Додека го чекавме (грнчарот) мајстор Стојан од с. Вранештица во дуќанот Ориентал арт, во Старата скопска чаршија, на вратата се појави една жена.
Жената започна разговор со продавачот со име Ирфан. Продавачот ѝ кимаше со главата додека таа од една торба почна да вади кукли. Разговорот беше за куклите што требаше да се изложат во дуќанот.
Овие кукли не беа случајно донесени во овој дуќан.
Жената со име Даниела рачно изработуваше облека за куклите. Таа облека наликуваше на традиционалните носии. Даниела го негува фолклорот, а тоа може најдобро да се види преку нејзината изработка на облеката за кукли. Носиите – а секоја од нив е одраз на различна култура – ѝ се модел на Даниела при изработка на облеката за куклите. На еден креативен и мошне магичен начин се изработуваат овие минимализирани носии. Интересот и љубовта кон фолклорот Даниела ги наследува од баба си, која, воедно, на некој начин ѝ била и учител. А денес самата таа е учител на својата ќерка. Така, тој ден Репер беше дел од една случајна приказна за кукли што се разлеваше во Старата скопска чаршија.