РАЗНОПОЈНИ СТРУНИ

Зад тешките алови завеси ветрот како да струнеше чудесна мелодија во триптих. Во три тона: првиот морничав, вториот моќен и третиот тажен и кревок.

…загубената мисла во нејасната белина на умот

Стравотен во својата белина, планинскиот врв се извишуваше во далечината обрабен во мојот мал прозорец. Толку далечен и недопирлив, што ми распалуваше некоја гламна во душата да посакам да го искачам и освојам. Мојот оган како да се натпеваше со снегот, таа чудна состојба на водата. Посакав да најдам блаженство во стрмнините и студот.
Погледот ми талкаше де во снежниот врв, де во дрвцата во каминот што пламтеа во меден сјај.
Зад тешките алови завеси, ветрот како да струнеше чудесна мелодија во триптих. Во три тона: првиот морничав, вториот моќен и третиот тажен и кревок. Имаше нешто примордијално во тој мраз, во таа бела тишина. Можеби младата Земја на почетокот била покриена со снег, а можеби постоела друга бела пустелија, како предвесник на животот кој наскоро требало да никне. Како целото создание да се подготвуваше да се распее, разбудено од вековен зимски сон, штотуку пркнато од под мразот на белината.
– Внимавај! Погледни поубаво! Не брзај! Ваква несмасна реченица никогаш не би напишал – ми рече тој со тивок и љубезен прекор. Мојот учител. Мојот вдахновител. Долго и замислено гледав во хартијата, за момент празна од идеи, непосетена од вдахновенија. Нешто друго е. Едноставно знам дека ти како автор си имал друга намера со овие зборови – реков, покажувајќи на пожолтените страници од оригиналниот текст.
Се загледав низ прозорецот. Глувата самрачна белина оживуваше со морничавата песна на ветрот.
– Сега, ти си најзапознаена со овој текст. Но дали праша некој од колегите? Само за идеја? Не мора токму тие да го имаат решението.
– Прашав, да. И знаеш што ми рекоа? Дека јас сум била таа која сум поминала толку време со твоите текстови. Дека јас најдобро знам.
– Разбирливо – рече тој спокојно. Не ми помагаше многу со своите кратки одговори.
– И сега, што да правам? – почнав со последното оправдување – морам нешто да изоставам. Да променам. Да се ослободам од непреведливото.
– Молам? Да изоставиш? – праша, љубезно смешкајќи се.
– Види, знам дека сѐ уште не се родил некој млад преведувач со дарба рамна на твојата. Засега сум јас родена, жива и подготвена за ова. И, знаеш што? Јас го имам последниот збор. Мене нека ме опсипат со критики. Јас ја преземам одговорноста ако во мојата немоќ се случи…некако… хм… не сакајќи… да го осакатам твојот текст.
– Добро, се согласувам, но веќе кога дојде кај мене за совет, ти велам уште еднаш да размислиш. И да нурнеш подлабоко во себеси… Издавачите секогаш можат да почекаат, па и да го пречекориш рокот и да не го предадеш преводот навреме. Па и да го оставиш за следната година. Јас не дочекав да ја видам мојата најскапоцена приказна објавена…
– Што да правам кога си мртов?! – извикав.
– Добро, мртов сум – рече – и мислам дека тоа најмногу ти ја отежнува работата. Да бев жив, сега ќе бев во мошне длабока старост во овој неподнослив земски живот. Можеби сѐ уште некако ќе творев. Можеби ти ќе направеше сѐ за да побараш совет за оваа реченица несклоплива на твојот јазик, и ќе ми испратеше долго и учтиво писмо. И ќе ти одговорев со задоволство, горд што мојата книга се превела и на вашиот јазик, од чиешто дрво, на кое тој е само една гранка, сум позајмувал зборови за моите конструирани јазици и имагинарни светови. Тоа значи дека мојата приказна стигнала до краиштата на светот. Ама ете, не сме се сретнале како современици.
– Мојата песна треба толку добро да ја наштимам на твојата… А тоа се две различни струни кои треба приближно исто да свират. Зашто моите слушатели на мојот јазик треба да ја слушаат истата музика како твоите слушатели, иако јас пишувам со различни ноти… И да, нашиот јазик не е толку богат како вашиот. Добро, богат е, само што не е собран во доволен број речници. Треба да го бараш по сите расфрлани стари книги-бисери. Малкумина од нас се нафатиле на таа тешка работа. Некое време мојот учител не зборуваше и чекаше јас да го дадам последниот збор. Или воопшто не очекуваше нешто да речам. Знаеше дека загубената мисла во нејасната белина на умот сама ќе си дојде, ненадејно, тогаш кога не ја очекувам. Затоа ми се смешкаше, како професор кој го навестил одговорот, а чека ученикот сам да се сети на него.
По некое време настапи спокоен молк. Пријатното пукање на дрвата во каминот стивна и како да најави време на одмор и починка.
– Наскоро ќе одлучам како да ја преведам оваа катиљ-реченица. Проштавај. Јас и ти сме разнобојни приказни и разнопојни струни, а јас најмалку од сѐ сакам да ти направам развучје од тоа твое благозвучје.
– Имаш избор – рече спокојно.
Стоев збунето како да разговарав со создател за неговиот новосоздаден недопрен свет. Дадено ми беше да отсвирам нешто неотсвирливо, но и да не ја нарушам хармонијата. Се чувствував како да сум првата што го видела и вкусила тој, негов, свет.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “РАЗНОПОЈНИ СТРУНИ”