Заминувањето/патувањето како тема во дел од помладата македонска поезија


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
(Ќе од Мане Манушев и куќичка за птици-преселници од Ѓоко Здравески)

(Ќе од Мане Манушев и куќичка за птици-преселници од Ѓоко Здравески)

1.
На едно предавање, пред повеќе од неколку години, професорот Драги Михајловски ни кажа дека сè е превод. И навистина, ако сакаме да гледаме така, не може да не се согласиме со тоа дека ние, со сè што правиме, (се) преведуваме: чинот на јадење е превод на искажувањето на потребата да се задоволи гладот, работата е превод на желбата да се биде вреден, смеењето е превод на радоста, тагата понекогаш ја преведуваме во солзи, мислите во зборови, намерите и ставовите во дела и така натаму.

keАко гледаме на еден друг начин, можеме да кажеме дека сè е селидба. Сè е миграција. Исто како што сè може да биде јазик што се преведува на друг јазик така и сè може да се гледа како место од кое се поаѓа кон некое друго место: од врева мигрираме во тишина, од град во село, од една во друга земја… и така натаму.

Миграциите заземаат едно од централните места во современите културолошки студии, а особено во литературата/уметноста. Миграцијата е тесно поврзана со идентитетот, со стереотипите и со толку извиканата Другост. Филозофите Жил Делез и Феликс Гатари уште пред четириесетина години пишувале за идентитетот и за неговата зависност од миграциите.

Имам впечаток дека во последно време фактичката, долгорочна миграција на луѓето од нашата земја во други земји е толку актуелна тема што слободно може да се каже дека се многу ретки оние што на сопствената кожа не ги почувствувале последиците од ваквото заминување.

Во ова време, кога многу од моите разговори со оние со кои се познавам, не по мое залагање, се сведуваат на заминувањето, го посетив Саемот на книга и купив книги од наши млади автори. Зедов пет книги. Две беа напорни за читање, а во другите три се зборуваше и за заминување.

Тоа беше најочигледно во кратката приказна Одење од Приказни обични за луѓе необични од Бранко Прља:

Ќе си одам! – велам секој пат кога нешто однадвор ме стиска, па ме фаќа треска, однатре вреска, а надвор нема крик, мирен е мојот лик, прангите не ги кинам, ниту надвор излетувам, мирувам наместо да скокам, лазам, а би летал, модрицата на чело би ја сменил со пробиен ѕид и чело бело – цело!

И секако, никаде не одам, – Ако! – си викам и се тешам – Не ни сакам да се сменам, но не велам: – Ќе останам! – решително и храбро, туку: – Можеби и не, ќе видиме… – лажно се надевам и нанадвор погледнувам, а таму само движење – Ах, нека одат сите, по ѓаволите!

– Ете, сите одат некаде, само јас не…

Што да се додаде? Шрапнелите на Прља бргу и безмилосно се заденуваат во свеста на читателот.

Меѓутоа, да се вратиме на темата.

[pullquote align=”left”]вашите чекори се само заклучени соби / во кои нема детски желби[/pullquote]

Значи, зедов пет книги. Две беа потешки за читање, а во другите три, меѓу другото, се зборуваше и за заминување. И уште еднаш добив впечаток дека миграциите навистина се една од најсоодветните теми за денешно време: се чини дека оние што имаат нешто силно да кажат често се оние што одат некаде. Како патувањето да е еден од ретките начини да се остане со легитимно право на глас. Како само оние што заминуваат да имаат јасен порив и цврст став за да се извлечат од баруштината и од живиот песок на постмодерниот стил на пишување и на дејствување за да го опишат патничкото лице на животот, она лице што во овој период од нашето колективно постоење можеби најмногу и најдлабоко нè допира.

Кога макар и одоколу се зборува за темата на патувањата/миграциите/номадизмот во нашата поезија, неугледно е барем бегло да не се забележи името на Никола Маџиров. Сепак, Маџиров би му го оставил на некој поискусен глас; целта ми е накратко да го свртам вниманието кон две нови книги поезија што ми оставија силен впечаток и кај кои забележав дека со два различни тона се третира истата тема на дислокацијата/домот(7).

Едната книга е Ќе од Мане Манушев, а другата е куќичка за птици-преселници од Ѓоко Здравески. И двете се објавени оваа година, и двете изданија на Антолог (што се однесува на цитираниот Бранко Прља, колку што ми е познато, сите негови книги се изданија на Готен).

Ќе од Мане Манушев е составена од четириесетина песни, а патувањето е експлицитно присутно во десетина од нив; куќичка за птици-преселници од Ѓоко Здравески е составена од триесетина песни, а патувањето отворено се сретнува во околу половина од нив.

2.
Кај Мане, освен патувањето/заминувањето, повпечатливи теми се градот, неговата немост и строгост, но и критиката упатена кон општеството и кон неговата хипокризија. Исто така, (барем за мене) многу е впечатливо и навраќањето кон детството, кое се јавува во улога на мерило, критериум, еден вид појдовна точка (вашите чекори се само заклучени соби / во кои нема детски желби).

Патувањето/заминувањето во збирката на Манушев најсилно го чувствувам во песната Кога заминував. Со оглед на тоа што виртуелниве станици ни овозможуваат речиси бескрајна слобода на изразување, би сакал оваа песна да ја препишам во целост. Мислам дека е ова најубавата песна што ја имам прочитано во последно време.

КОГА ЗАМИНУВАВ
На Сања Ивановска

Кога заминував од таа соба
како тапети ги излепив минутите
по мувлосаните ѕидови.

Кога заминував од тој дом
ги зарив вжештените часови
во ледената клучалка.

Кога заминував од тој град
им се исмевав на штрбавите денови
а годините ги закопував во Вардарот
за да ги однесе засекогаш в неповрат.

Кога заминував од таа земја
декадите трештеа и стекнаа
со звукот на пругите
а вековите стрмоглаво се јазеа
и се превртуваа под ридиштата.

Кога заминував од тој свет
ја понесов само вечноста
за да ја заљубам и задомам
во ѕвезденото легло на универзумот.

popop

Песната се развива главно преку две изразни средства: анафора и градација. Анафората се состои во повторувањето на изразот „Кога заминував“, а градацијата го опишува просторно-временското оддалечување од домот. Низ ова постојано просторно-временско „одзумирање“, поетскиот глас го „разложува“ домот на пет нивоа, од најконкретно, најподробно (соба-минута), до најшироко, најапстрактно (свет-универзум). И навистина, според таа убава логика, она што се прави во личната соба се мери во минути, она што се прави во домот со часови, она што се прави во градот – низ денови и низ години, а на земјите им се брои најчесто со декади и со векови. За светот, останува вечноста. Првите четири строфи, односно чекори, со кои лирскиот глас се оддалечува, опишуваат реалистични конкретни дејства, со што исцртуваат права, стабилна, нагорна (надолна?) линија по која заминувачот се движи. Со петтата строфа се воведува метафизичка димензија. Тука, онаа права линија се размачкува и се разложува или, читано на извесен начин, станува едно со „ѕвезденото легло на универзумот“. Со последната строфа се прави пресврт во дејството на песната и сè завршува со една убава херметична слика (заљубувањето и задомувањето на вечноста во ѕвезденото небо на универзумот).

Ако направиме анализа на дејствата во песната, ќе видиме дека, освен оној глагол во анафората (заминував), сите други дејства (излепив, зарив, се исмевав, закопував, трештеа и стенкаа, се јазеа и се превиткуваа, понесов, заљубам и задомам) се однесуваат исклучиво на поими што претставуваат мерка за време (минути, часови итн.). Целата приказна во песната е раскажана преку ова дејствување врз времето, а впечатокот што останува кај читателот во најголема мера зависи од семантичкиот набој на сликите и на самата лексика.

Така, во оваа песна (како и во поголемиот дел од песните на Манушев) доминира тензија: во првите четири строфи лексиката упатува на неудобност, на грчевитост (мувлосаните, вжештените, ледената, штрбавите, неповрат, трештеа, стенкаа, стрмоглаво, се јазеа, се превртуваа), а во петтата строфа – на едно конечно ослободување (понесов, задомам, заљубам, легло) и пронаоѓање дом.

На тој начин, тензијата во КОГА ЗАМИНУВАВ се разложува во една оптимистичка слика. Во други песни, оваа тензија често преминува во револт, па и во отворена критика кон општеството. Така, ако не ја земеме предвид АКО И САМО АКО (кога го глумев Исус), може слободно да се каже дека критиката на поблиското опкружување е најостра во песната ОВДЕ (песна за еден денар): тука Манушев најотворено го искажува презирот кон испретуреноста на човековите општество и вредности и кон обезчовечувањето за сметка на пребогатувањето/осиромашувањето.

Честопати, критиката на поблиското опкружување оди рамо до рамо со себеоградувањето од истото тоа општество. Во АКО И САМО АКО, поинтересни ми се овие стихови:

ако мојот догорен збор ги топи
сите ваши сакани студови и мразови
јас ќе го премолчам засекогаш

Што може да прави човек со своите топли зборови ако оној до него (или над него) е заљубен во мразот? Само да ги проголта. Или да ги запише.

3.
Книгата на Ѓоко Здравески, куќичка за птици преселници, е поделена на два дела. Првиот е насловен река, а вториот море. Тука веднаш напамет ми паѓа еден стих од една од моите омилени песни од Ацо Шопов – Белата тага на изворот.

и реките ќе најдат љубов што смирува
кога ќе се сретнат со своите мориња

ptica[Кај Ацо Шопов постои тој вечен копнеж по далечините, но Здравески и Манушев, спротивно на тоа, искажуваат непомиреност со патувањето. Тука напамет ми паѓа оној мит според кој порано (во времето на Ацо Шопов?) патувањето било луксуз, додека во денешно време сè почесто на патувањето се гледа како на нужна проклетија. Но тоа е друга тема.]

Имам впечаток дека кај Ѓоко Здравески потребата од себеспознание (низ пишување) е противтежа на чинот на патување (во животот): со секоја следна песна од збирката, лирскиот субјект/поетот како да додава уште понекоја црта кон сликата на сопственото јас; со секој следен текст, лир.суб./поетот како да сака да го запознае читателот со себе. Кај Здравески револтот кон патувањето е отворен:

патувам…
а одамна веќе
нигде не ми се патува.

Како патувањето да се коси со потребата од себеспознание. Тежиме кон изворот, вели Здравески во една кратка песна, а изворот е налик на коренот.

Песните на Ѓоко течат по паралелата река-море/атман-брахман. Затоа, сосема е разбирливо што последната песна е своевидна побуна против секаква етикета, па макар се работело и за песник. Посакуваното единството со брахман не трпи имиња, не трпи зборови, не трпи тежина, не трпи засебно битисување. Оттаму, сосема е разбирливо тоа што последната песна (завршниот, клучниот чин на себеспознание/себепретставување) е насловена јас не сум, а доследно завршува со оти и тишината зборува / оти и празнината фаќа место.

Освен темата на патувањето, во куќичка… од Ѓоко Здравески често се сретнува и љубовта, но освен тоа, читателот е сведок и на отворена религиозност, односно спиритуалност, која се претопува со медитацијата, која се насетува како антипод на патувањето. Значи, ако Манушев револтот кон општеството го ублажува со патувањето, а револтот кон патувањето го ублажува со поглед кон детството, Здравески револтот кон патувањето како да го балансира со духовно смирение, со конечно и со привремено поистоветување со космосот.

4.
Наспроти набиениот, стерничав поетски израз на Мане Манушев, стилот на Ѓоко Здравески е лежерен, истенчен и директен. Употребата на симболи е сведена на минимум, односно речиси и не постои. Мане Манушев е непосреден, но конструира моќни слики за да изрази чувства и ставови, додека Ѓоко Здравески пораката до читателот ја носи на уште понепосреден начин, во облик на исповед.

[pullquote align=”left”]слики … натопени со една … предапокалиптична атмосфера на нашата современост.[/pullquote]

Колку повеќе ги препрочитувам песните на Мане и на Ѓоко, толку повеќе наоѓам точки за кои може да се пишува („патничката“ лексика, споредбите, тонот…). Сепак, за крај, ќе наведам само три места на кои на интересен начин им се поклопуваат поетиките.

4.1. Професорката Соња Стојменска-Елсезер за стилот на Мане Манушев вели дека е составен и од слики … натопени со една … предапокалиптична атмосфера на нашата современост. Оваа суптилна предапокалиптичност ја гледам и кај Ѓоко Здравески:

не знам зошто сè почесто му мафтам на небото.
не знам зошто сè почесто молчам,
и дали така треба.

ќе се напушта ли домов
наскоро,
и треба ли да се плашам?

не знам зошто сè почесто молчам,
сè почесто мижам,
сè подолго го задржувам здивот.

ко да се готвам за нешто.

4.2. И Здравески и Манушев во еден наврат се осврнуваат на електронската комуникација меѓу луѓето. Здравески го прави тоа со нему својствениот отворен говор, кој во оваа песна (смртта фрла јамб / без најава) е и безмилосно директен:

умираме без да ги одјавиме
сопствените фејзбук-профили

вечно ќе живееме во трагите
што сме ги оставале
по ѕидовите и сликите
на своите пријатели
наместо во нивните срца

Манушев, од друга страна, во ШЕСТ ДОБРИ УТРА ВО 06.06 пишува:
ти велам добро утро
Кога искрено те препознавам во
Шестата авенија од екранот

За волја на вистината, Манушев со овие стихови ѝ се обраќа на Мислата, а не конкретно на друг човек, што не значи дека стиховите не можат да се читаат како благо-горко иронизирање на комуникацијата преку интернет.

4.3. Најпосле, како трета конкретна еквиваленција во песните на Манушев и на Здравески, гледам една обична, убава слика што се сретнува и кај обајцата. Кај Здравески, сликата е сместена во куќичка за птици-преселници, песната што ѝ го дава името на целата книга:

во аголот
пајак-бродоломник
крои планови
за нов дом

Кај Манушев, слична слика се наоѓа на самиот почеток од песната НАШИТЕ АВИОНИ НЕ СЛЕТУВААТ НА ЗЕМЈА:

Кога другите
не веруваат дека ние
не ги убиваме пајаците во нашите соби
затоа што ги оставаме
како потсетници за нашиот дом

Во оваа заедничка точка за двајцата автори се важни две нешта: прво, и во двата извадока лирскиот субјект/поетот сочувствува со пајакот, и второ, единствениот збор што се јавува и во двата извадока, колку случајно толку и индикативно, е зборот дом.

5.
Прашањето за заминувањето по автоматизам го отвора прашањето за домот. Миграцијата, во секој свој облик и со својата сеприсутност, сè почесто нè тера да го сфатиме и да го прифатиме патот како дом. Патот, не како релација од една до друга смисла, туку како смисла сама за себе. Тоа е просто тешко, затоа што човек тешко се помирува со туѓото, а камоли со сопственото заминување. Дотолку повеќе ако сме свесни дека ни на друго место не е сè одлично.

Не е лесно човек да реши да патува или едноставно да си замине. Од друга страна, пак, кога гледаме што сè се случува околу нас, се чини дека станува сè потешко да се остане… и да се остане човек.

_______________________

ФУСНОТИ:

[7] Кога се работи за темата на номадизмот кај помладата македонска поезија, треба да се забележи и името на Марина Мијаковска. Во ова кусо излагање нема да се осврнам на нејзината поезија од проста причина што имам намера да зборувам за фактичкото, телесно, „прекугранично“ заминување/патување, додека поезијата на Мијаковска во најголема мера е производ на внатрешен номадизам, односно номадизам според сфаќањето на веќе споменатиот Делез: „неподвижен, скаменет процес… Интензивно патување во место“ (Бановиќ-Марковска; 2007: 53; курзивот е од авторката). Исто така сметам дека е важно да се обрне внимание и на збирките поезија од Ѕвонко Танески (последната, Љубови без гарантно писмо, уште со насловот укажува на својата „патувачка“ природа).

Спомената литература:

Бановиќ-Марковска, Ангелина; 2007, Групен портрет, Магор, Скопје

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Ноар во социјалистичкиот реализам
Кон криминалистичкиот роман Синиот сафир од Јежи Едигеј, БИГЗ 1975
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *