Што е критична маса?
Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град.
Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата.
(од блогот на иницијативата НаТочак)
Досега имавте дванаесет акции под името Критична маса. Колку сте задоволни од одзивот на граѓаните, но и од ефектот на истите?
Веќе се случи и тринаесеттата Критична маса. Oдзивот на граѓаните кои изразуваат поддршка, делумно преку социјалните медиуми делумно со директно учество на настанот Критична маса е одличен. Зависно од временските услови, бројот на учесници варира, но за поздрав е бројката од минимум 100 учесници кои константно, без разлика на временските услови, секој месец, поточно секоја последна среда во месецот, се дел од настанот. Сè помасовната поддршка од граѓаните на настанот Критична маса дава надеж дека конкретните ефекти од акцијата се неминовни и се ближат, бидејќи сè поголем број граѓани кои го користат велосипедот како превозно средство, ги делат истите проблеми и воедно стануваат сè погласни околу истите. Масовноста и гласноста ветуваат дека проблемите ќе допрат до надлежните.
Како би ја оцениле состојбата со велосипедски патеки во Скопје, па и во Македонија? Мислите ли дека нештата се менуваат во позитивна насока?
Во рамки на настанот Критична маса 11, кој се одржа на 27 март 2013, го потенциравме проблемот со состојбата на велосипедските патеки во Скопје. Слоганот гласеше „Велосипедските патеки на велосипедистите“.
Направивме видео за да покажеме како изгледа возењето точак, по постоечките велосипедски патеки, конкретно на потегот од ул. Даме Груев до ул. Рузвелтова по должината на булеварот Партизански одреди, во обете насоки. Констатиравме дека има малку велосипедски патеки, каде што ги има лошо се одржувани, а згора на тоа и се окупирани од возила. Паркираните возила на патеките се издвоија како проблем на врвот на листата кои им пречат на велосипедистите при движењето низ Скопје, податок добиен од анкетата спроведена од НаТочак минатата година. Велосипедистите се приморани да се симнуваат на коловозот, на места неопределени за тоа, меѓу возила во движење, со што е загрозена безбедноста на сите.
Вашите акции се одржуваат во Скопје. Дали досега имало нешто слично и во останатите македонски градови или села?
На наше огромно задоволство на 13.04.2013 се одржа првата критична маса во Тетово. Имаше повик за возење заедно од Скопје до Тетово, со цел да се поддржат тетовчани во нивната прва критична маса. На повикот се одзваа триесетина велосипедисти од Скопје. Патот до Тетово воопшто не беше напорен. Имаше доста луѓе кои за првпат возеа на подолга рута или за првпат вон градот и немаа проблем да ја извозат релацијата во еден ист ден во двете насоки!
Тетовчани одлично се снајдоа, секоја чест! Им посакуваме уште многу многу критични маси и уште многу нови граѓани на точак секој ден! Ако сте од Тетово или се затекнете во Тетово (или намерно отидете) придружете се на КМ Тетово секоја втора сабота во месецот.
Освен акциите со возење велосипеди низ улиците на Скопје, вие досега снимивте и неколку видеа во кои на дело ја покажувате сообраќајната некултура и недоволната/несоодветната велосипедска инфраструктура во градот. Видеата се снимени од ваши членови, приврзаници/поддржувачи или волонтери? И дали ќе можеме да гледаме нови видеа?
Идејата на видеата беше да се укаже на проблемите со кои се соочуваат велосипедистите секојдневно и воедно да се подигне свеста за постоењето на проблемите кај надлежните, кај сторителите на прекршоци, како и кај самите велосипедисти кои несоодветно се однесуваат во сообраќајот.
Видеата се снимени и монтирани од поддржувачи на иницијативата НаТочак и сите оние кои се сретнале со проблем и решиле преку видео јавно да го споделат.
Нови видеа ќе има сè додека постојат проблеми во нормалното сообраќање на велосипедистите низ Скопје. Се повикуваат сите оние кои ќе се соочат со проблем при движењето со велосипед и сите оние кои имаат некоја идеја за решавање на некој проблем истите да ги документираат и јавно да ги споделат на профилите на НаТочак.
Дали имате податок колку лица користат велосипед во Скопје, а и во Македонија?
Немаме конкретни податоци и бројки, но очигледно е зголемувањето на користењето на велосипедот во последните неколку години.
Што би им порачале на читатели на Репер.нет.мк?
Бидејќи Репер е списание за креација и рекреација, во таа насока на вашите читатели им препорачуваме:
Возете велосипед, бидејќи е сосема функционално сообраќајно средство, одржува здраво тело, чиста животна средина, заштедува средства, дополнително и рекреира.
Придружете се на настанот Критична маса, поддржете ја иницијативата НаТочак, заедно да го направиме Скопје, а и Македонија, град / земја на точакољупци.