Кога „наше e, само она, што сме го изгубиле“…

„Арагон“ претставува мозаично склопена хроника на луѓе, оттргнати или откорнати од своето право на обичен живот и луксузот наречен секојдневие, а потем фрлени во нивните, сурово подвоени судбини и взаемни (помалку или повеќе) забранети релации.

Прозниот текст „Арагон“ од Михајло Свидерски е структуриран како историографски краток роман, поделен во три поглавја (чиишто поднаслови се избрани во согласност со хебрејската, онтолошки разлачена тријада на време-просторот): Овој свет (Олам Ха Зе), Светот што ќе дојде (Олам Хаба) и Дрво на животот (Ец Хаим). Во секое од
наведените поглавја фигурираат по неколку одделни приказни, означени според личните имиња (и животописи) на 17 фикционални ликови. „Арагон“ претставува мозаично склопена хроника на луѓе, оттргнати или откорнати од своето право на обичен живот и луксузот наречен секојдневие, а потем фрлени во нивните, сурово подвоени судбини и взаемни (помалку или повеќе) забранети релации. На почетокот од ракописот е поместено загадочно мото, чијшто потписник е култниот (и не помалку интригантен) раскажувач Х. Л. Борхес, мајсторот на метафизичките дилеми и параболи, што во себе кријат универзална семантика. Овој апофатички
интертекстуален запис од Борхес гласи:
„Само оној што умрел е наш, наше е само она што сме го изгубиле. Илион трае во хексаметарот што го оплакува. Израел постоеше кога беше древен копнеж. Секоја песна, со време, станува елегија… Нема други раеви освен изгубените.“
Наративниот фокус на спирално испреплетениот краток роман „Арагон“ се врти околу „еврејската тема“ (која овој пат се одигрува на нашата, локална почва во 20 век), неминовно проникната и со траумата на потеклото: првенствено, етнонационалното, но, заедно со тоа, и социјалното, класното, родовото потекло. Потеклото како маркер и детерминанта на личната и егзистенцијална траекторија, односно однапред зацртана
судбина. Иако само по себе тоа не е формулирано во својата експлицитна форма – низ оваа сага, исткаена од неколку трагично испреплетени битолски семејства – неминовно се провлекува и прашањето: дали (и во која мера) самото потекло како априори зададен факт воедно претставува наша (доживотна) пресуда, фатум, непростлива стигма, кобен/фатален маркер што неотповикливо ја „дизајнира“ (и) нашата иднина? „Арагон“ нуди
лаконски стокмена нарација, со концизно стегната, згусната профилација на карактерите. Во овој краток роман како доминантна наративна постапка се јавува стилизираниот сказ (поточно, т.н. орнаментален сказ, препознатлив по своевидниот „разговор со читателот“, што придонесува за поизразена интимизација со предочениот наративен сплет, односно продлабочено чувство на емпатија). Како хронотоп на ова дело, неслучајно, е избрана мултикултурна Битола и нејзините жители, кои ги поврзуваат драматичните собитија пред и за време на Втората светска војна. Доминантна тематска линија претставува егзодусот, принудното раселување и ликвидација на Евреите – кои сѐ дотогаш живееле во хармоничен соживот со своите соседи и сограѓани. При тоа, драмата на егзодусот е лапидарно и ефектно доловена: со употреба на инвентивната, и не помалку тревожна кованица „бездом“, или преку сведоштвото за трајната, неотповиклива загуба на себеси (личниот идентитет, но и личниот континуитет):
„Се чувствувам како да се оставам себеси. Трчам кон дома. Во мојот празен дом, во кој веќе се вселија непознати дојденци. Во мојот бездом.“
Делото на Свидерски неминовно засега уште еден, навидум парадоксален момент, содржан во т.н. вина на преживеаниот / преживеаните. Оваа вина ја чувствува насловниот лик Елиезер, кому ќе му успее да се спаси и избави себеси од пеколот на конц-логорите:
„Ноќта не можев да заспијам, какво е ова чувство кога си растргнат на две страни и
не можеш да ја поднесеш тежината на изборот.“
„Арагон“ на Свидерски е проникнат од духот на парадоксалната (загадочна) метафизика на загубата и на тежината, вградена во чинот на (принудниот) избор, заедно со ироничната лажовност на светот, што му се разоткрива на Елиезер, небаре оксиморонски исход од бегството како негов животен и судбински хазард.
„Сѐ што имав изгубив во еден ден
и во тој ден добив сѐ што сакав
на врвот Аработ
нема каде понатаму
тука завршуваат световите
тука е тронот Божји.“

Елизабета Шелева

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Крлежа и музиката
По повод 120 години од раѓањето на Мирослав Крлежа
Повеќе
0 replies on “Кога „наше e, само она, што сме го изгубиле“…”