Најмалиот етнолошки музеј во светот, или скратено НЕМС, е музејот во сопственост на Симеон Златев-Моне, кој се наоѓа во тетовското село Џепчиште, пет километри оддалечено од Тетово. Етномузејот со своите 7,5 квадратни метри е најмалиот етнолошки музеј, а се наоѓа во склоп на викендичката на семејството Златеви.
Првиот впечаток уште на самиот влез во дворот од куќата на Златеви е дека влегувате во вистински музеј, а често силните ветрови бујно го веат знамето на Деновите на европското културно наследство, кое се наоѓа во дворот на музејот. Убаво уредениот двор потсетува на лапидариум во кој се сместени неколку големи земјени питоси и ќупови, кои некогаш служеле за складирање жито и за саламурење месо.
За бројот на артефактите од музејот домаќинот Златев вели дека е огромен, а единствениот податок што го знае во врска со тоа е дека неговите пријатели и познајници секојдневно му доставуваат нови парчиња, кои тука го заземаат вистинското место, а кои дома собираат само прав, па така тој секојдневно се зголемува.
Сепак, според неодамнешните пресметки околу бројот на артефактите, музејот брои повеќе од 2.000 експонати. Најмалиот експонат е гумена џамлија за гласање од првата половина на минатиот век, чиј попречен пресек е помал од еден сантиметар, а е подарок од библиотекарот Војо Димиќ.
Најголемиот експонат, пак, е бакарна софра по потекло од Дојран, со пречник над еден метар, а најтешкиот експонат е рачна камена воденица за бунгур (специјално брашно за култни намени), тешка 58 килограми.
Иако просторот е „ограничен“, во внатрешноста на музејот како да нема маргини, просторот поседува сè и сешто: носии, радија, (стара) покуќнина, прибор за јадење… Меѓутоа, колку и да има нови артефакти, музејот ќе ги собере сите, а просторот повторно ќе остане „ограничен“.
Музејот, всушност, се состои од две простории: едната како ходник (која служи да го спои влезот со малата просторија, но и за презентирање на артефактите), а другата, пак, како главна одаја. Дури и во првата просторија (односно во ходникот), и покрај тоа што служи како врска помеѓу надворешниот свет и минатото, се изложени поголеми антиквитети, како носии, радија и сл. Во вториот дел од музејот, односно во „главната одаја“, како што некои ја нарекуваат, се наоѓаат поситните делови, како прибор за јадење, фотографии, алати и сл. На витрините густо се наредени предметите од порцелан и од стакло и разни штембили и печати.
Посебен дел заземаат фотографиите, кои се документи преку кои може да се согледа начинот на облекувањето, економскиот и историскиот развој и стилот на животот во минатото. На една од старите фотографии е мајката на Златев, снимена во 1939 година на Сесловенскиот бал, кој се одржал во Скопје и на кој добила прва награда за комплетниот изглед и впечаток што го оставила кај присутните.
Наидовме и на фотографијата на Благуња Бошњаковска, која е една од најзначаните девојки опеани во тетовските староградски песни.
Под малиот трем во дворот како посебна целина се прикажани предметите изработени од метал (бакар, железо, месинг и цинк), но музејот има и придружни содржини, како простор за реставрација и за евиденција на експонатите, депо и изложбена галерија.
На излезот има и книга за впечатоци, во која се потпишани неколку илјади посетители, меѓу кои и познати личности од нашиот јавен, културен и политички живот, дипломати и странски делегации, а во музејот има снимено филм и најнискиот режисер во светот.
Домаќинот на музејот, Симеон Златев-Моне, е и автор на неколку книги, меѓу кои и „МОНЕграфија“, „Етноризница“ и други, а неговиот музеј влезе и во Гинисовата книга на рекорди.