Огне – детето што ме гушка

Самото растење на Огне се случува низ девет приказни (како низ оние шест од претходниот роман) кои истовремено може да се читаат и како роман зашто сите нив ги врзува еден лик и тој манир Наумовска како да го позајмила од Оливера Николова и нејзината култна книга „Зоки – Поки“.
За книгите „Огне“ и „Време за желби“ од Виолета А. Наумовска

Одамна не сум читала книги за деца кои ме вратија и во детсвото на моите деца, но и во моето детство. Ми ги поттикнаа сите сетила зашто секоја страница на двете приказни за Огне на Виолета А. Наумовска дише во ритамот на убавите описи на природата, на селото, ливадите, планината, но и на топлите, не пресилни градски простори, на атмосферата во училницата, на џагорот во училишниот двор, но и во сѐ уште зачуваните стари скопски (и било кои други градски) маала, на играта пред зграда, но и на кавалот додека се чуваат овците, на лаежот на кучето додека го заштитува своето стадо. И „Огне“ и „Време за желби“ ме враќаат и на моите омилени лектири, „Хајди“ од Јохана Шпири и „Бојан“ од Глигор Поповски.

А, Огне е она дете што ме гушка. Зашто Огне е она дете кое го рабудува детето во секој од нас, мал или голем, млад или возрасен, детето кое не смее да го заборавиме или целосно поттиснеме.

Звучи можеби малку наивно, или во духот на она дека таквото дете како Огне може да е само „пуста желба“ и дека тоа може да живее само како книжевен јунак. Можеби и да е така. Ама токму ваквиот книжевен Огне може на денешново дете да му покаже дека и животот пред времето на екраните и компјутерите бил и убав, и авантуристички, и возбудлив, дека и игрите пред социјалните мрежи биле возбудливи, и дека со нив се стекнувало многу другари и љубови, дека одењето на село е истовремено и време и простор каде се летува, забавува, но и каде многу се учи особено за работи кои ги нема градот. Дека да се летува на село е исто како и да се летува на море, езеро и планина. И дека така во допир со природата и подобро се расте. И дека искуството стекнато со баба и дедо на село убаво се пренесува и во градот. И дека и на село се случува првото вљубување. А Виолета А. Наумовска со книгата „Огне“ како да ги допишува авантурите на Јован Стрезовски од неговата „Дружината Братско стебло“, но и оние на Велко Неделковски од „Втора смена“, а пак со книгата „Време за желби“ оние на Јадранка Клисарова и нејзините приказни од „Децата од моето училиште“.

Овој текст го пишував среде мавровската убавина за промоцијата на двете книги на Виолета А. Наумовска што се случи во рамките на „Скопко лето“ на 25 јули оваа година во Сули ан, во Старата скопска чаршија. Го пишував седејќи на балконот од викендичката на моите родители загледана во прополното Мавровско Езеро. Во тој спокој само одвреме на време се слушаше детскиот џагор од соседните викендички, џагор со кој се полни и нашата кога доаѓаат внуките. А со моето читање за доживувањата на Огне, па и на неговите дедо Цане и баба Роса, неговите братучетки Росица и Сашка, другарите Филип, Јана, Иван, првата љубов Неда од Германија, сестричката Ела, наставникот Михаил, но и овчичките Белка, Пуцка, Филџана, Рогле, кучето Мурџо, сите тие станаа мои, наши гости во мавровската викендичка.

„Човек треба да е многу внимателен кога измислува сказни. Децата ги знаат сите. А би сакале да слушнат уште. Други. Нови. Но, тие мора да бидат како старите, познатите. И не смеат да бидат исти. Умеат да кажат: Ја знам таа! кога ќе препознаат дека се повторувате. Има презир во нивните очи. А многу е тешко да се измислат нови сказни.“, ќе напише Јадранка Владова во својот расказ „Измислување сказни“, поместен во книгата за возрасни „Воден знак“ (1990).

Во тој контекст воопшто не е така лесно да се напишат и нови книги. Уште потешко е тие нови да му се допаднат на денешново дете, на детето на 21 век, а исто така и да му се допаднат и на возрасниот (зашто многу често возрасниот е тој кој го упатува детето во изборот на книгата). А новиот роман за деца „Време за желби“ (со посвета На Филип) на авторката Виолета А. Наумовска кој се надоврзува на нејзината претходна книга „Огне“ (посветен На Борко) е убав пример како може да се пишуваат нови книги за новите деца. Авторката се држи до убавата симболика што секогаш ги носат личните имиња на главните јунаци во народните приказни и сказни (Црвенкапа, Пепелашка), и што потоа ја прифаќа и таткото на европската сказна, Ханс Кристијан Андресен (Грдото пајче, Малата сирена). Така и Огне на Наумовска е едно огнено (љубопитно, страсно, отворено) дете. Семантички полното име ни прираснува за срце и тоа огнено. А неговата сестричка Ела посакуваме да порасне во вита и извишена ела/елка.

Виолета А. Наумовска после добри 10 години, допушти Огне да продолжи да живее како книжевен лик. И да се потсетиме: токму кога заврши летото, и токму кога му се случи првото вљубување на Огне, завршуваат и авантурите на Огне, на Огне од „Огне“ (првото издание е од 2014). Сигурно, авторката Виолета А. Наумовска долго го носела со себе оној Огне што ќе продолжи да расте и расте во и со втората книга „Време на желби“ (2024), што ќе пронајде и нови љубови, што летните авантури кај баба и дедо на село ќе ги замени со сите мали и помалку мали проблемчиња во градот, со своето семејство, на училиште, во маалото, со своите другарчиња…

Самото растење на Огне се случува низ девет приказни (како низ оние шест од претходниот роман) кои истовремено може да се читаат и како роман зашто сите нив ги врзува еден лик и тој манир Наумовска како да го позајмила од Оливера Николова и нејзината култна книга „Зоки – Поки“. Зашто и во двата романа Огне како и Зоки е јунак и во секоја одделна приказна, но е и главниот јунак на ниво на целата книга. Разрешувањето на дилемата околу влогот на реалното и фантастичното во приказните за Зоки Поки го дава самата авторка истакнувајќи дека тие изгледаат како да се изградени врз набљудувањето на детското секојдневие пришто си/ни го поставува клучното прашање: „дали едно набљудување, така голо, може да прерасне во литература ако ја нема топлата рака на фантазијата“ (цитирано според Друговац од неговата книга „Македонската книжевност за деца и младина“, 1996: 335). Оваа дилема може да важи и за „Огне“ и за „Време за желби“.

Така што тоа содејство на две проекции, на две перспективи е, според самата авторка Николова, и со цел да се постигне естетска ефикасност во самото раскажување. Оваа линија ја следи и Виолета Наумовска. И во тој контекст повторно да се повикам на Миодраг Друговац кој во своја книга „Македонската книжевност за деца и младина“ го карактеризира ова (веќе од денешен аспект) класично дело на македонската литература за деца и вели: „Приказната, која и да е, има свој инфантилен тек, но во рамките на стандардот со кој се претпочита детскиот аспект, во рамките на едно слоевито раскажување во кое непрекинато се чувствува духот на детството. Приказната, која и да е, не крие дека играта сака да го забавува детето; забавувајќи го, пак, таа не губи од вид дека тука и таму детето треба и да се замисли над она што е напишано, оти во спротивно напишаното се обесмислува станувајќи игра-самоцел, од која не се гледа вистинската творечка намера на писателот, неговата идеја, неговата хуманистичка цел, педагошка и естетска смисла на приказната (1996: 335)“. Всушност и „Огне“ и „Време за желби“ се една зрела и самобитна проза за деца која без голем напор може да му се наметне и на малиот/детскиот и на големиот/возрасниот читател. И да му помогне на денешното дете во растењето без робување на информатичкиот свет, без голема зависност од социјалните мрежи. Да му покаже на денешното дете како да ѝ се наврати на играта на улицата, ливадата, планината, плажата, на играта на земја и песок, во вода, а не на играта како дел од виртуелниот свет.

Авторката Наумовска не крие дека посакува како што Зоки Поки е секое дете, така и како Огне да бидат повеќето од децата или барем некое дете (ведро, подготвено да им помага на постарите, промислено, духовито, сакано). Таа посакува и детството на Огне да биде детството на секое дете (детството свртено кон играта во природа, кон играта на село, кон спознанието за соживотот во семејството, во одделението, во училишниот двор, во маалото).

Но, книга „Време за желби“ како да е во дијалог и со една друга друга книга, а тоа е „Златко-Златец“ на Велко Неделковски. И како што Неделковски низ четирите приказни врзани со Златко-Златец создава возбудлива атмосфера изградена врз набљудувањето на детското секојдневие, со една крајна едноставност, така и Наумовска низ девет ситуации врзани со Огне му помага да порасне носејќи го низ четирите годишни времиња (есен-лето-зима-пролет) како во истоимената композиција на Вивалди, а притоа како да му помага да ги осознае и четирите страни на светот (исток-запад-север-југ), па и четирите основни правци (горе-долу-лево-десно), и во буквална и во преносна смисла. И ако Огне изрипа и во висина и во тежина и во искуство во претходниот роман за само едно лето, сега во овој, новиов, расте во текот на цела година, секој ден по малку, секој месец по малку повеќе, но доволно за во текот на целата година да порасне ептен доволно од што се задоволни сите. И секако да го спознае животот и пополека да почне да учи за смислата на тој живот. Огне во текот на таа година не само што ќе порасне (физички), туку ќе се стекне и со титулата постар брат, зашто во семејството доаѓа сестричката Ела. А освен Огне ќе порасне и Ела и така нејзините мали чекорчиња ќе ја освојат сочната ливада во селото на баба им и дедо им. Можеби и Ела ќе тргне по чекорите на својот брат Огне. А со Огне и Ела растат и мама и тато!

Ако „Огне“ го окарактеризираме како книга за осамостојувањето, за преминувањето на прагот на својата куќа (како еден безбеден, сигурен, спокоен простор, простор во кој го чуваат неговите) и за започнувањето на авантурите надвор од таа куќа (како возбудлив, полн со предизвици простор), тогаш „Време за желби“ е книга за растењето, за пораснувањето, за созревањето. За растењето пред она поголемото, кога ќе треба да се влезе во пубертетските години и кога ќе треба да се осознае како да се напушти времето и просторот на детството и да се влезе во светот на возрасните, на големите. „Време за желби“ е роман од кој децата треба да читаат и да учат за вредностите на семејството, на другарството. „Време за желби“ е роман кој им (по)кажува на децата како да му се радуваат на училиштето, на училишниот двор, на маалската игра, на своите баба и дедо, на селото, планината…

Овие приказни на/за Огне посакувам детето да ги прочита.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
КОЈ НАВИСТИНА ЈА (ДО)ПИШУВА ПРИКАЗНАТА ЗА НАЈГОЛЕМАТА КНИЖЕВНА САГА НА XXI ВЕК?
За книгата „Приказна за изгубеното девојче“ од Елена Феранте (превод Радица Никодиновска,...
Повеќе
0 replies on “Огне – детето што ме гушка”