Да се погоди мерката е важно

Интервју со Душко Крстески Кристан - автор на поетската книга „Алхемија на 21 век“

Батко Дуле, сакам да си помуабетиме по нашки, бидува ли? Се надевам дека читателите нема да ни замерат. 

Само така и треба. По нашки, за да си се разбереме најдобро.

 Алхемија на 21 век е доста хетерогена книга, составена од пет циклуси. Дали е ова некој твој best of?

Може да се каже така. Песните се собирани подолго време и знам дека музички и литературно гледано треба да имаш барем четири збирки песни или музички албуми за да направиш компилација, ама голем дел од ранонапишаните песни беа тргнати од збирката. Истото се случи и со некои од новите песни. Имам некој „Гогољ синдром“ да ги кинам нештата што не ми се допаѓаат, да ги преработувам, да ги допишувам. Пак да ги прочитам, па да сфатам дека е изгубена првичната интенција, првиот вистински „mood“ што те натерал да чкрташ. Пак врати се на оригиналот, па повторно дилема, дали да оди или да се модификува. Истото прашање, нонстоп. И на крајот од стотина песни ќе извадиш нешто попристојно. Или пак од два-три нафрлани стихови ќе склопиш еден поетски Франкенштајн со почетни стихови од тинејџерска фаза, ќе додадеш зрели нешта од последните месеци, ќе допишеш стихови последните два дена пред да ја ставиш песната во фолдерот „Средени песни, не чепкај назад“. Best of – ДА. И веќе нема допишување за нив. Другите може да се подложат на естетска хирургија.

alchemist_with_bellows-s

Градот се провлекува низ целата книга. Пишуваш и за гетото во ’90-тите и за Long Play од пред неколку месеци. Колку се смени Скопјево со годините, како денес го доживуваш скопскиот бетон?

Скопскиот бетон ми е инспирација за сето време. Уште кога почнував да пишувам стихови, сакав да го правам тоа додека талкам низ Скопје, низ Градскиот ѕид, низ рок-местата како Bootleg, Лидо, Lady Blue, SF, низ населбите Аеродром, Ново Лисиче, Карпош, Тафталиџе, Буњаковец. Секаде каде што има згради, каде што има клупа зад зградите, каде што има киоск за цигари и за пиво пред зградите. Има убавина во урбаната грдосија и во урбаната поетика. Ме привлекува тоа сивило. Тоа е мојот сплин. Секоја од тие клупи раскажува некоја приказна. Моја или туѓа. Се хранам од таа носталгија и од нејзините приказни. Кога ќе отидам на планина, на ливада, покрај река, не ми работи вентилот. Градот, урбаното – е, тоа веќе ми дава порив.

Скопје, денес? Не знам. Дневнополитички, ги забележувам спомениците, не ми пречат, не ги сакам, ниту ме интересираат. Не ги рушам, ама и не им оставам цвеќе на комитите и на царевите. Скопје од ’90-те нема да се врати. Собиралиштата на Форум или на „школката“ во парк ми се вистински споменик. Таму ќе составам или ќе оставам стихови наместо венец.


Ја воскреснуваш генитивната метафора, која е толку многу злоупотребена во поезијата. Дискурсот ти е метафоричен тамам колку што треба. Во комбинација со автоиронијата, добиваш една функционална спрега од спротивности.

Метафорите, сами по себе, без добра организација и без скелет на песната, ќе направат само фрази или ќе го креираат тоа што ти го имаш наречено „тулумба-песна“. Ако само се нафрлаат, создаваат збрка. Потоа, ќе треба да ги викнеш Шерлок Холмс, Поаро, екипата од CSI: Miami, па да дешифрираме што е што. Тотално напуштање на метафората е, исто така, неможно. Да се погоди мерката е важно. Автоиронијата ја почитувам дефинитивно. Си доаѓа самата некако спонтано и природно, а потоа, кога некој ќе ја прочита, ќе ми ја посочи како најсилно место, кое му се бендисало. Само се плашам да не претерам, па бегајќи од шербетот, да направам таква автоиронична „шампита“ што ќе почне да ги труе читателите. Преискористена е и автоиронијата, но од друга страна, пак, што не е? Метафоричната генерација македонски поети ги направи сите комбинации и пермутации. Ако догребеш нешто од останатото на дното на тенџерето, арно. Ако не, барај си сам излез. Многу гурмански ми излезе ставов.     

Сега, ме влечеш за јазик. Ај, кога сме кај гурманлакот, да направиме една дигресија. Дај едно два-три предлога за лесковачка или за нешто здраво и хранливо помеѓу Менада и Балет.

Поезијата понекогаш се создава во периодот помеѓу топените фурнаринки во Менада со саканата и топлите банички во Делишес по 2 часот наутро. Наквасени со бамбусот на ноќта, се разбира.

Hero_WhatsOn-800x600

Знам дека и историографијата ти е опсесија. Во Хисториа ест магистра курва велиш: „нам ни останува да ги исчистиме со јод раните на нашата историја, / освен ако другите не ни ги зацелат по свој вкус“. Кој ни ги зацелува раните?

Историографијата ми е интересно поле. Сакам да читам историски книги, сведоштва, мемоари, особено за балканската историја, најболната точка, најтажната приказна за нас. Не ги сакам оние историски дискусии според изворот „Мене дедо ми ми има кажувано“ или „Кај мене во село, во библиотеката има една книга… не знам од кого е и како изгледа“ (момент на борхесовска библиотека). Ги сакам уредните историски документи и сведоштва и тие треба да се почитуваат. Колку пати на собирања во кафеани, на имендени, на семејни слави, на родендени сум слушал приказни од познајници и од другари во кои секој до пред 10-15 години тврдеше дека дедо му бил партизан, со ордени од Тито, од Колишевски, пријател со Ранковиќ, за истите луѓе денес да тврдат дека истите нивни дедовци лежеле во Идризово, на Голи Оток итн. Од партизани и од ударници сите се претворија во дисиденти.

На секои 5 години по едно ново сензационално научно откритие кои сме и што сме. Ако ги земам учебниците од 1990 г. наваму, од Словени, преку антички Македонци, Хунзи, вонземјани, препишувани, допишувани, постојано се менува нашата етногенеза. Некогаш тоа беа пропагандите на соседните држави (оние што ни ги зацелуваа раните), денеска тоа се квазиисторичарите, белетристите и кој ли не друг. Мојата песна беше критика за тој македонски став што постојано се менува и за кој се кршат копја на конференции и се кршат глави и вилици на стадиони. Денес, претпоставувам, раните ни ги зацелуваат запоадноевропските политики. Историјата е наука, дневнополитичката историја е „жолт печат“, вести и анализи за М-експрес.

Многуслојна ти е поезијата. Додека студиравме, интертекстуалноста ти беше коњак. Колку ти влијае прочитаното, колку ти влијаат туѓите поетики? Колку сме сите ние, во суштина, само Зелиг на Вуди Ален?

Прочитаното многу влијае. Секоја книга, секој стих, секој филм, секоја песна, секоја симфонија, сè е присутно во напишаното, во отсвиреното, во снименото. Секој ден си го полниме резервоарот со интересни фрази, искуства, отсвирени бас-линии и по некое време Стерната ќе започне да баботи и ќе се излее. Ја сакам интертекстуалноста, но не ја носам по секоја цена како лична карта. Присутна е во мојата поезија, навистина, само затоа што секоја песна ми е синергија од многу нешта. Го сакам мултимедијалниот меланж. На хартија, потешко е да вметнеш песна. На Фејсбук е полесно. До напишаната песна закачи линк со песната што најдобро ти оди со поезијата и веќе поезијата се качува за еден левел „погоре“. Сите наведени песни и групи во мојата збирка се оние бендови што сакам да ги слушам на mp3 додека скитам и додека пишувам. За жал, туѓите поетики влијаат. Додека читаш поезија, има еден дел што ги забележува најубавите стихови, мисли, па потоа дел од нив ги забележуваш, ги ставаш во посебна тетратка или фолдер, па потоа можеш да ги искористиш како мото за следна песна, како имплицитна реминисценција или пак за посвета на книга за роденден или за статус на Семе синапово. Но има и еден невидлив дел, кога не сакајќи стануваме „епигони“ на омилените поети и писатели. Некој друг ќе забележи дека потсетуваме на Буковски, Барико, Гинзберг, Кундера и на долга листа со други автори. Тоа е ненамерно и, кога ќе ни го уочат, по малку се гордееме, но и се разочаруваме. Лектирата, свесно или несвесно, ни ги населува просторите на творење.

Дедал или Икар? Што е поетот, занаетчија или летач со поглед кон сонцето? Или е можеби Дедикар Икарал, на левата рака крило, на десната нога ѓуле, како што напиша Горан Стефановски во „Лет во место“?

images (1)Поетот (иако повеќе звучи како дијагноза отколку како професија, и тоа отсекогаш, не само денес) е комбинација од Дедал и од Икар, од Аполон и од Дионис, од Стариот Џивџан и од младите врапци на Конески. Границата секој сам си ја определува, од каде до каде се уката и занаетчиството и искуството на песната, а каде бунтовноста, избликот и хаосот на недопишани стихови напумпани со младешка енергија. Има поети што тврдат дека првонапишаното е и крајно, без никакви, дури ни јазични корекции, а има и такви што за еден збор дремат пред мониторот и по два дена за сè да биде совршено. Аристотел имал право, вистината е некаде на средината. Дискутабилно е што е „златна средина“ за поетот. Има такви што тврдат и дека екстремноста е нивната средина.

Што мислиш за нашава книжевна сцена? Ќе нѐ биде ли? Се појавивме со големи амбиции, ама веќе и нам почнаа да ни се појавуваат бели влакна во косите.

Треба да се настапи без големи амбиции, ама постојано да се работи. Убаво е да се види дека преку новопојавени антологии се создала некоја нова струја, нови тенденции. Книжевноста е поле на кое ретко кои луѓе имаат среќа и способност да се кренат до големи височини и да стекнат статус на рок-ѕвезди. Постарите тераат исто, младите пеат подруго, публиката навива различно. Кога си помлад и кога настапуваш со првите песни, го имаш еланот на поет-динамит или се надеваш дека твојот збор ќе направи една епохална промена на сцената. Со текот на времето, се ослободуваш од таа улога на пророк и ја прифаќаш сцената надевајќи се дека ќе направиш промена на ентериерот единствено на својата поетска соба, но не се надеваш на тешки тектонски поетски промени. И потоа стануваш дел од сцената. Книжевноста кај нас е интересна мешавина, каде што истовремено си дел и од „мејнстримот“ и од „андерграундот“. Драго ми е за постарите писатели, за лектирите, за книжевните авторитети, ама уште подраго ми е кога ќе прочитам дека Никола Маџиров добил значајна награда на некој поетски фестивал, дека Лидија Димковска добила европска награда за роман, дека Смилевски е претставен во сите европски земји, дека Венко Андоновски се преведува на десет преведувачки работилници од млади студенти што македонската книжевност ја сакаат поради естетската, а не поради националната македонска припадност по баба или по тато.

Што по Алхемијата? Прочитав дека си се префрлил на проза. Да не им дојде редот на вампирите и на вампирџиите?

Најпрво малку ќе се навратам на научната работа што ја занемарив во последно време, есеите и слично, а од „личните белетристички писанија“ малку сум навлечен на потемни теми. Ми се допаѓаат хоророт и мистеријата и моментално сум насочен кон таквите приказни. Поезијата си има свој белег во зависност од тоа дали си Балканец, Европеец, Македонец, Американец. Расказите поврзани со вампири, демони, духови и воопшто со сите приказни на стравот и на ужасот имаат по малку интернационална нота. Сум прочитал десетици антологии на кратки приказни на овие теми и речиси сите наликуваат на музички хевиметал-арсенал. Имаат некоја униформираност, некој интернационален урнек, определени правила на композиција, а останува простор и за личен „жиг“. Мислам дека ќе се насочам малку и натаму. Поезијата си останува во игра. Таа е и првата љубов.

Разговорот го водеше: Ѓоко Здравески

Напишано од
More from РЕПЕР
Ленинградскиот Јасновидец
Пренесуваме расказ од книгата „Во својот дом“ на Сузана Тратник во превод...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *