиќ пишува за консекутивно и симултано толкување, толкување со шепот (шушутажа), толкување на увид, придружно толкување, толкување на далечина и толкување за деца.
Наталија Орлиќ прецизно освен што прави поделба на толкувањето, детално ги анализира сите техники и фази на толкување, како и карактеристиките на толкувањето за заедницата, воведува преведувачки пристапи како новитети во преведувачето на светски рамки, одделно се занимава за толкувањето за деца и толкување за групи, а на крајот од книгата нуди корисни совети во корист на преведувачот односно како самите да си помогнеме при преведувањето, професионалноста на личноста што работи како толкувач, но и за настанот на толкување.
Го поставува прашањето: Каков треба да биде пристапот на преведувачот/ толкувачот од културолошки аспект? Во современ контекст, го отвора прашањето што значи да се биде „двојазичен“ преведувач т.е. двокултурен“ преведувач, односно цитирам: „толкувачот е интеркултурен посредник меѓу јазиците што ги преведува т.е. толкува“.
Како што самата вели: „квалитетното толкување не подразбира само прецизен превод на зборовите, туку и длабоко разбирање на контекстот, човекот и ситуацијата, бидејќи токму од точноста и начинот на пренесување на пораката често зависат правата, разбирањето и довербата меѓу луѓето и институциите“.
Книгата „Краток вовед во толкувањето“ е дополнителна литература на Филозофскиот факултет во Љубљана.
- Што претставува толкувањето и каква е улогата на толкувачот денес?
Толкувањето во својата техничка смисла претставува усно пренесување на порака од еден јазик на друг во реално време. Тоа е професионална јазична дејност при која толкувачот ја пренесува содржината, значењето и намерата на говорникот од еден јазик на друг.
Но тоа е само техничката страна на толкувањето. Во суштина, толкувањето е средство што овозможува непречено споразбирање и комуникација во реално време меѓу луѓе кои не зборуваат ист јазик. Благодарение на толкувањето, луѓето можат да разменуваат информации, да донесуваат одлуки, да ги остваруваат своите права и да учествуваат рамноправно во различни општествени процеси, без оглед на јазичните бариери.
Затоа денес улогата на толкувачот е многу поширока од самото пренесување зборови. Тој овозможува комуникација меѓу поединци, институции и култури и придонесува за меѓусебно разбирање, доверба и еднаков пристап до информации и услуги. Толкувачот не е само „пренесувач на зборови“, туку професионалец кој мора прецизно, целосно и непристрасно да ја пренесе пораката, водејќи сметка не само за јазикот, туку и за комуникацискиот и културниот контекст во кој таа се создава.
2. Зошто беше важно книгата да се надополни со „Толкување за истражни и правосудни органи“ (ТИПО)?
Потребата за ова дополнување произлезе од сознанието дека толкувањето во полициски, истражни и правосудни постапки има свои специфичности и бара дополнителни знаења и вештини. Во таквите ситуации не е доволно само добро познавање на јазиците, туку и разбирање на текот на постапката, улогите на учесниците, видот на прашањата што се поставуваат и можните последици од секоја неточно пренесена информација.
Во последните години, на светско ниво, сè повеќе се препознава дека толкувањето за истражни и правосудни органи претставува високо специјализирана област на толкувањето. Истражувањата покажуваат дека комуникацијата преку толкувач во вакви постапки се разликува од многу други облици на толкување и дека бара посебни компетенции. Поради тоа, во многу земји сè поголемо внимание се посветува на развивање специјализирани обуки, професионални стандарди и континуирана едукација токму за толкувачите кои работат во полициски, судски и истражни постапки.
Истовремено, сè повеќе внимание се посветува и на квалитетот на комуникацијата во истражните интервјуа, на обезбедувањето правична постапка и на заштитата на човековите права. Во таа насока особено значајни се Мендезовите принципи (Méndez Principles), кои претставуваат меѓународни насоки за етичко и ефективно спроведување на интервјуа засновани на градење доверба, почитување на човековите права и избегнување присила. Токму преку моето учество во меѓународниот COST проект ImpleMéndez, кој се занимава со имплементација на овие принципи во практиката, уште појасно се потврди важноста на улогата на толкувачот во ваквите постапки. Кога интервјуто се одвива преку толкувач, квалитетот на комуникацијата зависи не само од интервјуерот и лицето што се интервјуира, туку и од професионалноста и подготовката на толкувачот. Затоа е важно и институциите и толкувачите подобро да ги разберат специфичностите на комуникацијата преку толкувач.
ТИПО претставува практично надополнување на прирачникот. Во него се обработуваат теми како видовите прашања, комуникацијата преку толкувач, улогата на толкувачот во истражните интервјуа, професионалните граници, етичките дилеми и можните комуникациски пречки. Целта е да се придонесе кон поквалитетна комуникација, поголема професионалност на толкувачите и поголема правичност на постапките во кои учествуваат лица што не го зборуваат јазикот на институцијата.
3. За што конкретно помагаат различните видови прашања што ги употребувате како помошни алатки за толкувачите?
Видовите прашања се клучна алатка за добивање точни информации и за избегнување недоразбирања. Во работата на толкувачот тие имаат двојна функција. Прво, му помагаат на службеното лице или институцијата да добие појасни и попрецизни информации. Второ, му помагаат на толкувачот подобро да ја разбере намерата на говорникот.
Отворените прашања овозможуваат подетални одговори и добивање поширока слика. Затворените прашања служат за проверка на конкретни факти. Појаснувачките прашања се особено важни кога постои ризик од недоразбирање, културна разлика или јазична нејаснотија.
Во пракса, квалитетно поставеното прашање често е подеднакво важно како и квалитетниот превод на одговорот.
Во книгата внимание посветувам и на поимите илокуција и перлокуција. Илокуцијата се однесува на намерата на говорникот – што тој сака да постигне со својата изјава или прашање. Перлокуцијата, пак, се однесува на ефектот што таа изјава или прашање го предизвикува кај соговорникот. За толкувачот е важно да не ги пренесе само зборовите, туку и комуникациската функција на пораката. Доколку се изгуби илокуциското значење, може да се промени и перлокуцискиот ефект, односно начинот на кој пораката ќе биде разбрана и каква реакција ќе предизвика.
Токму затоа толкувачот мора да биде чувствителен не само на јазикот, туку и на комуникациската намера, контекстот и функцијата на секое прашање. Особено во полициски, судски и азилни постапки, каде што секој одговор може да има значајни последици, правилното разбирање и пренесување на прашањата е од суштинско значење.
4. Како технологијата го промени толкувањето?
Технолошкиот развој значително го промени начинот на кој работат толкувачите. Денес сè почесто се користат телефонско и видео-толкување, што овозможува брза комуникација и кога учесниците се наоѓаат во различни градови или држави.
Пандемијата на КОВИД-19 дополнително ја забрза оваа промена. Денес многу институции редовно користат платформи за далечинско толкување. Тоа овозможува поголема достапност на толкувачките услуги, побрз пристап до соодветен јазик и поефикасна организација на работата.
Сепак, ова е само едната страна на технолошките промени. Другата, можеби уште позначајна промена, е поврзана со брзиот развој на вештачката интелигенција. Денес веќе сме сведоци на системи за автоматски превод, автоматско препознавање говор, машинско титлување и алатки кои можат да генерираат преводи и толкувања во реално време.
Овие технологии не влијаат само врз начинот на кој работиме, туку отвораат многу подлабоки прашања за целата област на преведувањето и толкувањето, односно за транслатологијата. Денес не се поставува прашањето само како да се користи технологијата, туку и како таа го менува разбирањето на преводот, улогата на преведувачот и толкувачот, прашањата на квалитетот, етиката, доверливоста и професионалната одговорност.
Иако вештачката интелигенција може значително да помогне во одредени задачи, таа сè уште не може целосно да ги замени човечката проценка, интеркултурната компетенција, разбирањето на контекстот и способноста за донесување професионални одлуки во сложени комуникациски ситуации. Затоа иднината најверојатно нема да биде избор меѓу човекот и технологијата, туку развој на нови модели на соработка меѓу нив.
5. Што претставува јазикот сорани?
Сорани е еден од двата најраспространети стандарди на курдскиот јазик и најмногу се користи во Ирак и делови од Иран. Другиот голем стандард е курманџи, кој најчесто се зборува во Турција, Сирија и делови од Ирак. Иако двата припаѓаат на курдската јазична група, тие не се секогаш целосно меѓусебно разбирливи. Тоа може да се илустрира на пример вака – одите некаде во Африка, треба да се разберете и властите бараат толкувач за словенски јазик како и како резултат вие добивате толкувач за словенечки наместо за македонски јазик.
Во пракса често се случува институциите едноставно да побараат „толкувач за курдски јазик“, без притоа да се утврди која варијанта навистина ја зборува лицето. Меѓутоа, разликите меѓу поедините курдски варијанти можат да бидат значајни и затоа е важно да се обезбеди соодветен толкувач.
За време на последниот голем миграциски бран во Европа, многу држави се соочија со сериозен недостиг од толкувачи за одредени јазици и јазични варијанти, а тој недостиг во голема мера постои и денес. Еден од најилустративните примери се однесува токму на сорани. Во литературата се наведува дека во одреден период во Грција, говорниците на сорани чекале и до три години за прво интервју во постапката за меѓународна заштита, поради недостиг на толкувачи за оваа јазична варијанта.
Но, кога зборуваме за сорани, всушност не зборуваме само за еден јазик. Сорани е на некој начин симбол и метафора за многуте јазици и јазични варијанти со кои европските општества се соочија за време на последниот голем миграциски бран. Дотогаш многу од тие јазици речиси и не ги познававме, не ги среќававме во нашите институции и немавме развиени системи за обезбедување толкувачи.
Кога доаѓа до такви околности, улогата на толкувач често ја преземаат лица кои во одредена мера ги познаваат двата јазика и можат да овозможат основно разбирање меѓу страните. Но познавањето два јазика само по себе не е доволно за квалитетно и професионално толкување. Толкувачот мора да познава толкувачки техники, професионална етика, комуникациски стратегии, културолошки разлики и сопствената улога во комуникацискиот процес.
Токму овие искуства покажаа колку е важно да се разбере што навистина претставува толкувањето како професија. Толкувачот не е само лице што зборува два јазика, туку професионалец кој овозможува рамноправна комуникација и пристап до права и услуги. Затоа сметам дека оваа книга е особено важна. Таа претставува темел за разбирање на улогата, задачите и одговорностите на толкувачот во практиката. Во неа се обработени основните принципи на професионалното толкување, комуникацијата преку толкувач, етичките прашања и предизвиците со кои се соочуваат толкувачите во секојдневната работа. На некој начин, книгата претставува вовед во професијата и основа врз која може да се гради понатамошно професионално знаење и развој.
