МАКЕДОНСКА ТЕАТАРСКА СЦЕНА: НАРОДЕН ТЕАТАР – СТРУМИЦА
Премиера: КАМИНОТ од МАРГАРИТ МИНКОВ
Деновиве на сценскиот простор на НУ ЦК „Антон Панов“струмичкиот Народен театар ја имаше својата најнова премиера на признатиот текст на прерано починатиот бугарски драматург Маргарит МИНКОВ – дуодрамата „Каминот“.
Овој најнов проект на сè поагилниот и сè поамбициозниот, подмладен струмички театарски тим, работен врз текстот што неслучајно во деведесеттите години на сега веќе минатиот, дваесетти век беше прогласен за најдобар драмски текст во Бугарија, а кој веќе подолг период од литературните критичари е оценуван како дел од највредното современо драмско творештво на Балканот, уште еднаш покажа дека никој нема тапија или вечен сертификатза уметничкиот творечки чин од секаков вид.
Така, и оваа најнова, кај нас прва, инсценација на дуодрамата „Каминот“ на најдобар начин ги покажа предностите и вредностите на дуодрамата како литературен драмски вид пред другите форми и примери од родот драма. Наспроти (и во) монодрамата, тука конфликтот не е само внатрешен, туку тој е жив и очигледен – со соучесништвото на вториот лик или дури и како можност за нужна сценска резонанција /интеракција на два сценски субјекта/ лика. И иако во исти камерни (и економични, од секаков вид) услови, дуодрамата, во случајов „Каминот“, се ползува не само со богатата текстура (која дури и во реторичноста е интересна, сценски провокативна и забавна) туку и со богатство на мизансценски решенија, режисерот Васил Михаил и актерите Јасмина Вучкова и Коста Ангов сценската игра ја претвораат во условна сценска игра/студија насочена кон чист и редуциран, но целосен театарски чин.
Ваквата непретенциозна игра со многу сценски условности и без никакви реквизити и подетерминирани и реализирани сценски и сценографски додатоци ја упатува целата сетилна визура врз текстот и врз пластичноста и умеењето на актерите низ приказната на Ирис и на Хенри, со цел да ја доближи темата (животноста на загатнатите прашања за слободата или за неслободата) за апсурдноста на живејачката (или не), но и за конечно да актуализира состојби што се од општествената реалност – вчера, денес, па дури и проектирани или претпоставени и во иднината.
[pullquote align=”left”]„Каминот“ веќе има обезбедено статус на класик во една национална драмска литература и уметност[/pullquote] Маргарит Мингов очигледно не е далеку од она што најголемиот писател на 20 век, Борхес, така луцидно ќе го констатира и ќе го сублимира во онаа своја позната реченица:„Сите ние испишуваме една иста книга“. Зашто очигледно е дека е извонреден познавач на литературата и вешт ползувач на искуствата на највредните драмски ракописи низ драматуршката традиција на театарот на апсурдот, на Пинтер (чешко-полските драмско-драматуршки искуства) и на чии ли уште не искуства, за на крајот да биде најсвој во иронијата и во алузијата на балканското милје – од вчера и, секако,од денес – зашто очигледно му била нужна подолга и поширока временска рамка.Режисерот Михаил, пак, се одлучил да не редуцира од реторичната текстура на „Каминот“, за што, секако, треба да се има разбирање, зашто тоа е секогаш и најодговорната работа, а и прашање за доблесноста и за почитта кон автохтоното драмско дело и кон авторот (особено ако е тој неодамна починат). Освен тоа, „Каминот“ веќе има обезбедено статус на класик во една национална драмска литература и уметност. Сепак, скусувањето на текстот морало да се случи поради неговото поставување во една мала театарска средина и во услови на продукција на репертоарен театар, а мора да се смета и на поширокиот круг публика кон која е упатен креативниот театарски чин и од која актерите очекуваат најпозитивен одек. Меѓутоа, и во такви услови актерите Коста Ангов (Хенри) и Јасмина Вучкова (Ирис), извонредни и полни со ентузијазам од најдобар креативен вид, низ посветена игра енергично ги исполнуваат двата часа од траењето на претставата со целосно себевложување, обезбедувајќи го нужниот ритам на играта, а со тоа – правејќи ја претставата допадлива, прифатлива, а секако и разбирлива. За својот труд/резултат во вештото реализирање на неретките хуморни пунктови актерите Вучкова и Ангов повеќекратно беа наградени со смеа и со аплаузи на отворена сцена – секако, сосема заслужено.
И, на крајот, што може да се каже за струмичката театарска публика пред која веќе со години се одвива фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ освен дека очигледно демонстрираше слика на упатен и едуциран театарски аудиториум, отворен и за вакви театарски проекти работени врз авангардните театарски концепти, што секако дека е поддршка за натамошен подем на домицилниот струмички театар и на неговите чинители – менаџери, актери, режисери и други, доминантно млади уметници и творци.