Кога би морала да ја дефинирам уметноста во еден стих, тоа секако би бил стихот на Блаже Конески, кој вели: „…тоа е порив и за смисла не прашува“. Делото на уметникот е во врска со неговиот нагон, тој едноставно ги слева своите идеи, чувства и доживувања во слика, во поезија, во проза, во музичка композиција. Но дали навистина тој неконтролиран порив излеан во форма може да се нарече уметност? Платон вели дека уметноста е копија на физичкото од нашите животи. А, од друга страна, според него, уметноста предизвикува возбуда и емоции, има неконтролирана моќ врз човекот и влијае не само врз неговото однесување туку и врз неговиот карактер, но само ако е совршена. Но кога една уметност станува совршена ? Според Платон, кога уметноста е цензурирана, односно кога математички прецизно е исчистена до перфекција и кога создава хармонија, наспроти ниските страсти на младината во неговата идеална Република. Ако се вратиме тука и сега, ќе заклучиме – ако врвот за Платон бил совршената уметност, тогаш за денешниот човек врвот е слободата. Како што впрочем и Платон вели за луѓето затворени во пештера, чиј единствен светоглед се сенките на ѕидот. Слободата за нив е излегување од пештерата, каде што сончевата светлина им овозможува да ја прогледаат вистината. Од тогаш до денес, значи, и нема некоја голема промена во разбирањето на уметноста и на слободата.
Нема добра и лоша уметност, а најмалку има совршена уметност. [pullquote align=”left”]Секој од нас, во зависност од сопственото ниво и образование, реагира на различни уметности или дела[/pullquote] Секој од нас, во зависност од сопственото ниво и образование, реагира на различни уметности или дела. Некој се воодушевува на Бах, а некој на турбофолк. Некој плаче на турски серии, а некој на таваницата во Сикстинска капела. Демократијата им држи ширум отворена врата на сите нивоа на уметност. Во ниедна демократска земја во светот нема формална забрана за дела со објаснување дека се кич. Во различни земји кичот е различно присутен, во зависност од тоа колкава е неговата публика. Но постојат и земји со културна политика, како стратегија за промовирање и за негување на одредена уметност, како дел од општото образование и надградба. Тоа би значело културно подигнување на свеста во сите сегменти од живеењето, што е привилегија на високоразвиените земји во кои од поодамна се решени основните егзистенцијални прашања. Конечно – системот на вредности, воспоставуван и негуван во долг континуитет, со сите културно-историски придобивки, го дава и идентитетот на одредена земја.
Каде е Македонија во оваа приказна? Дали кај нас има слобода и уметност? Колку нашата дваесетгодишна борба за гола егзистенција, низ премрежињата на нашата новосоздадена демократијата, исфрли уметници-јунаци? Ако уметноста е порив што за смисла не прашува, колку нашите уметници го искажаа тој порив од себе? Дали ние како народ или поединечно се препознавме во тие пориви и дали откривме нешто ново за себе и за своето постоење? [pullquote align=”right”]Кое е нашето ниво на доживување на уметноста? Што нѐ трогнува? Што нѐ расплакува? Што нѐ воодушевува?[/pullquote] Кое е нашето ниво на доживување на уметноста? Што нѐ трогнува? Што нѐ расплакува? Што нѐ воодушевува? Дали политиката ја збриша уметноста од нашите животи? Какви се нашите животи – само гола форма без духовност? Кога Платон би бил жив, можеби денешнава уметност би ја нарекол лоша имитација на формата, а можеби и никако не би ја нарекол и би оставил модерните филозофи да ја глодаат и да ја именуваат како исклучок од сите постоења!? Дали одговорот на овие прашања ќе ни помогне подобро да се разбереме себеси? И – најгорчливото прашање, кое денес најмногу се поставува: дали уметноста и политиката треба да се мешаат и дали уметникот треба или не треба да се меша во политиката?
„Да се живее во вистина значи да се поттикнува индивидуалецот, дури и во најугнетувачките општества. Тоа е моќта на немоќните. Индивидуата што живее во такви услови, мора да живее во лаги. Со овој факт тие, индивидуите, го исполнуваат системот, се потврда за системот, тие се системот! Но тие што живеат во вистината, имаат огромна моќ во системот одржуван со лаги, само затоа што се негова закана“. (Вацлав Хавел)
Да беше Хавел жив, верувам дека ова ќе беше неговиот одговор за сите прашања. А мојот одговор на последното прашање е Вацлав Хавел. Уметник, граѓанин, политичар!
Политиката прославува победи, а уметноста ја слави вистината. Дали е вистина дека режимот денес намерно нѐ опсипува со лаги? Дали е вистина дека милиони евра се слеани во камен во една земја во која општествената сиромаштија е правило, а не исклучок, во која нема пари за лекување на децата, во која царува медиумски мрак и во која слободата на говорот е ограничена, во која државниот универзитет се подјармува? Дали е вистина дека водечките политичари во земјава не прават разлика меѓу зборовите ’Хипократ’ и ’Хипокрит’, ’метропола’ и ’некропола’ и ’алтруизам’ и ’егоизам’? Дали уметниците што се легитимираат како поддржувачи на овој режим веќе ја виделе вистината или пак сакаат преку политиката да прослават барем малку од победата распослана на црвениот килим како леш во распад на македонскиот џет-сет? И, така, денешниот Хамлет, растргнат од уметничкиот блуд врз неговата мајка Македонија, останува осамен и без ниеден актер што би можел да го стави на ачик, пред сите, овој перверзен чин на сквернавење! Ако Ван Гог гледа на сликањето како на вера што ја наметнува обврската да се негира јавното мислење, притоа умирајќи во најголема беда и непризнат во своето време, зошто денешниот уметник што ја бара вистината би бил поразличен од него? [pullquote align=”left”]Сите времиња се различни, но исто тешки, мачни и неподносливи за вистинскиот уметник, кој е секогаш осамен[/pullquote] Сите времиња се различни, но исто тешки, мачни и неподносливи за вистинскиот уметник, кој е секогаш осамен. Но таа осаменост во неговиот живот можеби еден ден ќе блесне како ѕвезда-водилка за милион угнетени луѓе, кои токму во таа светлина ќе ја видат вистината за себе.
Ако уметникот живее во вистина, наспроти сите лаги што го опкружуваат, тој станува светилник за другите, кои се осудени да гледаат само сенки на ѕидот. Со тој светилник можеби тие ќе го пронајдат патот надвор од пештерата до сонцето, кое ќе им овозможи конечно да прогледаат и да станат вистински луѓе. За таа улога на уметникот сонувам. Уметникот што го прави тоа – мора да го прави тоа, оти е таков создаден. Иако тој и не мисли ниту на народот, ниту на вистината – едноставно, тој има порив што излегува од него. Што за смисла не прашува.
Авторката е актерка и професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје
Скулптури: Наоко Ито