Квартет -А.Б.

A beautiful view of the raindrops rolling down the window and the skyscrapers in the background

#3


Вчера во мене не се промени ништо од разговорот неделата, денес се промени се’.

Фајтерски станувам брзо на нозе. Со тебе или без тебе, продолжувам понатаму по нови предизвици, знам дека сум роден со идеја да го превртам светот наопаку. Не сум ужаснат ако морам да бидам наполно сам или пак ако останам без уточишта. Не ме плаши ниту болка ниту животот. Можеби имаш среќа што ме начекуваш во период на лутерански born again каде имам акумулирано огромна енергија, ентузијазам и неистрошени илузии. Најдобро нешто е да се ставиш во позиција на другиот — па и кога тој греши. Кога јас би го направил она што ти го направи — знам што би сакал да видам од девојката. Никако обвинување, ниту бес, туку возвишеност и големина, аристократска воздржаност и прикривање на болката — се разбира тоа ќе го ценам бескрајно и нема да ја сметам за лесна будала. Оној кој претендира да биде Уметник не смее да биде ситна душа ниту да робува на конвенциите на ниската средна класа. Немам ниту проблем со мачизмот, па дури не гледам закана во друг маж, колку и тоа да изгледа помалку самобендисано. Заборави потполно на идејата за бегство од љубовта и мораш да ме сакаш како никогаш досега. Мораш да ми помогнеш да изјавам многу женски ликови Ф. С. и К. правени на твоја личност. Мораш да знаеш кога ми ја затнеш устата кога зборувам за книжевност со бакнеж како пред Пионерски онаа дождлива вечер. Мораш, мораш мораш…

 

Semeen aparat


почувствував дека се исправив. дури и го кренав лап-топот, кој целиот од вируси ми кочи, го ставив на масичката. не ти пишувам повеќе од лежење. а можеби тоа создаде една специфична мрзлива реченица. може сега ќе ти пишувам повпечатливо, како некогаш, иако во исто време, жештината ме има истоштено. а, секогаш имав вишок енергија, која му даваше некоја непресметлива нишка на мојот карактер, некоја ерупција, која само требаше да се истури низ некого. и сега, телото ми е доволно напатено, изнамачено, и се што ти пишувам, е некако дестилирано, како што велам. што, доста со игри на потсвеста. нешто многу конкретно забележав пред некој ден. знаеш мојот телефон, стара верзија, ми го даде вујко ми, откако мојот го испокршив, а немам пари за нов. така што не може да фотографирам со мобилен. па го побарав стариот фото-апарат што го купив за резиденцијата во сплит. на татко ми му требаше некое време, да ми го даде, да го најде. го видов целиот излепен со селотејп, но функционален. и ми се случи, некој мошне deja vu, додека проверував како испаднале фотографиите што сакав да ти ги пратам, погледнав серија фотографии од пред 4–5 години. тоа сум јас, свежо дојден од скопје, набрзо по немилост на властите. на лицето ми се гледа ужасот од безилезот што следи, а, наспроти моето вознемирувачко лице, кое е исто времено, во некоја своја нарцисоидност, е убаво извајано, со некоја живост, руменило, изгледам добро со широките рамена, и покрај стомачето што никогаш не го тргнав тотално, потпрен на некоја карпа на преспанското езеро во некој маслинест шорц. како и да, е, фотографиите се направени во мојот дом, дејвидлинчовски уреден, чист. на масата овошје, телевизор во ќошот, завеси, теписон, со пастелни бои, со траки во разни бои на еден дел. и фотографии од испраќање на сестра ми во австралија. јас дебел, испотен, со бујна коса. но, исто времено, и фотографии на татко ми, од неговите две опсесии, паркот, рандом џбунови, цвеќиња, зафрленото ќерамидно буре покрај саат-кулата… отсекогаш во така чист, уреден дом, со цвеќе на масата, не може да замислам од каде јас, тука, толку се осеќав, во тој релативно мал, уреден стан, по вкус на мајка ми, релативно чист, (не чисти хиперпедантно ко баба ми) што барам јас. цело време на сите фотографии изгледам како додаден, фотошопиран, како фалсификат. има и една слика со братучед ми на пиво фест, имам и неуредна црвена брада, заедно гушнат со неговите прилепски братучеди. во тоа време, братучед ми како да се разочара во мене, и во својот братучед од прилеп, виде свој вистински братучед, ординарен, ограничен, но исто време, простодушен подготвен за ситни ќефови од типот “ќе се испијаниме“ и братучед ми ме оставаше среде тој чад на „пиво фест“ и најчесто одев купував сендвичи со плескавици таму, на плоштадот, кај таа ѕидината, но, никаде нема кај да се потприш, и прилепчани со тоа нивно чувство за домаќинлак, ред, постојано ме поправаа “дечко не седи на скалите“; “дечко кај најде да седнеш кај столбчињата“, какви луѓе се прилепчани, си помислив, не дозволуваат мала разузданост, самоволие на овој хедонистички празник. но, после во возот ќе се вратев, откако братучед ми, потполно ќе ме откачеше, со некоја нова генерација млади, кои беа пијани, и се бакнуваа, и почнуваа да внимаваат како се однесуваат пред мене, пред мојот замислен, збунет изглед. затоа, кога ги погледнав фотографиите, од тоа како некогаш бевме нормална, здрава фамилија, здрави во својата нездравост, а сега, нездрави, во својата нездравост, ми делуваше мошне застрашувачки, сите тие наместени пози, за христијанските празници, сосе јагнешко, садови со марула, со сосови, со кромитчиња и моркови исецкани во пареа. толку ми е страшен и градот, толку помислував што ќе правам во градот? значи, затоа не сакав да земам да фотографирам, освен дека се гибам во некое проклетство од минатото, дека вознемирувам некои духови, на сликата на вештачки среќното семејство, во кое нешто не функционира, во кој, некој не ги своите очекувања.

 

 Prosetka po dozdot

никогаш не го обработив тој момент кога заврна дожд. се фатив за кафаната..но најсуптилниот, најнежниот, најромантичниот дел беше кога бевме на средина од магарево, среде сите тие стари камени куќи, и нешто што секогаш е руинирано, а изгледа како поранешно школо, со дрвена распадната ограда, со тие шилци на прозорците…и тука беше еден магичен момент, кога заврна и тебе не ти пречел дождот. и сакаше да шетаме по дождот. а, бев испотен, па секоја капка дожд ми го боцкаше телото бидејќи кошулата ми беше соблечена. додуша татко ми ми рече да облечам куси панталони и ден денес не може да ми прости дека не отидов на пелистер со куси, туку облеков фармерки. но, мојата теза беше помалку снобистичка дека првата импресија е многу важна, мора да сум го зел тоа од другарките од дебар маало на времето, снобовки, тие знаеја така, да се уредат како новогодишна елка, за некоја ситна пригода, само за да остават впечаток. и цело време помислив, ја зедов најдобрата кафеава кошула, што навистина добро ми стои на кожата, и што ми се допаѓа, иако највеќе сакам да носам црни кошули, но има нешто и во овие мидлклас бојс кошули. и размислував после дека се зафркнав, и фармерките ми беа скоро пролетни, и тешки, и ми беше неудобно, а ти запна да се спуштаме по планината. ми приреди таков велеслалом, иако беше патот долг, уживав, што долго си со мене, не почувствував како со многу скапани кучки, кои сакале со мене нешто набрзина да извлечат и да побегнат, ми овозможи една ширина, тоа многу ми се допадна. многу ми се допадна што сакаше долго да бидеш со мене, иако можеби во извесен период се потрошија муабетите, ниту можев да го следам интензитетот, ниту да бидам интересен, и можеби почнав да анализирам повеќе, да се повторувам, небитно. многу ми се допадна тоа што ми го даде цел ден, како што би сакал да ми ја дадеш цела рака, цела љубов, цело сонце, сосе дождот, тогаш среде селото, со сите паркирани коли, од германија, од типот, види што кола имам, умри комшијо. и тој момент, кога седнавме првин во валканата гаража, полна со масла, бензини, грмушки, отворена гаража, без врати, има многу такви гаражи, мириса на мочка, па, добро е што ја погледнавме автобуската постојка. и тука седнавме, не знам, можеби немам сила, ова ми е трето писмо денес, може не треба да брзам толку, не треба да брзам да опишам се. ама ќе ме сфатиш, јас знам, дека и кога ми недостигаат подробни описи, ќе сфатиш на што ти алудирам, и ти сјаеше, и влезе во елемент, помислив дека можеби така, може да те правам среќна, и навистина ми беше убаво, и покрај тоа што ми беше страв, каков впечаток оставам, и бев свесен за некои недостатоци, кои не може да ги надминам, па, сепак, те слушав колку што можев.меѓутоа таа кривина, таа зелена постојка, со клупа, стаклена убава модерна во контраст, малку со селската расфрланост, тоа беше како една точка, во која се спојуваше извесен склад, хармонија, некои срца кои треперат во дослух, беше тоа една оаза, иако дождот не беше страшен, ниту имаше некоја голема бура, седев со расоблечена кошула, си го гледав мешето, и те слушав како не ти пречи дождот, како ме убедуваш да продолжиме на дождот..

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Алекс Букарски
Дилемата на „Серотонин“: Љубов или антидепресиви
... нуди една стара максима како да е искована од перото на...
Повеќе
0 replies on “Квартет -А.Б.”