Факти:
Во 2010 година во германската Канцеларија за документите од Штази се уништени близу 6 км досиеја (20 милиони страници). Се смета дека во времето на Железната завеса приближно 4500 лица од Источниот блок се обидувале да избегаат на Запад преку границите на Бугарија. Приближно 100 од нив го загубиле животот.
Го маваа со кундаци, го клоцаа по мев и по лице. Ги видов неговите отворени, но некако чудно матни очи и изблув. Знаев, само што не ме дофатиле. Не чувствував страв, туку чудна за¬мајаност, чекајќи го последниот удар. Еден од мачителите веќе се вртеше, згмечените лисје пуштија посилен мирис, ги видов големите чевли што тргнале кон мене. Не беа далеку, можеби два метри. Ме клоцнаа в лице. Почувствував сладок вкус во устата. Простреланата нога престана да ме боли. Вистина било, новата болка ја бркала старата.
– Види, лајново блуе – некаде над мене довикнаа чевлите на црниот кундак што маваше по телото на Бошевски, некако чудно здрвено.
Кундакот ми се доближи.
– Излегоа хартиите? – ме праша.
– Не!
– Па, вади ги, ќе се извалкаат!
– Гад ми е, изблуен е!
Кундакот мавна и после, само мрак.
Повторно истиот сон, во којшто некому му раскажува за смртта.
Франк Дербах седна на постелата. Фрли поглед. Од темни¬ната изронија непознати контури и безлични предмети. Стана. Ја посла постелата. Сакаше ред. Му даваше сигурност во себе, нешто што отсекогаш му недостасувало. Ги измазни нерамнините на јорганот и со гнасење си помислуваше дека во оваа постела, навидум чиста, уште пред него спиеле многу луѓе.
Ја запали ламбата и пријде до прозорчето.
Рано утро, може шест, може не е сѐ уште. Во мрачниот двор слушна мјаукање на мачка и чкртање од металното резе на кон¬тејнерот за ѓубре. Хотелската готвачка ги фрла вреќите полни со отпадоци. Ден, како и многуте во секој град.
Некој тропна на вратата. Франк Дербах не рече повелете, не ни мрдна, можеби само се зачуди дека оној што чекаше веќе се појавува.
– Ти си? – запраша тивко преку врата.
– А кој? – одврати нетрпеливиот женски глас.
Ја отвори вратата и ја пушти внатре.
Претпазливо посматраше како со сигурен чекор му приоѓа на прозорецот во собата што не беше нејзина, ја спушта ролетната, седнува на едната фотелја и вели:
– Слушам.
– Ова ќе ти биде бизнисот на твојот живот.
– Ќе видиме – вели жената без да се насмевне.
Глава I
Општо се прифаќа дека градот е многу здрав.
Малку зарази успеваат да опстанат таму.
Тери Пратчет,
Сестри вештерки (Wyrd Sisters)
Герхард го исклучи мобилниот. Франк Дербах ѕвонеше веќе трет пат, беше многу изнервиран, сакаше да се сретнеле веднаш. Герхард му вети, штом ќе си ги завршел работите, ќе наврати кај него, во хотелот.
– Не, подобро не во хотелот.
– Зошто да не?
– Зашто не.
– Си пиел?
– Не.
На крајот се договорија во еден локал, близу хотелот, каде што навраќаше Герхард.
– Сигурно ќе дојдеш? – настојуваше Дербах.
– Ќе дојдам – одговори малку нервозно поради настојувањето на Герхард.
– Те чекам. – Франк Дербах спушти.
Таксито пополека се движеше во претпладневниот застој. Герхард фрлаше поглед на темните широки улици. Софија го потсетуваше на Варшава од деведесеттите години. Најпрвин убавите хотели, потоа банките, на крајот аптеките, сето друго после. Некогаш. По извесно време седеше на тврдото столче во канцеларијата и чекаше службеничката да си стави кармин, да се јави на неколку телефони и најпосле да го погледне. Прос¬торијата претставуваше чекалница, а воедно и биро за услуга на клиенти.
Службеничката беше фина, ама бргу му стана јасно дека му дава само делумни, бесмислени одговори. На крајот, директно кажа што сака.
– Полјак, инженер од Вроцлав, Пјотр Бошевски. Исчезнат во Бугарија во илјада деветстотини осумдесеттата година. Никој не знае што станало со него. Тргнал на… – се двоумеше кој збор да го употреби: holiday или vacation – на одмор со жената и не се вратил.
– Тогаш, веројатно треба да се бара во полските архиви. – Службеничката ги крена рамената.
– А јас мислам, овде. Знам, за овде – се поправи.
– Толку луѓе исчезнале – издивна. – Германци, Бугари, исто и Полјаци.
– Јас сум заинтересиран само за овој, еден единствен Полјак.
– Зошто сметате, господине, дека овој Полјак е исчезнат кај нас? – си ги избриша очилата и погледна во Герхард со заморен кратковид поглед.
Герхард ѝ покажа фотографија.
– Што е тоа? Од каде Ви е, господине? – посматраше со недоверба.
Навистина ли сметала дека ќе ѝ даде име и презиме, адреса, професија?
Стариот човек што му ја имаше дадено оваа фотографија и му го преведе текстот на германски, Буркхард Зајдел, од пред повеќе години води приватна Архива, собира документи, фо¬тографии, снимки и му ја даде како на засегнат. Во 1985 година двата негови сина загинале во текот на обидот за бегство преку бугарската граница кон слободата. Никогаш не биле најдени виновниците, до таткото не допреле никакви изрази на сочувство.
Денеска, Архивата на Зајдел не претставува никаква тајна. Сите што сакаат да го знаат ова без тешкотија може да проверат дека во Лaјпциг живее еден човек што имал собрано повеќе материјали, а се однесуваат на неразјаснетите исчезнувања на бугарската граница, од сите министерства и архиви на куп.
Тој можел да каже од каде му е фотографијата.
Можел, ама нејќел.
Зајдел велеше дека фотографијата била направена на конкретно место на бугарско-грчката граница, каде што биле најдени останките на Полјакот, наводно Пјотр Бошевски. За жал, презимето на задната страна не беше читливо. Можеше да се прочита само избледената буква „Б“, а понатаму не знаеме, можеби „а“, можеби „о“, можеби „ц“. Зајдел сугерираше дека се работи за презимето Бошевски. На задната страна се наоѓаше уште и број, чиешто значење го разбраа дури по неколку месеци, благодарение на Франк.
– Имате ли повеќе вакви фотографии, господине?
Низ сините клепки во него зјапнале сериозни очи, богати руси локни околу полничкото лице, сево ова, му се чинеше уште и забавно, на извесен начин.
– Немам – излажа.
Погледна на другата страна од фотографијата и ја замазни, еднаш, два пати. Три пати.
– Знаете ли, господине, што е ова? – покажа на пожолтеното место, каде што имаше некакви цифри и замачкан текст испишан со кирилица. Како и дотогаш, таа му имаше зададено повеќе прашања отколку тој нејзе.
– Немам поим – одново излажа.
Службеничката се загледа во него извесно време. Сакаше уште нешто да го праша, се исправи и си ги поднамести очилата на носот.
Високата жена, застаната на вратата, прво фрли поглед кон Герхард, потоа кон колешката. Во неа имаше нешто во сти¬лот на римска скулптура. Со убави очи. Искрено зажали што не разговара со неа. Се насмевна. Ја возврати насмевката и пријде до бирото.
– Екатерина Конешова. – Му ја подаде дланката. – Вие дојдовте кај нас од Германија, господине? – упати поглед во колешката. – Се снаоѓаш?
– Да, да. Сѐ е в ред. Зборуваме. – Рацете на службеничката бргу ја скрија фотографијата, како што забележа Герхард.
– Си помислив да не ти треба помош – ѝ се обрати Екатерина Конешова и го повика човекот во униформа, веќе застанат крај вратата.
Темнокосата се насмевнуваше, му кимна до видување на Герхард и излезе. И службеничката исто така. За тоа време уни¬формираниот се доближи, промрмори некое презиме, чин и му ја подаде раката на Герхард.
– Што имаме ние овде? – рече на англиски и го вкова погледот во фотографијата, по што посегна по документите што беа на бирото пред Герхард и почна да ги прегледува.
Со внимание ја слушна сторијата што Герхард веќе втор пат ја раскажуваше тој ден. Овој пат му одеше многу подобро, всуш¬ност спомнал дека бил инженер и дека исчезнал, било holiday…
Офицерот го набра челото.
– Овде нема ништо да најдете, господине – се одгласи со беспрекорен германски. – Освен тоа, потребна е согласност од роднините на жртвата, што мора да биде заверена на нотар, преведена на бугарски и повторно заверена. Така вели законот. – Ги отвори рацете.
– Имам согласност.
– Но не е заверена во Бугарија. Освен тоа…
– Каде би можел да ја заверам? – го прекина Герхард.
– Ви се молам, господине. – Офицерот седна на бирото крај коешто седеше Герхард. – Ќе бидам искрен со Вас. Дури и да ми донесете овде, господине, куп согласности, ќе можете да погледнете одвај во две папки. Тоа е сѐ што имаме. Ама веднаш Ви велам, таму нема да ги најдете документите што ги барате.
– Па, каде ќе ги најдам?
– Таму каде што ниту Вие, господине, ниту јас немаме прис¬тап. Во архивите на Министерството за одбрана, во тајните до¬кументи на воените служби.
Герхард глумеше вчудовиденост.
– А, патем, од каде Ви паднало на ум дека токму ова е Бо¬шевски? – праша униформираниот, посматрајќи го Герхард со должно внимание.
– А од каде знаете, господине, дека има некакви тајни до¬кументи што се однесуваат токму на Бошевски? – одговори со прашање Герхард.
– Повеќето информации што се однесуваат на убиените за време на бегство се наоѓаат токму таму. Ние овде немаме ништо. – Униформираниот се насмевнуваше, покажувајќи ги зачудувачки белите заби. – Во нашиот Архив нема никакви податоци за овој човек – повторно нагласи.
– Интересно – забележа Герхард. – Односно, потврдувате, господине, дека жртвата на фотографијата е личност убиена за време на бегство?
– Претпоставувам, нагаѓам, не знам. Самиот Вие, всушност, тоа го рековте.
– Не кажав ништо такво…
– Значи, ќе ни дозволите, господине, да ја задржиме фото¬графијата за да го исклучиме ова или да го потврдиме? – И, пред да има понатамошни прашања, стана и му ја подаде раката на Герхард. – Ќе Ви одговориме по писмен пат. Жалам. Без потреба сте се мачеле.
– Би сакал да ја задржам таа фотографија – одврати Герхард.
– Ве молам за доверба – офицерот го спушти гласот.
По оваа чудна изјава, Герхард сакаше да каже уште нешто, ама офицерот се сврти и тргна кон излезот. На вратата се задр¬жа, повторно му пријде на Герхард и со рамнодушен израз на лицето патем го праша:
– Од каде Ви е фотографијава?
– Ја најдов – рече Герхард.
Герхард лежеше на хотелската постела; чувствуваше слаби симптоми на коронарна артериска болест. Не ја потценуваше и првпат по повеќе години си мислеше дека би требало да почне повеќе да се грижи за себе. За миг размислуваше дали ги зел апчињата. Ги зел, секогаш ги земаше, како и секогаш. Сепак, забрзаниот ритам на срцето и симптомите на покачен притисок го вознемируваа. Се трудеше да дише мирно и да размислува за пријатни нешта. По петнаесет минути, сепак стана и од фолијата го зеде апчето што многу ретко го земаше, само во исклучител¬ни случаи. Последен пат го зеде пред една недела. Дента кога Кристина без збор си замина од дома.
Апчето дејствуваше многу бргу. И самиот не знаеше кога заспал. Се разбуди за еден час, испотен, со непријатно чувство на немир.