Лондон, извини!

Без никој да знае, имав навика, секогаш кога ќе тргнев да скитам низ градот, да седам долго време на една клупа. Да седам и да гледам во Темза. Толку.

mane1

Со секое ново патување имам нови недоречености со местото од кое заминувам и со она во кое пристигнувам. Постојано сум недокажан. На почетокот не се разбираме, се обидуваме да се фасцинираме, да си докажеме дека започнуваме да се заљубуваме, се заљубуваме и тогаш, пред да си признаеме дека чувствата се распламтиле, еден од нас секогаш мора да замине. Најчесто тоа сум јас.

Тој ден беше еден од моите последни од престојот во Лондон. Без никој да знае, имав навика, секогаш кога ќе тргнев да скитам низ градот, да седам долго време на една клупа. Да седам и да гледам во Темза. Толку. Поминав покрај Националната галерија и покрај плоштадот „Трафалгар“ и се упатив кон улицата „Милбанк“, каде што се наоѓаа градините на Викторија. На едниот крај од тие градини, веднаш до мостот „Ламбет“, е еден од влезовите, а таму најблизу се наоѓаше и мојата клупа. Или таа е сега најблизу до моето срце?

Кога првпат седнав на клупата под високото дрво и погледнав право пред себе, илјадници мисли и чувства ми надојдоа во телото. Не е клупата магична или, пак, посебна во моите спомени поради некое минато, туку едноставно од нејзиното место гледав како се патува на најразличен начин. Бродчињата во Темза, кои пловеа и со себе ми ги земаа мислите, кои сигурно потоа остануваа расфрлани во реката, авионите што го шараа небото, мостовите полни со автобуси и со автомобили што правеа огромен метеж, а јас бев сам со шушкањето на ветерот и со ударите на речните бранови во ѕидот веднаш пред мене.

mane2

Секое доаѓање таму беше посебно. Како клупата да го знаеше секој момент од моето расположение и од својата перспектива ми создаваше поглед, кој во тие мигови сакав да го гледам и да уживам во самотијата, а истовремено и да патувам длабоко во себе.

Долго време размислував и дојдов до заклучокот дека имам потреба да бидам постојано сам, исто како кога сум во некој автобус, воз или авион и кога не ги познавам луѓето со кои во некоја физичка форма заедно патуваме. Таа не е онаа самотија што те деморализира или те разјадува, понекогаш и те убива, туку една ведра самотија во која можеме да го слушнеме крцкањето на стеблата на дрвјата, претањето на птичјите крилја, разиграните листови на заборавениот весник на соседната клупа. Весник во кој некој напишал статија за некое патување, за престојот на некое друго место, а неа никој нема да ја прочита освен ветерот, кој најдобро го познава патувањето.

Токму ветерот беше најглавната причина поради која ја напуштив клупата. Најчесто не успеваме да ги средиме сите впечатоци кога ќе пристигнеме на друго место, ги примаме како моментални, со изговор дека има време и за нив. Но кога ќе дојде нивното време, тогаш како Ахасфер повторно ќе заминеме и сè ќе остане длабоко во нас недоречено. Недокажано.

Лондон, извини, но јас ја сакав таа твоја клупа.

Авторот е поет, прозаист и културолог

Фотографии: Мане Манушев

Тагови од објавата
, , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Скриените пораки што трепкаат во времето на Алиша Егерт
Алиша Егерт (Alicia Eggert) е американска уметница чие творештво првенствено доаѓа во...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *