Во претходното издание на „Тамјс Њу Маседониан“ претставивме некои од најчестите јазични грешки во новинарските текстови. Списокот го дополнуваме со уште неколку примери.
Поради – заради
Поради и заради не треба да се мешаат, односно не треба да се употребува заради наместо поради. За изразување причина се употребува поради, а за цел – заради. Пример: Одам на лекар поради болест, а заради преглед.
Придонесе – допринесе
Македонски е придонесе, а допринесе се употребува под влијание на српскиот јазик. Многу честа грешка во новинарскиот јазичен израз.
Отвора – затвора
Правилно е со о, а не со а. Значи: Тој ја отвора / затвора вратата, а не: Тој ја отвара / затвара вратата.
Пракса – во пракса
Пракса е збор што не го прифаќа македонската стандарднојазична норма. Во духот на нашиот јазик, може да се замени со практика, практична работа, практична настава или со некој друг сличен зборовен состав.
ПреВзема – заВзема – Взаемно
Уште една појава што се среќава како резултат на влијанието на српскиот јазик. Македонскиот глагол не е вземе, туку земе, така што нема логика да се употребуваат формите превземе и завземе, туку преземе и заземе. Исто така, не е правилно взаемно, туку заемно.
Што се однесува до…
Не може нешто да се однесува до нешто, туку на нешто. Затоа, треба да се употреби: што се однесува на тоа, а не: што се однесува до тоа.
Почитувани гледачи, ви благодариме на вниманието!
Се заблагодаруваме за нешто, а не на нешто. Поради тоа, наведената реченица треба да гласи: Почитувани гледачи, ви благодариме за вниманието!