Една недела по отворањето на новата рубрика во „Репер“, може да се каже дека имавме успешен почеток. Без оглед на тоа што сретнавме ставови што се разликуваат и што му се спротивставуваат на нашиот, радува фактот што од минатонеделната објава произлегоа навистина интересни дискусии. Во однос на коменатарите и на забелешките во врска со темата, нема што да додадеме – своите гледишта веќе ги изнесовме во текстот од петтиот број. Овде се чувствуваме должни да обрнеме внимание на една друга забелешка на која наидовме, а која се однесува на името на нашата нова рубрика. Имено, прашањето беше: зошто „Тајмс Њу Маседониан“, односно зошто име на англиски јазик? Кога се роди идејата за воведување рубрика посветена на правилната употреба на македонскиот јазик, првичната цел беше таа да изгледа провокативно и впечатливо, на моменти можеби и иронично. Поради тоа, и нејзиниот наслов мораше да биде токму таков. „Тајмс Њу Маседониан“ беше предложено на шега, но се покажа како најсоодветна опција – напишано на кирилица, звучи несекојдневно и креативно, а совршено го доловува бараниот тоналитет.
Оваа недела ќе обрнеме внимание на еден проблем за кој и претходно многу се дискутирало и се пишувало, но, и покрај тоа, сѐ уште е присутен во секојдневниот јазичен израз, особено во новинарските текстови. Во врска со него, нормата дава јасни препораки; проблемот е во тоа што тие не се почитуваат. Станува збор за случаите кога се јавуваат формите за трето лице од присвојните заменски придавки при што постои некореферентност со субјектот во реченицата. Како илустрација може да ни послужи следниот пример:
Марко ја донесе неговата книга.
Се поставува прашањето: чија книга донел Марко? Вака напишана, реченицата би била сосема во ред доколку се замисли некој претходен контекст во кој книгата му припаѓа на некое друго лице, а не на Марко, на пример:
Таму беше и Филип, па Марко ја донесе неговата книга.
Во дадената реченица, книгата што ја донел Марко му припаѓа на Филип.
Меѓутоа, проблем се јавува во ситуациите (кои се многу чести) кога присвојната заменска придавка неговќе се јави наместо повратната присвојна заменска придавка свој. На тој начин, доколку во реченицата станува збор за книга што му припаѓа на Марко, таа треба да гласи:
Марко ја донесе својата книга.
Честопати ваквата неправилна употреба на присвојните заменски придавки доведува до двосмисленост во толкувањето, на пример кога ќе сретнеме реченица од следниот тип:
Премиерот на Македонија го посети премиерот на Турција на негово барање.
Во овој случај реченицата ни кажува дека идејата за посетата била на премиерот на Турција. Доколку сакаме да кажеме дека тоа го барал премиерот на Македонија, а не премиерот на Турција, реченицата би требало да гласи:
Премиерот на Македонија го посети премиерот на Турција на свое барање.
Всушност, мешањето на присвојните заменски придавки во ваквите примери не би требало да се случува, затоа што правилата за нивната употреба се многу едноставни, само треба да се почитуваат.
Ги очекуваме вашите мислења и сугестии на mak.katce@gmail.com.