ЗА ПРЕПЕЈУВАЧКАТА И ПРЕВЕДУВАЧКАТА ДЕЈНОСТ НА ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ од Соња Витанова*

ЗА ПРЕПЕЈУВАЧКАТА И ПРЕВЕДУВАЧКАТА ДЕЈНОСТ НА

ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ

Кога во 2013 година излезе во печат епохалниот препев на сите драми и сонети од Шекспир во книга со импресивен обем од 1650 страници, промоторот Венко Андоновски го опиша овој „преведувачкиот подвиг“ на Михајловски како „културен настан рамен на преводот на Светото писмо“ (А1он, 2013)[1]

. Импресивен е и препејувачкиот опус на Михајловски кој вкупно има препеано повеќе од 110.000 стихови од англиски на македонски јазик. Покрај 37 драми и 154 сонети од Шекспир, обемното препејувачко творештво на Михајловски ги вклучува и препевите на епските поеми Загубениот рај од Милтон и Беовулф од непознат автор, како и тие на поезија од П. Б. Шели, Џ. Китс, В. Блејк, В. Б. Јејтс, С. Т. Колриџ, В. Вордсворт, Џ. М. Хопкинс, Џ. Дан, Т. С. Елиот, Д. Волкот, Б. Брејтенбах и други поети. Овие препеви на македонски јазик, коишто истовремено црпат длабоко од македонската јазична ризница и истата креативно ја збогатуваат, притоа задржувајќи го англискиот културен код, се стожерот на брилијантната преведувачка дејност на авторот. Меѓутоа, иако најзначајни и најобемни се неговите препеви на македонски јазик на драмите и сонетите на Шекспир, како и тие на англиска канонска поезија, треба да се напомене дека културната хибридност на препејувачкото творештво на Михајловски не е само двозначна. Во таа смисла тој меѓу другото има препејувано од англиски на македонски јазик и нова кинеска, како и современа индиска и австралиска поезија, антологија со келтски песни, како и поезија од персискиот поет и теолог Руми.[2]

Покрај препевите, преведувачката дејност на Михајловски вклучува и преводи на македонски јазик на англофонско прозно творештво од реномирани автори како Џ. Џојс, О. Вајлд, Т. Морисон, Р. Карвер, Б. Расел, К. Ое, Стојан Христов и други, како и преводи на есеистика. Тука повторно паѓа во очи белегот на културната хибридност на неговите преводи од англиски на македонски јазик, коишто меѓу другото го вклучуваат и прозното творештво од јапонскиот современ писател, нобеловецот Ое. Значи, главниот и највреднуваниот од критиката препејувачки и преведувачки опус на Михајловски е пред сè од англиски на македонски јазик. Иако во далеку помал обем од неговата препејувачка дејност на македонски јазик, Михајловски има оставено зад себе и препеви на англиски јазик на поезија од истакнати македонски поети, меѓу кои ќе ги спомнеме П. М. Андреевски и Б. Конески од кои има препеано по една песна.[3] Авторот има преведувано и од српски јазик, но многу малку. [4] Оттука заклучуваме дека за препејувачкото и преведувачкото творештво на Михајловски, најважни се неговите јазични компетенции на македонски и на англиски јазик коишто му овозможиле да создаде брилијантни препеви и преводи, пред сè на македонски јазик. Напоменуваме дека опфатот на преведувачкиот опус на Михајловски е неверојатно разновиден и широк. Покрај поезија (вклучувајќи го и творештвото од реномирани поети, учесници на Струшките вечери на поезијата), драма, проза и есеистика од англиски на македоснки јазик, но и обратно, Михајловски преведува и филмски и театарски сценарија, статии од различни области, разни излагања и друго.

Поради својот епохален препејувачки потфат на сите драми и сонети од Шекспир, Драги Михајловски (1951-1922) е заслужено познат и под прекарот „Македонски Шекспир“. Меѓутоа, тој не е само брилијантен преведувач, туку и постхумно е сè уште еден од најистакнатите и најпопуларните писатели во Македонија. Роден е во Битола во 1951 година, каде го поминал своето детство и го завршил основнотo и средно образование. Дипломирал, успешно завршувајќи ги студиите по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1976 година се вработил како библиотекар на Катедрата за англиски јазик и книжевност на истиот факултет. И својот магистерски труд на тема „Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик“ Михајловски го одбранил на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На истиот факултет ја одбранил и неговата дoкторска дисертација со наслов „Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија“. Михајловски го поминал целиот
свој работен век, изведувајќи настава од областа на преведувањето и англистиката на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што бил избран во сите академски звања. Како редовен професор по предметот Теорија и практика на преведување на Филолошкиот факултет во Скопје, бил ментор на дипломски, магистерски и докторски трудови пред сè од областа на преведувањето и толкувањето, но исто така и од полето на книжевноста и книжевниот превод.

Михајловски бил член на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај тоа, ги уредувал и книжевните списанија Lettre Internationale, Стожер и Стремеж. Во периодот од 2007-2008 бил избран за претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура на РМ. Во 1992 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија и на ПЕН на Македонија. Од 1998 година се зачленил и во Асоцијацијата на
писателите за мир во Вашингтон, САД.

Учествувал во повеќе студентски работилници за преведување и толкување. Од пограндиозните преведувачки проекти се истакнува неговото учество како член на стручната редакција во Ѕвездите на светската книжевност. Резултатот од овој проект, организиран од
Министерството за култура на Р. Македонија, е огромна едиција од 560 тома преводи на книжевно творештво од најреномираните светски автори.

Михајловски ги има добиено сите најпрестижни државни награди за своето препејувачко, преведувачко и книжевно творештво. Така, во 1996 година е добитник на наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот Загубениот рај од Милтон. Во 2006 година ја добива наградата „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир, а во 2009 наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за неговата плодна препејувачка и преведувачка дејност, преточена во бројни препеви и преводи на дела од англофонската книжевност на македонски јазик. Во 2013 година по втор пат е добитник на угледната награда „Григор Прличев“ за препевот на Сите драми и сонети од Шекспир. Ќе ги споменеме и книжевните награди, почнувајќи од таа за најдобра дебитантска книга на Книжевната младина на Македонија којашто ја добил за неговата прва збирка раскази Речно улиштте (1981). Во 1994 година е добитник и на „Рациновото признание“ за збирката раскази Скок со стап. Два пати (во 2002 година за романот Смртта на дијакот и во 2006 година за романот Мојот Скендербеј) е добитник на реномираната награда „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра прозна книга. Како признание за целокупниот негов препејувачки, преведувачки и книжевен опус, во 2018 година Михајловски ја добива и наградата „11 октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста.

Иновативните пристапи и придонеси на Михајловски во практиката на преведувањето произлегуваат од неговото теоретско стојалиште за преводот коешто тој го спроведува во практика преку своите препеви и преводи, иако не се држи строго ниту до сопствените правила. Авторот ги изложува неговите теоретски согледби во две студии за преведувањето: Нераспнати богови (1991) и Под Вавилон – задачата на преведувачот (2002)[5]. Поаѓајќи од метафората во библиската приказна за Вавилонската кула којашто требало да биде изградена до небото, но луѓето никогаш не успеале да ја завршат нејзината изградба бидејќи Господ ги измешал нивните јазици така што тие веќе не можеле да се разберат, Михајловски ја истакнува невозможноста на преведувачот преку процесот на преведување да го долови и пренесе значењето на оригиналот кој е еднаков на Господ. Сите стремежи на човекот се своевидна мимикрија на Господ и на сè што Севишниот создал. Според Михајловски, преведувањето е бесконечна метонимија, мачен бескраен процес на трагање по оригиналното значење. Производ на тој макотрпен процес е несовршената мимикрија – преводот. Тргнувајќи од тука како појдовна точка во секој свој преведувачки потфат, Михајловски сериозно и на оригинален начин пристапува кон „невозможната“ задача на преведувачот. Тој смета дека, ако преведувачот не може целосно да го долови оригиналот, односно не може да направи превод којшто би бил совршен како оригиналот, тој/таа барем може да создаде нешто блиску до изворот. Со други зборови, според Михајловски, задачата на преведувачот е да го пренесе колку што е можно поверно значењето на оригиналот, фокусирајќи се на сите негови особености, особено на тие кои отстапуваат од нормата, во духот на јазикот и културата од коишто преведува. Притоа, преведувачот треба да го пренесе изворното значење парадоксално преку отстапување и „очудување“од оригиналот, користејќи различни, нови изразни форми, преземени од културната традиција на јазикот на којшто преведува. Во Под Вавилон – задачата на преведувачот, Михајловски го цитира Конески кој дефиницијата на очудувањето ја презема од Речникот на книжевни термини:

Очудувањето се дефинира како „отстапување на некој елемент (обично тематски) на литературното дело од нормите и конвенциите… и негово претставување од необична страна…како да е ,прв пат виден’. Поимот се применува и во однос на други (стилистички, композициски) постапки што придонесуваат за нарушувањето на ,автоматизмот’ на перцепцијата, па е во сушноста врзан за постапката на авангардата“(Конески, стр 33)
(Михајловски, 2008: 78)

Станува збор за позајмена техника од руските формалисти којашто овозможува обичните нешта да се претставуваат на неконвенционален начин за да можат да бидат согледани и осознаени од поинаква, нова перспектива. На тој начин, невозможноста преводот да биде идентичен со оригиналот во јазична и семантичка смисла, Михајловски ја компензира, нудејќи нешто ново и креативно што оригиналот го нема. Потребно е да се напомене дека за Михајловски „сите автори се преведувачи“ (Михајловски, 2008: 16). Со други зборови, тој го става под прашање авторството, алудирајќи на интертекстуалноста на секој текст, како што објаснува во белешката бр. 5 [6] . Тука е и суштината на препејувачката и преведувачка брилијантност на авторот Михајловски кој преведува како книжевник што твори, и создава книжевност како преведувач кој се очудува од оригиналот по кој бесконечно трага. Притоа, трагајќи по недостижното, по недофатливиот Господ, Михајловски постојано ги намножува значењата во своето преведувачко и книжевно творештво по хоризонталата на Вавилонската кула во своевидна бесконечна метонимија.

Во своите теоретски согледби, авторот развива систематичен пристап кон преведувањето, при што го советува преведувачот да „ја направи матрицата на преводливост[7] на оригиналот, односно [да] го изнајде начинот на намерата или литерарноста на оригиналот“. Теоретските согледби на авторот се засновани врз истражувањата на Валтер Бенџамин во неговиот есеј „Задачата на преведувачот“ од каде што Михајловски го позајмува терминот начинот на намисленото, Аrt des Meinens којшто го поистоветува со литерарноста на руските формалисти. Целта е преведувачот „да го формира новиот текст (преводот) на начин што ќе овозможи оригиналот да прозвучи низ него и да предизвика исти чуства какви што предизвикал во времето на неговото настанавање“ (Михајловски, 2008: 74). Според Михајловски, матрицата на преводливост на оригиналот е различна за поезијата и прозата. Меѓутоа, и покрај својот систематичен и прецизен теоретски пристап кон преведувањето, Михајловски неретко се очудува и од сопствените правила во своите препеви и преводи. Всушност, токму очудувањата го прават уникатен неговиот преведувачки подвиг.

За да ги илустрираме иновативните пристапи и придонеси на Михајловски во практиката на преведувањето, потребно е да се сосредоточиме на неколку примери коишто за овој напис ги издвојуваме од највдахновените препеви на авторот. Тие ја прикажуваат неверојатната умешност на Михајловски да црпи од англиско-македонската јазична и културна ризница на најкреативен можен начин. Препевите на авторот се уште еден доказ дека, покрај тоа што е јазично и културно хибриден, преводот е и плурален и творечки во семантичка смисла. Издвоените примери се фокусираат на очудувањата на јазичко и семантичко рамниште коишто се прелеваат едно во друго во препевите на Михајловски оти зборовите пренесуваат значења, а значењата се изразуваат преку јазикот. Затоа, во духот на творештвото на Михајловски, и соодветно на суштината на очудувањето, истите не се строго категоризирани во анализата.

Во своите препејувачко творештво Михајловски се свртува кон македонското фолклорно наследство и црпи од лексичко-фразеолошкиот фонд на македонската народна јазична традиција, нагласено вклучувајќи ја и Цепенковата ризница.[8]Така, црпејќи од длабините на македонското народно творештво, односно, користејќи ја лексиката и фразите на македонските народни песни, приказни и преданија, очудувањето на авторот во лексичко-фразеолошка смисла е своевидно помакедончување на оригиналот со употреба на македонски народен говор во препевот којшто сепак парадоксално истовремено го задржува и културниот код, пренесен од изворниот англиски јазик.

По урнекот на македонското народно творештво, Михајловски и во препевите, како и во своите авторски романи и раскази, користи непосреден дијалектен говор, колоквијални фрази и архаизми. Така, во Беовулф (стих 2285), тој го преведува изразот “disaster and woe” со „неола“, дијалектна форма од зборот „невола“ (Михајловски, 2008: 102). Потоа, во претходниот стих (2284) од истиот препев ја употребува колоквијалната фраза „Арно ама“ за да го преведе на македонски јазик разделникот “But”. Колоквијалната фраза „Арно ама“ воведува семантичко очудување (отстапување, дигресија) во форма на христијанска алузија:

But a man undooomed
May endure with ease disaster and woe
If he has His favour (96)
Арно ама, имал живот
а тогаш е лесно низ неоли да минеш
под закрилата мошна (102)

Оној кому не му е судено да умре ја има благонаклонетоста на Господ и лесно ги пребродува неволите. Иако староанглискиот еп е изникнат од паганската епска традиција, којашто вклучува кралеви, чудовишта и јунаци, се претпоставува дека христијанските алузии во Беовулф ги внел анонимниот монах кој го напишал епот во периодот набргу по покрстувањето на Англосаксонците, некаде меѓу 8 и 11 век. Така, лексичкото очудување, помакедончувањето на англискиот еп со колоквијалната фраза на Михајловски, сигнализира дека следи некакво ново значење кое отстапува од очекуваното, односно јазичното очудување го воведува семантичкото.

Архаизмите се многу чести, како во прозното творештво на Михајловски, така и во неговите препеви. На пример во неговиот препев „Сонет 18“, авторот го употребува архаизмот „реим“ којшто на македонски јазик означува „залог“, „хипотека“[9] . Имено, во оригиналот на англиски јазик бардот неочекувано го користи англискиот збор “lease” [10] којшто буквално би се превел со „закуп“. Овој збор внесува сувопарна правна конотација, некомпатибилна со лирскиот тон на сонетот. Шекспир го користи ваквото јазично очудување за да го активира отстапувањето на семантичко рамниште. На тој начин тој воведува ново значење, истакнувајќи ја минливоста на летниот ден чиешто траење, небаре со закупнички договор, е однапред ограничено само на кус временски период. Значењето понатаму се проширува на семантичко рамниште бидејќи поентата на Шексапир е всушност да ја истакне вечноста на убавината на младото момче кому му се обраќа во сонетот, во контраст со минливоста на летниот ден. Таа убавина никогаш нема да згасне, за разлика од минливоста на летниот ден, бидејќи истата е овековечена во стиховите на бардот. Соодветно, Михајловски прави лексичко очудување, неочекувано црпејќи од лексичкиот фонд на македонското народно творештво. Така, преку архаизмот „реим“, тој го воведува во препевот народниот говор којшто отскокнува од лирскиот тон на сонетот. На тој начин авторот го активира очудувањето на семантичко рамниште во сличен дух на оригиналот, но на свој посебен начин. И овој пример покажува дека лексичко-семантичките очудувања во препевите на Михајловски се засноваат врз обичното коешто тој го вметнува во софистицираното, односно, во случајот на „Сонет 18“, преку архаизмот, авторот го внесува обичниот народен говор во промислената лирика за да го долови значењето на оригиналот.

Ќе го споменеме и архаизмот „азна“ (мнозинска форма од „азно“) во Бевулф како превод на aнглискиот збор “hoard” чиешто буквално значење би било „складиште“. Архаизмот на македонски јазик означува „складиште за вредности и драгоцености“, „богатство“ или „благо“[11]. Значењето кон коешто Михајловски цели е закопаното благо, односно богатство или, уште попрецизно, складиштето за вредности и драгоцености коишто змејот ги чува закопани под земја. Не само што Михајловски го преточува македонското фолклорно лексичко наследство во препевот и со овој архаизам, туку истиот и креативно го користи за да создаде нов збор, кованката азно-чувар (hoard- warden) во духот на лексичко-семантичките очудувања во Беовулф, познати под името кенинг (kenning) [12]. Во оваа кованка англискиот збор “warden” се преведува како „чувар“ на македонски јазик. Чуварот е именуван според она што го чува, а тој чува богатство закопано под земја или „азно“. Оттука Михајловски и ја изведува кованката „азно-чувар“. Друго такво лексичко-
семантичко очудување, кенинг, во Беовулф е и кованката fire-drake којашто авторот во сличен дух вешто ја преведува како огно-пуштач (101). Зборот “firе” се преведува со „оган“, додека зборот “drake” на староанглиски и во митолошка конотација значи “dragon”, или „змеј“ на македонски јазик. Така, непознатиот автор на староанглискиот еп, змејот го именувал сo кованката, кенингот “fire-drake”, според неговата главна натприродна митолошка карактеристика да фрла или пушта оган. Михајловски во препевот вешто ја прилагодил кованката на македонскиот јазик во духот на оригиналот, но на свој начин. Тој искористил две именки: „оган“ и „пуштач“ од кои втората е формирана од глаголот „пушта“. Двете именки ги поврзал со зборообразувачкиот интерфикс „о“ така што неговата кованка на македонски јазик, дури подобро и од оригиналниот кенинг, прецизно го опишува змејот според она што тој го прави. Разликата од кенингот во оригиналот е во тоа што Михајловски не го спомнува змејот, но истиот го именува според неговата веќе наведена особина како натприродно митолошко суштество. Оттука доаѓа кованката „огно-пуштач“.

Во препевите на Михајловски, впрочем како и во неговото сопствено прозно творештво, лексичкото очудување често се прелева во фонолошко и обратно. Во таа смисла лексичко- фразеолошкиот фонд на македонското народно творештво изобилува со аугментативи кои ја пренесуваат звуковноста на македонската народна песна или приказна. Фразата “Rough winds” во споменатиот „Сонет 18“ од Шекспир, Михајловски ја препејува како „грубо луњиште“ во духот на македонската народна јазична традиција, збогатувајќи го препевот во звуковноста на македонското фолклорно творештво (Шекспир, 2013: 1550). Авторот прилично добро ја следи метричката шема од оригиналот, пренесувајќи ги ритамот и римата, освен кога тоа е невозможно поради спецификите на македонскиот јазик.[13] Таа невозможност тој ја надополнува со звуковноста на македонските народни песни и приказни, помакедончувајќи го сонетот на Шекспир. Интересно е дека, додека „грубо“ е соодветен превод за “rough”, „луња“, „луњиште“ уште повеќе, е лексичко очудување од зборот “winds” чијшто буквален превод би бил „ветрoви“. Се разбира, да му беа буквални преводите, Михајловски не би бил „Македонскиот Шекспир“. Авторот пред сé е оригинален и творечки препејувач. Така, стихот “Rough winds do shake the darling buds of May”, Михајловски го препејува како „Грубо луњиште милите пупки ги тресе“. Гледаме дека, наместо „ветер“ во мнозинска форма, тој користи аугментативна форма од зборот „луња“ којшто на македонски јазик значи „големо невреме, силен студен ветар со дожд или снег“[14]. Препејувајќи го така изразот од оригиналот со „Грубо луњиште“, не само што авторот го очудува од сонетот на Шекспир на лексичко рамниште, туку лексичкото очудување се прелева во фонолошко на уникатен начин преку аугментативот којшто ја пренесува во препевот звуковноста на македонското народно творештво. Истовремено, Михајловски го преточува и фигуративниот јазик на Шекспир којшто, од своја страна, внесува очудување на семантичко рамниште. Изразот „Грубо луњиште“ вклучува жив, сликовит опис преку епитетот „грубо“ којшто ја истакнува грубоста како типична особина на луњата. Едновремено луњата е персонифицирана, односно оживеана со човековата особина којашто ја поседува, а тоа е нејзината грубост наспроти „милите пупки“ коишто ги тресе. Покрај тоа, изразот е своевидна хиперболизација бидејќи грубоста нa луњата пренесува нијанси на аугментативно значење, но на Михајловски тоа не му е доволно. Тој одлучил да употреби поголемо интензивирање на атрибутите на луњата, користејќи го зборот „луњиште“ како чиста аугментативна форма во македонски јазик којашто отсуствува од англискиот јазик каде што аугментативното значење обично се пренесува со префикси. Персонификацијата и хиперболата во изразот „Грубо луњиште“ ја пренесуваат метафората којашто се провлекува низ целиот сонет, постојано очудувајќи се и менувајќи се на семантичко рамниште во неуспешниот обид да ја претстави совршеноста на убавината на младото момче на стереотипен начин, сé до куплетот на крајот. [15]Според тоа, гледаме дека очудувањата кај Михајловски меѓусебно се прелеваат на лексичко, фонолошко и семантичко рамниште, збогатувајќи го препевот на лексичко и фонолошко рамниште, но истовремено го препознаваме и обидот на авторот барем приближно да го долови оригиналното значење, односно да ги пренесе колку што е можно поверно семантичките очудување од сонетот на Шекспир.

Иако Т. С. Елиот во својот есеј за Милтон ќе каже дека кај него „секогаш станува збор за максимална, а никогаш за минимална промена на обичниот јазик“ (112), како што видовме, Михајловски често се обидува да се доближи до оригиналот, користејќи обичен народен
македонски говор. Тоа му успева и во неговиот извонреден препев Загубениот рај, наспроти лексичката и семантичка комплксност на епот во оригиналот на англиски јазик. На тој начин Михајловски ја реконструира и дефиницијата за очудувањето, бидејќи во неговите препеви тој често го очудува необичното преку обичното. Така, во препевот Загубениот рај, авторот црпи од јазичниот фонд на македонското народно творештво, користејќи аугментативи, како „телесијата“ (119) за зборот “bulk” во описот на Сотоната од Првото пеење, каде што очудувањето на Милтон се ефектуира преку хиперболизација на „големината“ на Сотоната. Помакедончувањето на зборот преку народниот говор е соодветно очудување во препевот, блиску до смислата на оригиналот. Во Првото пеење (стих 305), Михајловски повторно користи аугментатив во препевот, преведувајќи ја фразата “fierce winds” како „силни ветришта“ (120). На овој начин тој го преточува херојскиот тон на епот во звуковноста на македонскиот народен говор. Тука повторно лексичкото очудување на македонски јазик го пренесува и семантичкото очудување од оригиналот. Имено, тој што е „наоружан со силни ветришта“ е Сотоната, спореден со Орион (богот на ветровите) кој го разбранува Црвеното Море, исто како што Сотоната ги повикува и мотивира паднатите ангели,
неговите поданици, да прават херојски дела. Меѓутоа, Орион го уништува фараонот и сета негова војска, а токму египетскиот фараон е асоцијација за Сотоната во неговата земска форма. Така, испаѓа дека непријателот на Сотоната не е само Господ, туку Сотоната си е непријател и на самиот себеси. Во таа смисла аугментативот, којшто во македонскиот јазик може да значи и подбив, го подрива херојскиот тон на Сотоната, изложувајќи ја неговата парадоксална самодеструктивност. Демунитивите исто така ја пренесуваат звуковноста на македонското народно творештво.

Така, во Беовулф, Михајловски го препејува зборот “dwellers”, чијшто буквален превод би бил „жители“, со „народец“, користејќи нагалена демунитивна форма, хипокористика (100). Интересно е дека во препевот целиот израз dwellers of earth, чијшто буквален превод би бил „жители земски“, Михајловски го преведува како народецот божји, надоврзувајќи се со семантичко очудување коешто отстапува од буквалното значење на англискиот израз, но е во духот на споменатите христијански алузии. Истите исто така претставуваат своевидно отстапување на семантичко рамниште бидејќи отсуствуваат од изворниот пагански контекст на староанглискиот еп кога тој сé уште бил дел од усното народно творештво. Веќе рековме дека анонимниот автор често ги користи христијанските алузии во епот, иако не во случајот на овој англиски израз. Видовме дека лексичко-фразеолошките очудувања неизбежно влијаат и врз звуковноста во препевот и неретко се прелеваат во очудувања на фонолошко рамниште. Во контекст на фонолошките очудувања, Михајловски препејува автори чиишто стихови отстапуваат од рутински и предвидливи јазични и метрички правила. Таквите очудувања тој ги препејува, очудувајќи го сопствениот препев. Така, и во однос на метриката, Михајловски неретко ја преточува во препевот звуковноста на македонската песна, во примерот долу на македонската лирска поезија, но притоа вешто успева да ги задржи и елементите од оригиналниот звук, ритам и структура. Токму тоа го прави, препејувајќи го „бланкверсот, белиот стих, неримуваниот јампски десетерец на кој е пишуван епот“ Загубениот рај (116).За поилустративно да ја презентира сопствената практика на преведување, Михајловски обрнува внимание на својот препев на познатите стихови од почетокот на Третото пеење каде што Милтон пишува за своето слепило и во буквална и во метафорична смисла:[16]

Yet not the more
Cease I to wander where the Muses haunt
Clear Spring, or shady grove, or sunny hill,
Smit with the love of sacred song; but chief
Thee, Sion! and the flowery brooks beneath,
That wash thy hallowed feet, and warbling flow (115)

Сепак не престанав
Да лунѕам кајшто Музите престојуваат често,
Крај чист извор, гора ладна или сончев рид,
Од љубовта понесен на светата песна; но главно
Тебе Сионе и потоците цветни што подножјето
Свето оздола ти го мијат со ромор течејќи (117)
[17]

Тука го гледаме двојниот јазично-културен код на препевот кој умешно ја пренесува звуковноста на македонската лирска песна преку опчекорувањето (анжамбманот), како своевидно очудување на синтаксичко рамниште од метричката свршеност со поделба на стиховите што Милтон го постигнува преку својот бел стих. Синтаксичкото рамниште се преобразува во семантичко преку значењето коешто не завршува во еден стих, туку се преточува во понатамошните стихови на епот.

Да се задржиме на препевот на Михајловски, фокусирајќи се на контекстот на првите два стиха: „Сепак не престанав / Да лунѕам кај што Музите престојуваат често“ и на зборот „лунѕам“ од вториот стих. Станува збор за втората, најдолга инвокација на Милтон во којашто има автобиографски елементи. Меѓутоа, во епот на Милтон, за разлика од класичната епска поезија, небесната Муза е олицетворена вo Светиот Дух кого Милтон го повикува да го исполни со божествена мудрост, слично како во првата инвокација. Сега да го разгледаме зборот „лунѕам“ којшто е вметнат во поетскиот контекст на инвокацијата на музите од почетокот на Третото пеење, инвокација тишпична за класичната епска поезија, но семантички очудена во епот на Милтон кој, наместо на Музата на поезијата, се обраќа на небесната Муза, односно на Светиот Дух. Наместо буквалниот превод „талкам“, „скитам“ на англискиот збор “wander”, Михајловски го користи во цитираните стихови од Загубениот рај глаголот „лунѕам“ којшто е често употребуван во македонски канонски книжевни текстови од истакнати автори[18]. Јасно е дека не постојат поетски зборови, туку авторот истите ги прави поетски, употребувајќи ги во поетски контекст, во овој случај, во контекст на инвокацијата на небесната Муза. Меѓутоа, интересно е дека Михајловски неретко ја евоцира македонската книжевна поетика преку лексичко очудување коешто во препевот се прелева во семантичко, односно авторот го збогатува препевот, додавајќи нова поетска димензија, oд македонската јазично-книжевна ризница. Глаголот „лунѕа“, којшто неслучајно се појавува во творештвото на многу македонски реномирани автори е специфичен и по својат етимологија која веројатно произлегува од „луна“, со значење „месечина“ и глаголскиот завршеток „ѕа“ којшто би можел да биде преобразена форма од „за“, како во глаголот „брза“. Инаку, „ѕа“ или „ѕе“ исто така алудира на извикот што го користиме „за обраќање кон мало дете кога се затскриваме за да го привлечеме неговиот поглед“[19]. Оттука преносното значење би можело да се протолкува како скриено гледање на месечината, можеби како месечарењето при што месечарот едновремено е скриен од месечината преку својот сон, но и е изложен на неа бидејќи талка, „лунѕа“ под месечината. Така зборот „лунѕам“ семантички се очудува бидејќи месечарењето може да се разбере и како творечки чин на создавање поезија којашто е сместена некаде меѓу фантазијата и реалноста, токму како и инвокацијата на Милтон којашто ја содржи и конотацијата на барање инспирација од Музите за творечкиот чин на создавање, пишување на епот. Така, преку семантичкото очудување на зборот „лунѕам“ во дадениот поетски контекст, извира литерарноста на препевот на Михајловски во којашто е преточена литерарноста на епот на Милтон,

Во делот од Првото пеење, кадешто е опишано величественото тело на Сотоната кого Милтон го споредува со Титан и со библиското многуглаво морско чудовиште, Левијатанoт, вметната е една наративна дигресија за неискусен морнар кој го закотвува своето бротче на телото на морското чудовиште, мислејќи дека тоа е копно. И во овој случај, Михајловски во препевот го користи свршениот глагол „залунѕано“[20], изведен од глаголот „лунѕа“, често употребуван во книжевно-поетски контекст на македоснки јазик. Така, наместо буквално да ја преведе фразата “night-foundered skiff”[21] како „во ноќта потонато бротче“, преводот на Михајловски гласи „во ноќта залунѕано бротче“. На овој начин, авторот го препејува семантичкото очудување од оригиналот преку ново семантичко очудување. Во таа смисла, во оригиналот “foundered“ не се однесува на “skiff” и според тоа не значи „потонато бротче“, туку глаголот со цртичка е поврзан со именката “night” така што “night-foundered” буквално значи „во ноќта потонато“, а не бротче коешто потонало ноќе. Препејувајќи го “foundered” со „залунѕано“, наместо „потонато“, Михајловски вешто ја отстранува асоцираната двосмисленост, но истовремено додава и нова семантичка македонско книжевно-поетска димензија во неговиот препев.

Драмите на Шекспир се напишани главно во јампски десетерец, пет стапки со првиот ненагласен и вториот нагласен слог, но делумно бардот користи, како што самиот Михајловски ќе каже во предговорот на својот епохален препев, „блескава, неповторлива, шармантна проза“ (Шекспир, 2013: 2). Целта којашто Михајловски си ја поставува е да го пренесе ритамот на очудувачки начин, приспособувајќи го на македонскиот јазик, помакедончувајќи го, но истовремено пренесувајќи го и јазичниот и метрички код на оригиналот колку што е можно поверно. Мајсторството на Михајловски највеќе доаѓа до израз во најочудувачките стихови од драмите на Шекспир каде бардот отстапува дури и од сопствените правила. Така, во Макбет Шекспир користи неримуван јампски десетерец, бел стих, но понекогаш се очудува и од ова отстапување, невообичаено употребувајќи рима со сосем различна метричка шема за специфични ликови, како трохејскиот тетраметар[22] во сцените со вештерките. Михајловски мајсторски успева да го преточи говорот на вештерките во звуковноста на детска приспивна песна на македонски јазик, којашто има злокобен тон, притоа задржувајќи елементи од оригиналниот ритам и рима:

Double, double, toil and trouble
Fire burn and caldron bubble.[23] Двојни маки, матни жабри
Гори огну, казану бабри, бабри! (Чин четврти, сцена прва)[24]

Се разбира, фонолошкото рамниште и во оригиналот го сигнализира семантичкото очудување, олицетворено преку трите вештерки и стиховите коишто тие ги изговараат. Тоа е и причината зошто Шекспир користи различна метричка шема, означувајќи дигресија, семантичко отстапување преку трите вештерки и нивниот говор. Вештерките фрлаат магија која мора да се фати и соодветно нивниот говор во римуваните куплети е обележан со злокобност, детска певливост, небаре се работи за приспивна песна, и драматична впечатливост. Тие се пророчици кои му ја предвидуваат судбината на Макбет, истовремено туркајќи го кон таа судбина. Всушност, трите вештерки се своевидно продуктовно очудување на самантичко рамниште без конечен референт. Тие може да го олицетворуваа исконското зло, деструктивноста на амбицијата, моќта на натприродното, а неможноста до крај да го разјасниме нивното значење упатува на тоа дека можеби и Шекспир сакал да бидат вон моќта за разбирање на човековиот ум.

Всушност токму цитираниот римуван куплет упатува на двојноста и амбигвитетот на значењето преку зборот “Double“ во оригиналот, повторен два пати. И зборот “Double“ сам по себе означува двојност, а неговото повторување повеќе го интензивира семантичкиот амбигвитет на говорот на вештерките. Меѓутоа, Михајловски одлучува само еднаш да го употреби зборот „Двојни“ во препевот на сметка на сведување на фразата “toil and trouble“ на еден збор: „маки“, иако истата можел да ја преведе со „маки и неволи“. Сепак, да не заборавиме дека тој се погрижил препевот да биде колку што е можно поверен на оригиналот и на фонолошко и на семантичко рамниште. Бидејќи целиот стих го сведува само на два збора, му недостасуваат уште два за да може да ја преслика метричката шема на трохејскиот тетраметар од оригиналот. Така, Михајловски го дополнува стихот со „матни жабри“, но овој израз го нема во оригиналот. На тој начин, иако на прв поглед се чини дека овој израз е бесмислица, авторот не само што успева да ја преслика метричката шема од оригиналот, туку и додадените зборови се во духот на семантичкото очудување на Шекспир. Имено, вештерките буквално мешаат, матат нешто во казанот, но зборот е обележан со двојност оти на македонски „да матиш нешто“ најчесто има пејоративна конотација и значи скришно да планираш валкани работи. Се разбира ова одговара на функцијата на вештерките кои му го „поматуваат“ животот на Макбет, поигрувајќи се со неговатан амбиција и, заедно со Леди Макбет, го наведуваат да го убие кралот за да го наследи престолот. Во оригиналот го нема зборот „жабри“, но покрај тоа што ја пренесува метричката шема од оригиналот, овој збор кој означува „органи за дишење кај рибите и кај некои други видови водни животни“[25] е нешто што вештерките буквално би можеле да го матат во казанот бидејќи состојките во нивната вештерска чорба се најчесто органи и делови од мртви животни.

Вториот стих директно го пренесува значењето од оригиналот во императивна форма: „Гори огну, казану бабри, бабри“. Интересно е дека тука имаме фонолошко отстапување од трохејскиот тетраметар бидејќи во препеаниот стих има пет зборови со повеќе слогови и невозможно е да се следи трохејската стапка, но куплетот е римуван како што веќе рековме:. жабри / бабри. Она што е интересно во препевот на Михајловски е зборот „бабри“ којшто едноподруго два пати се повторува во вториот стих. Имено, за да се запази римата, доволно е зборот да го има само еднаш, но Михајловски се очудува во преведувачката постапка и, како некаква фонолошко-сематичка трага од испуштањето на второто повторување на “double“ во претходниот стих, тој го вметнува повторувањето во вториот стих, но не зборот од оригиналот, туку на зборот „бабри“. На тој начин, не само што го надополнува испуштањето на фонолошко рамниште преку алитерацијата и асонанцата: „бабри, бабри“, туку и на семантичко рамниште повторно ја изложува темата за двојноста и амбигвитетот на значењата. Тука ја гледаме сржта на преведувачката практика на Михајловски кој за да може колку што е можно поверно да го пренесе оригиналот, парадоксално се очудува и отстапува од истиот, преточувајќи ги испуштените јазични или семантички траги од
оригиналот на некое друго место во препевот, или внесувајќи нешто свое што го нема во изворниот текст, но сепак е во духот на оригиналот.

Во однос на семантичките очудувања, коишто како што рековме не можат да се разгледуваат изолирано од лексиката, се издвојуваат креативните кованки на Михајловски коишто создаваат нови слоеви на значења, секогаш отстапувајќи од буквалниот превод на некој збор или фраза во неговите препеви. Во тој контекст да ги разгледаме следните стихови од препевот Беовулф на Михајловски

“Take joy in this jewel, and prosper, Beofulf,
Young man endeared to us, and be served by the chain-mail
And by these great treasures, and flourish, flourish, (1218)[26]

„Носи го билјур-ѓерданов и биди радосен Беовулф,
Мил младичу, нека те метанисуваат
бој-корсетот и благата благонапредувај, благонапредувај, (1218)[27]

Покрај тоа што Михајловски впечатливо го пресликува алитеративниот стих[28] од староанглискиот еп, повторувајќи ги почетните букви „м“ и особено „б“ од нагласените зборови, тој создава и три креативни кованки, односно кенинзи: „билјур-ѓерданот“, „бој-корсетот“ и „благонапредувај“. Овие стихови се добар пример за семантичкото очудување на препевот од оригиналот. Така, наместо “this jewel” буквално да го преведе со „овој скапоцен камен“, Михајловски ја создава кованката „билјур-ѓерданов“. Архаизмот „билјур“, по којшто ѓерданот во кованката (кенингот) е именуван како „билјур-ѓердан“, значи „кристален сјај“[29]. Користејќи го зборот „билјур“, Михајловски се очудува од оригиналот бидејќи и овој архаизам го внесува македонското народно творештво во препевот. Покрај тоа, на семантичко рамниште „билјур“ асоцира и дека ѓерданот блеска исто како и оружјето и оклопот на воинот. Притоа, треба да се напомене дека бoгатството во светот на Беовулф не се сведува едноставно на парична вредност, туку тоа означува и искажување почит кон храбриот воин. Така, скапоценостите, благото и оружјето, со коишто биле наградувани воините, ја чествувале нивната слава, стекната со јуначките подвизи во бојот, или херојството на нивниот загинат водач чијшто спомен тие, како негови следбеници, го славеле со даровите. Во тој контекст треба да се разбере и значењето на креативната кованка „бој-корсетот“ којашто означува заштитна опрема на воинот во битка. Наместо едноставно да ја преведе кованката “chain-mail” како „оклоп“ или описно со буквалното значење како „мали метални растегливи прстени поврзани како мрежа“, Михајловски користи очудување во препевот за да го долови очудувањето од оригиналот, препејувајќи ја кованката (кенингот) на анонимниот автор со своја оригинална кованка: „бој- корсет“. Зборот „корсет“ означува дел од облеката на жените којшто е растеглив, односно се обликува според телото. Ова значење го има и во оригиналот, но ако корсетот се употребува во бој, поетски збор за битка на македонски јазик, тогаш е јасно дека „бој-корсетот“ е своевиден метален оклоп, прилагодлив на телото на мажот воин, којшто ги заштитува во битка. Оттука и зборот „корсет“ е именуван во кенингот како „бој-корсет“ според неговата намена за бој. Во претходно објаснетиот контекст на значењето на богатството во светот на Беовулф, е и кованката на Михајловски „благонапредувај“ како своевидно семантичко очудување на препевот од буквалниот превод на “flourish, flourish” како „напредувај, напредувај“. Именката „благо“ во кованицата е своевидна семантичка трага од првата половина на стихот каде што во оригиналот се спомнува “treasureѕ”, но кованката истовремено дава нова значенска димензија во препевот бидејќи даровите го „метанисуваат“ Беовулф, односно, „му укажуваат голема чест“, уште една кованка на Михајловски којашто доаѓа од „правење метании“, но тука е битно дека честа е укажана со дарување богатство и скапа воена опрема. Како што Беовулф напредува во јунаштвата така и богатствата и скапоценостите со коишто ќе биде наградуван и испочитуван ќе се зголемуваат. Оттука и напредувањето на воинот, реализирано преку јунаштвото и храброста во бојот, е именувано според благото, односно скапоценостите со коишто е наградуван како „благонапредување“, или „благонапредувај“ во императивна глаголска форма.

Уште еден пример на семантичко очудување е препејувањето на фразата “unsex me” од монологот на Леди Макбет во Макбет, фраза чијшто превод е сè уште предмет на дебата. Во овој монолог од Чин еден, сцена пет, таа бара од темните сили да ја лишат од сите нејзини човечки слабости за да може да ги исполни своите злокобни намери како движечка сила за убиството на кралот Данкан, мотивирано од желбата на Леди Макбет и нејзиниот сопруг да го презематпрестолот. Описниот превод на фразата би бил „лишете ме од женскост“. Меѓутоа, Михајловски умешно се снаоѓа и го создава изразот „машкосајте ме“[30], од глаголот во мнозинска императивна форма, составен од именката „машко“ и суфиксот „сај“, по којшто следи кратката заменска форма во прво лице еднина „ме“. Семантичкото очудување во овој случај со еден збор го изразува значењето на фразата од оригиналот, бидејќи и во патријархалниот контекст на Англија од 17 век, но и во контекст на сè уште конзервативното балканско и македонско општество, машкоста е стереотипно поврзана со храброст, цврстина и одлучност, а женскоста со нежност, слабост и неодлучност. Меѓутоа, откако успешно се „машкосува“, Леди Макбет го разобличува и реконструира „машкосувањето“, правејќи го особина посилно изразена кај неа како жена отколку кај нејзиниот сопруг.

***

Од овие неколку илустрации, кои се премалку за да се прикаже препејувачката брилијантност, мајсторството и оригиналноста на Михајловски како преведувач, заклучокот ќе го почнеме од последниот пример. Имено, во своите теоретски согледби, тој се навраќа и на деконструкцијата на Дерида и Де Ман[31] , но неговото преведувачко, препејувачко и авторско творештво е повеќе реконструкција, отколку деконструкција. Преку очудувањата на јазично рамниште, авторот истовремено и креативно ги намножува значењата на сематичко рамниште во препевот.

Успешноста на препејувачкиот и преведувачки подвиг на Михајловски меѓу другото се должи и на тоа што тој и самиот е писател. Во препевите на сонетите и канонската англиска поезија го запознаваме Михајловски и како поет. Во овој контекст, промоторот Венко Андоновски на епохалниот препев на Михајловски на сите драми и сонети на Шекспир, за препевот на сонетите ќе рече дека е „ремек-дело зашто се работи за ,најкристалната и најизбрусена поетска форма’, и додаде „некои дури звучат и подобро на македонски“. Промовирајќи ги препевите на драмите, Андоновски истакна дека Михајловски ја развил „смислата за поимот на комичното и трагичното во драмите на Шекспир“ преку неговите „авторски дела (романите и расказите)“[32]

Како исклучително плоден и креативен препејувач, Михајловски има дадено огромен придонес пред сè кон македонската и англиската јазична, преведувачка, културна и книжевна традиција. Неговите препеви и преводи на англофонско творештво на македонски јазик креативно ја имаат збогатено македонската книжевна и културна ризница бидејќи тие се обележани со творечкиот импус и креативноста на авторот, како и со двојниот англиско-македонски културен код. Со своите препеви и преводи, Михајловски го има впишано македонскиот белег врз англиското книжевно творештво коешто е помакедончено, но едновремено и го задржува англискиот културен код.

На крајот ќе ги наведеме најистакнатите препеви и преводи на Михајловски[33]

1. Елиот, Т. С. „Љубовната песна на Џ. Алфред Пруфрок“. Препев од англиски Драги Михајловски. Билтен на младиот отворен театар. – Скопје: 1976, II, 2, 11-16.

1977

2.. Елиот, Т. С. „Чиста среда“. Препев од англиски Драги Михајловски. Разгледи. – Скопје: 1977, јануари-февруари, 139-146.
3. Михајловски, Драги. „Чиста среда или едно ново Елиотово крштевање“, во Разгледи. – Скопје:1977, јануари-февруари, 147-150.

1978

4. Дан, Џон. „Десет песни“. Препев од англиски Драги Михајловски. Стремеж. – Прилеп: 1978,декември, 10, 1025-1033.
5. Шекспир, Вилијам. „Десет свадбени сонети“. Препев од англиски Драги Михајловски. Стремеж.
– Прилеп: 1978 (XXII), 4, 337-341.

1980

6. Вордсворт, Вилијам. „Пет песни“. Препев од англиски Драги Михајловски. Стремеж. – Прилеп:1980 (XXIV), 6, 454-459.
7. Милтон, Џон. „Изгубениот рај: книга прва“. Препев од англиски Драги Михајловски. Стремеж. -Прилеп: 1980 (XXIV), 2, 169-190.
8. Павловски, Радован. “The Youth That Sleeps At Noon”. Translated by Dragi Mihajlovski. Bhubaneswar Review. Bhubaneswar (India): 1980, January-June, 69-70.
9. Павловски, Радован. “Message”. Translated by Dragi Mihajlovski. Bhubaneswar Review. Bhubaneswar (India): 1980, January-June, 70-71.
10. Џен, Шјораџ Сингх. Современа индиска поезија. Превод од англиски Драги Михајловски, Мето Јовановски, Веле Смилевски. – Струга: Струшки вечери на поезијата, 1980, 59.

1981

11. Китс, Џон. „Ода на грчката урна“. Препев од англиски Драги Михајловски. Студентски збор. – Скопје: 1981 (XXXII), 23 октомври,
12. Махапатра, С./Босковски, Ј.Т.. Longing for the South: Contemporary Macedonian poetry. Translated by Dragi Mihajlovski et al. – New Delhi: Prachi Prakashan, 1981, 196.
13. Фишер, Џон. “Задоволството и творештвото”. Превод од англиски Драги Михајловски. Современост. – Скопје: 1981 (XXX), 2-3, 82-86.

1982

14. Шекспир, Вилијам. „Десет сонети“. -Разгледи. – Скопје: 1982 (XXIV), 9-10, 790-794.

1983

15. Милтон, Џон. „Изгубениот рај: второ пеење“. Препев од англиски Драги Михајловски. Стремеж. – Прилеп: 1983 (XXVII), 6, 507-517.

1984

16. Ел Тохани, Мохамед. „Поезијата меѓу сонот и реалноста“. Превод од англиски Драги Михајловски. Поезијата меѓу сонот и реалноста. – Струга: Струшки вечери на поезијата, 1984, 132-134.
17. Лоубери, Едвард. „Поезијата меѓу сонот и реалноста“. Превод од англиски Драги Михајловски. Поезијата меѓу сонот и реалноста. – Струга: Струшки вечери на поезијата, 1984, 67-71.
18. Махапатра, Ситакант. „Поезијата меѓу сонот и реалноста“. Превод од англиски Драги Михајловски. Поезијата меѓу сонот и реалноста.- Струга: Струшки вечери на поезијата, 1984, 60- 64.
19. Чуо, Зенг. „Поезијата меѓу сонот и јавето“. Превод од англиски Драги Михајловски. Поезијата меѓу сонот и реалноста. – Струга: Струшки вечери на поезијата, 1984, 116-119. 20. Тодоровски, Гане. Одбрани песни. Превод на поговорот The Poetry of Gane Todorovski Драги Михајловски. – Струга: Струшки вечери на поезијата, 1984.

1985

21. Нова кинеска поезија. Препев од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Мисла, 1985, 282.
22. Христов, Стојан. „Орелот и штркот“. Превод од англиски Драги Михајловски. Разгледи. – Скопје: 1985 (XXVII), 9-10, 847-858.
23. Шекспир, Вилијам. Ричард Трети. Препев од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Македонска книга, 1985, 196.

1986

24. Карвер, Рејмонд. „Можев да видам сè до ситница“. Превод од англиски Драги Михајловски. Разгледи. – Скопје: 1986 (XXVIII), 7-8, 628-631.
25. Оутс, Керол Џојс. „Најроби“. Превод од англиски Драги Михајловски. Разгледи. – Скопје: 1986 (XXVIII), 7-8, 621-627.
26. Христов, Стојан. Орелот и штркот. Превод од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Македонска книга, 1986, 214.
27. Шпорер, Мајкл. „Гинзберговата поетика на промашеноста“. Превод од англиски Драги Михајловски. Разгледи. – Скопје: 1986 (XXVIII), 5-6, 466-469.

1987

28. Андреевски, М. Петре. “What A Beautiful Corpse”. Translated into English by Dragi Mihajlovski. Macedonian Review. – Skopje: 1987 (XVII), 3, 294-295.
29. Колриџ, Семјуел. „Кублај кан“. Препев од англиски Драги Михајловски. Стремеж. – Прилеп: 1987 (XXXI), 6, 457-458.
30. Конески, Блаже. “Epistle”. Translated into English by Dragi Mihajlovski. Macedonian Review. – Skopje: 1987 (XVII), 3, 294.
31. Современа австралиска поезија. Препев од англиски Драги Михајловски со Илија Чашуле и др..- Скопје: Мисла, 1987, 121.

1988

32. Вилсон, Сну. Антихрист. Превод на сценарио од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Вардар-филм, 1988, 102.

1989

33. Шекспир, Вилијам. Забуни. Препев од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Македонска книга, 1989, 197.

1990

34. Блејк, Вилијам. „Венчавката на рајот и пеколот“. Препев од англиски Драги Михајловски. Разледи.- Скопје: 1990 (XXXII), 1-2, 68-85.
35. Вајт, И. Би. Пајажината на Клементина. Превод од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Култура, 1990, 127.
36. Јанешлиева, Љубица. Современа британска поезија. Препев од англиски Драги Михајловски и др. – Струга: Струшки вечери на поезијата, 1990, 183.

1991

37. Јовановска-Илиевска, Пандора. Хеат Бурст. Translated into English by Dragi Mihajlovski & Graham W. Reid. – Куманово: Просвета, 1991, 70.
38. Расел, Бертран. „Кошмарот на кралицата од Саба“. Превод од англиски Драги Михајловски. Еднорог. – Штип: 1991, 1, 55-62.
39. Рид, Греам. „Курбиново“. Превод од англиски Драги Михајловски. Збор. – Скопје: 1991, 27 ноември, 18.

1992

40. Волкот, Дерек. Омир. Препев од англиски Драги Михајловски, Зоран Анчевски, Греам Рид. – Скопје: Детска радост, 1992, 170.

1993

41. Бакевски, Петре. Journey of the Shout to the High Sky. Translated into English by Dragi Mihajlovski, Zoran Anchevski & David Bowen. Скопје: Детска радост, 1993, 77.
42. Вајт, Елвин Брукс. Пајажината на Климентина. Превод од англиски Драги Михајловски. – Скопје: Здружени издавачи, 1993, 107.
43. Морисон, Тони. Љубена. Превод од англиски Драги Михајловски и Зоран Анчевски. – Скопје: Детска радост, 1993, 294.

1994

44. Антологија на светската лирика. Препев Драги Михајловски и др. – Скопје: Македонска книга, 1994, 529.
45. Ое, Кензабуро. Тивкиот крик. Превод од англиски Драги Михајловски и Зоран Анчевски. – Скопје: Детска радост, 1994, 367.
46. Поповски, Анте. Arcanum. Arcanum. Translated by Dragi Mihajlovski, Zoran Anchevski & David Bowen. – Palermo: La Meridiana, 1994, 62.

1995

47. Rendzov, Mihail. Poetry. Translated by Dragi Mihajlovski. – Скопје: „Гоце Делчев“, 1995, 171.

1996

48. Милтон, Џон. Загубениот рај. Превод, поговор и коментари Драги Михајловски. – Скопје: Култура, 1996, 326.
49. Џојс, Џемс. „Ивлин“. Превод од англиски Драги Михајловски. Црни овци: антологија на светскиот расказ. – Скопје: Детска радост, 1996, 39-44.
50. Дерида, Жак. „Кулите вавилонски“. Превод од англиски Драги Михајловски. Lettre Internationale. – Скопје: 1996, јуни, 21-43.

1997

51. Де Ман, Пол. „Задачата на преведувачот на Валтер Бенјамин“. Превод од англиски Драги Михајловски. Lettre Internationale. – Скопје: 1997, јули-септември, 27-42.
52. The Song Beyond Songs: Anthology of Contemporary Macedonian Poetry. Translated into English by Dragi Mihajlovski & others. – Прилеп, Стремеж, 1997, 283.
53. Шекспир, Вилијам. Веселите жени од Виндзор. Превод од англиски и адаптација Драги Михајловски. – Битолски театар, 31.10.1997.
54. Димиќ, Мома. „Од месечината“. Превод од српски Драги Михајловски. Lettre Internationale. – Скопје: 1997, октомври – декември, 94 -109.

1998

55. Вајлд, Оскар. Важно да си Богумил. Превод и адаптација Драги Михајловски. – Битолски народен театар, 1998, стр. 85. 131.
56. Гофран, Ричард. „Издигнување над нивото на џунглата: филмовите на Квентин Тарантино“. – Превод од англиски Драги Михајловски. – Lettre Internationale. – Скопје: 1998, јануари-март, стр. 65- 78.
57. Шекспир, Вилијам. Веселите жени од Виндзор, Кориолан, Тимон од Атина. (Превод од англиски Драги Михајловски.) Скопје: Каприкорнус, 1998.

1999

58. Шекспир, Вилијам. Кротењето на опаката (превод од англиски Драги Михајловски). Битолски народен театар, 1999 140.
59. Вајлд, Оскар. Важно да си Богумил (Превод од англиски и предговор Драги Михајловски) Скопје:Каприкорнус, 1999 стр. 104.

2000

60. Шекспир, Вилијам. Четири драми: Ричард Трети, Комедија на забуни, Кротењето на опаката, Со сила убавина не бидува. (Превод, предговори и коментари Драги Михајловски.) Скопје: Каприкорнус, 2000, стр. 500.
61. Dimitrov, Bratislav. Classified Advertisements: a play (Translated into English by Dragi Mihajlovski) Skopje: For the author, 2000.
62. Ten Modern Macedonian Plays (Blagoja Risteski-Platnar Lepa Angelina, translated into English by Dragi Mihajlovski and Richard Gaughram). Skopje, Matica makedonska, 2000.

2001

63. Шекспир, Вилијам. Од влакно ортома. (Превод од англиски Драги Михајловски) Скопје: Македонски народен театар, 2001.
64. Шекспир, Вилијам. Танте за кукуригу. (Превод од англиски Драги Михајловски) Битола: Народен театар, 2001.
65. Шекспир, Вилијам. Секое зло за арно. (Превод од англиски Драги Михајловски), 2001.
66. Бергсон и други. Целокупните дела на Вил Шекспир (превод на драмата од англиски Драги Михајловски) Велес: Театар Џинот, 2001.
67. Шекспир, Вилијам. Ромео и Јулија (превод од англиски Драги Михајловски).-Куманово, Народен театар,2001.
68. Стивенсон, Шила. Паметењето на водата (превод на драмата од англиски јазик Драги Михајловски).- Битола, Народен театар, 2001.

2003

69. Шекспир, Вилијам. 11 драми (превод од англиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, 2003, 895 страни.
70. Правнуци на полноќта, антологија на современата индиска поезија пишувана на англиски јазик (препев од англиски Драги Михајловски, Богомил Ѓузел и Зоран Анчевски). Струга, Струшки вечери на поезијата, 2003.
71. Шекспир, Вилијам. „20 сонети“ (препев од англиски Драги Михајловски) во Стремеж 9 (2003), Прилеп, Дом на културата „Марко Цепенков“, 2003.

2004

72. Андоновски, Венко. Папокот на светот, филмско сценарио (Превод на англиски Драги
Михајловски), Скопје, за Владимир Анастасов, 2004, стр.164.

73. Шекспир, Вилијам. 154 сонети (препев од англиски Драги Михајловски) двојазично англиско- македонско издание. Скопје, Каприкорнус, 2004 стр. 161.

74. Илиевска-Јовановска, Пандора. Heavenly Aquarelle. (Translated into English by Dragi Mihajlovski). Skopje, for the author, 2004 p. 77.
75. Бартелми, Доналд. „Училиштето“ во Телесни сознанија: современи американски раскази приредени од Виолета Христовска (превод од англиски Драги Михајловски). Скопје, Магор, 2004 стр. 13-17.
76. Бисон, Тери. ‘Мечките го откриваат огнот’ во Телесни сознанија: современи американски раскази, приредени од Виолета Христовска (превод од англиски Драги Михајловски). Скопје, Магор, 2004, 230-242.

2005

77. Мари, Лез. Да учиш за човек (Препев од англиски Драги Михајловски). Струга, Струшки вечери на поезијата, 2005 стр. 83.
78. Брејтенбах, Брејтен. Време воено и скудно (Препев од англиски Драги Михајловски). Струга, Струшки вечери на поезијата, 2005, стр.70.
79. Шекспир, Вилијам. Тимон од Атина (Превод од англиски Драги Михајловски) Битола. Народен театар, 2005 (Режија: Бранко Брезовац).
80. Шекспир, Вилијам. Ричатд 3 (Превод од англиски Драги Михајловски). Битола, Народен театар, 2005 (Режија: Љубиша Георгиевски).
81. Шекспир, Вилијам. Кралот Лир (Превод од англиски Драги Михајловски), 2005.
82. Шекспир, Вилијам. Отело (Препев од англиски Драги Михајловски), 2005.
83. Китанов, Блазе. Мѕ Diamonds (Translated from Macedonian into English by Dragi Mihajlovski). Скопје, Макавеј, 2005 pp. 32.

2006

84. Georgievski, Ljubisa. Macedonian Roulette: A film script (Translated from Macedonian by Dragi Mihajlovski). Skopje: Dramski teatar, 2006 p. 94.

2007

85. Антологија на келтска поезија (Препев од англиски Драги Михајловски). Скопје: Разноликост, 2007.
86. Милтон, Џон. Загубениот рај: еп во дванаесет пеења (Препев од англиски, предговор, вовед и белешки Драги Михајловски. Скопје: Каприкорнус, 2007; 560 стр.
87. Џонсон, Тери. Хистерија (Превод на драмата од англиски Драги Михајловски). – За МНТ, 2007; 80 стр.

2009

88. Pfister, Manfred/Gutsch, Jurgen eds. William Shekespeare’s Sonnets: A Quatercentenary Anthology (20 сонети во препев на Драги Михајловски со предговор и библиографија за македонскиот дел). – Dozwil TG Schweiz: Edition SIGNAThUR, 2009 pp. 459-466.
89. Ое, Кензабуро. Тивкиот крик (превод од англиски Драги Михајловски и Зоран Анчевски). – Битола: Микена, 2009.
90. Волкот, Дерек. Омир (Превод од англиски Драги Михајловски, Зоран Анчевски и Греам Рид). –Битола: Микена, 2009.
91. Морисон, Тони. Љубена (Превод од англиски Драги Михајловски и Зоран Анчевски). – Битола: Микена, 2009.

2010

92. Шекспир, Вилијам. Четири драми: Луњата, Сон во ноќта спроти Иванден, Зимска прикаска и Како што ви е арно така (препев од англиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, .
93. Шекспир, Вилијам. Четири драми: Кралот Лир, Макбет, Отело и Хамлет (Превод од англиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, 2011.
94. Беовулф (препев од староанглиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, 2011.

2013

95. Шекспир, Вилијам. Симбелин. – Скопје, Каприкорнус, 2013.
96. Шекспир, Вилијам. Венецијанскиот трговец. – Скопје: Каприкорнус, 2013.
97. Шекспир, Вилијам. Антоние и Клеопатра. – Скопје: Каприкорнус, 2013.
98. Шекспир, Вилијам. Јулие Цезар. –Скопје: Каприкорнус,2013.
99. Шекспир, Вилијам. Сите драми и сонети (Препев од англиски Драги Михајловски). – Скопје:
Каприкорнус, 2013.

2014

100. Дан, Џон. Песни, свети сонети, проповеди (препев од англиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, 2014.
101. Вордсворт, Вилијам. Од поезијата и есеистиката на В.Вордсворт. (Препев и превод од англиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, 2014.
102. Колриџ, Семјуел. Од поезијата и есеистиката на Колриџ (препев и превод од англиски Драги Михајловски). – Скопје: Каприкорнус, 2014.
103. Shakespeare.William. King Lear (препев на македонски Драги Михајловски). – Велес: Велешки театар, 2014 (февруари, режија Звезда Ангеловска).
104. Михајловски, Драги. Much Ado about Nothing–Skopje: Театар комедија, 2014.

2015

105. Shakespeare, William. Antony and Cleopatra (превод од англиски Драги Михајловски, адаптација и режија John Blondell. – Битолски наероден театар, 18.7.2015.

2017

106. В. Шекспир. Недрамски дела (превод на сите 3869 римувани стихови). Скопје, КСЦ, 2017.

2018

107. Shakespeare, William. Julius Caesar (Препев од англиски Драги Михајловски). – Битолски народен театар, мај, 2018.

2019

108. Руми. Сите имиња на Господ (препев од англиски со соодветен вовед) Скопје: ТРИ, 2019.
109. Rade Siljan. Triptichon for Macedonia. (prevod od makedonski Dragi Mihajlovski), Skopje: Matica makedonska, 2019.

Тагови од објавата
0 replies on “ЗА ПРЕПЕЈУВАЧКАТА И ПРЕВЕДУВАЧКАТА ДЕЈНОСТ НА ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ од Соња Витанова*”