Синергија помеѓу органското и механичкото

Во овој број на Репер имате можност да се запознаете со творештвото на една провокативна и - би додале - контроверзна уметница од Скопје.

– Првото излагање ми беше за Кооперација, кои ме повикаа да бидам дел од нивната групна изложба ЕПП.

Исклучителна чест ми претставува што сè уште сум дел од оваа Иницијатива која активно го преиспитува и редефинира односот уметност-институции-публика и навистина претставува еден уникатен модел на уметничко дејствување. Воедно, ја користам оваа прилика да ве поканам на јубилејната, 10-та изложба на Кооперација која ќе се одржи оваа сабота.

551789_10150896192723089_1971974737_n
инсталацијата на Ефремова од изложбата насловена „Простор“

– Еден од најмилите проекти досега ми е изложбата Простор што се случи минатата година во мојата семејна куќа и на која изложуваа 17 уметници, меѓу кои и јас. Она што ми ја прави особено драга е што успеавме да се организираме сосема сами, без никаква помош од организации и институции и со минимални финансиски средства, што ми е доказ дека кога има доволно волја за креативно делување, секогаш се наоѓа начин, без разлика на условите.

– Последната изложба од која бев дел случи на 15. 03. 2013 година во галеријата на МКЦ – „Нераскажаните приказни на суперхероините“.

– Ме фасцинираат новите технологии, нивните можности и начинот на кој ја менуваат уметноста и уметничкиот израз. Токму затоа најчесто како медиум ја користам дигиталната графика и дигиталната фотографија. Од технички аспект, тема на интерес и истражување ми е и инкорпорирањето на знаењата и техниките од класичната уметност во современите медиуми и можностите, но и ограничувањата кои ги нудат овие софтверски платформи. Поинаку кажано, „синергијата“ помеѓу органското и механичкото.

– Бидејќи работам во маркетинг индустријата, а едни од најомилените автори ми се Густав Климт, Енди Ворхол и Џеф Кунс, мотивот во моите дела најчесто се масовните медиуми, поп културата и кичот. Би нагласила и дека личниот став кон овие „феномени“ не ми е априори негативен. Напротив, чувствувам еден вид „детска“ фасцинација од истите. Симболите, современите идоли и „божества“ кои ги градат, начинот на кој ги обликуваат личните и општествените ставови, моќта да влијаат врз нас и без наша свеснa инволвираност… кога од сето тоа ќе го апстрахирам моралниот елемент, истото на некој начин ме воодушевува.

Proportions of a (Wo)Man Artist
Proportions of a (Wo)Man Artist

– Уште еден, не помалку важен дел и фокус на моето творештво е и ангажираната уметност. Сметам дека секоја индивидуа има одговорност, а поважно моќ, да биде фактор на делување во општеството. Уметникот дотолку повеќе. Всушност, самата историја на уметноста е историја на „идеологии“… колку истите биле прогресивни, а не регресивни е друга тема на дискусија… Но цврсто верувам дека уметноста ја има моќта да биде силен општествен глас и иницијатор на социјални промени. Поради тоа продолжувам да ја користам уметноста како медиум преку кој би го искажала својот став кон општествените збиднувања. И затоа особено ценам уметност која излегува од затворениот, би рекла „елитистички“ круг на галериски ѕидови и мала публика составена од критичари и уметници, а допира до што поголем број на луѓе.

Поинаку кажано, не верувам во „уметност за уметност“ (Ars gratia artis). За мене уметноста станува жива, добива значење, дури тогаш кога било во форма на идеја, или преку буквална интеракција ќе создаде однос со публиката. Колку поголема интеракција и публика, толку подобро.

(галерија 1: дигитални слики и постери)

– За крај би додала и дека веќе една година активно работам како VJ, односно со визуелизации ги следам настапите диџеите. VJ-ингот го сметам за одлична прилика за соработка со луѓе од другите креативни сфери, односно музиката, начин да ја истражувам мултимедијалноста како и шанса барем малку да придонесам за алтернативната клупска сцена која ја сметам за важен фактор во културниот и урбаниот живот.

(галерија 2: дигитална фотографија)

 

Инес Ефремова (Скопје, 1986) завршила Факултет за ликовни уметности, педагошки оддел, отсек графика во класата на проф. Трајче Блажевски. Работи во маркетинг индустријата.

Напишано од
More from РЕПЕР
Од „Антиепитаф“
Гаврило Миловановиќ е мултимедијален артист од Скопје. Неодамна го издаде албумот „Aфектот...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *