За почеток, да разгледаме неколку реченици извадени од објави на македонските интернетски портали: Го изнесоа надвор за да го подобро видат другите. Променете ги лошите навики за да на тој начин го промените животот. Ние луѓето сме чудни суштества – постојано се обидуваме да сè околу себе контролираме. Жив сум за да режимите можат да се изживуваат врз мене. Во истиот момент успеал да возилото го стави во погон. Фалсификувал исправа за да субвенции добие.
Како што може да се забележи, прикажаните примери, доколку се изговорат, не звучат воопшто природно и спонтано. Јасно е дека проблемот е во неправилниот збороред, односно во „нарушувањето“ на да-конструкцијата со различни зборови.
Не се знае од кои причини се употребуваат вакви реченици, но навистина се многу чести, особено во преведените текстови, во кои најверојатно оваа појава е резултат на влијанието на некоја туѓа синтакса. Во секој случај, партикулата да е во многу тесна врска со глаголската форма и таа врска не треба да се нарушува. Имено, помеѓу честицата и глаголот може да стојат единствено кратките заменски форми.
Така, правилните верзии на горенаведените реченици се следните: Го изнесоа надвор за подобро да го видат другите. Променете ги лошите навики за на тој начин да го промените животот. Ние луѓето сме чудни суштества – постојано се обидуваме да контролираме сè околу себе. Жив сум за режимите да можат да се изживуваат врз мене. Во истиот момент успеал да го стави во погон возилото. Фалсификувал исправа за да добие субвенции.
Ве очекуваме на mak.katce@gmail.com за да ги споделите со нас своите јазични препораки.
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest