Поезија на Стела Маја Босилковска

Изнемоштена верност/Моето недоиспливано езеро/Заборавен вишок/Риба по калдрмата/Невидлива е војната/Annus mirabilis

ИЗНЕМОШТЕНА ВЕРНОСТ

на Битола

Ја сонував старата чаршија
и дуќанџиите пред дуќаните
што денес ги нема
застанати едни до други
чадорџија, шапкар,
јорганџија, јамболџија,
кондураџија, папуџија
ковач, качар, бочвар…
ги сонував и ќепенците
на кои се потпираа
и калдрмата што
како серпентина
се извиваше пред нив
те сонував и тебе
како впука во глава
еден старочаршиски пес
да не се мачи
во својата изнемоштена верност

 

МОЕТО НЕДОИСПЛИВАНО ЕЗЕРО

умре моето езеро, умре,
се исуши и смали
како свенато и суво цвеќе
мајка ми го собра – исто како што
ги береше ливчињата од босилокот
што го раснеше во саксија
па ги сушеше и ситнеше
а потоа ги ставаше во теглички
така и моето езеро –
умрено и исушено,
го спакува мајка во своите очи,
а потоа цврсто ги затвори
засекогаш

 

ЗАБОРАВЕН ВИШОК

Ми ги прицврстуваше мајка солзите
кога и да почнеа да паѓаат
Како стркалани петлици од кошула
ќе ги дочекаше во раширена дланка
и откако ќе го вденеше конецот во иглата
ќе ги пришиеше една по една
назад, под капаците од моите очи
Доколку останеше некој вишок
ќе ги ставеше в џебот од ќептарот
измрсен од готвење храна,
а ако случајно некој заѕвонеше на врата,
брзо-брзо ќе ги потпикнеше
каде и да било – ја во преградата со чевли,
ја во фиоката со чорапи и гаќи
Не даваше никому да ги види
и да стекне впечаток дека таа е –
не дај Боже, лоша домаќинка
Дамна мајка умре, дамна
Ја нема веќе да ми ги пришива солзите
а тие веќе не се ни тркалаат
Но кога изутринава отворив една од фиоките
со нејзина оставина
од пар фоторграфии кои однапред ги беше
наменила за својот некролог,
одоздола најдов грст
заборавен вишок,
оние кои никогаш не стигна
да ги искористи и да ги пришие
Назад во моите очи

 

РИБА ПО КАЛДРМАТА

тука, каде што парталави
бездомници седат
собрани покрај калдрмата
по која тој ја пцуеше и плукаше
фрлајќи ги нејзините
тенџериња недовршен ручек
и тавата недозготвена риба,
го пресече и фрли и нејзиниот
последен топол здив
со месеци веќе,
таму-ваму,
подзапира сега
мирис на печена риба
по целиот град
а нему,
секој нов ден –
рибина коска
в грло

 

НЕВИДЛИВА Е ВОЈНАТА

Нели ти реков невидлива е војната, мила,
и децата да ги пуштиш сами на пасишта да пасат
оти овчар, козар и говедар нема да ги пазат?
И нели ти реков мајчините гради, мила,
под прекрстени раце да си ги скриеш
оти овчар, козар и говедар и од леунка млеко
молзат?
Нели ти реков, мила?
Нели?

 

ANNUS MIRABILIS [1]

” … Зашто ланските зборови припаѓаат на ланскиот јазик
А зборовите на идната година друг чекаат глас…
… Со привлечноста на… Љубовта и гласот на овој Повик
… да истражуваме
А крајот на сето наше истражување
Ќе биде да стигнеме таму откаде што тргнавме
И тоа место да го спознаеме за прв пат…“
(Литл Гидинг)“ ― Т.С. Елиот

Ако биде истражување, нека
биде вдахновено и гласежно
Враќање – вдахновено и
Гласежно со прапочетен
Дамар развигорен во
Ѓердек наш прапостелен –
Еднобожен и севековен,
Жаровен и словесен;
Загатнат зачеток сред
Ѕидови ѕунливи нека биде;
И ако биде, нека биде –
Јас и ти и ти и јас
Каранфили полегнати[2] во
Лавра, каранфили во лаг,
Љубознајни љубими во манускрипт,
Мастилени мирјани во мол;
Нека биде – ти и јас под јаболкница – како
Њутн – на почетокот на annus mirabilis;
Обвиделина наша над светлината нека биде,
Побрза, и подлабока од
Рабушот во срцето,
Сакрална сага за очите од самокитка,
Табија за тевната,
Ќелибарен мост ќемерлија –
Убосница увенчана со
Фреска на фениксен фетус;
Хагиографски запис на недоцеливаниот
Целив на челадта нека биде, на
Челадта чествувана по јазикот, а
Џивџанот под џоница –
Шажбој со шарби врежени од поетот![3] [1] annus mirabilis – година на чудата; оваа песна е позната и прв пат објавена под насловот „Карма сангрија“ (вид на ѓурѓина) во Балкански книжевен гласник, 2015; ревидирана е и изменета во 2023
[2] Пелистерски или полегнат каранфил (Dianthus myrtinervius)
[3] Посв. на Македонија и сите дејци кои ги негувале и негуваат македонскиот јазик, македонската култура и традиција

Тагови од објавата
0 replies on “Поезија на Стела Маја Босилковска”