Среќа што е во пдф-формат книгава, инаку досега ќе беше распарталена од читање. Знаев дека ќе ми се бендиса, не знаев колку. Не знаев дека ќе ме опседне овие три-четири дена откако ми се појави во животов. Не се чита одеднаш. Барем јас не можам. Толку многу убавина бара да одмориш од неа („Убавино, ти ме заморуваш веќе“ – Конески). Ама бара и да ја препрочитуваш до снеможување.
Чувството што ми се јави кога ги прочитав првите две-три песни ме врати неколку години наназад, кога ја открив „Преместен камен“ од Никола Маџиров. Кога ја прочитав целата, видов дека се тоа два различни света што се допираат некаде во просторот, но има нешто што во нашата современа поезија го има и кај Николина Андова-Шопова, а тоа е луцидниот лирски субјект. Будниот набљудувач со припитомено его, кој како сноп светлина продира низ стварноста за да излезе отаде огледалото и оттаму да го погледне светот и да ни соопшти некои неотповикливи вистини.
Го има и магичното прво лице множина, кое те вовлекува во песната. Те тера да си замислиш дека заедно ја запишувате, дека и од тебе излегува. Дека и од тебе излегуваат сите тие светови полни страв и со векови таложена тежина. Сета таа тишина. Сета таа љубов. Некаде јасно изразена, некаде насетлива само за малкумина.
Го има и магичното идно време, кое те тера да си замислуваш дали навистина ќе се случат зборовите, во оваа или во некоја друга стварност. Или дали веќе се случиле.
И сето тоа кратко и јасно во изразот. Без непотребности. Со мукает кон празнината. Со совршено јасно пренесени поетски слики. А од поетските слики морници лазат по грбот. Се стега грло. Навираат солзи на очи од енергијата што излегува од зборовите. А изразот е едноставен. Зборовите се обични. Секојдневни. Како световите што Тони ги опишува.
За фотографиите на Ирена Мила, кои прекрасно се вклопуваат во книгата, ќе оставам поподробно да пише некој поеснаф од мене за таа работа, зашто за книгава книги ќе се пишуваат.