Писмо што се тркала

Го откопчувам патентот на куферот-стихозбирка на Марина Мијаковска.

Кон стихозбирката „Куфери“ од Марина Мијаковска, издание на „Матица македонска“, 2013

3

Го откопчувам патентот на куферот-стихозбирка на Марина Мијаковска. Книгата е поделена во четири циклуси. Три од нив се именувани според делови од куферот – „Тркала“, „Патенти“ и „Џебови“, а последниот наслов, кој навестува извесна авторефлексивност, е „Фус-ноти“.

Како најмал заеднички содржател, НЗС, во случајот на мотивската определеноста на „Куфери(те)“ на Мијаковска пронаоѓам три биномни пара: жена-тело, патување- номадизам и јазик-писмо, кои, организирани во стихови и во циклуси според насловите наведени претходно, достигнуваат одредена градација на поетската порака.

2Започнувам редоследно од „Тркала(та)“ или од првиот циклус каде што се тркала гласот на лирскиот субјект. Гласот на куферот, или од куферот, на таа мала, безмалку магична кутија е свесен за богатството од патувањето, па вели: „…тркалај ме/ и збогати ја душата/ со спомени“, што може да биде и рефрен при размотувањето на поетското клопче „Куфери“, иако како строфа не се повторува никаде.

Тука, во првиот дел, се навестува и поетскиот јазик на Мијаковска, со кој нештата што ги опева се промислени да значат и да звучат. Стилските средства не се оставени на подоцнежна, можеби случајна, детекција од читателот, туку напротив, тие се составен дел од смислата. Најчестото рамниште на кое игра поетесата е фонетското, но не се исклучени ни синтаксичкото ниту семантичкото. Најфреквентни се употребата на римата и јазичните игри како каламбурот, алитерациите, параномазиите и анаграмите на зборот куфери.

На пример, во песната „Затворени куфери“ таа пее: „Испитувајќи / Испивајќи / Ја / Секоја твоја / Потреба / За / Про-говор / Пред-говор / Без / Вето / За / За-говор“. Или во песната „Стар куфер“: „Ги горам годините / Ги голтам планините / Ги губам глаголите / Во минато свршено време / Ме облекуваат во душа / На старец, столетна, страсна, сина / Се смеам со светлината / Се облекувам со пајажината“.

Стиховите на Мијаковска шуштат, роморат и се тркалаат, имаат ономатопејски својства, го допираат увото за да се разбуди пред естетското, кое ја бара формулата за ново, неискористено, нескаменето значење на речта.

Во песната „Барајќи формула“ дури е опеана и маката да се најде збор, ознака/означено што може да донесе нова свежест и прелест. Со ова, писмото на Мијаковска се доближува до старото верување дека е поезијата како и магијата, до верувањето во магичната моќ на зборовите пред сè.

4Гласот од куферот или од циклусот „Тркала“ во вториот циклус, „Патенти“, се открива како глас- патничка, затоа што женскиот принцип или субјект кај Мијаковска е свесен и освестен исто како и јазикот. Женскоста е изразена преку телесноста, преку телото како симбол и како објект, преку соковите и преку течностите како составен дел од женското писмо. И во таа сфера на меѓутелесното и на меѓукнижевното, постои и еден романтичарски и поклонички однос кон заводливоста на писмото.

„Куфери“ како збирка има и свој лик, внатрешна графичка определба, и тоа повторно не е случајно затоа што значенската и звучната страна на песните се остваруваат или се дополнуваат со уште една, а тоа е просторната, визуелната димензија на стихот. Преку зборот се добива слика, или во сликата на куфер, на џебови и на расфрлана скица на патоказ – се впишани зборови. Некаде тие немаат рамки, не се читаат само од лево кон десно, туку се разлаваат или повторно се тркалаат, со што нивното читање, а оттука и значење, добива безброј можности и варијации.

Во последниот циклус, „Фус-ноти“, Мијаковска употребува и интертекстуалност, која е присутна и низ другите делови од книгата – со директни цитати или алузии на Вулф, Кафка, Мајаковски, митската Лилит, а на крајот со себецитирање и со фусноти како опис или како упатство за читање на сопственото поетско писмо, во корелација не само со книжевни текстови.

„Фус-ноти“ го затвора и цикличното промислување според лирскиот субјект на „Куфери“. Имено, во оваа стихозбирка просторот и времето се измешани. Патувањето не е само физичко, туку и вистински номадско – во себе. Патувањето е во метафизички височини и во метапоетски постапки, загледано во една временска оска, која никако не е линеарна и која не тече од вчера во денес кон утре, туку е отворена и повикува на патување.

Куферите се подготвени, тргнуваме!

Тагови од објавата
, , , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Што сакаше поетот да каже?
„Уметникот вдишува од својот живот и издишува преку својата уметност“.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *