Ако се обидеме да ја претставиме генезата и потеклото на метафизичкото, коешто е сеприсутно во книжевноста, можеме да тргнеме од античките старогрчки трагедии на Еврипид, Софокле и Ајсхил (кои црпат инспирација од митологијата и се натопени со магија) и античката грчка философија, потоа преку опскурните средновековни и ренесансни текстови и ракописи (особено оние со окултистичка тематика, претставена и презентирана во и преку разноразни и разновидни гримоари или студии за магија), па преку искуствата на романтизмот, симболизмот и модернистичките поетики од 20-тиот век (особено надреализмот, за чиишто автори е карактеристично и познато дека неизмерно црпеле инспирација од најширокото милје на езотерични и окултистички/алхемиски извори, со цел и намера да ја согледаат, доловат и претстават суштината на универзалните аналогии – да се изразиме со терминологијата од философијата и поетиката на Шарл Бодлер), па преку метафизиката на егзистенцијализмот во литературата (романот Зрело доба, првиот од трилогијата Патишта на слободата, од Жан-Пол Сартр е окарактеризиран како метафизички роман; секако, во контекст на егзистенцијалистичката философија) и преку целокупното искуство на фантастичната литература (и научната фантастика); за на крај да дојдеме до постмодернизмот, во чијшто склоп и како дел од него сето изминато искуство неизмерно се надградува, формирајќи своевиден меланж од правци, движења, струи и стилови за кои во неограничени количини се карактеристични постапките на цитатност, карневализација, мета и интертекстуалност, интермедијалност, пародија, иронија и пастиш, итн.; резултирајќи во еден конгломерат од идеи во и со кои реалноста се издигнува и претставува на едно повисоко ниво. Што значи дека езотеријата и окултните инспирации, односно, метафизиката во книжевноста не е нешто ново. Напротив, метафизиката е сеприсутна во книжевноста и е само прашање на личното искуство и опит на писателот колку од тоа метафизичко доживување ќе (може да) го вгради во своето дело.
Има книжевни дела во кои таа езотерија или метафизика е присутна како тематска карактристика. Како пример за тоа може да ги посочиме сите изданија на современиот српски книжевен издавач Езотерија, кои преку своите дела опфаќаат многу широки и разновидни аспекти од духовноста, говорејќи за теми како што се психичките напади и одбраната од нив (Дион Форчн), опишувајќи го астралното рамниште на долго и на широко, говорејќи за архетиповите на човековиот карактер, итн. Од друга страна, пак, езотеријата на некој начин може да биде присутна и сфатена и како стилска карактеристика на фиктивните дела или на романите. Како добар пример за тоа може да се посочат двете капитални дела/романи, Книга за бамбусот и Амамот Балканија, од одличниот српски писател Владислав Бајац. Тоа се романи преку кои на извонреден начин доаѓа до израз музикалноста на српскиот јазик, дури и во превод на македонски. Односно, музикалноста на словенските јазици или на јазикот воопшто. Тука некаде, во сфаќањето за метафизиката како стилска карактеристика на книжевните дела, би можеле да ја сместиме содржината и од првиот (веќе култен) роман Спектатор од Жарко Кујунџиски.
Како што вели и самиот тој во едно мудро интервју: „Ете јас можеби најмногу припаѓам на овие последните, што додека пишуваат не се толку разумни дека целта им е да го уловат неуловливото, или преку отсуството и празнината да ја направат реалноста уште пореална, поопиплива, но на едно повисоко ниво, каде што се судираат желбата да се биде (нешто друго) и вистинската состојба на постоењето.“
Романот Спектатор (кој инаку е релативно краток – околу 140 страници и се чита во еден здив) се отвора и развива преку поврзувањето на различните ликови и ситуации и нивните метафизички дијалози. Авторот вешто, речито, на високо интелектуално ниво предизвикувајќи го читателот и ведро не воведува во различните опишани ситуации и со хумор и оптимистичко расположение ни ја претставува својата верзија или визија за она што се нарекува – слика на светот. Станува збор за литература што брзо и убаво комуницира со вашиот интелект (што мене лично ми стана едно од омилените подрачја од литературата, без разлика дали станува збор за теоретска литература, фиктивна или книжевно-уметничка, езотерична, философска, психолошка или каква и да било друга). Скоцкан, стегнат текст и стил. Што само може да придонесе во насока да ги искусите и доживеете повисоките и виши сфери и подрачја на тоа што подразбира – да се биде свесен.
Задоволство беше да се прочита романот и постојано ме копкаше љубопитноста да согледам како звучи и како е составен еден роман (овој) напишан од еден ведар човек. Човек кој откога се докажа како прозен и поетски автор (писател), својот афинитет кон литературата го канализираше преку работата на одличната книжевна издавачка куќа Антолог.
Овој краток осврт кон романот Спектатор од Жарко Кујунџиски може да го завршиме со два цитати.
Првиот е преземен од книгата Балкански наративи од Катица Ќулавкова (а во контекст на содржината на романот), инаку, текст претходно присутен и како последен од една од нејзините претходни книги – одличната Херменевтика на идентитети, која, говорејќи за сликата на светот, вели: „Старите Римјани зборувале за imago mundi. Сликата подразбира чин на сензитивна, ментална, емотивна и интуитивна мимеса. Со оглед на тоа дека е аутопсична, сликата подразбира лично сведоштво и искуство преку патување, откривање, посматрање, размислување.“
Вториот цитат е всушност афоризам, преземен од одличната и суптилно напишана автобиографија Ѕуница околу пирустијата од Васко Ташковски и гласи: Ако сакаш за некого да пишуваш, треба прво да го „прочиташ“.
Кон „Спектатор“ од Жарко Кујунџиски
Тагови од објавата
број 95-96
More from Бобан Ристевски