На крајот од патот се наоѓа небото. Горе небо, долу небо, лево, десно и во сите насоки, небо, само небо! Возот полека се оддалечуваше, се топеше во далечината, враќајќи се назад. Понатаму нема пруга, тука заврши. А нас, по долгото патување во проколнатиот воз од пеколот, нè напуштија, нè отфрлија, нè зaфрлија директно во небото. Небаре Бог ги слушнал нашите молитви и, по еден месец мачење, нè прати овде, во овој бескраен небесен рај. Небото започнуваше кај кратката, кревка и ретка трева, а наоколу колку што ти гледат очите ништо друго! Господи, стигнавме до крајот на патот, кој се наоѓа среде Твоите небеси! Изобилство воздух, за нашите изморени бели дробови и изобилство убавина за нашите тажни очи, по темнината и загушливоста на вагоните! Воздух, воздух, воздух! Дишевме, викавме, скокавме нагоре, ние, помладите; останатите едвај се движеа, тресејќи се од возбуда и смеоштеност. Му благодаревме на Господ што стигнавме овде. Нè стави на големи и долги искушение, но така беше Твојата Волја, Господи! Му благодариме и го славиме нашиот Бог затоа што ни помогна да преживееме и затоа што не ја изгубивме нашата вера. Гледавме зачудени наоколу, се исплашивме од толкава небеса! Не си го замислувавме вака крајот на нашето патување. Не толку убаво. Над нас се вишеше едно пространо небо, а насекаде околу се простираше една огромна и заоблена земја, каква што никогаш порано не сме виделе. Сето божествено синило се беше собрало над нас и тоа не чекаше на тој крај на нашите маки.
Колку убаво место за умирачка, помисливме ние кога го видовме возот како полека се оддалечува и исчезнува, како никогаш да не бил тука. Стигнавме овде за да умреме, ние, тие што останавме живи, бидејќи многумина умреа на патот. Зошто да го чекаме успението на нашите души на небото? Еве, нашите кревки и тенки, скоро проѕирни тела, налик на оваа трева, беа донесени право во небото. Можеби сме веќе мртви, а ова е нашето небо, заслуженото небо! Не требаше да пристигнеме во оваа чистота и небесна јасност валкани и полни со вошки. Ни беше срам, небаре газевме на нов чист тепих со обувки полни со кал или прав. Ова е премногу за нас Господи, преголем благослов за нас, недостојните кои скоро месец дена не се измиени! Дишевме полека, за да не се задушиме од премногу чистиот воздух. На гладниот не му се дава чинија со јадење, веднаш по исцрпувачка глад, може да го убиеш. Така и ние, дишевме полека за да не умреме од толку воздух, со страв, со недоверба, исцрпени од многуте и тешки искушенија. Еве, стигнавме сите, напуштени во странските небеса. Но не ја изгубивме надежта, знаевме дека си некаде блиску, не си далеку. Знаевме дека, каде што никој не нè чека, Ти нè чекаш, Господи! Не нè остави, добри Божe, зашто свет си, и на Тебе, на Отецот и на Светиот Дух слава возвишуваме – сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.
Кога во нашето село се прошири глас дека Русите го преминале Нистру и напредуваат кон главниот град на Буковина, не се вознемиривме премногу, знаејќи дека ќе бидат окупирани само две области, Чернауци и Сторжинец, а дека селата од округот Радауци ќе останат под романска администрација. Во тој јуни 1940 година, заедно со романските воени единици што се повлекуваа, заминуваше и цивилното население. Кога војниците поминуваа низ селата, луѓето викаа: „Браќа, не оставајте нè! Не напуштајте нè кога сме во неволја! Помогнете ни!“ Најуплашени беа токму Украинците кои доаѓаа од Буковина, од комунистичкиот рај, зашто добро знаеа што нè чека. Домаќините си ги бакнуваа вратите, портите, ги оставаа своите куќи во хаос, дворовите празни, а по патиштата талкаа домашните животи ослободени од шталите, оставени на милоста и немилоста на судбината. Со товарни колички или со остатокот од имотот во торби, луѓето се движеа зад војниците. Откако слушнале дека Русите се приближуваат кон нашата прадедовска земја, многумина се упатија кон Романија.
Широк Прут и Дњестар тесна река
Романија лелека
Дњестар тесен широк Прут,
Романија ни даде шут
Но од нас сосем не се откажа
Туку само лакот ни покажа
Да даде господ голем глам
Болшевиците да умрат во плам
Романија, Романија
Не оставај нè јабанија
Оф, оф!
Ама Советите лакоми по туѓа земја, влегоа и во селата од округот Дорохој и Радауци. Така што повлекување на граница помеѓу Советскиот Сојуз и Романија многумина наши сограѓани ги затекна од другата страна на границата: во училиштата во Сирет, Радауци и Сучава, во собирните места, кај роднини. Цели семејства преку ноќ беа разделени, а повеќето од нив останаа таму засекогаш.
Многумина, како и ние, имаа деца и роднини низ цела Романија, не затоа што беше тоа некоја непријателска намера кон некого или затоа што не ни се допаѓаше новата власт, ама до 1940 година бевме држава, држава во која можеше да оди секој каде што сака. Мојата поголема сестра, Домника, учеше во Чернауци, таму си го сретна љубениот, ама по свадбата, младите одлучија да свијат гнездо токму крај Радауци, од каде што потекнуваше нејзиниот сопруг. Нестор, нашиот брат, учеше во Јаш, и сите ние бевме горди на неговите успеси со учењето, а и тој беше среќен како студент. Вториот брат, Теодор, учеше во гимназијата во Чернауци, ама тоа лето помагаше во изградбата на куќата на Домника, и потоа не се врати веќе. Тато купи дрвена граѓа за изградба на куќата на сестрата, за вратите и прозорците најде и мајстори: многу пропешачи низ нашиот крај, и кога виде дека подобро ќе биде да избега од патот на антихристот, ја натовари запрежната кола со сите работи и ги однесе во куќата на Домника, со намера сите да се преселиме кај неа додека не се расчистат состојбите. Прво ги зел бабите и дедовците, еден умрел во војна, другиот уште беше во сила, две бабички и еден дедо значи, ги качил во колата и благословено стигнаа до Радауци. Тоа беше во летото 1940 година, кога уште можеше да се заминува. Му преостана уште да дојде и да нè собере и нас. Тогаш не заминаа само татко ми со старците туку и други семејства од нашите села. Родителите на татко ми беа од Хореча, близу до Чернауџи. Дедото од страна на татко ми не го познавав, зашто умре во војна, исто како и двајца негови браќа. Татко ми, Андрон Бојеску, имаше уште една сестра која се омажи во Заставна. Дедовците од страна на мајка ми беа најбогатите во нашето село и беа многу почитувани. Дедо, Константин Зеица, беше и градоначалник; држеше бројни овци и крави, дури и убави коњи, и имаше и многу земји. Четири деца родија, тој и баба, двајца момчиња и две девојчиња. Мајка ми беше првото дете и ја омажија за директорот на училиштето, кој штотуку се досели во нашето село. Зеица Аспазија, ќе одиш ли за Андрон Бојеску? ја прашаа нејзините родители. Отиде. Голема куќа си направија во нашето село и си живееја во мир и слога. Дедо ги испрати момчињата, браќата на мајка ми, да се образуваат. Едниот стана голем господин во Букурешт, другиот доктор во Чернауци. Двапати бев кај него во Чернауци. Најмалата ќерка, Санчира, остана покрај родителите, и се омажи за еден вреден и богат земјоделец од селото по име Харалампие Исопеску. Дедовците им помогнаа и тие да си подигнат голема и пространа куќа, веднаш до нашата. А Домника, мојата најстара сестра, беше првата внука на која дедовците ѝ играа на свадба и ѝ ја подигнаа куќата. Така беше порано, се собираа сите роднини и им помагаа кој колку може на младоженците. Изградија убава, куќа, веднаш до Радауци, од каде што беше младоженецот. Мажот на Домника беше добар и баран доктор, според она што велеше мајка ми, зашто јас не го паметам. Но бев кума на нејзината свадба, a на тоа добро се сеќавам. Кога се разбрануваа времињата, татко ми рече сите да останат таму, да не се враќаат во нашето село. Само што ја беше завршил господската куќа.
Ние собиравме работи, се подготвувавме и чекавме татко и другите мажи да се вратат. Чекавме, и бевме многу загрижени, особено мајка, но тој не се врати дома. Еден маж од нивната група кој не стигна на време да тргне ни ја пренесе веста дека татко и дедовците стигнале безбедно до дестинацијата и се договориле каде да се сретнат за враќање. Освен тоа, мажот кој не стигна навреме не знаеше ништо дуго. Од групата од четири мажи кои требаше да се вратат, само тој човек стигна во селото. Ако некој од новата власт ќе ги фатеше, можеше да ги уапси за поседување оружје или така, едноставно, без никаков посебен мотив. Во времето кога тие заминаа сè уште лесно се поминуваше границата.
Никој не беше сигурен што може да му се случи ако сепак реши да се врати, затоа што Русите веќе беа стигнати таму. Одеднаш, нашата малечка и мила Буковина, се подели меѓу две различни територии, кои беа дел од две држави. Новата граница раздели семејства на две и никому не му беше дозволено да помине од другата страна. Додека мајка ми да одлучи дали да оди, како што ја советуваа жените во селото, веќе не беше можно тоа да се стори. Таа сè уште го чекаше татко. Што ако се врати и ја најде нашата куќичка празна? Таа го чекаше со подготвена маса. Три деца со возрасни родители беа во Романија, а за татко не знаевме ништо. Првите апсења се случија неколку месеци по доаѓањето на Русите и секој кој имаше роднини во соседната земја беше прогласен за виновен. Немаше човек од нашето село, а да нема по некој роднина во Романија. На браќата кои се најдоа таму веројатно им беше многу тешко, сами, без родители, без никаков абер од нас од нас. Најстариот беше на фронт, се врати и потоа замина со најмалиот во странство. А и сестрата исто така доживеа депортација низ романските пустелии, бидејќи беше одведена од Радауци, така што не успеа да ужива долго во куќичката изградена од родителите, и постојано се селеше, додека не се насели во Јаш, најубавиот романски град, како што со гордост велеше мојот брат кој учеше таму.
Мајка го чекаше татко, грижејќи се и за домаќинството на баба и дедо. Соседите крадеа, не им беше грижа, штом сè беше оставено и запустено. Мајка се плашеше да ме пушти да видам што се случува. Се плашеше дека некој може да ме истепа ако го фатам како краде. Ги донесовме кај нас двете мачки на баба ми, а кучето го зеде еден сосед. Го извадија оградите, ги зедоа прозорците, и тоа не непознати луѓе туку токму селските неранимајковци, новите активисти кои се здружија со новата власт. Со таквите луѓе нема веќе пријателство, не се согласуваш со нив повеќе… Мајка, жена оставен сама со мало дете, одвај се снаоѓаше.
Замоли некои од подобрите и почовечни селани да внимаваат на имотот, на добитокот. Цела среќа беше што најдоброто што го поседуваа го понесоа со нив со запрежните коли за Романија, затоа што неранимајковците ги крадеа и ќерамидите од покривите.
На почетокот никој не знаеше точно каде е границата. На пример, ние од Албина бевме сигурни дека ќе останеме во Романија, се шушкаше дека Русите стигнале до две села далечина од нас и дека таму застанале. Потоа пак напредуваа и пак застануваа, па пак напредуваа, па повторно застануваа и пак напредуваа. Новата граница на почетокот беше означена со долги стапови, забиени во земјата, со снопче слама или некои парчиња платно врзани на врвот. Тие знаци ги викаа чухе. Додека постоеја тие „чухе“, кои повеќе личeа на страшила за чавки отколку за луѓе, сè уште можеше да се премине од другата страна на границата, но кога се појавија војниците со оружје и со кучиња, заврши со преминувањето. Советите се сместија на два ридови не далеку од нас, првиот рид Мали Берлинц и другиот Аршица, и три дена по ред стрелаа еден во друг, мислејќи дека се непријатели. Не можеше да се излезе од дома. Потоа се смирија.
Превод од романски јазик: Ермис Лафазановски
Книгата е дел од проектот „ЕУрека“, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.


