Ако е животот училиште, јас сакам да повторувам

Избор афоризми од Софе Штерјоски, еден од најпознатите македонски хумористи и сатиричари.

QuinnSculpture7

Во збиените редови мора да има згмечени.

За да живееш како бог треба да си ѓавол.

Пред расипаниот нос трендафилот е рамноправен со изметот.

Ми пружија шанса дури откако заврши натпреварот.

Бунтовниот дух на свињата може да убие со корито помија.

Кога рајот и пеколот се блиску, разликата меѓу боговите и ѓаволите е мала.

Калта под ноктите не е доказ за другарување со плугот.

И најголемиот математичар може да се изгуби во брачен триаголник.

Само кога е облачно слонот и глушецот имаат исти сенки.

Ако е животот училиште, јас сакам да повторувам.

И колата на историјата понекогаш е натоварена со тикви.

За обичниот човек некрологот е излез од анонимноста.

Planet-by-Marc-Quinn--006

Пред да му дадат збор му ги зедоа мислите.

Дождот паѓа на секого, а накиснува само некого.

Повеќето расветлени случаи се темни.

Понекогаш е подобро да си кретен, отколку конкретен.

За некои не е сè лошо, туку ништо не е добро.

Да знаел за директори народот во минатото не ќе пеел за ламји.

Некогаш ги полнеа гаќите, денес штедните книшки.

И во огнот на револуциите некои печат јагниња.

Прво ги сечеме стеблта в корен, а потоа чекаме да раззеленат.

Некогаш и кога се тресат глупости паѓаат одлуки.

Едни се вртат во круг, други се онесвестуваат.

Кога општеството е буниште, „петлите“ имаат главен збор.

Софе Штерјоски (1949-1984) бил новинар на Радио Скопје, како и еден од најпознатите македонски хумористи и сатиричари, и автор на повеќе книги за деца. Изборот од дваесетина афоризми е земен од неговата книга  „Силни слабости“ од 1973 година.

Скулптури: Марк Квин

Напишано од
More from РЕПЕР
Помеѓу авангардното експериментирање и книжевната традиција
Кон „62 модел за составување“ од Хулио Кортасар
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *