(Кон Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија од Владимир Мартиновски, Скопје, Кликер книги, 2013)
Ракописот на Владимир Мартиновски Зоон поетикон претставува вредно збогатување на македонската критика и херменевтика на поетското творештво. Толкувањето стихови во последно време станува сè поретка и токму затоа и поскапоцена дејност, од едноставна причина што поезијата, колку и да се раѓа во непоетско време, жилаво опстојува низ вековите и, се чини, не се откажува од својата иднина.
Поезијата е специфичен знак на распознавање на македонската култура, та токму затоа стручните, експертски, вдахновени, култивирани и естетски валидни коментари од Владимир Мартиновски по повод значајни процеси и пројави во македонската поезија можат да се сметаат како ретко богатство, што не само што заслужува да се претстави пред македонската читателска публика туку и да се препорача како неопходна критичко-толкувачка алатка при контактот со современата македонска поетска реч.
Триесетте есеи поместени во овој ракопис зафаќаат широк спектар поетски објави од различен вид: колективните поетски преокупации на младите македонски поети, необичната популарност на хаику-поезијата во Македонија, интермедијалноста како поетска доминанта, но исто така и специфичните поетски светови на Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Цане Андреевски, Радован Павловски, Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Ристо Лазаров, Тодор Чаловски, Никола Маџиров, Лидија Димковска и многу други поети.
Текстовите се организирани во дванаесет тематски целини што опфаќаат исто толку специфични аспекти на толкување на поезијата. Таа се разгатнува од аспект на нејзината поврзаност со митот и ритуалот, како и во контекст на присуството на материјалната имагинација во неа. Патувањето, егзилот и сонот се истакнати како специфични јадра околу кои ротира еден солиден поетски фонд, а проблематиката на интермедијалноста е загатната во две целини што се однесуваат на односот на поезијата кон сликарството и кон звукот.
Со посебно внимание се третираат поемата и хаику-песната како специфични поетски жанровски категории, а мошне креативно, истовремено уметнички и научно, се согледуваат творечките паралели меѓу одделни поети, како и епохалното значење на Кочо Рацин за македонската поезија.
Напишани со истенчено чувство за поетската уметност (авторот на овие есеи и самиот е поет), со богата упатеност и висок степен на познавање на проблематиката и со изразен истражувачки нерв, сите текстови поместени во овој ракопис претставуваат вреден прилог кон македонската книжевна критика и воедно интересно четиво за пошироката читателска публика.