Драг Антун,
Ги добив сите твои писма. Немам зборови со кои можам да ја искажам мојата тага за твојата семејна загуба. Што и да кажам во врска за поминот на твојата болка, би било глупаво, освен што ќе речам, дај му време на времето, тоа само ќе си ја изигра улогата на минувач на болката, иако ваквата болка е жиг за преостанатиот дел од животот за било кого. Прими го моето длабоко сочувство, и навистина, многу жалам што не успеав да ја запознам твојата сакана сопруга, Ана.
Што се однесува до пиесата за човекот со камбаната во Трогир, едвај чекам да прочитам што ке напишеш како прва верзија на сценарио. Можеш слободно да ја искористиш мојата приказна која се случи во Трогир со морјаците, а и средбата со него, се разбира доколку ти послужи?
Чекам верзија за тоа, наскоро …
Ти ветив дека ќе ти пишам за тоа, како започнав да ја пишувам приказната за „Волкот“.
Малку ја стегнав и срочив во расказ, слободно пиши ми што мислиш?
ОГЛЕДАЛО ВО ОГЛЕДАЛОТО
Kројач
Три дена не престанува да врне дожд. Го сакам дождот, но овојпат претера. Градот стана каллив, не можам да возам велосипед, што дополнително ме прави нервозен.
Се возам со градски превоз / автобус, веќе 2 дена. Во Скопје и нема друг градски превоз. Додека се возам, имам чувство дека сите гледаат во мене. Веројатно сите патници си го мислат истото за себе. Се гледаме едни со други, како да сме виновни што се возиме со градскиот превоз? Знам дека не е така, но чувството дека можеби сите гледаат во мене, го користам за креативен занос и ми дава идеја за нов АКТ за уличен театар, на кој му давам име „Улични музичари – Огледало во огледалото“. Ми станува многу интересно и почнувам да се забавувам на темата. Секојдневно почнувам да се возам во градскиот превоз и да ги посматрам граѓаните на Скопје. Неверојатно артистични се. Реагирам брзо, за да го направиме новиот акт. Го договарам кројачот да започнеме да шиеме нови костими, во сребрена боја. Кројачот ми договара термин. Одам во неговиот дом, каде што всушност му се наоѓа и кројачницата. Ништо интересно немаше во автобусот, всушност, слушав џез на слушалките од радиото и не забележав апсолутно ништо. Автобусот стигна на станицата на која живее кројачот.
Во кројачницата, на вратата ме пречекува неговата помошничка / внука од ќерка. Ме поканува да влезам. Седнува. На столчињата кои се наместени во чекална во ходникот од нивниот стан – кој го нарекуваат кројачница. Се вртам околу себе и гледам. Делува мошне уметнички. Кројачница во стан на четврти кат – тука се е верзија на нешто што не е, а би требало да биде. Внуката на кројачот се враќа и ми дава до знаење дека тој ќе пристигне во секој момент. Ми носи кафе и заминува во една од просториите, која веројатно е шивална.
Во кројачницата влегува средовечен човек. Прилично е дебел. Едвај седнува до мене на столчето. Носи долг сив мантил, тркалезни очила. Очите му се одредени и гледаат во една насока и не ги мрднува од точката. Веројатно не ни забележува дека сум тука. Мириса непријатно, на пот. Двајцата чекаме во чекалната и молчиме во продолжение од петнаесетина минути. Неподносливата смрдеа излегува од неговиот мантил. Атмосферата јас воопшто не ја ни забележувам бидејки сум фокусиран на тоа што побезболно да поминам во оваа смрдеа. Конечно во „салонот“ пристигнува газдата, кројачот, Андреа Јолевски. Очите му се крвави, како да плачел. Се поздравува со човекот кој е до мене – раката му се тресе и веднаш ја повлекува. Мене ме отпоздравува и вели: Стигна, еве сега ќе средиме, само да се пресоблечам. Го избегна ракувањето со мене?
Се враќа во мантил на кројач, маслинесто зелен. Нè повикува двајцата да влеземе во салонот, т.е. дневната. Дневната е голема, отприлика 60 метри квадратни. Има маса со машина за шиење, огромно огледало на десниот зид од собата и широк простор. Во левиот дел од собата има врата, која води некаде. Андреа влегува во вратата и излегува за помалку од минута. Ни дава знак да седнеме. Седнува и тој зад масата со машината за шиење. Пребледен е. Се држи со рацете за лицето и целиот како во неверување. Јас си давам за право да го прашам.
Јас: Сè е во ред со Вас, господине Јолевски?
Андреа: Скопје е град за кој никој ништо не треба да зборува На секого му е забрането. Го чува епитетот на град во кој сè е бајковито, но верувајте ми , не е. Ова што сега ќе ви го раскажам, сакам да ми ветите, дека нема да излезе од просторијава? Доколку не сте сигурни во ветувањето, ве молам, напуштете ја просторијава!
Третиот човек излезе. Не знам зошто не сакаше да ја слушне приказната? Јас се претворив во уво. Андреа ми пријде и седна до мене. Рацете му се тресеа.
Андреа: Овој дебелиов ќе се врати за помалку од 30 минути. Да не губиме време. Ја гледаш онаа врата?
Јас: Да.
Андреа: Тоа е соба во која е шивалната на мојата кројачница. Од другата страна на ѕидот, живее професорот по математика со неговата сопруга и внука, веќе 3 години. Вчера попладне, неговата внука била на лулашките, ене оние онаму (покажува со прст и ги гледаме лулашките преку прозорецот). До неа седнал некој човек, кој на малата ѝ раскажал неверојатна приказна, па малата, кога се вратила дома, им ја раскажуваше на баба и и дедо и. Јас случајно се најдов во онаа просторија, во која ѕидовите на двата стана се како завеса, сè се слуша. Дедото веднаш повикал полиција и сега има полициска потера по тој човек.
Јас: Но што ѝ раскажал тој човек на малата?
Андреа: Додека малата правела пауза од лулашките, седнала на клупата да се одмори малку. Човекот седнал до неа. Малата почнала да зборува со него, да му ги раскажува своите мечти. Тој ѝ раскажал неверојатната приказна. Морам во тоалет, извини ме.
Андреа Јолевски оди до тоалетот. Јас останувам сам во дневната. Гледам низ прозорецот во мистериозните лулашки. Молк е околу мене. Се отвора вратата зад мене. По грбот ме покуцнува внуката на Андреа.
Внуката: Дедо ми те вика во шивалната. Онаа просторија онаму. Одете, слободно.
Станувам и влегувам таму. Во Шивалната. Просторија во која има едно мало прозорче од кое пробива зрак. Три столни ламби поставени во аглите. Две во црвена и една во бела боја, чии светлини се замешуваат. Во аголот, од дното на собата, од левата страна има мала библиотека во која има околу тристотини книги. Од мојата десна страна на околу дваесетина закачалки висат полузавршени костими. Од левата страна има стар затворен шкаф, кој е потпрен на четири ногалки. На средината од шивалната има тркалезна маса и два стола потпрени на неа. Над шкафот има старо радио од кое свири тивка класична музика. Рихард Вагнер.
Шивалната е празна. Стојам така неколку секунди. Ми станува ужасно непријатно. Ја чувствувам Вагнеровата музика во воздухот. Одеднаш нешто шушна од мојата десна страна. Се свртев нагло. Андреа излезе од зад костимите. Се извадив од памет. Се насмевнав. Помина покрај мене, се заврте кон мене и тој се насмевна. Седна на тркалезната маса на која нема ништо, освен еден пеплник, кутија цигари и кибрит. Запали цигара. Чад се крена над него и остана присутен во просторијата.
Бојата во просторијата е црвено прозрачна. Ми станува неудобно тука, но сакам да чујам што има да ми каже. Со раката ми посочува да седнам. Седнувам спроти него на масата. Ме нуди со цигара. Одбивам. Андреа станува, застанува со грб на мене, гледа низ малото прозорче, кое не знам каде има поглед. Како веќе да не е истиот човек со кој зборував до пред пет минути. Завртен со грб кон мене започна да говори.
Андреа: Човекот кој го бара полицијата заради разговорот со малато девојче, сум јас.
Станувам со намера да си одам. Тој нагло се врти.
Андреа: Седи.
Седнувам. Стравот како бран поминува низ моето тело. Од прстите на нозете па се до главата. Очите му се црвени. Се гледаме во очи неколку секунди.
Андреа: Знаеш зошто замина оној човек?
Јас: Не?
Андреа: Бидејќи ја знае приказната која ќе ти ја раскажам тебе. Беше дојден да провери дали е вистина или не? Шпион е. Шпионира за ситни пари. Сакаше да дознае дали е вистина она што имам да го кажам, пред да отиде и да ме предаде во полицијата. За тоа веднаш и почнав да говорам пред него. Умре од страв и побегна, не сакаше ни да длушне што имам да му кажам.
Знам дека ти си режисер / сценарист.
Доколку ти се допадне приказнава што ќе ја чуеш сега, напиши ја и потоа од неа, направи филм или театарска претстава?
Јас: Извинете, господине Андреа, но јас сум малку затечен. За што се работи? Треба ли да се плашам?
Андреа: Не. Не треба.
Малку се успокојувам.
Јас: Ќе ми кажете ли за што се работи?
Андреа: Запали цигара. Наточи си од бубронот. Ене го онде во шкафот. Наточи и за мене.
Станувам. Палам цигара. Го земам шишето полно со Four Roses. Наточувам во две чаши. Седнувам на истата маса, наспроти Андреа. Очите му се поцрвени од пред 15 минути. Ја зеде чашата со бурбонот и застана пред книгите, запали цигара, се напи. Светлината од ламбата паѓаше врз неговото тело, кое во одредени движења правеше неодредена силуета. Застана смирен. Откако го зацврсти погледот во мене, не можев да го одвојам од неговиот кој беше опијанувачки. Неочекувано започна :
Андреа : Јас сум Волк.
Изразот воопшто не му се менуваше. Стоеше и очекуваше реакција од мене. Јас се смрзнав од страв. Не знаев што точно да направам. Сакав да побегнам, но знаев дека тоа не е најпаметното решение. Рацете почнаа да ми се потат, па во смирен тон двете дланки ги поставив над колениците.
Јас: Молам?
Спокојно повтори.
Андреа: Да, јас сум Волк. Немој да се вознемируваш, нема да те повредам. Не додека сум заробен во човечко тело. Веќе 25 години сум дел од оваа зараза и така ќе биде се до мојата смрт.
Немав никакви претензии, ниту стравови од ова, се случи неочекувано од завист. Пред 40 години, се оженив, тука во Скопје. Со сопругата бевме долги години заедно, па нашата љубов решивме да ја крунисаме со брак. По две години добивме и ќерка, Азра. Тоа за мене беа најсветлите мигови од мојот живот. Работев во операта, инаку по професија,јас сум диригент. Кариерата, семејството, се почна да оди во правилна, нагорна насока.
Мојата сопруга имаше уметничка галерија за продавање на уметнички слики, која во тоа време најдобро котираше во Скопје по стил и комерција.
Сите уметници имаа желба своите изложби да ги поставуваат во таа галерија. Едноставно животот стана бајка. На седмиот роденден на Азра нештата драстично се сменија. Не знам од кои причини, баба ми – мајката на мојата сопруга – преку ноќ ме замрази, или мене ми се чинеше така, таа веројатно отсекогаш ме мразела. Не знам зошто, ни до ден денешен, но таа жена ми го уништи животот во целина.
Во наредните две години целосно ме уништи. Успеа да ја убеди ќерка си дека јас не сум за нив, постепено ја преубедуваше и ќерка ми, која престана да зборува со мене, посочувајќи ме како алкохоличар.
Ние луѓето кои работиме во театар, знаеме по секоја претастава да седнеме во бифето и да испиеме по некоја, но тоа не е загрозувачки. Оваа жена тоа го употреби против мене како аргумент и успеа да ми се вмеша во животот, во домот во семејството, но и на работа.
Тие денови во операта се случи кражба на најстариот контрабас. Се крена голема прашина околу оваа кражба. Подоцна се испостави дека кражбата ја направил мојот најголем непријател Крунислав – диригент со амбиции, кој за да успее во кариерата, не гледаше што прави. Тој, во соработка со мајката на мојата сопруга, исценираа дека јас сум виновен за оваа кражба. Контрабасот кој го украл, го донел кај нас дома, а мене на спиење ми ги залепиле рацете на инструментот, кој подоцна го симнале во подрумот. Контрабасот беше најден во мојот подрум и ме посочија мене за директно инволвиран, по што добив отказ од театарот и бев под полициска истрага.
Сакав, но немав кому да му ја раскажам сопствената невиност во тие тешки мигови за мене. Контрабасот се врати во театарот, а за мене не се докажа дека сум го украл, бидејќи имаше колеги кои потврдија дека сум бил со нив за време на кражбата. И тоа неколку од нив. Полицијата ја затвори истрагата, бидејќи немаше други индикации, кој би можел да е крадецот. Мене ме избркаа од театарот, не сакаа да веруваат во приказната на судoт. Ме отпуштија од работа.
Вечерта кога се вратив дома, понижен и навреден, помислив – конечно ќе ја споделам својата тешка емотивна состојба со најблиските. Но на влезот во ходникот си ги видов куферите спакувани.
Мајката на мојата сопруга, сама си дозволила да ме спакува и да ми каже дека веќе не сум добродојден во мојот сопствен дом. Пробав да стапам во контакт со мојата сопруга, но никако не можев да ја најдам. Старата ги сокрила двете во селото од кое доаѓа, објаснувајќи им дека јас сум крадецот и дека ќе пукне срам, па најдобро е да заминат на некое време, додека сè се заврши. Јас целиот уништен го напуштив домот во кој ги поминав најубавите години од мојот живот.
Се преселив, во една куќа блиску до Скопје. Кога дојдов, беше руина. Како одминуваа годините, самиот ја изградив и ја направив да изгледа вака како што изгледаше, а изгледаше прекрасно.
Ја направив во стил од пред 40 години, бидејки не сакам да заврши времето во кое си ја креиравме среќата.
Откако се преселив во таа куќа, неколку пати одев до театарот, да пробам да се објаснам дека јас не сум виновен за ништо, но сè беше залудно.
Почнав да барам друга работа. Доставував барања за работа каде ќе стигнев.
По една година добив работа во Зоолошката градина во Скопје, како портир. Конечно, заврши овој пекол, си помислив, несвесен дека всушност почнува вистинскиот пекол. Во Зоолошката работев три години. За тие три години многу се поврзав со волците, во чиј кафез влегував слободно, без тие да ме нападнат. Станав познат по тоа и сите ми се восхитуваа. Дури и ме снимаа за телевизија. Стекнав пријатели, почит, сигурност во зоолошката здружувајќи се со волците.
Ме нарекоа Волк.
За целото време пробував да стапам во контакт со моето семејство но безуспешно. Мојата сопруга не сакаше ни да чуе за мене, а ѝ забранеила на Азра да разговара со мене. Тоа ме болеше најмногу.
Едно попладне, во зоолошката градина со своите пријателки од училиште дојде Азра. Не можам да ти ја опишам среќата што ја чувствувавме двајцата кога се видовме. Ми раскажа дека баба ѝ е виновна за целокупната ситуација и дека таа веќе не зборува со неа, повеќе од 6 месеци. Ја видела, како се среќава со Крунислав тајно во еден од локалните кафе барови во населбата каде што живееме. Еден ден, Азра поставила диктафон во нејзината торба, и го чула разговорот помеѓу нив двајца, во кој се зборува за кражбата на контрабасот и нивната успешна мисија, за тоа што сум исфрлен и од домот и од театарот. Двајцата биле среќни дека сум целосно уништен и се смееле над мојата несреќа. Сега било на ред уште Крунислав да се оженел со мојата поранешна сопруга и сè ќе било како во бајка.
Никогаш не го разбрав тој разболен мозок на таа старица. Веројатно никој не го разбирал?
Со Азра се договривме тајно да се среќаваме без да знаат, мајка ѝ и баба ѝ за тоа. Но Азра, наивна и мала, не издржала, а да не ја сподели среќата со мајка ѝ и баба ѝ.
Баба и целата вознемирена, решава да го направи пресудниот чекор.
Следниот ден во зоолошката најавуваат глутница нови волци. Мене тоа ме радува, па со нетрпение ги очекувам новите пријатели. Доцна попладнето пристигна камионот со новите животни. Ги сместија во кафезот со другите волци. Јас бев против тоа, но мене никој не ме слушаше таму. Ги измешаа старите и новите волци. Постоеше опасност да се изедат меѓусебно, па јас решив вечерта да се запзонаам со новодојденците. Околу 21 часот зедов два големи рефлектори и 20 килограми месо и тргнав кон кафезот. Го осветлив кафезот. Староседелците веднаш дојдоа да ме отпоздрават.„Новодојденците“ се повлекоа по ќошовите од кафезот и демнеа кон мене како во страв. Секогаш кога прв пат се сретнуваш со Волк, тој првенствено ти покажува страв и потоа неочекувано, те напаѓа.
Влегов. Како и по обичај започнав да ги хранам волците, но тогаш за прв пат осетив нешто чудно. Моите пријатели се повлекоа, јас одеднаш бев нападнат од новодојденците. Не ме изедоа, како што можеш да видиш, но ме испокасаа целиот. При нападот, јас сум се онесвестил, а моите пријатели волци при гризењето, застанале во моја одбрана. Никој не го видел тоа, но единствениот логичен одговор на мојот продолжен живот е тоа. Сè до утрото, ме чувале во круг од новодојденците.
Утрото околу 7 часот новата смена, го забележала инцидентот и пријавила. Ме оденле во болница и таму сум лежел 7 дена во безсознание. Во тие 7 дена, сум имал посети и од моето семејство, но и од некои чудни луѓе.
Кога се разбудив чувствував мачнина. Во собата прв влезе Крунслав. Ми беше чуден во изразот, но и чудно изгледаше. Го прашав, што тој бара тука?
Седна на столчето за посетители спроти мојот кревет. Рече, ќе бидам краток. Пушти тивка класична музика – Вагнер .
Започна: – Јас сум Волк.
Ми раскажа како станал Волк, и дека сè е наместено во врска со мене. Не можел да издржи да ги гледа солзите на Азра и нејзиното пропаѓање. Решил да се повлече од сè. Не е виновна ниту Азра ниту мајка ѝ, за тоа што тој го чувствува за мене. Ми призна дека тој е белиот Волк и дека допрва почнуваат нашите непријатни средби. Во тие моменти не успеав да дознаам што точно тој чувствува за мене и зошто ме мрази? Крунислав умре пред 20 години. Сè до неговата смрт, беше мојот најголем непријател. Кога беше на умирање, појдов на неговата постела. Ми призна. Цел живот бев заљубен во Марија. Марија е мојата сопруга. Таа се заљуби во тебе, заради твојата едноставност, а јас се трудев да ѝ го земам вниманието. Не можев да те поднесам заради тоа. Се претворив во Волк за да те уништам. За да си докажам дека сум подобар од тебе. Го гледав како умира. Беше изеден од некој помлад Волк. Умре, а јас не разбрав, зошто воопшто никогаш не ми пријде да разговараме на темата и да си олесниме?
Јас: Во Скопје има свет на волци?
Андреа: Во Скопје, нема што нема. Сè е многу вешто прикриено. Секоја трета ноќ, во подземните ходници на железничка станица во Скопје, се собираат волците и си ги раскажуваат своите внатрешни фрустрации. Мегу нив има има и соперници, кои сакаат да се испоизедат меѓусебно, но сите молчат пред Главниот Волк. Има и заткулисни игри. Сè е исто како во животот. Тоа е еден цел паралелен „нормален“ свет.
Јас: Има и главен Волк?
Андреа: Веќе нема. До пред два дена, тоа бев јас. Главен станав, кога останав најстар меѓу глутницата. Но веќе немаше смисла да постои тоа движење во градов, бидејќи почна да се шири со голема брзина, а и некои од нас најстарите почнавме да ја губиме котролата над младите. Затоа организиравме забава, на која сите задолжтелно требаше да дојдат. На таа забава решив сето тоа место да го запалам. Така и направив. Сите до еден изгореа. Потребно беше да се истреби сета таа болест од тука.
Јас: А, добро, што ѝ раскажа на малата?
Андреа: Ѝ раскажав како ја убив, т.е. изедов бабата на мојата ќерка, во бајковита приказна. Но малата била толку интелигентна што сериозно ја сфатила целата приказна.
Заминала дома, и сè прераскажала на нејзините. Јас слушав како зборуваат за тоа дека треба да се постави стапица за да се фати овој ѕвер. Додека ти ме чекаше во чекалната, јас самиот бев да се пријавам во полиција, да дојдат и да ме уапсат. Но пред да се случи тоа, сакав некому да му ја раскажам целата моја приказна.
Во кројачницата тивко, без врева, влезе полицијата. Андреа самиот се предаде.
Го однесоа.
Јас заминав оттаму, на друго место да си ги правам костимите.
По два дена на телевизија видов дека Андреа е погубен.
Нема веќе волци во градов.
Не знам дали да се радувам или тагувам заради тоа?
Но знам дека имам одлична приказна за сценарио.
Ти се допаѓа ли тебе оваа приказна, Антуне?