ИМА ЛИ ТЕКСТОВ ПОЕНТА?

Гледам во нашите сликички на кориците од „Ветрот носи убаво време“ за да се потсетам кој сѐ бил објавен во антологијата, ги препознавам сите, добро е, сепак не поминало премногу време, не сме којзнае колку сменети, барем не физички, сѐ уште личиме на себе. Гледам, дел од нас веќе престанаа да пишуваат или барем престанаа да објавуваат, некои сосема се повлекоа од книжевноста, некои останаа во книжевноста како преведувачи, наставници, повеќето сме сѐ уште активни, пишуваме, објавуваме, организираме настани, фестивали, има веќе и успешни надвор од Македонија, наградувани, преведувани, има и такви што фалат во изборот, веројатно пред десет години сѐ уште немале објавено книга, се појавиле малку подоцна, а спаѓаат во таа генерација на родени во осумдесеттите години од дваесеттиот век.
Што се има сменето на македонската книжевна сцена оттогаш? Смени ли нешто нашата генерација? Кој аспект да го фатам, а да не се повторувам со другите?
Она што е драстично сменето од таа 2012-та е зголеменото присуство на книжевни настани. Се појавија неколку нови книжевни фестивали, и во Скопје и во други градови, а во меѓувреме некои настани почнаа и престанаа да постојат. Ќе зборувам за ова бидејќи сум бил и сум дел од тие настани, и главно ќе зборувам за тоа што се случувало во Скопје затоа што таму сум бил и сѐ уште сум најприсутен, иако често не живеев во Македонија последниве четиринаесет години.
Пред десет години во Скопје, ако добро се сеќавам, постоеше само „Песнило“, кое го организиравме во МКЦ еднаш годишно, и можеби во „Точка“ сѐ уште се организираа некакви настани, иако мислам дека тоа заврши неколку години пред тоа, а една година порано, во 2011, во Струмица Митко Гогов, со поддршка на Мајкл Ротенберг, го почна „Сто илјади поети за промена“, глобално поетско читање што се организира еднаш годишно, додека, пак, во Гевгелија веќе си постоеше „БошФест“, посветен на Бошко Бозаџиевски. Сѐ друго беа некакви инцидентни читања, промоции на книги, читања по некакви поводи, локални или светски.
Во последниве 10 години се појавија неколку фестивали. Во 2013 година почна да се организира „Про-за Балкан“, потоа, во 2015 „Антолог“ го започна „BookStar“, фестивалот посветен на европската литература, па во 2016 почна „Друга приказна“, фестивалот за микрофикции организиран од „Темплум“, а во 2017 „Бегемот“ го почнаа „ArtArea“ . Сите овие фестивали целосно или во голема мера ѝ се посветени на прозата и главно се ориентирани или кон балканската или кон европската книжевност. И сите се многу важни за тоа вмрежување со блиските книжевни сцени, важни се за младите луѓе во книжевноста, важни се за книжевното искуство, затоа што така се остварува контакт со важни личности од тој свет и на тој начин, со жив допир, се обновуваат книжевните генерации.
Во меѓувреме, во јуни 2014 година со Ана Голејшка-Џикова и Фросина Стојковска ги почнавме „Асталните проекции“, кои траеја до јуни 2018. Идејата ни беше да ја извадиме поезијата од салоните, да ја проветриме малку. Така сме се чувствувале тогаш, ни изгледало застојано и замочуриштено, па сме фатиле да брануваме. Супер приказна беше тоа, барем за нас и за тие што еднаш месечно доаѓаа во „Менада“. Многу луѓе изврволија на тие читања, многу луѓе се запознаа меѓу себе, а некои од луѓето што за првпат читаа таму сега се веќе сериозно позиционирани на таблата.
Како некакво природно продолжение на „Асталните проекции“, но и не само така, туку и како засебна идеја, неколкумина луѓе во 2021 година почнавме да го организираме „Скопскиот поетски фестивал“, зад кој застана „ПНВ Публикации“. Конечно поетски фестивал во Скопје покрај сите прозни. Идејата ни е, слично како и со „Асталните“, да ја размрдаме малку поетската сцена, да внесеме свежина, да дадеме простор на нови луѓе, да ја поврземе поезијата со другите уметности и да ја поврземе македонската поезија со европската и со светската поезија. Ќе речете, веројатно, па таа е веќе одамна поврзана преку Струшките вечери на поезијата. Секако, така е, но ние мислиме дека, сепак, правиме нешто ново и поинакво.
Во овој поетски контекст, секако, нема да ги заборавам луѓето од Poetry SLAM Macedonia, кои го реактуализираа тој дел од сцената, кој години порано најмногу се поврзуваше со поетските слемови во „Точка“. Слемот главно се префрли во Прилеп, каде што за 11 Октомври традиционално се организира државниот натпревар во слем, ама слемерките и слемерите шетаат низ цела Македонија.

За крај, ќе направам еден екскурс од темата за фестивалите и ќе се вратам на книжевните генерации. Нашата генерација денес сѐ уште ја нарекуваат „младата генерација“, а ако бидеме прецизни, по нас се појавија уште две засебни генерации. Едната се луѓето родени во првата половина на деведесеттите години, таму некаде до 96-тата, а по нив се појави уште една на млади луѓе родени и во овој век.
Годинава „Скопскиот поетски фестивал“ го отворивме со преднастанот „Отскочна даска“. Таму читаа луѓе што првпат ги видов, чија поезија никогаш ја немав чуено. Тоа не беа истите оние млади луѓе што читаа на „Астални“ пред четири-пет години.
Нема да навлегувам во поетиките на овие последни две генерации, бидејќи мислам дека не ги познавам доволно и немам некаков систематски увид, иако вака од око би можел да кажам дека ние бегавме од традицијата, а тие ѝ се враќаат.

Има ли некаква поента текстов? Мора да му најдеме поента, што би рекол Бил Хикс. Поентата е дека имаме жива книжевна (и не само книжевна) сцена, имаме огромен потенцијал за толку мал простор и за толку малку луѓе. Многумина од нас се активни и работат од чист ентузијазам. Важно е да се поддржуваме и да се препознаваме, да си помагаме и да им го отвораме патот на тие што доаѓаат по нас. Многу работи се смениле на подобро во последниве десет години, во следните десет може да се сменат уште толку.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Светови од соништа и од ѕвездена вода
(За „Воден знак“ од Јадранка Владова)
Повеќе
0 replies on “ИМА ЛИ ТЕКСТОВ ПОЕНТА?”