Овој одличен проект на Грегор Гаида (Gregor Gaida) претставува скулптурален концепт кој иако убаво стилизиран, како идеја е деконструктивистички.
Алуминиумски деца го уништуваат подот на уметничката галерија, односно Attaboys проектот прикажува агресивен, вандалистички однос на младината, теорија која најчесто ја поврзуваме со уличната култура или уметноста која е производ на влијанието од улицата.
Грегор Гаида (Gregor Gaida) е германски уметник кој живее и работи во Бремен. За неговите дела како целина можеме да кажеме дека се најчесто релации, односи кои тој ги создава помеѓу карактерите и лиликовите кои скулптурално се поврзани меѓусебно, најчесто поради реализирање на некои чудни односи и дејствија. Како што и самиот автор вели, неговите идеи најчесто ги наоѓа во книгите или списанијата коишто ги чита, за потоа пораката да ја пренесе на начинот кој засега го дефинира неговиот ракопис.
Овие фигуративни скулптури зрачат со агресивност, (не)оправдан вандализам, со искажување на некое скриено (не)задоволство, Attaboys е проект кој всушност е реинтерпретација на еден негов постар сет од скулптури од 2008 година, наречен Kind und Kreide II, каде на сличен начин две момчиња цртаат со креда.
Оваа симболика на Грегор Гаида е доста силна, ја пренесува метафората за еволуцијата на човештвото, неговата (не)заинтересираност за општествените текови, за начинот на кој граѓаните се вклучени во процесите на креирање и создавање дневнополитички теми, а секако она што сака да го задржи како стил на изразувањето е скриениот начин на градење паралели меѓу неговите дела. Тој креира импулси кои се забележливи во понатамошниот развој на обликот, неговите објекти се три-димензионални, а приказната аналогно го следи процесот на ангажирање на просторот. Играта со frozen picture, заледена слика најдобро презентира стопирани чувства, замрзнати емоции, акција која најавува друга слика, приказна, дејствие кое само по себе се пишува или визуализира.
Неговото дело Attaboys во себе има и сликарски карактеристики, формата, бојата, поставеноста на елементите истовремено формираат кадри кои пренесуваат фрагментирани карактери во природна големина. Ова дело во исто време е фотографски проект, инсталација, скулптура и концептуално галериско решение кое возбудува со неговата мисија.