ДОМА
Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?
Во Македонија сум како дома главно поради луѓето што живеат таму и можам да бидам близу до нив поради тоа што го познавам јазикот. Македонците се многу пријатни и гостопримливи, особено кога го гледаат странецот што зборува македонски и што таму редовно доаѓа. Многу луѓе биле во Полска и имаат убави спомени. Зачудена сум што на толку многу Македонци Шлезија, мојата регија, им е позната (иако не е туристичка дестинација), зашто работеле таму за време на Југославија. Имаме фразеологизам „полската гостопримливост“, ама таа е ништо во споредба со македонската. 🙂
ШЕТАМ
Кое место е најубаво?
Зависи од која гледна точка. За мене убавина е природата, затоа североисточна Македонија ми е прекрасна, поради живописните планини, тишината, мирот, убавиот амбиент, старите цркви, топлите извори и поради геолошките атракции како камените кукли во селото Куклица. Имам одлични спомени од ноќевањата во конакот во манастирот „Св. Јован Осоговски“ во Крива Паланка или од прошетката околу Беровското Езеро.
ХРАНА
Од храна секогаш нарачувам…?
Храната во Македонија е навистина гурманска. Сѐ ми е вкусно, особено сакам скара со шопска салата, тавче-гравче и штипска пастрмалија. Да не зборувам за десертите, од кои тулумбата и баклавата се моите најомилени. Исто така, голема обожавателка сум на бозата, и тоа од првиот пат кога ја пробав, иако на многу странци им треба време да се навикнат на вкусот.
УМЕТНОСТ
Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?
Сигурно до крајот на животот ќе ја помнам книгата „Spectator“ на Жарко Кујунџиски, која имав чест да ја преведам на полски. Исто така, многу долго ќе го помнам романот „Папокот на светот“, зашто беше првиот роман што го прочитав целосно на македонски, по две години студирање. Тогаш сѐ уште ми беше малку тешко со јазикот, ама толку беше интересен што го прочитав во еден здив.
АВАНТУРА
Највозбудливата случка во Македонија.
Тешко е да се одлучи. Многу ми беше возбудливо кога, качувајќи се на Маркови кули во Прилеп, со мајка и со сестра ми, сретнавме еден пресимпатичен постар маж – Цане, кој нѐ покани кај себе дома и разговараше за тоа дека бил чувар на Марковите кули во 1970-тите години и дека работел со многу Полјаци, кои сѐ уште му праќаат разгледници за Божиќ. Смешна случка имаше на пазар во Скопје, кога продавачот ми зборуваше на англиски, а јас му одговарав на македонски и така зборувавме одредено време додека тој да разбере дека јас зборувам македонски. Исто така, многу се изненадив кога минатото лето бев во Скопје само еден ден и токму тој ден целосно случајно четирипати сретнав некои од моите пријатели скопјани.
ЛУЃЕ
Се дружам со…?
Сакам да се дружам со сите искрени луѓе што ќе ги запознаам во мојот живот. Исто така, од Македонија имам неколку другарки, на пример мојата поранешна лекторка – Оливера, сегашната лекторка по македонски јазик на шлескиот Универзитет – Елена или девојката со која се запознавме преку Couch Surfing – Анита од Куманово, со која редовно сме во контакт преку интернет, а веќе двапати се сретнавме во Куманово и еднаш во Полска.
СЕПАК
Што би сменила во Македонија?
Ништо не би сменила. 🙂 И се надевам дека ќе можам да го кажам истото за 10, 20 и за 50 години. Малку се плашам од тоа што сѐ повеќе туристи доаѓаат во Македонија. Не би сакала Македонија да стане прекомерцијална, како на пример крајбрежјето на Шпанија. Кога има премногу туристи во една земја, луѓето што живеат таму се променуваат многу. Ама, од друга страна, разбирам дека туризмот е голема шанса за македонската економија и дека не може да се спречи доаѓањето на туристите.
САМО
Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?
Чувството на мирен живот, можноста да си седнеш некаде во Старата чаршија, да пиеш одлично македонско кафе со пријателите и само опуштено да гледаш како живеат луѓето. Во Полска луѓето цело време брзаат некаде и само мислат на обврските што ги чекаат, не знаат да се релаксираат како Македонците. 🙂
Зофија Дембовска е географ и славист од Полска
Warning: Trying to access array offset on value of type bool in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/inc/social-share.php on line 60
Pinterest